ИНТЕРВЈУ АКАДЕМИК КОЦАРЕВ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МАНУ: Академијата истражува зошто се различни симптомите кај заразените со Ковид-19
Објавено во: Македонија, Интервјуа 28 Мај, 2020
Дали вториот бран на пандемијата ќе доведе до крај на човештвото? Не
верувам во тоа. Во секој случај треба да бидеме внимателни, посебно кога оваа
пандемија ја споредуваме со некои пандемии од минатото или со сезонскиот грип, вели во интервју за Фактор, академик Љупчо Коцарев, претседател на Македонската академија на науките и уметностите. Нагласувајќи дека во периодот кога земјава се исправи пред предизвикот за справување со корона вирусот, голем број институции беа ставени во функција на борба со епидемијата, Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Ефремов“ при МАНУ, започна истражување чија цел е да се евалуираат причините за различната клиничка слика на болеста кај пациентите, односно зошто кај некои пациенти болеста се манифестира како асимптоматска или блага респираторна болест, додека кај други, истата предизвикува тешко респираторно заболување или живото-загрозувачка системска болест. Во однос на новиот лик на геополитичката мапа на светот по пандемијата, академик Коцарев оценува дека по почетниот шок, Европската Унија и најголемите европски земји-членки се созедоа, па во наредниот период, како што вели во интервјуто, ќе излезат појаки заземајќи важни позиции.
Академик Љупчо Коцарев одговараше темелно на сите прашања, пленејќи со неговата аналитичност, што како човек од егзактната наука има неверојатана прецизност во давањето одговори. Смирено и ненаметливо елаборира за сите прашања што ги постави Фактор.
Пандемијата на корона вирусот која почна да го обиколува
светот од почетокот на годинава го направи своето, огромен број заразени и
починати, паника меѓу луѓето, уништени економии...Каква ќе биде според вас
идната геополитичка карта на светот, мапата по пандемијата?
Коцарев: Прашањето заслужува многу подетален и поопширен одговор, но тоа ќе го оставам за друго место. Понудениот одговор, главно, ќе биде заснован на анализа на американско-кинеските односи, кои, по мое мислење, се есенцијални, централни за идната геополитичка карта на светот.
Прво, ќе почнам со кус преглед на геополитичката карта на светот пред пандемијата. Односите на САД и Кина во период по втората светска војна до денес се карактеризираат од целосно негирање (период до 1972 година), преку соживот и постепено отворање на Кина (период од 1972 до 1978 година), до, последната фаза, целосно економско отворање (период од 1978 година до денес). На 13 декември 1978 година, Денг Ксијаопинг ја објави политиката на отворена врата, поканувајќи ги странски бизниси и охрабрувајќи ги членовите на партијата да „ги еманципираат своите умови“. Две недели подоцна, пристигнаа првите шишиња кока-кола во Кина.
Во периодот по 1978 година, двете држави (молчеливо) се договорија за меѓусебна поврзаност: САД понуди знаење и технологија (заради задоволување на потребите на неговиот бизнис), додека Кина, за возврат, понуди евтина работна сила. Меѓутоа, оваа поврзаност не беше само економска, за САД тоа преставуваше обид, со промени, да ја ограничи политичката моќ на Кина. Од друга страна, за Кина тоа значеше можност за глобална пенетрација. Во меѓувреме, Кинезите се здобија со пософистицирана технологија, а американските големи компании (технологии) се научија на софистициран пристап во дигиталниот авторитаризам.
Оваа симбиоза доведе до енормен економски подем на Кина. Бројките што зборуваат за економскиот подем на Кина по 1980 година се повеќе од фантастични, дури шокантни. Професорот по политички науки од Харвард, Греам Алисон (Graham T. Allison), во својата книга насловена како Наменети за војна од 2017 година, ги наведува следните факти: (1) БДП на Кина, помал од 300 милијарди американски долари во 1980 година, порасна на 11 трилиони американски долари во 2015 година, (2) вкупната трговија на земјата со надворешниот свет од 40 милијарди американски долари во 1980 година, порасна, во 2015 година, на 4 трилиони долари (стократно зголемување), (3) од рецесијата во 2008 година, 40 проценти од целиот економски раст во светот се случува само во една земја: Кина. За крај, Алисон го цитира основачот на Сингапур, „Не е можно да се преправаме дека ова е само уште еден голем играч. Ова е најголемиот играч во историјата на светот.“
Паралелно со јакнењето на економската моќ на Кина, а особено по 2010 година, аналитичари, научници, политичари, и новинари почнаа да пишуваат за плановите Кина во следните 30 години да стане најголемата светска суперсила. Пекинг тоа не го криеше. Така, на пример, во 2019 година, за време на прославата на седумдесеттиот роденден на Народната Република Кина, претседателот Кси Џинпинг, славејќи го Мао, изјави: „Ниту една сила не може да го запре напредокот на кинескиот народ и кинеската нација.“ Од друга страна, по 2017 година, поточно по доаѓањето на претседателот Доналд Трамп во Белата куќа, односите меѓу Кина и САД тргнаа по надолна крива, се влошија. Агресивниот пристап на Трамп вклучи присилување на американските фабриките да ја напуштат Кина, намалување на протокот на студенти и технологии, и трговска војна меѓу САД и Кина, придружена со список на кинески компании кои се забранети да извезуваат во САД.
