Добивај вести на Viber
Уставниот суд денеска ја отфрли иницијативата на градоначалникот на Центар Андреј Жерновски со која се бараше преиспитување на одлуката на Советот на оваа општина која се однесува на деталните урбанистички планови „Тасино Чешмиче“ и „Капиштец-Водно“.
Овие ДУП-ови Советот на Општина Центар ги донесе со 11 гласа „за“ и 11 „против“, при што воздржан беше претседавачот на Советот Мирослав Шиповиќ.
Поради ваквото изјаснување Жерновски смета дека одлуката не може да се смета за донесена, па затоа ја оспорипред Уставниот суд.
„Оценувањето на одлуките не е уставна категорија, освен во случај на Бадентерово мнозинство. Надлежен за надзор на општинските одлуки е Инспекторатот за локална самоуправа“, велат од Уставен суд.
Мнозинството на уставните судии сметаа дека судот не е надлежен да утврдува дали требало и какво мнозинство било обезбедено за да се изгласаат одлуките, затоа што ако има прекршување на таа постапка, тоа се однесува на законот, а не на Уставот.
Општина Центар не сака да ја коментира одлуката додека официјално не ја добие.