Има двојно повеќе витамин Ц од портокалите, ама ретко кој ја сади во Македонија
Објавено во: Агробизнис 26 Мај, 2023
Мал е бројот на луѓето кои подигаат садници со дренки во Македонија.
Интересот за засадување дренки е слаб. Oд Опитно Поле ФЗНХ Дооел Скопје велат дека порано речиси и да немаше куќа која не поседуваше дренка во својот двор, бидејќи се веруваше дека тоа го штити домаќинството и носи здравје на целото семејство. Денес ретко кој ја има во својата градина, а не се ни размислува за комерцијално одгледување, иако тоа е дрвце чии плодови му помагале на човекот низ историјата.
„Производство на дренки значи обезбедување на безбеден пласман за производот, односно за производителите на мармалад, слатко, компот, сокови, а друг начин да се обезбеди профитабилност на одгледувањето дренки е производство на домашна ракија, вино и пијалок од дренки. Во нашиот расадник застапеноста на саден материјал од дренка е незначителен, во текот на една садна сезона се продаваат околу 50 садници и тоа поединечно ( продажба на мало ), и садниот материјал е узвоз од Грција. Сертифициран саден материјал од дренка се наоѓа и во соседна Србија. Цената на еден садник се движи од 5 до 7 евра. Интерес за подигање на насад од дренка кај нас скоро и да нема, во текот на годината се случува некои да се интересираат, но обезбедувањето на саден материјал е потребно да се резервира многу порано и исто така најголем проблем им е откупот“, рече Елизабета Митровска од Опитно поле.
Објаснува дека дренката е дива листопадна грмушка, а може да биде и мало дрво, кое претпочита локација што нуди сонце, иако не ѝ пречи делумна сенка. Самото дрво е густо, за разлика од другите дрвенести растенија.
„Оваа густина, исто така, дава голема сила на дренот. Во висина може да достигне до 8 метри. Тоа е грмушка која најрано цвета, а жолти цветови се појавуваат пред лисјата. Цветовите потоа формираат јастиви црвени плодови кои ќе донесат птици и пчели во вашата градина. Црвеното овошје по форма и големина наликува на маслинки. Во европската кујна се користи за чај, супи, џемови, сосови, а кај нас е позната и ракијата од дренка. Кога е незрело, плодот е многу кисел, а плодовите може да се јадат свежи или сушени само кога се целосно зрели, што е на почетокот на есента, кога ќе достигнат плодите темно црвена боја. Поради раното цветање, дренот се користи во градините како украсно растение. Меѓутоа, ако сакате да ги собирате плодовите, би било подобро да засадите повеќе растенија бидејќи дренот не е вешт за само-ѓубрење, така што вкрстеното ѓубрење би било побезбедно“, вели Митровска.
Додава дека дренката има исклучителна приспособливост и бара многу скромни услови за раст. Може да толерира многу видови почва, но најдобро успева на глинена почва.
„За оптимални резултати, изберете локација што има добро исцедена почва. Дрвото од дрен е долговечно - плодно и до 100 години. Со дренка речиси и да нема проблеми со штетници или болести бидејќи е многу отпорно растение, а поради неговата приспособливост освен малку ѓубриво, не му треба никаков третман. Покрај тоа што е естетски вредно поради прекрасните златно жолти цветови, корисни за изработка на разни алатки поради тврдоста на дрвото, дренот е и неверојатно здрав. Самото овошје од дренка содржи шеќери, танини, органски киселини, пектини и други материи кои имаат позитивно влијание врз човечкото тело. Покрај тоа, содржи двојно повеќе витамин Ц од портокалите“, додава Митровска.
Плодовите од дренка се користат за лекување на болести на органите за варење, против анемија, за лекување на настинки или проблеми со кожата. Научно е докажано дека плодовите од дренка имаат антимикробно дејство и дека содржат голема количина на антиоксиданси кои се поврзани со помала стапка на смртност од тумори и срцеви заболувања. Дрвото произведено од калемен садник се разликува од обичното дренка ( произведено од семе) по тоа што има многу поголеми плодови, поголема плодност и побујна круна.
Сања Атанасовскафото Опитно поле
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.