29 Септември, 2024
0.0236

Има ли спас за валутниот сојуз на ЕУ

Објавено во: Анализа 23 Јуни, 2015

Добивај вести на Viber

Среде кризата со Грција водечки политичари од Европската унија доставиле план од две фази за идниот развој на еврозоната во извештај, кој е претставен официјално - на позадината на клучните преговори за Грција, ситуацијата која се заканува да ја дестабилизира сериозно единствената валута. Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер нуди зајакнување на контролата на Брисел над еврозоната и зајакнување на овластувањата на претседателот на Еврогрупата. Тој го подготвил извештајот кој содржи различни сценарија за иднината на еврото, заедно со претседателите на Европскиот совет Доналд Туск, на Еврогрупата Јерун Дејселблум и на Европскиот парламент Мартин Шулц, како и со претседателот на Европската централна банка Марио Драги. Извештајот ќе се дискутира за време на Летниот самит во четврток и петок во Брисел. Првата фаза ќе биде до летото 2017 година, а во неа процесите ќе се одвиваат на база на постоечките правила според договорите за ЕУ. Меѓу предложените мерки е и создавањето до две години на Европски план за гарантирање на депозитите со цел споделување на ризиците меѓу земјите членки. Предвидено е уште да зајакне координацијата со Велика Британија - најголемата економија во ЕУ, која не го има воведено еврото. Втората фаза го опфаќа периодот меѓу 2017 до 2025 година. Тогаш според заменик-претседателот на ЕК Валдис Домбровскис се предвидени промени во договорите. Слични промени сепак треба да бидат изгласани во секоја одделна земја на ЕУ и може да потраат со години. А тоа е прилично деликатна тема, бидејќи британскиот премиер Дејвид Камерон има намера да издејствува промени во договорите уште пред референдумот за иднината на Островот во ЕУ, предвиден за 2017 година. На долгорочен план петмината лидери се прогласуваат за постојано претседателство на Еврогрупата со јасен мандат. Предвидено е воспоставување на општо Министерство за финансии со цел обезбедување на поголема координација меѓу буџетската политика на 19-те земји од еврозоната, а засега не е јасно кој ќе го раководи. "Грчката криза ја нагласува потребата од овој план", вели Домбровскис. Според него е потребно почесто да се преземаат заеднички решенија. Извештајот "За довршување на европската економска и монетарна унија" беше порачан од државните и владините лидери на земјите од ЕУ минатата година. Извештајот и изложените во него сценарија ќе се дискутираат на самитот на 28-те земји членки во четврток и петок. Во моментов Еврогрупата има претседавач, избран за период од две и пол години со мнозинство од земјите кои имаат воведено евро. Во моментов раководен од холандскиот министер за финансии Јерун Дејселблум кој во текот на летото ќе се бори за реизбор во конкуренција на шпанскиот министер за економија Луис де Гиндос. Обработка: К.К. Извор: Reuters