ИНТЕРВЈУ АРГИР: НЛБ Банка ќе продолжи да кредитира и да ги поддржува фирмите повторно да ги заживеат бизнисите
Објавено во: Економија, Интервјуа 27 Мај, 2020
Над 120.000 граѓани кои имале кредити во НЛБ Банка ја прифатиле понудата да не ги враќаат кредитните рати во период од шест месеци согласно понудата на банката, а тоа го сториле уште 703 фирми кои вработуваат околу 30.000 лица. Антонио Аргир, претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка во интервју за Фактор вели дека банките максимално им излегле во пресрет на засегнатите граѓани и фирми во време на силни предизвици поради пандемијата со Ковид-19. Аргир вели дека банките во перидот по укинувањето на вонредната состојба ќе имаат значајна улога во заздравувањето на домашната економија. Затоа, вели, откажувањето од каматите во време кога не се враќаат ратите за банките не било опција. Во следниот период можно е влошување на кредитното портфолио поради кризата, но Аргир вели дека НЛБ банка е стабилна, има пари за кредитирање на стопанството и ќе ги поддржи фирмите да ги рестартираат бизнисите.
Иако спласна гласноста во јавноста, остана дилемата за тоа како домашните банки успеаја да ја структурираат понудата за граѓаните и фирмите во однос на понудениот грејс - период на плаќањето на кредитите, особено од аспект на наплатата на каматите во време додека трае периодот во кој не се плаќаат ратите.Не можевте ли во вакви услови, кога кризата се чини ќе има тешки последици да покажете поинаков пристап, па да се откажете од дел од овие приходи?
Аргир: Понудата за одложено плаќање на кредитните обврски на клиентите на банките беше изработена во заедничка комуникација, соработка и согласност меѓу банките, Македонската банкарска асоцијација, Народната банка, како и сите надлежни институции во државата. Целта на оваа понуда е да им се олесни финансискиот товар на граѓаните и фирмите – корисници на кредит, во една од најголемите светски кризи. Согласно понудата, на клиентите им беше овозможено да ги одложат своите кредитни обврски во период до 6 месеци, односно до 30.9.2020 година. При тоа, во овој период, односно во периодот на одложено плаќање, клиентите не треба да ги плаќаат своите обврски, а Банката ќе пресметува камата за кредитниот продукт, но истата нема да ја наплаќа. Наплатата на пресметаната камата ќе се врши по ставање на кредитот во редовна отплата и таа ќе биде распределена на еднакви рати до крајот на целосната отплата на кредитот. Во овој момент, со оваа понуда, најважно беше да се излезе во пресрет на евентуалниот недостаток на средствана клиентите.
Во изминатиот период се крена огромна прашина околу прашањето за наплата на камата на одложените кредитни обврски и имаше многу коментари во целата јавност, а најголемиот дел од нив беа во негативна конотација. За да ја демистифицирам или приближам оваа проблематика до пошироката јавност, би сакал да ја прикажам наплатата на камата преку едноставен пример од нашето секојдневие. Наплатата на камата како цена на чинење на позајмените пари од Банката, би го споредил сокористење на некои други услуги без надомест. На пример, тоа би било исто како да користите струја 6 месеци без потоа воопшто да ја платите или да користите мобилна телефонија без никаков надомест. Реално, со оваа понуда Банката на клиентите им го олеснува финансискиот товар во услови на криза и им овозможува и понатаму да ги користат позајмените парични средства без никакви ограничувања и без обврска за нивно враќање во периодот на одложена отплата.
Воедно, сакам да укажам дека каматата претставува главен и најголем извор на приходи за банките и изнесува од 60 до 75 проценти од нивните вкупни приходи. Доколку не наплаќавме камата или ги намалевме каматните стапки, тоа значително ќе се одразеше негативно врз нашето работење, пред сѐ заради тоа што истовремено во целост ги покриваме сите трошоци на работењето: трошоци за камати за депозити, трошоци за вработени, редовни оперативни трошоци, вонредни трошоци за работа од дома, трошоци за заштита на здравјето на нашите вработени и нашите клиенти, инвестициите, можните резервации за очекуваното влошување на портфолиото заради кризата, како и потребата за капитал кој е исклучително важен во услови на зголемени кредитни, ликвидносни и оперативни ризици. Од друга страна, заради воздржување од трошење и инвестиции од страна на физичките и правните лица, намалени се кредитните активности на банките, што директно влијае на намалување на новите приходи. Дополнително на ова, согласно Уредбата на Владата намалени се и каматните стапки кај некои кредитни продукти, што исто така влијае на намалување на приходите во овој период.