Тоа доведе, според некои професори, мислители, аналитичари, до појава на студена војна меѓу САД и Кина. Во септемврискиот/октомврискиот број од 2019 година на списанието Надворешни работи (на англиски Foreign affairs), Вестад (Odd Arne Westad), професор по историја и глобални работи на Универзитетот Јеил, во трудот со наслов „Изворите на кинеското однесување: Дали Вашингтон и Пекинг водат нова студена војна?” зборува за односите меѓу Кина и САД. Потпирајќи се на истражувањата и заклучоците од еден друг труд, познат како „Х-труд” (на англиски “X-Article”), напишан од Кенан (George F. Kennan) и објавен во истото списание во 1947 година, трудот ги опишува денешните кинеско-американки односи, во светлина на студената воја меѓу Соединетите држави и Советскиот сојуз. При тоа, Вестад укажа на тоа дека односот меѓу Советскиот Сојуз и САД беше многу поразличен (две потполно одделни економии) од американско-кинескиот односот денес (две целосно испреплетени економии).
Каква ќе биде геополитичката мапа на светот по пандемијата? Одговорот на ова прашање бара детална анализа на различни сценарија, што, за жал, е тешко, скоро невозможно, да се направи во интервју. Едно од можните сценарија вклучува интензивирање на ривалитетот меѓу САД и Кина. Со други зборови, пандемијата ќе ги зголеми трендовите што постоеја со години во нивната борба за економска доминација, ќе ги интензивира дезинформациите, невистините, и теориите на заговор меѓу двете држави во битка за влијанието во меѓународното јавно мислење но и како средство за остварување на економската доминација, и ќе ја помести глобалната рамнотежа на моќ од Запад кон Исток. Уште повеќе, постои ризик дека Кина и САД сè почесто ќе ја искористат својата моќ врз трети страни, до тој степен што неутралниот став ќе стане економски забранет. Постепено раздвојување на глобалната економија, прво, ќе ги забави економските движење и процеси, но долгорочно, неговото влијание ќе биде значајно и ќе предизвика: пренасочување на синџирите на снабдување, одложување, во некои земји, на имплементацијата на 5Г технологијата, и значителни политички тензии. Тоа значи, меѓу другото, постепен, но траен, пораст на економскиот национализам и намалување на трговијата. Постои ризик дека, дури и отворените економии, ќе донесат економски политики во спротивност со глобализацијата, на пример, блокирање на извозот за да спречат, во случаи на идни кризи и повторно затварање на границите, појавување на недостаток и/или залихи на средства.
На геополитичката мапа на светот по пандемијата не треба да се заборават ниту ЕУ, ни Русија. Почетниот одговорот на ЕУ спрема пандемијата, за жал, не беше паневропски, членките на ЕУ делуваа без координација, еднострано, со тенденција државите да се грижат само за сопствените граѓани. Сепак, по мое мислење, по почетниот шок, ЕУ и најголемите европски земји-членки се созедоа и тие, по пандемијата, сепак, ќе излезат појаки заземајќи важни позиции на геополитичката мапа. Од друга страна, Русија и некои регионални сили, кои во последните години се обидоа да ја зајакнат нивата сфера на моќ, барем, во нивните опкружувања, веќе ја користат пандемијата за зајакнување на нивното регионално и глобално присуство. Не треба да заборавиме дека, сепак, без разлика на нејзината релативно слаба, во однос на другите големи сили, економска моќ, (1) Русија држи клучните позиции во ООН и нејзините агенции како една од нејзините основачки членки (вклучително и правото на вето во Советот за безбедност), (2) руското општество има длабоко вкоренето чувство за посебна историска мисија, (3) поседува најголеми светски резерви на злато, и (4) има сопствен GPS систем и алтернативен интернет.
