Добивај вести на Viber
Инвестициската 2015 година во стагнација. Последните податоци што ги објави Заводот за статистика покажаа незначителен раст од само 0,1% на Бруто инвестициите во однос на 2014 година. Дел од економистите за “Фактор“ велат дека овие бројки се очекувани во услови на длабока политичка неизвесност и големата воздржаност на домашните фирми. Од друга страна, сумираќи го 10 годишното владеење, Вмро-Дпмне во објавениот отчет оцени дека досегашните политики за стимулирање на инвестциите се успешни.
Бруто инвестициите стагнираат – зошто ?
Во фабриките што се отворени во Слободните економски зони се креирани 5 300 работни места а во изминатите 10 години збрирното салдно на странските инвестиции во земјава изнесува 2,6 милијарди евра – сооштија владините функционери при промоцијата на сработеното на владеачката партија во изминатата деценија.
“Оваа Влада носела два и пол пати повеќе инвестиции на годишно ниво од кога било претходно и тоа во услови на светска, економска и политичка криза. Изминативе 10 години збирно во Македонија како странски инвестиции се вложени 2,6 милијарди евра. Странските инвестиции се важни, не само заради тоа што отвораат нови работни места, туку не учат и на нови работи и на нови технологии. Важно е да ги привлечеме бидејќи тие знаења кои ќе ги стекнат вработените, ги пренесуваат и во домашните компании“, рече вицепремиерот задолжен за економски прашања
Владимир Пешевски.
Според последните податоци на Народната банка во инвестициската 2015 година е регистрирано салдо на странски иневстиции од 157 милиони евра. Државната ститистика пак објави дека лани, растот на Бруто инвестициите во однос на 2014 година изнесува 0,1%.
“Инвестиции и политичка нестабилност не одат заедно. Домашните фирми се воздржуваат од вложување но тука е проблемот со дискриминација, односно тие го немаат истиот третман како странските инвеститори. Од друга страна и кај странските инвеститори се забележува воздржаност и помала заинтересираност поради политичката криза во земја но и брзите промени на законската легислатива. Ако продолжи трендот од минатата година, би кажал дека годинава би требало да очекуваме послаби резултати“, вели за “Фактор“ универзитетскиот професор
Димко Кокаровски.
Слаби приватни инвестиции
Сличен став за инвестициската апстиненција, особено кај домашните фирми има и економскиот аналитичар
Бранимир Јовановиќ кој смета дека тоа е една од причини зошто ланскиот раст на Бруто инвестициите изнесуваше само 0,1%.
“Тоа се објаснува со слабите приватни инестиции, зашто државните капитални инвестиции во 2015 имаат реален раст од 18%. Странските директни инвестиции, на пример, во 2015 имаат пад, од околу 16%. Слабите приватни инвестиции, пак, можат да се објаснат со политичката криза, која прави инвеститорите да се воздржуваат од инвестирање, но и со немањето на инцијатива кај приватниот сектор, проблем со кој се соочуваме со години“, вели за “Фактор“ Јовановиќ.
Додека дел од економистите предупредуваат на сеуште постоечки ризици, од Владата најавуваат нови инвестиции кои ќе отворат нови работни места.
“До крајот на годината планот на странските иневститори во ТИРЗ е да додадат уште дополнителни 1.800 работни места, што значи дека оваа бројка ќе биде 7 100 вработени луѓе во зоните, само од оние компании кои во моментов се таму присутни. Но, во моментот кога овие компании ќе стигнат до оптималната вредност на нивните бизнис планови ќе бидат вкупно креирани над 16 500 работни места само од овие 23 компании“, рече
Виктор Мизо, првиот човек на Дирекцијата за ТИРЗ.
Влијанието врз извозот
Според оценките од Владата, ефектите од странските иневстиции се бројат не само во отворени работни места, туку и преку раст на извозот. Според досегашните оценки на економистите, вкупните резултати од странските иневстиции не може да се анализираат само преку оценка на бенефитите.
“Илузијата дека во странските вложувања е спасот се распрскува со податоците кои се земаат како нивен неспорен придонес во развојот на економијата. Повеќе пати се слуша дека извозот од ТИРЗ-овите веќе достигнал 1,5 милијарди евра. Тоа е веројатно точно (статистиката не ги презентира) бидејќи ги изнесуваат владини претставници. Меѓутоа, не се кажува дека извозот во изминатите пет години во евра пораснал само за околу 800 милиони евра. Тоа кажува дека за 700 милиони евра е намален извозот од домашните бизнисмени. Состојбата е уште полоша ако извозот се пресметува во долари (поради апрецијацијата на доларот во однос на еврото). Во споменатиот период извозот во долари стагнира. Во 2015 година извозот изнесуваше 4.489,9 милијарди долари колку и во 2011 година- 4.478,3 (само за 12 милиони долари поголем во однос на 2011 година). Тоа значи дека домашните бизнисмени го намалиле извозот за речиси 1,5 милијарди евра“, оценува во последната колумна за “Фактор“ економистот
Крсте Шајноски кој анализира дека од 2009 до крајот на минатата година (за седум години) во земјата влегле 1,37 милијарди евра.
“Од 2009, кога беше најавена намерата за привлекување на силните милијарди, до крајот на минатата година (за седум години) во земјата пристигнаа едвам 1,37 милијарди евра. А само во 2007 и 2008 година во земјата странците инвестираа над 900 милиони евра. Износите од овие две години (506 и 400 милиони евра) не само што не се остварија до денеска туку имаат тренд на намалување, особено изразен во последниве три години. Во 2013 година беа вложени 252 милиони евра странски средства, во 2014 -205 милиони и во 2015 година само 157 милиони евра. Дури и очекуваниот прилив за годинава од околу 270 милиони евра не го надминува највисокиот износ во периодот од споменатите седум години од 344 милиони евра остварен во 2011 година“, оценува Шајноски.
Според податоците од Владата, досега во земјава се реализрале 49 гринфилд инвестции а во активните економски зони имало 23 компании кои веќе работат активно или се во реализација на својата инвестиција.
Р.Ф.