Во оваа ситуација, според мене откажувањето од овие приходи не е опција, бидејќи треба да бидеме подготвени за периодот кој следи во кој очекуваме потенцијално влошување на кредитното портфолио, за што дополнително ќе треба да се издвојат поголеми износи на резервации. Затоа, од пресудно значење е во моментов, а и во следниот период, кога граѓаните и фирмите ќе имаат уште поголема потреба од поддршка, банките да останат стабилни, високо ликвидни и високо капитализирани за да можат да ја поддржат економијата во периодот на стабилизација и враќање во некаква нормала.
Дали Вие лично сметате дека одлуката за пролонгирање на отплатата на кредитите беше донесена избрзано и под притисок врз Владата и Народната банка? Можеше ли поинаку, односно дали на ваков начин дел од клинетите кои реално немаа потреба прифатија одложување на плаќањето? Дури 70 проценти од граѓаните одлучиле да ја прифатат понудата – како тоа ќе се одрази на Вашата работа – се разбира во финансиска смисла?
Аргир: Сметам дека во ситуација на криза клучна е брзата и ефикасна реакција. Се работи за најголемата светска здравствена криза за која се очекува да има огромни негативни ефекти врз целата светска економија. Во ваква ситуација, сосема нормално е што кај граѓаните имаше голем степен на вознемиреност, паника и несигурност. Понудата за одложено плаќање на кредитните обврски овозможи мало смирување и олеснување на финансискиот товар на граѓаните во и онака тешките околности.
Генерално, ситуацијата со прифаќањето на понудата во нашата банка е слична со онаа на пазарот, при што 75 отсто од вкупниот број на клиенти - физички лица кои имаат кредитна изложеност во Банката ја прифатија понудата за одложено плаќање. Се работи за бројка од околу 120.000 клиенти чијашто вкупна кредитна изложеност во Банката изнесува околу 364 милиони евра, а тоа претставува 63 проценти од вкупниот износ на кредитното портфолио. Процентот на прифаќање е различен кај различни кредитни изложености, и тоа понизок кај станбените кредити (50%), а повисок кај потрошувачките кредити (70%) и кредитните картички (67%). Кај правните лица ситуацијата е малку поинаква, односно околу 20% од фирмите со кредитна изложеност во Банката ја прифатија понудата за одложено плаќање, што претставува околу 35% од вкупното кредитно портфолио за правни лица. Станува збор за 703 фирми со вкупна кредитна изложеност во Банката од 123.5 милиони евра, кои кај себе вработуваат повеќе од 30.000 лица. Земајќи ги овие податоци во предвид, со својата понуда за одложена отплата, покрај 120.000физички лица кај коишто е извршено одложување на плаќањето на кредитните обврски, индиректно се афектирани уште 30. 000 вработени во фирмите кои ја прифатија понудата за одложено плаќање на обврските во Банката.
Во однос на потребата на клиентите за прифаќање на понудата за одложено плаќање, сигурен сум дека има и клиенти кои моментално не се соочуваат со влошена финансиската состојба, а сепак ја прифатиле понудата. Со оглед на тоа дека се работи за општа ситуација на неизвесност, вознемиреност и несигурност кај населението, верувам дека голем дел од граѓаните ја прифатиле понудата заради потреба од зачувување на дополнителни резерви и потенцијални заштеди во случај на понатамошно влошување на ситуацијата, како и заради неизвесноста која сѐ уште трае.
Воедно би сакал да напоменам дека во Банката сè уште пристигнуваат барања за одложено плаќање од клиенти кои иницијално ја одбиле јавната понуда или барања за враќање во редовна отплата од оние кои ја прифатиле. Би напоменал дека барањата се одраз на реалната ситуација на пазарот и финансиската состојба на клиентите која може да е дополнително влошена или подобрена. Барањата се со намален интензитет, но се очекува овој тренд да продолжи и во следниот период, а Банката со цел да излезе во пресрет на потребите на своите клиенти ќе ги прифаќа и ќе постапува согласно овие барања.
Од аспект на финансискиот ефект, одложувањето на наплатата на кредитите, најмногу ќе се одрази на паричниот тек на Банката, односно на приливите кои ќе бидат помали за износот на одложените рати. Сепак, со оглед на тоа дека Банката располага со високо ниво на ликвидни резерви, ваквото времено одлагање може да се апсорбира без поголеми проблеми. Важно е по завршувањето на периодот на одложување, клиентите да започнат со редовна отплата на ратите што доспеваат, за да нема прелевање на кризата во кредитните портфолија.