Пандемијата ковид-19 уште повеќе ја намали улогата и можноста САД да води, да биде светски лидер, за што, главно е одговорен Трамп и неговата администрација. На 8 мај 2020 година, во списанието The New York Times се појави колумна насловена Светот не сожалува, според која на американскиот престиж ќе му треба долго време за вистинска рехабилитација. Колумната завршува со зборовите: „Нашиот имиџ во странство доби вистински удар по изборите на Трамп, и продолжи да паѓа. Сега поголемиот дел од светот нема доверба во раководството на претседателот. Но, тогаш, истото важи и за повеќето Американци. Добредојдовте во нашиот кошмар”.
Кон што се движи светот? Пандемијата покажа дека на светот му недостасува лидерство и брзо се движи консостојба без лидерство. Во исто време, иако понижена заради политиките на нејзиниот претседател, САД, многу веројатно, ќе продолжи да игра водечка улога во свет, најмногу заради тоа што ги поседува овие карактеристики: економска моќ (остварена, меѓу другото и со неверојатната динамичност), поврзувачка моќ (постоењето на многубројни сојузи, политички пријатели) и, без разлика на намалениот американскиот престиж, мека моќ(soft power). Токму овие три атрибути на моќта, ќе продолжат да го компензираат растечкото влијание на Кина во светот и ООН, особено СЗО. Во секој случај, она што најмногу му треба да светот е лидерство, и тоа, по можност, балансирано лидерство меѓу повеќе светки (веле)сили. Во веќе споменатиот труд на Вестад, тој заклучува дека САД треба да се обединат, да „го напуштаат домашниот раздор во корист на консензус”. Намалувањето на делувањето на САД, според него, може многу бргу да доведе до свет без лидерство, „неконтролиран свет - оној во кој стравот, омразата и амбицијата ги држат сите во заложништво од најосновните инстинкти на човековата имагинација”.
Во последниве денови се говори за уште еден втор, многу посмртоносен бран на Ковид-19...Реакциите отидоа до таму, што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху оценува дека тоа би било крај на човештвото. Дали станува збор многу покомплексна реалност, односно фаталистичка теорија за човештвото?
Коцарев: Според денешната наука, се смета дека луѓето (Хомо сапиенс) се појавиле на планетата Земја пред околу 500 000 години, додека најраните фосилни докази за хомо сапиенс потекнуваат од период пред околу 300 000 години. Бројките што подолу се наведени се само груби проценки за бројот на жители во светот. Дури и современите проценки на населението имаат грешка од 3% до 5%. Во демографијата, светска популација е вкупниот број на луѓе што живеат во даден момент на планетата Земја. Заклучно со март 2020 година, се проценува дека тој број изнесува 7.8 милијарди луѓе. Според различни извори, беа потребни повеќе од 200 000 години за светската популација да достигне 1 милијарда, а потоа, само уште 200 години за да тој број порасне на 7 милијарди.
Во моментов, додека го пишувам овој текст, 24 мај 2020 година, се проценува дека бројот на починати од пандемијата ковид-19 (како последица од корона вирусот) во светот изнесува околу 340 000, што преставува 0.00436% од вкупната популација. За споредба, најголемите познати епидемии (вклучувајќи пандемии) предизвикани од заразни болести се (ќе спомнам само неколку): (1) чумата на Јустинијан, во период од 541 до 542 година, смртност: 50% од популација на Европа, (2) црната смрт, период 1346–1353, смртност: 10% до 60% од популацијата на Европа, (3) пандемија на грип, период 1889-1890, смртност повеќе од 1 милион, (4) пандемија на грип, период 1918–1920, смртност: од 17 милиони до 100 милиони, (5) пандемија на грип (вирус H3N2), период 1968–1970, смртност 1 до 4 милиони, (6) пандемија на СИДА, период од 1981 година до денес, повеќе од 30 милиони починати (податоци до 2018 година).
Дали вториот бран на пандемијата ќе доведе до крај на човештвото? Не верувам во тоа. Во секој случај треба да бидеме внимателни, посебно кога оваа пандемија ја споредуваме со некои пандемии од минатото или со сезонскиот грип. Без да бидам премногу прецизен во искажувањето, епидемиолозите дефинираат величина именувана како фатален сооднос или, на кратко, смртност (на англиски case fatality ratio), која за пандемијата ковид-19 се проценува дека, во средно, изнесува 1% (иако, се чини, постои просторна флуктуација, и во некои земји таа е поголема). Оваа вредност, се чини, дека не е многу голема во споредба со, да речеме, САРС со смртност од 10%, грипот од 1918 година, со 5-20%, птичјиот грип H5N1 со 60%, или ебола која во некои моменти имаше смртност од 90%. Но, смртноста на ковид-19 е поголема од таа на сезонскиот грип, кој има смртност од 0.1%. Земајќи во превид дека глобалната патна мрежа има рекордна поврзаност, во моментов не постои вакцина, ниту колективен (популациски) имунитет, смртност од само 1% може да претставува значителна опасност. Така, на пример, ако заразената популација е 1 милијарда, од тоа 1 милион луѓе ќе починат.
