20 Април, 2024
0.0277

Игор Гешовски: ЕЛС месечно успешно доставува над 100.000 пратки и воведе ексклузивни услуги - пратка во Скопје за еден час, низ Македонија истиот ден

Објавено во: Економија, Интервјуа 28 Јануари, 2021

Добивај вести на Viber

Во последниот период има сериозен раст на онлајн трговијата. Минатата година само до вториот квартал беше забележан раст од 177 проценти, особено кај домашните нарачки. Ова значеше и сериозно зголемување на работата во доменот на доставата на пратки. За сите аспекти на овој бизнис во разговор за Фактор зборува Игор Гешовски, сопственик на Еко логистик систем, компанија лидер во он лајн трговијата и која беше прогласена за компанија со најголем раст во регионот. Еко Логистик Сервис (ЕЛС) располага со стотина возила кои се вклучени во процесот на доставување  од кои половина се на погон на еколошки горива, околу 30 бази на целата територија на РСМ како и централен магацин во Скопје. Гешовски вели дека Агенцијата за пошти треба да ги подигне критериумите и транспарентоста за работењето на фирмите бидејќи тој момент е од врвно значење за клиентите.

Гешовски: Ние како компанија успеавме за краток период да воспоставиме модел на работење кој даде одлични резултати сето тоа базирано на нашето инвестирање во возила и кадри, развивање на мрежа низ целата држава, а со самото тоа станавме претпознатливи како компанија која има најголем процент на успешно доставени пратки. Секако на почетокот бевме насочени на он лајн трговијата и тука успеавме да станеме водечка компанија. Мора да ја споменеме и новонастанатата ситуација со COVID-19 пандемијата која придонесе за раст и развој на овој вид услуги.

Како Вие се позиционирате на пазарот, кои се клучните предизвици во овој домен во домашната економија?

Гешовски: Ние на пазарот генерално се позиционираме како лидери во он лајн трговијата и како компанија со најголема доверба кај купувачите што неодамна се потврди со анкетата која вие ја спроведовте. Исто така напоменуваме  дека сме член на е-комерц ассоцијацијата, која помага за развојот на овој вид бизнис во нашата држава. Предизвиците и потребите на домашната економија преку нашето работење ги согледавме и развивме услуги и можности за дистрибуција и носење на пратки со поголем волумен (габарити), писма, како и вредносни пратки.

Овој бизнис подлежи на брзи промени во светот, региот и кај нас, кои ние ги следиме. Нашиот тим е составен од тренирани и обучени лица, кои се со лична идентификација, означени и униформирани за дејноста која ја обавуваат.

Една од работите на кои сме горди, а не сме ги споменале, ние сме лидери во учество и поддршка на хуманитарни акции и донации, кои оваа година ги имавме околу 50, што претставува просечно скоро едно неделно учество или акција во хуманитарна поддршка и цели.


НЕЛОЈАЛНА КОНКУРЕНЦИЈА

Од овој аспект каква е конкуренцијата? Како е регулиран секторот?

Гешовски: Би сакале да кажеме пофални зборови за конкуренцијата бидејќи генерално целиот сектор се развива согласно потребите на пазарот, но и мораме да укажеме на постоење на нелојална конкуренција, која секако пречи и прави проблем за сите во државата и мора надлежните органи да преземат енергична акција за сузбивање на нелегалното работење на нерегистрирани доставувачи, таксисти и друго. Одговорно регулаторно тело за работата на доставните служби односно за поштенски бизнис е Агенцијата за пошти. Во склоп на самата Агенција има инспекторат за пошти. Треба да се истакне дека во последниот период Агенцијата почна активности за подобрување и контрола за работењето на поштенскиот бизнис, со што се почесто има контроли и бара поголема транспарентност за состојбата на овој бизнис и работењето на поштите.