Дали во иднина ова може да значи и влошување на капацитетот за враќање на кредитите кога ќе дојде време за редовна отплата, имајќи предвид дека последиците од кризата допрва ќе се чувствуваат? Дали веќе имате влошување на кредитното портфолио, односно зголемување на нефункционалните кредити и какви се вашите проекции за тие кредити во следниот период?
Аргир: Во моментот немаме влошување на кредитното портфолио, што кореспондира со одлуката на НБРМ за методологија и третман на кредитните изложености во периодот до 30 септември. Можноста за последователно влошување на кредитното портфолио постои, пред сè како резултат на актуелните и идните влијанија на кризата. Потенцијалното влошување на кредитното портфолио за физички лица е во директна корелација со идното функционирање на фирмите во кои се вработени, односно со начинот на кој фирмите ќе успеат да се справат со оваа криза. Во однос на фирмите, во зависност од типот на бизнисот со кој се занимаваат, влијанието на кризата врз кредитното портфолио ќе биде различно. Најпогодени очекуваме да бидат сегментите на угостителство, хотелиерство и туризам, како и малопродажбата, исклучувајќи ја фармацевтската и прехранбената индустрија. Исто така, кризата ќе има негативно влијание и врз дел од бизнисите кои зависат од продажбата на нивните производи на странските пазари, како и од начинот на кој тие земји управуваат со последиците од кризата и се опоравуваат од истата. Од анализите на портфолиото, истакнуваме дека, покрај дејноста во која работи претпријатието, важна е и финансиската стабилност на компанијата пред кризата. Претпријатијата кои се финансиски стабилни, со релативно високо ниво на капитал во своите биланси и релативно ниско ниво на задолженост кај банките, ќе бидат помалку изложени на негативните последици од кризата, односно ќе можат полесно да ја пребродат.
Банката прави континуирани анализи и следење на кредитното портфолио по одредени дејности, како и на работењето на поединечните претпријатија кои се погодени од кризата. Мерките коишто се преземаат се прилагодени на бизнис - моделите на одредени компании насочени кон задржување на континуитетот на нивното работење и долгорочната стабилност. Исто така, во оваа насока Банката ги презема и сите потребни мерки во однос на одржувањето на квалитетот на своето кредитно портфолио. Попрецизна проценка на ефектите од кризата врз кредитното портфолио очекуваме во периодот по септември кога кризата би требало постепено да се стишува и ќе може да се измерат реалните штети во работењето кај компаниите.
Еден од поголемите предизвици на банките беше и справувањето со гужвите пред експозитурите. НЛБ изминатиот период како резултат на кризната состојба донесе повеќе мерки за олеснување на работата со клиентите - како со граѓаните, така и со фирмите. На кој начин вие се справувавте со состојбата и колку клиентите ги прифатија предложените мерки за олеснување на извршувањето на банкарските трансакции?
Аргир: Како Банка со системска позиција на пазарот опслужуваме над 750 000 клиенти, од нив околу 250 000 се приматели на плата, пензија, социјална помоши субвенции, што наметнува огромен ангажман за нивно редовно сервисирање. Исто така, обезбедуваме готовина не само за работењето на нашите експозитури, туку и за другите помали банки на пазарот. Во услови на криза, ова прави дополнителна комплексност во работењето, коешто треба добро да се управува и менаџира за да навремено и квалитетно се опслужат сите клиенти. Паралелно, голем дел од активностите на Банката во кризната ситуација се насочени кон заштита на клиентите и вработените преку имплементирање на различни мерки. Овие мерки покрај тоа што имаат за цел да обезбедат нивна директна заштита, индиректно обезбедуваат и дополнителна заштита преку намалување на гужвите во експозитурите. Со оглед на тоа дека нашата дејност наложува директна комуникација и контакт со клиентите и имајќи ги во предвид нивните навики при вршење на банкарските активности, намалувањето на гужвите во експозитурите претставува сериозен предизвик.
