29 Септември, 2024
0.0337

ИНТЕРВЈУ Андреја Богдановски, безбедносен експерт: Оптимизмот на Нимиц ќе згасне штом ќе допатува

Објавено во: Анализа 28 Јули, 2014

Добивај вести на Viber

Креирањето на оптимизам од страна на медијаторот Метју Нимиц  го зголемува притисокот индиректно кон властите во Скопје.  Но, стагнирањето во македонските евроатлански интегративни процеси, кое е директен резултат од грчката блокада, вмрежено со влошување на етничките односи и недоверба, може да резултира со продлабочена криза. Ние сме етнички и партиски крајно поделено и поларизирано општество. Не е исклучено да се создаде нова партиска алтернатива на ДУИ и ДПА. Од евентуално неповолниот извештај од Брисел Груевски и Заев, поденакво, се надеваат дека лично и партиски би можеле да  профитираат. Ова во интервју за Фактор го оцени Андреја Богдановски, безбедносен експерт во тинк-тенк организацијата Аналитика. Тој има завршено магистерски студии по меѓународен мир и безбедност на Кингс Колеџ во Лондон, на оделот за воени и безбедносни студии. Во текот на студиите се фокусирал на сецесионистички конфликти, модерно војување, нови сили. Фактор: Каде завршува  политичката,  а каде почнува безбедносната криза во Македонија? Богдановски: Интересно е што првата помисла за одговор на ова прашање не води да размислуваме за меѓуетнички тензии, каде ако погледнеме во искуствата од минатото донекаде важеше концептот  “ако не можеме да се договориме на маса, излегуваме и земаме оружје в рака”.Мислам дека тој концепт во Македонија е надмината категорија. Денес работите се посложени. Македонија не е изолирана единка во глобалниот поредок и меѓуетничките односи не се единствената можност за евентуална дестабилизација. Доколку се консултираме со стратешките безбедносни документи во нив се излистани низа други потенцијални закани, како на пример природни непогоди, асиметрични закани, меѓународен тероризам, регионални конфликти, криминал итн. На пример природните непогоди, може прво да креираат безбедносна криза, а потоа таа (да речеме доколку е лошо менаџирана) да се прелее во политичка итн. Меѓутоа имајќи предвид дека Македонија не многу одамна имаше вооружен конфликт на своја територија, што  по природата на причините беше од меѓуетнички карактер, вознемиреноста кај јавноста при било какви општествени појави кои може да наликуваат на нешто од 2001 во голем дел е оправдана. Сепак со имплементацијата на Охридскиот рамковен договор. кој пред се во академската литература се среќава како алатка за поделба на власта (пауер шеринг), се зацврсна арматурата на македонската државност, која беше потребна за одговор на новите пред се регионални предизвици. Правичната застапеност и зголеменото практицирање дали било законодавна или извршна власт ја прави Македонија поспремна за амортизација на евентуални нови меѓуетнички шокови. Заради суштинскиот удел кој немнозинските заедници го имаат во различните пори во државата би било потешко изводливо да се говори за дестабилизација на државата. Па затоа оној момент кога институциите на системот повеќе нема да бидат репрезентативни за определен дел од популацијата, ќе се создаде вакуум ситуацијата што има понатамошен потенцијал да ја дестабилизира ситуацијата. Фактор. Каде го лоцирате проблемот со кревките меѓуетнички односи  и дали постои опасност  од продлабочени  тензии во земјата? Богдановски: Она што е интересно за анализа е зголеменото незадоволство на албанската заедница кон дел од политиките на коалициониот партнер ДУИ. Ова треба да се набљудува и да се процени како ќе се развива понатаму. Од друга страна пак ДПА досега не се наметна како алтернатива на 13 годишното владеење на ДУИ. Доколку овој тренд продолжи ова остава простор за формирање нова политичка партија во албанскиот блок. Иако со имплементацијата на Охридскиот рамковен договор системски се адресираа голем дел на прашања кои ги засегаа нашите сограѓани Албанци, сепак многу малку се работеше од двете страни на реконсилијација и градење заеднички вредности. Наместо тоа ние креиравме два паралелни универзуми. Нашите деца се уште учат во различни смени поделени стриктно по етничка линија, а стратегијата за интегрирано образование стои во место. Не помалку важни се и примерите кај самите политички елити. Градоначалникот на општина Тетово на својата официјална страница на Фејсбук комуницира исклучиво на албански јазик со што македонската заедница од овој град останува отсечена од информации за проекти од кои заеднички бенефит имаат сите без разлика на етничката заедница. Политизацијата и давањето на етнички предзнак за било какви појави во општествениот живот преку кои определени групации сакаат да добијат политички поени ја става Македонија заложник на краткорочните интереси дефокусирајќи не од големата слика. Фактор: Кои  би можеле да бидат реперкусиите врз стабилност на Македонија  доколку и понатаму останеме  