На прв поглед ковид-19 и сезонскиот грип имаат некои сличности (тоа се болести предизвикани од вируси, што имаат слични манифестации), сепак таа споредба е погрешна. За разлика од сезонскиот грип, ние знаеме многу малку не само за вирусот причинител на болеста, туку и за самата болест ковид-19. Од друга страна, повеќето нови заразни болести се појавуваат во човечката популација на ист начин како што го направи ковид-19: преку животни. Птиците и цицачите, според една студија од 2018 година во списанието Наука, се домаќини на околу 1.7 милиони (неоткриени) видови вируси. Така, за голем број научници и епидемиолози, животинскиот свет на Земјата ќе бидат причина за следната пандемија меѓу луѓето. Бактериите, исто така, можат да се пренесат од животни на луѓе, но тие може да се репродуцираат и без да ги заразат нивните домаќини (животните), додека, вирусите се подобро опремени за да преминат меѓу видовите (не пример, од животни на луѓе). Еукариотите (животните и растенијата), прокариотите (бактериите), и вирусите коегзистираат од појавата на луѓето, нема причина да веруваме дека точно ова пандемија ќе доведе до крај на човештвото.
Кога сме веќе кај глобалната слика, може слободно да се каже дека станува збор за „хаос“ од теории, предупредувања и предвидувања, кои оставаат простор за заговори и постоење на длабока заднина на пандемијата. Секако еден од аспектите се ставовите на СЗО од една страна, од друга страна на политичарите од кои најгласен е американскиот претседател Доналд Трамп и ставовите на светски признати епидемиолози. Како еден просечен граѓанин, кои секојдневно го чита сето ова, да се снајде во мноштвото на ставови и идеи?
Коцарев: За жал, Светската здравствена организација (СЗО), многу влади, светски лидери, претседатели на држави, научници, и светски признати експерти носеа мерки, одлуки, и даваа изјави кои беа противречни. По мое мислење, во голем дел, тоа беше последица од нашето незнаење како да менаџираме (управуваме, водиме, раководиме, се справуваме) со пандемии, кризи. Менаџирањето на кризи, па така и на пандемијата ковид-19, сепак, треба да има научни фундаменти, водејќи сметка за разликите меѓу научниот и политичкиот процес. Разликите можат да ја загрозат ефективната комуникација меѓу научниците/уметниците, креаторите на политиките и јавноста. Од друга страна, справувањето со пандемијата ковид-19 треба да има повеќеслоен карактер, транс-дисциплинарен пристап, со други зборови, треба да се води сметка за сите науки (природните, техничките, општествените и хуманистичките), но и за уметностите. Би сакал да потенцирам дека, по мое мислење, одлука на СЗО да прогласи пандемија e исправен чекор, земајќи предвид дека, во моментов, многу малку се знае за вирусот, причинителот на пандемијата и неговите карактеристики. Но треба да додадам дека, во работата на СЗО, за жал, многу често, заради загриженоста за нејзината важност, моќ и финансирање, има површност, нешто што некои го нарекуваат епидемиски (пандемски) театар. Така на пример, декларацијата на СЗО за ковид-19 се однесува на ширењето, наместо на сериозноста на болеста.
Постојат документирани факти дека, за жал, претседателот Трамп често дава лажни и/или погрешни изјави (не само за време на неговата кампања, туку и денес, за време на неговото претседателство). Уште повеќе некои од неговите изјави се расистички, што преставува, според многумина, невиден феномен во американската политика. Што се однесува на изјавите на Трамп поврзани со пандемијата, СЗО и Кина, по мое мислење, тие имаат двојна намена: зголемување на шансите за втор претседателски мандат и намалување на политичката и дипломатска корист што Кина може да ја извлече од здравствената криза.
Не верувам во теории на заговор, претпочитам научни докази пред дезинформации и претпоставки. Така, остро ги осудувам теориите на заговор кои сугерираат дека ковид-19 нема природно потекло. Научниците од повеќе земји го објавија и анализираа геномот на вирусот: тежок акутен респираторен синдром коронавирус 2 (САРС-КоВ-2), и недвојбено заклучија дека овој вирус потекнува од животински свет, како и толку многу други нови патогени појави. Теориите на заговор не прават ништо друго освен што создаваат страв, гласини и предрасуди кои ја загрозуваат глобална соработка во борбата против заразата предизвикана од овој вирус.