Споредбено, ако во Вухан како национални херои беа прогласени доставните служби, кои го снабдуваа населението со храна, лекови и други потребни материјали и помогнаа да не се рашири вирусот, истото се случуваше и во РСМ за време на ограничувањата на движењето и полицискиот час. Кај нас истото го вршеа нашите доставни компании, само во помал обем, но за жал не беше забележана и истакната нивната активност на ниво како што заслужуваат за подршката која ја дадоа.

А вие од почетокот на кризата до сега бевте карактеризирани како компанија која има најмногу огласи за вработување.

Гешовски: Не можам точно да ја потврдам оваа констатација, но минатата година навистина имавме повеќе огласи за различни позиции.

Практично со зголемување на обемот на работа и зголемениот број на пратки, како и развојот на делот на грижа за корисници, зголемување на возниот парк и канцеларии низ целата држава имаме постојана потребата за  јакнење и зголемување на тимот. Нашите доставувачи се обележани и соодветно тренирани за функциите и обврските што ги вршат.


ПРАТКИТЕ ИСТИОТ ДЕН НА АДРЕСА

Впрочем јавноста малку има сознанија – каков е принципот на работа, какви се Вашите ресурси, со што располагате?

Гешовски: Еко Логистик Сервис (ЕЛС) располага со стотина возила кои се вклучени во процесот на доставување  од кои половина се на погон на еколошки горива, околу 30 бази на целата територија на РСМ како и централен магацин во Скопје. Во извршување на доставата вклучени се над 150 луѓе. Принципот на работа е што во истиот ден пратките се носат во канцелариите низ целата држава. Да напоменеме дека пратките се осигурани и целиот процес на работење е под видео надзор и возилата се опремени со GPS уреди. Ние сме единствени во државата што нудиме услуга за доставување на пратка во Скопје за помалку од 1 час „Супер брза пратка“, што не прави најбрза пошта, како и услугата „Супер брза Македонија“ достава на пратка низ Македонија во истиот ден. Имаме дежурен телефон 24 часа што овозможува на клиентите што не успеале преку ден да достават одредена пратка условена со датум и време да можат да ја предадат на достава после 20 часот. За сите наши операции и активности благодарни сме на компанијата од Словенија – GrabIT, која успева да не подржи во системското работење, со надградба на софтверот и прилагодување на нашите потреби. Исто така вршиме интеграција на системите на нашите клиенти со нашиот систем и автоматско следење на пратката.

Колку пратки се доставуваат годишно и месечно во земјава и кој е Вашиот удел на пазарот?

Гешовски: Немаме точни информации за бројот на пратки кои се доставуваат на годишно ниво во целата држава. Но, бројот на доставени пратки на месечно ниво на нашата компанија е преку 100.000. Секако важно е да се каже дека овој број секој месец континуирано расте.

Кои се најголемите испраќачи, со кои компании работите Вие?

Гешовски: Нашата компанија има соработка со над 2.500 клиенти и многу е тешко да одвоиме некои од нив бидејќи нашата политика е да се обезбеди квалитетна услуга на сите клиенти, не зависно од големината на компанијата. Ова го напоменуваме затоа што во моментов има компании кои стартуваат со бизнисот и ние даваме голема поддршка на нив и имаме специјални пакети за да можат да се развијат. Но би сакале да напоменеме дека наши клиенти се најголемите компании за модни и спортски брендови, што не прави уникатни во регионот бидејќи во ниту една држава сите тие брендови не се во една компанија. Ние сме горди што ни ја дале довербата. Напоменуваме дека наши клиенти се и осигурителни компании, најголемите банки, телекомуникациски, нафтени, фармацевтски компании. Имаме разработен сервис за адвокати, нотари и извршители, но би сакале да истакнеме дека до денес немаме соработка со државни институции во достава на пратки, освен донации и хуманитарни акции што ЕЛС заедно со невладината организација Еко Алијанса ги прави како поддршка и одговор на кризата со COVID-19.

Кои лиценци ги поседувате?

