28 Септември, 2024
0.0241

Купувачите на BMW останаа без сервис! Ќе бараат заштита од централата во Минхен?

Објавено во: Анализа 20 Јуни, 2014

Добивај вести на Viber

Матичната фирма, односно централата на BMW во Германија е адресата до која треба да се обратат купувачите на BMW автомобили во земјава кои останаа затекнати со затворањето на дистрибутерот и овластен сервисер за овој тип автомобили во Македонија - Маккар, објаснуваат познавачите на заштитата на потрошувачките права.

По информацијата дека Маккар е затворен, купувачите на овие автомобили останаа без никакви информации - кој ќе ја покрие гаранцијата на автомобилите кои чинат неколку десетици илјади евра, каде да набавуваат делови, кој ќе ги сервисира автомобилите на BMW, Mini и Land Rover, за кои беше застапник оваа фирма.

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) ги советуваат купувачите на овие автомобили да се организираат, заеднички да се обратат до Пазарниот инспекторат и до централата на BMW во Минхен и да бараат веднаш да ги извести кој ќе биде следен сервисер.

Улогата на дистрибутерот не е толку важна, но сервисер мора веднаш да се обезбеди. Возачите мора да знаат дека секој сервис на возилото кај неовластен сервисер автоматски ја поништува гаранцијата и во тој случај потрошувачите нема да можат да ги остваруваат правата што ги нуди таа гаранција“, вели за Фактор Марјана Лончар - Велкова, претседателка на ОПМ.

Од централата на германскиот автомобилски гигант BMW во Минхен, за Фактор потврдија дека Маккар веќе не е дистрибутер за нивните автомобили, а нов - нема.

Договорот за увоз со Маккар Балфинко истече и не беше обновен со заемна согласност. Ќе го објавиме новиот увозник за BMW и MINI во Македонија кога ќе дојде време“, изјави за Фактор Ирмгард Арсеншчек, портпарол на Групацијата BMW за Африка, Карибите и Источна Европа.

Според Лончар-Велкова, потрошувачите имаат право да си побараат и надомест за трошоци доколку за сервис мора да го носат возилото во некоја од соседните земји.

Затоа мора да се организираат, најдобро заедно директно да се обратат до матичната компанија. Тоа се големи корпорации и јас сум сигурна дека тие имаат некакво решение, сигурно не би сакале да го изгубат својот углед и клиентите тука. Сепак, тие по сопствен избор влегле на овој пазар“, додава таа.

Билјана Арсовска