Основно прашање тука е,
зошто луѓето имаат потреба од теории на заговор. Во текот на последните неколку месеци,
постовите од Светската здравствена организација (СЗО) и американскиот центар за
контрола на болести, на пример,
кумулативно имаат многу помалку посети од посетите на веб страниците на
кои се објавуваат теории на заговори. Се плашам само дека, во морето од
бескорисни информации и невистини, човештвото ќе ги изгуби правите вредности.
Мислам дека ова е еден од клучните предизвици со кој сите ние ќе треба многу
бргу да се соочиме.
Едно од најголемите оптоварувања и нејаснотии за обичниот човек последниве два-три месеци е и воведувањето на 5Г технологијата и инсталирањето на антените во повеќе земји во светот. Ова е само уште една алка која ја до усложнува актуелната состојба. Како добар познавач од полето на егзактните науки, како вие го толкувате сето ова, односно дали според вас оваа технологија може да има негативни влијанија врз човекот и останатиот жив свет?
Коцарев: Во одговор на ова прашање би ги упатил читателите на текстовите од двајца врвни, светски познати, научници и професори кои се стручњаци токму за безжичните комуникации и електромагнетното зрачење. Првиот, академик Леонид Грчев, инаку експерт во областа на електромагнетна компатибилност, посебно во областа на електромагнетно однесување на комплексни системи во слоевити електрично-спроводни средини, во колумна за порталот факултети зборува за 5Г и зрачната моќност на новите уреди. Вториот, професор Петар Поповски, професор по безжични комуникации на универзитетот во Алборг, Данска, во колумна за порталот кантарот зборува за 5Г технологијата. Сакам да напоменам дека и двајцата се членови во звање “fellow” на IEEE (најголемо инженерско здружение во светот), исклучително признание, што зборува за нивните врвни научни дострели. Нивниот став е јасен: нема потреба за страв, имплементирањето на 5Г технологијата треба да биде придружено со воведување мерки за безбедност, што вклучува вложување во науката, воведување соодветни прописи и мерки за спроведување на прописите. Грчев вели: „Бидејќи во споменатите истражувања има студии кои доведуваат до контрадикторни резултати, не може да се извлече заклучок, но сомневањето останува. Поради тоа, ИАРЦ, агенцијата за канцер на Светската здравствена организација, го класифицира радио- и микробрановото зрачење како можен канцероген. Тоа е најслаба категорија, во која до скоро беше кафето, но тоа укажува на потреба од претпазливост и интензивни понатамошни истражувања”. Поповски додава: „Ако не верувате во овие технологии и се плашите од нив, најдобро е воопшто да не користите безжична технологија. Како што има луѓе вегани во исхраната, може да има и вегани во комуникацијата. Нема смисла со мобилниот телефон залепен на уво по цел ден да се зборува против 5Г. Па, со еден долг телефонски повик сте се озрачиле колку што 5Г базна станица не може да ве озрачи за неколку години!”
Тука сакам да додадам нешто друго. Набргу, 5Г ќе стане основа за воведување други напредни технологии: електронското здравство, автономните возила, паметните градови, паметните домови, интернетот на нештата и др. Во една научна публикација од 2013 година (станува збор за трудот Kosinski, Stillwell, and Graepel, "Private traits and attributes are predictable from digital records of human behavior," Proceedings of the National Academy of Sciences, 110.15 (2013): 5802-5805), истражувачите покажаа дека лесно достапната дигитална евиденција за однесувањето, FacebookLikes, може да се користи за, автоматски и прецизно, да се предвиди психолошкиот профил на поединецот, вклучувајќи: сексуална ориентација, етничка припадност, религиозни и политички ставови, особини на личноста, интелигенција, среќа, употреба на зависни супстанции, родителска поделба, возраст и пол. Овие анализи овозможија, во 2016 година, според списанието The New York Times (McKenzie 2016), врз основа на тоа што постојат "приближно четири до пет илјади податоци за секој поединец", да се генерираат модели на "личноста на секој возрасен човек во САД, околу 230 милиони луѓе“. Фрапантно, но истовремено и ужасно. 5Г, за жал, само дополнително ќе ја зголеми жедта за нови ресурси, што ќе предизвика потрага по сè подлабоки слоеви на податоци кои може да се користат за да се измери човечката психа, свесна и несвесна, приватна и јавна, индивидуална и општа. Така, 5Г може да заврши и како основен сервис на авторитаризмот. Со други зборови, воведувањето мерки за безбедност, вложување во науката, воведување соодветни прописи и мерки за спроведување на прописите, треба да се однесуваат и за овие можни примени и злоупотреби на 5Г технологијата.