надвор од НАТО и ЕУ? Богдановски: Повторно треба да анализираме со какви се закани се соочува Македонија за да утврдиме колку членствата во овие меѓународни организации би допринеле за поголема агилност на македонската држава. Јас сум еден од оние поборници дека со членството во ЕУ и НАТО безбедносната слика на Македонија значително би се подобрила. На пример Македонија во моментов се соочува со ризик од повратниците од Сирија и Ирак. Да бевме денеска членка на ЕУ ќе се придружевме на акциониот план за стопирање на млади кои одат да се борат на жариштата во Блискиот Исток, а кој беше усвоен на 7-ми јули во Милано и што предвидува активно споделување на информации помеѓу најзасегнатите членки на ЕУ со цел стопирање на евентуални терористички напади. Македонија во поглед на евроинтеграциите е во една незавидна позиција. Несомнено стагнирањето неколку години по ред индиректно резултираа со уназадување во некои општествени сегменти како на пример демократија, медиуми, животен стандард итн. Македонија има плодна почва за ова. Се уште високата невработеност, особено кај младата популација која надминува и 50%,  како и нискиот животен стандард, се доволни да се присоединат со други елементи, како на пример лошо владеење, етнички тензии итн. и истите добијат на интензитет. Пример може да ги земеме последните помасовни и на почетокот насилни протести околу пресудата за случајот Монструм, кои во прво време се однесуваа за пресудата, а потоа донекаде се обидоа да се профилираат за положбата на албанската заедница во Македонија. Фактор : Како ја толкувате изјавата на премиерот Груевски дека нема на попушти на условувањата од страна на опозцијата дури и по цена Македонија да ја изгуби препораката за почеток на преговори. Од друга страна,  лидерот на СДСМ  Заев е категоричен дека тие  нема да отстапат од поставените барања меѓу кое е и формирање на техничка Влада. Што би можело да биде излез од ваквата ситуација и како ова ќе влијае врз есенскиот извештај на ЕК? Богдановски: Мислам дека таква изјава од премиерот не оди во прилог на македонските евроинтеграции кои колку и да се килави, заради  блокадата од Грција, сигнализираат дека  во преден план се ставаат личните интереси наспроти државните. Постојат тука неколку сценарија со кои може да погодуваме. Помалку веројатната верзија е дека можеби постојат дипломатски сигнали од страна на Брисел за одземање на препораката како заради немање на политички дијалог, така и поради каскање со реформите и уназадување. Со тоа Груевски би имал некакво покритие кое би се обидел да го продаде на јавноста. Поверојатната варијанта е дека со ваквата изјава премиерот сака да си го зголеми политичкиот капитал и да ја зајакне позицијата на ВМРО –ДПМНЕ, наспроти онаа на СДСМ кои пак се обидуваат да се профилираат како државничка партија која секојпат кога има потреба ја вади Македонија од калта. Крајно тврдата и за многу нелогична позиција на СДСМ за бојкот на Собранието исто така не оди во корист на разрешување на разликите, а со тоа и една сопка помалку кон ЕУ. Мислам дека во случајот СДСМ ги става скоро сите свои влогови во есенскиот извештај  кој откако ќе нотира уназадување на политичкиот дијалог би требало да ја зајакне нивната преговарачка позиција. Фактор:  На што според Вас се темели оптимизмот на Нимиц  пред неговата посетата на Скопје и Атина , наспроти песимизмот кој владее во двете  земји за можен скорешен излез од дводеценискиот македонско – грчки спор и како ја толкувате изјавата на германската канцеларка дека најдобар компромис е кога сите ќе бидат незадоволни од решенијата, но ќе ги прифатат? Богдановски: Профилот на работното место на Нимиц е такво каде по правило медијаторот треба секогаш да настапува оптимистично со цел да поттикне било какво раздвижување околу преговорите. Сепак, некако се наметна правилото да преговорите се водат крајно таинствено без апсолутно никакво вклучување или информирање на јавноста. Во такви услови, пораката на Нимиц треба да се смета како на сигнал кој првенствено е наменет за македонската публика кај која оптимизмот за  скоро решение за разликите околу името скоро и да не постои. Со креирањето на оптимизам од страна на медијаторот на некој начин треба да се зголеми притисокот индиректно кај властите во Скопје. Од крајно штурите информации кои ги добиваме, а кои не говорат за драматични исчекори туку напротив продлабочување на разликите со додавање и на јазичната (идентитетска) димензија со изјавата на грчкиот премиер Самарас дадена во Брисел пред некоја седмица каде јавно го негираше постоењето на македонски јазик мислам дека оптимизмот кај Нимиц ќе згасне со самото негово слетување на скопскиот аеродром. Истовремено смената на досегашниот преговарач од македонска страна Јолевски не оди во прилог на тоа да можеме да имаме силни надежи дека нешто драматично ќе се случи при неговата најавена посета. Горазд Чомовски