Во насока на пренасочување на работењето на клиентите преку дигиталните канали реализиравме низа активности чијашто цел беше олеснување на преминот од традиционално кон дигитално банкарство, кое претставува поедноставен, поевтин и подостапен канал за извршување на банкарските трансакции. За таа цел воведовме бесплатно електронско и мобилно банкарство за сите физички лица до 31 мај, подготвивме различни едукативни туторијали за користење на функционалностите кои ги нудат нашите дигитални сервиси, овозможивме бесплатна достава на картички на домашна адреса и го зголемивме износот на бесконтактни трансакции од 750 на 2 000 денари. Покрај мобилното и електронското банкарство, за извршување на банкарските трансакции на клиентите на располагање им стојат и нашите банкомати кои се со најсовремена технологија и кои освен класичната функција за повлекување на средства, овозможуваат и извршување на низа други трансакции како што се: уплата на готовина на сметка, плаќање на кредитни обврски, плаќање на режиски трошоци, надополна на кредит за припејд телефонија и слично.
Сите овие мерки вродија со плод и
резултираа со значително зголемување во користењето на дигиталните канали, при
што порастот во одредени сегменти достигнa и
повеќе од 100% во однос на истиот период минатата година. На пример, забележан
е пораст на налозите реализирани преку мобилното и електронското банкарство од
страна на физичките лица за 117% во однос на минатата година, како и
зголемување на учеството на овие налози во вкупно реализираните безготовински налози
за речиси 30%. Силно верувам дека ваквиот драстичен раст се должи не само на моменталната
ситуација, туку и на постојаните напори кои ги вложуваме во едукација на
клиентите за примена на дигиталното банкарство, како и инвестициите во овој
сегмент, можностите и функционалностите кои ги нуди, едноставноста во
користењето и позитивното корисничко искуство.
Вредно е да се спомене и грижата кон најчувствителниот сегмент од нашите клиенти - пензионерите, за кои веќе три месеци по ред се врши предвремена исплата на пензиите, како и воведување на посебен распоред за нејзино подигнување во експозитурите. Во изминатиот период забележавме промени во навиките за вршење на банкарски трансакции и кај овој сегмент на клиенти, кој генерално е најотпорен на промени. Сѐ повеќе се забележува користење на банкоматите за подигнување на пензиите (дури 80% од пензионерите ја користат оваа можност), како и сѐ поголемо безготовинско користење на нивните средства.
Генерално, во сите сегменти на клиенти имаме зголемено користење на банкоматите, при што вкупното учество на подигнувањето на готовина преку банкомати во однос на вкупниот број на готовински исплати во Банката заклучно со април изнесува 89%.
Покрај мерките за поддршка и заштита на физичките лица, воведовме и низа мерки за претпријатијата, како дел од кои е одложената примена на одлуката за зголемување на провизии за вршење на денарски платен промет и одложување на наплатата на надоместокот за користење на ПОС терминали со промет помал од 20.000 денари. Очекуваме овие мерки да придонесат кон мало финансиско олеснување на и така комплексната и тешка финансиска состојба на претпријатијата.
Во контекст на зголемената дигитализација се забележува и тренд на зголемено користење на интернет трговијата, кое е во корелација со општите мерки за заштита: изолација, намалено движење, голем број на затворени продавници, при што голем дел од трансакциите се пренасочени преку интернет. Со ова, од една страна полека се надминуваат психолошките бариери, стравот и недовербата на граѓаните при онлајнкупувањата, а од друга страна, трговците добиваат уште еден значаен канал за пласирање на своите производи и услуги, при што е забележан и зголемен интерес за инсталирање и користење на платформи за интернет трговија од нивна страна.
Како резултат на кризната ситуација и „присилната” примена на мерки за дигитализација, очекуваме промена на потрошувачките навики и забрзана дигитална трансформација во банкарството. Во следниот период Банката уште повеќе и поинтензивно ќе инвестира во дополнителен развој на дигиталните сервиси и едукација на клиентите. Дигиталното банкарство повеќе не е избор туку императив!
Кога економијата во земјава е во прашање, последиците од Ковид - 19 нема да се наивни, а за тоа веќе се прават повеќе сценарија. Во секој случај ситуацијата не е сјајна, па Ве прашувам како според Вас сето ова ќе се рефлектира на домашната економија, на реалниот сектор и како и дали воопшто ќе ги афектира банките?
Аргир: Ова е криза која не потекнува од финансиските пазари, но поради распространетоста наглобално ниво и мерките кои се презедоа за справување со пандемијата, ќе има ефект на реалниот сектор и на финансиските пазари, односно и на банките. Каков ќе биде исходот за нашата земја од економски аспект, зависи од структурата на економијата, отвореноста, степенот на интегрираност со останатите економии и кондицијата со која влеговме во кризата. За банките важи истото, со тоа што ние како банка во кризата влеговме со висока ликвидност, квалитетни кредитни портфолија и висока капитализираност. Прекинот на секојдневните бизнис активности, почнувајќи од месец март па наваму, значи прекин на продажбата во тој период, намалување на приходите, а кај некои компании и намалување на бројот на вработени.