Светските еколози, истовремено предупредуваат дека најверојатно човештвото ќе се соочи и со уште една пандемија која ќе тргне од Амазонија, за која велат дека е преполна со вируси кои во себе ги носат стотиците видови животински свет, а пред се поради забрзаната урбанизација со која безмилосно се уништува тој јужноамерикански екосистем. Колку имаат основа ваквите теории?
Коцарев: По мое мислење, прашањето треба да се постави малку
поинаку. Со други зборови, вашето прашање може да се преформулира и вака: дали
оваа пандемија е само случаен настан, или има подлабоки, структурни причини што
треба да се анализираат, разгледаат? Вашето и/или преформулираното прашање се централни
за ова интервју.
За дел од научниците, аналитичарите, мислителите, и оние што носат одлуки, пандемијата на болеста ковид-19 е само уште една здравствена криза, при што мерките за социјално дистанцирање и евентуалниот развој на вакцината ќе овозможат брзо враќање во нормала. Но, многумина не мислат така. Така, на пример, професорот Мурат Арсел (Murat Arsel) од Универзитетот во Ротердам, причините за појавата на пандемијата, ги наоѓа во „моделот на економски развој што доминира по Втората светска војна“, модел којшто создаде однос спрема науката опишан како „организирана неодговорност“, при што во, по мислење на Арсел, „глобалниот капитализам моќно профитираше од експлозијата на продуктивност овозможена од модерната наука и технологија, истовремено, расчистувајќи ги со метлата под метафоричен тепих, неговите ризици и неизвесности.“
Уште во 2012 година, Дејвид Квамен (David Quammen), во својата книга Прелевање: инфекции на животните и следната човечка пандемија, тврди дека, додека инфекциите предизвикани од патогени микроорганизми кои преминуваат од животни кон луѓето, т.н. прелевања, не се ништо ново за човештвото, тоа што е релативно ново е зачестеноста на ваквите настани. Во последните 30 години, прелевањата се случија со невидено темпо првенствено поради уништување на шумите и промена на употребата на земјиштето предизвикано од проширување на агробизнисот, заедно со неконтролирани и експлозивни процеси на урбанизација кои во голема мерка ги зголемија средбите меѓу луѓето и дивите видови.
Ќе го илустрирам ова гледиште со пандемијата ковид-19. Постојат повеќе индикации дека пандемијата почнала на „пазарот на егзотична храна“ во Вухан. Но, тоа е само една страна од приказната. Фокусот на пазарот на храна, всушност, има за последица да се намали важноста на фактот дека, се повеќе техниката позната како „диво земјоделство“ е економски сектор тесно поврзан со индустриското земјоделство. Дивото земјоделство го поддржува природниот екосистем и локалните синџири на храна, но, од друга страна, експанзијата на индустриското земјоделство, посебно одгледувањето добиток, прави постојан притисок врз операторите, одгледувачите на дивото земјоделство да навлегуваат длабоко во дивите предели, што овозможува прелевање на нови патогени микроорганизми од животните кон луѓето.
Роберт Волас (Robert G. Wallace), еден од водечките светски еволутивни епидемиолози, советник на Организацијата за храна и земјоделство и повеќе Центри за контрола и превенција на болести, поврзано со пандемијата ковид-19, вака ги сумира наодите на неговата книга Големите фарми прават голем грип (на англиски јазик Big Farms Make Big Flu: Dispatches on Infectious Disease, Agribusiness, and the Nature of Science): „Вистинската опасност од секое нова епидемија е неуспехот или подобро кажано – практичното одбивање да се сфати дека секој нов ковид-19 не е изолиран инцидент. Зголемената појава на вируси е тесно поврзана со производството на храна и профитабилноста на мултинационалните корпорации“.
Според Волас и неговите соработници, (во труд од 1 мај 2020 година), општата теорија на појава на заразни болести вклучува седум елементи: (1) глобални мрежи на капитал; (2) користење на капиталот за уништување на регионалната сложеност на животната средина што го контролира растот на популацијата на различни патогени; (3) последица на (2) е зголемување на стапките и ширината на појавите на прелевање (преминувања на патогени микроорганизми од животни во луѓе); (4) проширување на периферно-урбаните мрежи на стоки со кои се превезуваат овие ново-прелеани патогени микроорганизми кај добитокот и работната сила од дивината до регионалните градови; (5) растечката мрежа на глобални патувања (и трговија со добиток) кои ги доставуваат патогените микроорганизми од наведените градови до остатокот на светот во рекордно време; (6) начините на кои овие мрежи го намалуваат отпорот на трансмисија, избирајќи поголема смртност и кај добитокот и кај луѓето; и (7) недостаток на репродукција на индустрискиот добиток, отстранување на природната селекција во екосистемите која што обезбедува заштита во реално време од болестите.
