28 Септември, 2024
0.0285

ИНТЕРВЈУ Абдулменаф Беџети: Додека со бројките си играме политика, попис нема да може да се спроведе!

Објавено во: Анализа 28 Јуни, 2014

Добивај вести на Viber

Без попис нема веродостојни економски политики и планирања ниту демократски изборни процеси, а ќе продолжи и манипулацијата со гласачкото тело. Во задолжувањето кон странство треба да се биде внимателен – дали имаме јасна политика за сервисирања на отплатите, но и да не ги оптоваруваме генерациите по нас. Ова во интервју за Фактор го констатира академик Абдулменаф Беџети, професор на Универзитетот ЈИЕ.  Академик Беџети  е и поранешен заменик претседател на Државната пописна комисија.

Фактор: Како ги  оценувате поставените услови на опозицијата - формирање техничка Влада, одвојување на партијата од државата, регулација на медиумите, допрецизирање на изборното законодавство и спроведување попис. Од друга страна премиерот Груевски ги обвини дека поради ваквото нивно несериозно однесување  Македонија би можела да ја изгуби препораката за почеток на преговори?

Беџети: Ниту опозицијата може туку-така лесно да ги оствари своите барања, ниту пак власта смее да биде толку тврдоглава. Каква било ароганција на двете страни ќе ја чини Македонија нова посериозна политичка нестабилност.

Треба да се биде реален - дел од барањата треба да се реализираат. Но не за релативно кратко време во едно постизборие, во какво што сега се наоѓаме. Дури и ако се договори формирање на техничка Влада, таа ќе мора да се обврзе дека ќе ги отстрани сите  аномалии до одржувањето на следните парламентарни избори. Македонија  во последните неколку изборни циклуси се соочува со  истите проблеми,  од т.н. злоупотреби на институциите и позициите. Не може министри, членови на извршната власт до последен момент да бидат влучени во изборна кампања, користејќи буџетски средства и злоупотребувајќи го јавниот сектор за партиски цели.  Сосема е очигледно дека треба да се елиминираат ваквите слабости  преку формирање на една техничка Влада. Впрочем, ако знаете дека ја имате довербата од граѓаните зошто би требало премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски да се плаши од формирање на техничка Влада?

Фактор: Зошто и по четири години откако пропадна пописот, Македонија се уште не може да ја спроведе оваа  статистичка операција? Од веродостојноста на неговите податоци зависат и некои политичко-изборни процеси. Кој и зошто стравува од спроведување на пописот во Македонија?

Беџети: Kако самостојна држава прв попис имавме во 1994 година по неуспешниот обид  во 1992 година. Тоа лошо искуство го имавме пред 20 години и не би требало повторно да дојдеме во еден таков ќорсокак. Ова е важна статистичка операција, не само за социо-економското планирање и развој на земјата, туку и за многу други стратегиски политики. Ние во овој момент не знаеме колку е точниот број на население кое живее во Македонија. На него се наврзуваат и проблемите со точноста и веродостојноста на избирачкиот список. Со население од 2.057.000 жители имаме 1.800.000 гласачи.  Тоа е  ненормален сооднос на регистрирани жители и полнолетни избирачи како бројка.

Меѓутоа попис не може да се прави затоа што статистичките операции и бројки до кои треба да стигнеме, да ги верификуваме ни го определуваат политичко-правниот статус на  етничките заедници. Се додека  процентите  ни го определуваат политичкиот статус, пописот ќе преставува политичка операција. Кога ќе се надминат овие проблеми, преку бројки  да се создаде политички статус на  една политичка заедница или етничка заедница, тогаш  веројатно и ќе може да се реализира оваа операција исклучиво со професионализмот на Државниот завод за статистика и остантите  институции надлежни за спроведување на пописот.

Фактор: Како натамошното одложување на пописот влијае врз угледот на државата, но и врз спроведувањето на развојните политики во сите сфери на општеството?

Беџети: Многу лошо. Како може да се прават одредени плански активнoсти во образованието,  здравството,  во социјалната заштита кога не ги знаете точните бројки ниту пак нивната социо-економска состојба? Без веродостојност на бројот на населението и имотот не можете да ги согледате ниту имигрантските процеси, да планирате популациона политика и стимулирање на повеќедетството, да процените како да се развиваат одредени региони и краишта, каде се намалува наталитетот или има масовни иселувања. Крајно несеризоно е 13 години да не можеме да спроведеме попис. Искрено не верувам дека и во наредните две години ќе можеме да ја реализираме оваа статистичка операција.  Ако го прочитате Законот за попис ќе видите дека и тој во основните негови одредби се базира на политички компромиси. Секогаш кога во една ваква техничка операција внесувате политички инструменти, тогаш тешко е тоа да се спроведе.