Гешовски: ЕЛС поседува најголем број на лиценци во државата, како и дозвола за транспорт на вредносни писма и пратки, а во моментов работиме на опремување и сертифицирање за транспорт на биолошки и опасни материи. Исто така поседуваме интернационална лиценца за меѓународен сообраќај на поштенски услуги.


НЕМА ПОДАТОЦИ ЗА РАБОТЕЊЕТО НА КОМПАНИИТЕ

Кои се клучните реформи кои треба да се направат на пазарот на поштенски услуги?

Гешовски: Агенцијата за пошти треба да ги подигне критериумите и транспарентоста за работењето на фирмите бидејќи тој момент е од врвно значење за клиентите. Се случува годишно по некоја компанија со оваа дејност да ја снема од пазарот, а последиците се катастрофални по корисниците на услугите и државата. За да се спречи оваа ерозија, потребно е да се има увид во задолженоста, поставеноста на компаниите и нивните капациети, за да корисниците да имаат јасна претстава за состојбата на поштата со која почнуваат да работат. Денес, ако побараме информации за последниот месец или последната година, никаде неможе да се најдат официјални податоци за работењето на компаниите, што остава простор за манипулација и доведува до заблуда на потенцијалните клиенти, при одлуката на избор на пошта или оператор доставувач. Наш предлог е доставувачите да поминат низ официјален курс на обука, да бидат обележани  односно униформирани и да имаат личен документ за идентификација со логото и името на фирмата за која работат. Ова би ги намалило злоупотребите и би биле соодветно третирани доставувачите, како на улица во сообраќај, така и во институциите и домовите каде се носат пратки. Едно од најважните работи кои треба да ја направат компаниите даватели на поштенски услуги е да направат здружување во ассоцијација за да можат полесно да ги регулараат и усогласат овие работи и нашите потреби и барања кон институциите.


НЕ Е МОЖНА БРЗА ПРОДАЖБА НА МАКЕДОНСКА ПОШТА

За Пошта на Северна Македонија е најавена продажба...

Гешовски: Тоа што го знаеме ние и јавноста е дека Македонски пошти има нов менаџмент предводен од господинот Јани Макрадули, кој има големо искуство во менаџирање и работа со IT технологија и има основ да го подобри работењето и да постигне подобри резултати. Доколку дојде до реализација на продажба на Македонски пошти, очекуваме да се зголеми конкуренцијата за достава на пратки но, и да падне монополот на државата за писма до 45 грама, кои се најголем процент на пратки за достава и припаѓаат на таа категорија - писма. Нашите согледувања се дека до брза продажба нема да може да дојде бидејќи Македонски пошти уште немаат регулиран статус на нивниот неподвижен имот, што ја прави неатрактивна во моментов. Исто така преголемата вработеност и застарениот модел на работа ја прави компанијата не конкуретна и не атрактивна за продажба. Да се сменат овие работи сметаме дека е потребно доста време.


СЕРИОЗНИ ПЛАНОВИ

Кои се финансиските показатели за годинава и со каква стратегија влегувате следната година?

Гешовски: Иако не се готови финансиските извештаи за 2020 година, нашите сознанија се дека ќе имаме поуспешна година од 2019, која исто така ја завршивме позитивно. Сакаме да напоменеме дека ЕЛС се финансира од сопствени средства и оваа година целата добивка ќе ја вложиме во развој на нови возила, системи и алатки за подобро организирање, позицонирање и функционирање на пазарот.

ЕЛС е бонитетна компанија, која се развива исклучиво од сопствени средства и е без кредити, лизинг и долгови.

Какви се вашите планови? Домашната економија е пред предизвик и пред евентуално заздравување од силниот удар кој го доживеа поради пандемијата. Какви се вашите очекувања?