Денес сме сведоци дека единствениот пристап во справување со пандемијата на болеста ковид-19 се состои од воведување мерки на социјално дистанцирање и изнаоѓање вакцина. Таквиот пристап е редукционистички – во тој пристап, молчеливо се претпоставува дека новиот патоген (вирус) е единствена причина за болеста ковид-19, па така сите напори се концентрирани во обидите за „искоренување“ на вирусот. Но, тоа е само прв чекот. Холистички, сеопфатен пристап нагласува дека вирусите се само еден од факторите што придонесуваат за пандемија, и, на тој начин, овој пристап повикува на многу подлабоки структурните причини за појавата на вирусот и пандемија.
Со други зборови, сликата е многу поширока и поголема: климатските промени и пандемијата на болеста ковид-19 се всушност две страни од иста паричка.Голем број истражувања потврдуваат дека човечкиот притисок врз планетата Земја сè уште расте, не се намалува. Пандемијата на ковид-19 е само една манифестација од тој притисок. Затоа „наместо да седиме како Владимир и Естрагон, кои чекаат бесконечно и залудно за да пристигне некој по име Годо“, секој од нас треба да реагира за подобрување на нејзина/негова благосостојба, како и за напредок на нашето општество, не чекајте другите да дејствуваат. Тоа, ќе биде најдобар одговор на оваа и сите други пандемии. Треба да престанеме да ги сметаме вирусите за надворешни, туѓи ентитети, треба да знаеме дека затварањето на нашите умови, ксенофобијата, расизмот, нема да го решат проблемот, туку само колективен, глобален напор за вистински и целосни промени. Интервјуто за списанието Маркс21 од 11 март 2020 година, Волас го завршува со зборовите: „ние мора да ги лекуваме метаболичките јазли што ги одделуваат нашите екологии од нашите економии. На кратко, имаме планета за да победиме.”
Да проговориме за состојбата со Ковид-19 и во нашава земја. Во функција беа ставени неколку лаборатории каде се вршеа анализи од тестирањата, меѓу кои и лабораторијата на МАНУ. Но, освен тоа, МАНУ предложи да се прави и едно поинакво научно истражување. За што конкретно станува збор и дали до сега имате некои конкретни резултати од сработеното?
Коцарев: Истражувањата на болеста ковид-19 се одвиваат во рамките на Одделението за медицински науки, поточно во Истражувачки центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Ефремов“ при МАНУ (ИЦГИБ-МАНУ). Истражувањата имаат за цел да ги евалуираат причините за различната клиничка слика на болеста, односно зошто кај некои пациенти болеста се манифестира како асимптоматска или блага респираторна болест ( ~80% од пациентите) додека кај други (~15% од пациентите) истата предизвикува тешко респираторно заболување или живото-загрозувачка системска болест (~5% од пациентите). Причините за овие разлики можат да имаат генетска основа (присуство на варијации во гени кои се одговорни за синтеза на протеини кои учествуваат во иницијација на болеста или во имуниот одговор на пациентите) или во можното присуство на различни субтипови на SARS-CoV-2 вирусот кај пациентите со различна клиничка презентација на болеста. За таа цел ќе се анализираат ~200 пациенти со различна клиничка манифестација на болеста за овие потенцијални варијабли преку испитување на комплетниот геном на вирусот кој ја предизвикал болеста како и на голем број на генетски и имунолошки маркери кои потенцијално можат да дадат објаснување за воочените разлики. Истражувањата ќе се одвиваат како заеднички проект на ИЦГИБ-МАНУ, Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, Клиниката за хематологија, и Министерството за здравство. За оваа цел е поднесен проект до Меѓународниот центар за генетско инженерство и биотехнологија во Трст, Италија преку кој би се финансирале дел од овие истражувања. Целта на истражувањето е да се откријат потенцијални маркери кои би се користеле за стратификација (поделба) на пациентите спрема ризикот за развој на болеста и како и маркери кои би се користеле како предиктиви параметри за индивидулизација (персонализација) на лекувањето (специфичен лек за различни форми на болеста и различна генетска конституција на заболениот). Во подготовката на овој предлог проект водечка улога имаше Проф. Др. Димитар Ефремов, надворешен член на МАНУ. Главен истражувач на проектот е Др. Ирина Пановска – Ставридис, директор на Универзитетската клиника за хематологија.