Фактор: На што се должи  перманентно иселување на македонските граѓани од земјата и што треба да се направи за да се спречи овој негативен тренд?

Беџети: Иселувањето е одговор на бесперспектива што цела една генерација станува заробеник на стагнантните економски политики. Загрижувачки е од  државата си заминуваат луѓе кои имаат индивидуална или семејна перспектива. Сите што имаат алтернатива за „подобро утре“ ја напуштаат земјата.  И тоа не се случува само кај Македонците, бидете убедени дека уште  поголем е процентот  кај албанската етничка заедница, од каде младите се во перманентно отселување од државата. Како универзитетски професор ги следам состојбите и можам да заклучам дека најдобрите студенти  кои завршуваат со натпросечни оценки својата перспектива  ја бараат надвор од македонските граници. Тоа нема етничка боја.

Фактор: И се заканува ли на Македонија „белата чума“, како што демографите ја нарекуваат стагнацијата на природниот прираст?

Беџети: Секаде низ  Европа има стареење на населението и намалување на природниот прираст на населението. Тоа не е феномен кој може да се карактеризира само за Македонија. Иста е состојбата и во Албанија, Србија и слично, исклучок е само популационата динамика во Косово.

Фактор: Без попис, јасна образовна стратегија и планирање за потребите на пазарот на труд, Владата, пред странски инвеститори се промовира како земја со ниски даноци, евтина работна сила и квалитетен високообразован  кадар?

Беџети: Во однос на ниска даночна политика мислам дека таа не генерира некој резултат. Прашањето на ефикасноста на политиките на отвореност кон странските инвеститори треба да се мери и со нивото на новосоздадена вредност во Македонија, преку очекувана динамика на порастот на логистичките дејности и фирми кои имаат услуги и производи компатибилни со потребите на странските компании. Ако тие добијат позабрзан развој, тогаш и цената на домашниот труд ќе се зголеми, преку поголема побарувачка на кадри и нивна зголемена конкуренција на домашниот пазар на труд. Инаку во регионот има и далеку по ниска цена на живиот труд, на пример на Косово.

И нашата работна сила не е соодветно едуцирана за потребите на домашниот пазар и особено за профилот на побарувања кај странците. Ние имаме квантитативна едукативна сила, ние немаме профили и кадри кои се потребни за стопанството. Кај нас е проблем да најдеме обучени работници  кои  треба и можат да бидат способни за работа во делот на средните технички профили. Не држи тезата дека имаме евтина и добро едуцирана работна сила. Погледајте колку од високо стурчните кадри кои се излезени од факултетите се апсорбирани во стопанството и фирмите на места за што се образувале?

Значи, ако некој ве плаќа, со високо образование, со плата од 300 евра, а ретко и тоа денес да најдете, тоа покажува дека на пазарот на труд  немате доволно квалитет кој го нудите. Самата цена ја покажува на некој начин и вредноста на некоја стока, производ, услуга.

Фактор: Како ги оценувате владините политики на  континуираното задолжување на земјата, наспроти одржливоста на економскиот раст, совладувањата на финансиската криза и опасностите што демнат ако државата, во еден период, не успее да ги сервисира долговите кон странство, па и дома?

Беџети: Не е прашњето колку сакате да планирате да биде стапка на економски раст, туку колку има потенцијал за реално тоа да се реализира. Планираниот пораст на БДП, за што говори Владата и НБРМ е реална, но  јас не мислам дека во моментов тоа е најголемиот проблем. Многу поважно е како секторски, по дејности, се создава и како се создава и потоа колку е новата создадена нето-вредност. Следува и проценката колку тој економски раст се дистрибуира, секторски и територијално. Значи не само квантитативно гледање на растот, туку следење на неговата квалитативната структура.

Во последнава декада имаме перманентно ниски економски зголемувања, просечно некаде 2,2 насто што е сосема недоволно, дури и незабележливо во компарација со подобрување на животниот стандард на граѓаните во државава.

Државата се уште црпи од позајмување од внатрешниот потенцијал. Мислам дека банките имаат доволен капацитет и финансиски резерви. Тие секогаш ќе инвестираат во државата, преку откуп на записи или обврзници, се додека нема доволно кредитобаратели кои се способни за инвестирање во сопствениот развој и компаниите да ги отплаќаат заемите, да ги враќаат кредитите.

Споредбено со останатите земји од регионот, освен Косово, Македонија е се уште средно задолжена земја. Меѓутоа интензитетот на зголемување на долгот е загрижувачи. Второ колку е тој  реален и дали  има таканаречен „прикриен долг“. Потоа треба да се следи како се сервисира на  долг рок, зашто тој може да стане интергенерациски проблем. Значи треба да се види што е со судбината на идните генерации, затоа што  денес земјата се задолжува, но некои други поколенија ќе треба да го отплаќаат, да ги враќаат кредитите на татковците.

Горазд Чомовски