Гешовски: Информациите од теренот говорат дека иако нашата држава е последна по процентот на он лајн продажба, ни дава за право да бидеме оптимисти бидејќи се бориме да го постигнеме нивто во регионот и да го држиме чекорот со развиените држави. Треба да истекнеме дека на дневно ниво се отвораат по неколку компании кои почнуваат бизнис со онлајн продажба. За жал државата не нуди поддршка на овие компании, како и на нашите компании кои имаат значителен раст. Но, затоа нашите планови за оваа година се да ја интензивираме регионалната и меѓународната размена на пратки, да донесеме нови системи, услуги и начини на работа, разработуваме посебни програми за поддршка на компании кои започнуваат со продажба на интернет, како и посебна програма за грижа на корисници, која ќе ни биде главен фокус. Очекуваме сите сериозни компании да воведат платформи за онлајн продажба, затоа што во спротивно би трпеле нивните бизниси.

Ние како компанија ќе бидеме подготвени да одговориме на нивните потреби. Впрочем мотото на нашата компанија ЕЛС гласи: „ДОМАШЕН БРЕНД, СВЕТСКА УСЛУГА!

А.Т.

Можеби ќе ве интересира

ГРАЃАНИТЕ СЕПАК ШТЕДАТ: Koлку се зголемени вкупните депозити на домаќинствата?

ГРАЃАНИТЕ СЕПАК ШТЕДАТ: Koлку се зголемени вкупните депозити на домаќинствата?

ММФ: Kaкви се оценките за руската економија?

ММФ: Kaкви се оценките за руската економија?

СТРИМИНГ ГИГАНТОТ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: наспроти забраната за делење лозинка - голем раст на профитот и претплатниците

СТРИМИНГ ГИГАНТОТ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: наспроти забраната за делење лозинка - голем раст на профитот и претплатниците

Марко Бислимовски останува вонреден претседавач на Бордот на регулатори на Енергетската Заедница

Марко Бислимовски останува вонреден претседавач на Бордот на регулатори на Енергетската Заедница

ЕСКАЛАЦИЈАТА И ТЕНЗИИТЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК ЈА КАЧИЈА ЦЕНАТА НА НАФТАТА: Еве како да тргувате со црно злато

ЕСКАЛАЦИЈАТА И ТЕНЗИИТЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК ЈА КАЧИЈА ЦЕНАТА НА НАФТАТА: Еве како да тргувате со црно злато

„АЛКАЛОИД“ СЀ ПОБЛИСКУ ДО ЕВРОПА: Компанијата регистрираше ново друштво во Хрватска, осми по ред правен субјект основан во земја членка на ЕУ

„АЛКАЛОИД“ СЀ ПОБЛИСКУ ДО ЕВРОПА: Компанијата регистрираше ново друштво во Хрватска, осми по ред правен субјект основан во земја членка на ЕУ

„НАЈСРЕЌЕН СУМ КОГА ГО СОБИРАМ СЕМЕЈСТВОТО И ОДИМЕ ДА ПАКУВАМЕ МЛЕЧНИ ПРОИЗВОДИ“ - познатиот бизнисмен Дабевски ексклузивно за „Бизнис муабети“ на Фактор

„НАЈСРЕЌЕН СУМ КОГА ГО СОБИРАМ СЕМЕЈСТВОТО И ОДИМЕ ДА ПАКУВАМЕ МЛЕЧНИ ПРОИЗВОДИ“ - познатиот бизнисмен Дабевски ексклузивно за „Бизнис муабети“ на Фактор

ЗА ПОМАЛКУ ОД 2 МЕСЕЦИ: Кој директор на државна фирма успеа да потроши 35 милиони евра?

ЗА ПОМАЛКУ ОД 2 МЕСЕЦИ: Кој директор на државна фирма успеа да потроши 35 милиони евра?

ЗА ПЛОЧКАР, МОЛЕР, ФАСАДЕР МОЖЕ ДА СЕ СЛУЧИ ДА ЧЕКАТЕ СО МЕСЕЦИ: Дали се ова „златни времиња“ за занаетчиите?

ЗА ПЛОЧКАР, МОЛЕР, ФАСАДЕР МОЖЕ ДА СЕ СЛУЧИ ДА ЧЕКАТЕ СО МЕСЕЦИ: Дали се ова „златни времиња“ за занаетчиите?