Здравствените власти најавија олабавување на мерките, но примерите во регионот покажуваат повторно зголемување на бројот на заразени лица. Словенија прва се отвори, но веднаш повторно воведе мерки за заштита, Врање во соседна Србија е по втор пат е жариште на вирусот. Со оглед на фактот дека и кај нас веќе се попушта со мерките, дали повикувате на поголема внимателност секако имајќи ги предвид ситуацијата на теренот и показателите на алгорирмот?
Коцарев: Повикувам на уште поголема внимателност. Од повеќе причини. Прво, пандемија на болеста ковид-19 е на самиот почеток и текот на пандемијата сеуште е непознаница. Способноста на вирусот да инфицира и/или штетноста на болеста ковед-19 може да се менуваат со време, да ослабат но и да се зголемат. Првиот бран на пандемија на грипот во пролетта 1918 година беше релативно лесна инфекција, меѓутоа, вториот и третиот бран во 1919 година уби милиони.
Второ, многу скептици тврдат дека далеку помалку пациенти се заразени и починале од болеста ковид-19 отколку од сезонски грип. Уште не знаме дали навистина ќе биде така. Би сакал, тие да се во право, само се плашам дека споредувањето со сезонски грип може само да не одведе во непосакувана состојба, која што, за жал, нема да биде поткрепена со научни факти.
Трето, Македонија е лабаво општество. Научниците разликуваат култури, општества кои имаат силни норми и ниска толеранција на девијантно однесување (таквите култури се наречени стегнати култури) и културите, општества кои имаат слаби социјални норми и голема толеранција на девијантно однесување (или лабави култури). Стегнати култури имаат, на пример, Сингапур, Јапонија и Кина, додека во земјите со лабави култури се вбројуваат припаѓаат САД, Италија и Бразил. Постоењето на овие два типа култури, според истражувањата, е резултат на големи историски и еколошки закани, распространетост на природни непогоди, инвазии, густина на население, и потреба за строги правила заради обезбедување координација и здружување во време на кризи. Според тоа, се очекува дека ширењето на ковид-19 ќе ги згусне заедниците, ќе направи тие да се приспособат и да попримат елементи на стегнатите култури. Тука, како клучни прашања се јавуваат кога и во колкава мерка лабавите култури/општества ќе се прилагодат на пандемијата. Лабавите општества може да имаат, а примерите со САД, Италија и Шпанија покажуваат дека де факто имаат, тешкотии во справување со пандемија. Клучно за Македонија, што мислам дека до сега добро се прави, е да обезбеди, во услови на криза, рамнотежа меѓу двата антиподи, подеднакво користење на слободата и ограничувањето.
Луѓето едвај чекаат да се отворат и границите, а властите во некои од во државите најавија дека тоа многу скоро ќе се случи. Практично, луѓето сакаат да одат на летување, па во овој контекст кои се вашите препораки, дали да се избере некој од македонските туристички центри или да се отпатува на море?
Коцарев: Претпочитам македонски туристички центар, домашен туризам. Туризмот е меѓу најпогодените стопански дејности. Уште повеќе, од музички фестивали до големи спортски настани, пандемијата на ковид-19 предизвика бран на откажувања низ целиот свет. Во моментов, сите аеродроми во Македонија се затворени за комерцијални летови, а Владата нема сеуште објавено датум за повторно отворање на аеродромите. Продолжува забраната за влез на странци преку копнените граници од сите соседни земји, додека се овозможува патниците да излезат преку копнената граница доколку имаат дозвола да влезат во соседна земја. Светската организација за туризам при ООН проценува дека меѓународниот туризам би можел да се намали до 80% оваа година во однос на 2019 година, ставајќи во ризик најмалку 100 милиони работни места. На краток рок, иднината на туризмот се регионални патувања, а за ова лето, сепак, главна туристичка дестинација на граѓаните од нашата земја, се предвидува дека ќе бидат македонските туристички центри. Министерството за економија на Македонија најави помош од 16 милиони евра за домашниот туризам, со што преку 100 илјади граѓани ќе добијат ваучери за домашен туризам. Во периодот што следи, во Македонија треба да се утврдат приоритетите на домашниот туризмот, вклучувајќи ги, по можност, сите различни видови туризам, да набројам некои од нив: планински, одржлив, рурален, рекреативен, еколошки, историски, културен, авантуристички, здравствен и бањски туризам.
Анита Буховски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.