Секторите кои беа целосно затворени согласно мерките на Владата ќе имаат најголем удар, бидејќи по двомесечниот застој се очекува да продолжат со значително намален обем на работа во споредба со оној пред кризата и бавна ревитализација со половична работа. Секторите пак, кои се соочуваат со намалено работење, како на пример, трговијата и градежниот сектор, ќе имаат можност да работат, но сè ќе зависи од тоа какво ќе биде расположението на потрошувачите и нивната побарувачка во следниот период. Одредени сектори и индустрии, како на пример малопродажбата, производството и преработката на храна, хемиската и фармацевтска индустрија, во овој период работат со двојно поголем интензитет и остваруваат дури двојно поголеми промети од вообичаените. Ситуацијата е различна и многу зависи од тоа во која индустрија сте се нашле во моментот на кризата, колку подготвени сте влегле во кризата и колку сте биле инвентивни за од оваа кризна ситуација да излезете како победник.
Спецификата кај оваа криза е тоа што сѐ уште не се знае уште колку ќе трае и со колкав интензитет ќе продолжи, така што компаниите не може да планираат што ќе прават понатаму со ангажираните ресурси. Поради прекинот на целиот општествен живот, оваа криза се прелеа како систем на сврзани садови од реалниот сектор во јавниот и има потенцијал да се прелее и во финансискиот сектор доколку потрае подолго.
Банките се афектирани примарно преку падот на продажбата на своите продукти и услуги, како и намалени приходи во работењето заради намаленото оперативно работење на претпријатијата. Дополнително, понудата за одложено плаќање на кредитните обврски ќе има значајно влијание врз паричните текови на банките. Исто така, во периодот по октомври, кога кредитните обврски ќе се вратат во редовна отплата очекуваме и потенцијално влошување на кредитните портфолија. Банкарскиот сектор во Македонија е стабилен и во добра кондиција и сметам дека сите заедно ќе успееме успешно да се справиме и да ја надминеме оваа криза.
Правите ли стратегија за Вашето работење, нови проекции базирани на новата реалност во стопанството, со оглед на тоа што во следниот период и фирмите и граѓаните ќе бидат доста погодени од кризата? Во земјата од тој аспект ќе биде потребна зголемена ликвидност за која банките повторно треба да се вклучат. Дали имате капацитет и пари за тоа?
Аргир: Проекциите и стратегијата на кои во моментов работиме се базираат на податоците со кои располагаме и сценаријата коишто ги очекуваме. На самиот почеток на кризата, тоа беа само прелиминарни податоци и очекувања, но како навлегуваме во развојот на настаните, сѐ повеќе се отвора сликата за реалниот ефект од кризата и очекуваниот прогрес во иднина. Во рамките на кризата, од исклучително значење е да се обезбеди што поголема ликвидност во економијата за компаниите и граѓаните кои би западнале во неликвидност поради ограниченото работење да може да се стабилизираат до моментот кога ќе се воспостави нова рамнотежа на пазарот. Мерките кои во Македонија се спроведуваат во моментот се комбинирани. Банкарскиот сектор понуди мерки за пасивна ликвидност, со тоа што на граѓаните и компаниите им овозможи одложено плаќање на кредитните обврски до 6 месеци, додека Владата пристапи со мерки на активна ликвидност обезбедувајќи бескаматни позајмици и субвенции на платите. По завршување на вонредната состојба, се отвора друг тип на ризик, а тоа е стагнација на економијата, пад на приватната потрошувачка, пад на јавната потрошувачка, пад на надворешно - трговската размена, изгубени работни места, стечаи на компании, влошување на кредитните портфолија кај банките и почеток на финансиска - покрај здравствената криза. Доколку не успееме да ја рестартираме економијата во некоја нова „нормала“ последиците ќе бидат подолготрајни и подлабоки.
Но, она што е важно за нас и за клиентите е тоа дека Банката има висока ликвидност и дека понудата на кредити останува и понатаму активна. Ние сме подготвени да продолжиме со кредитирање, да ги поддржиме нашите клиенти во нивните идни проекти и потреби за рестартирање на нивните бизниси. Морам да нагласам дека НЛБ Банка и во моментот силно ги поддржува и кредитира потребите на физичките лица и компаниите кои решиле да инвестираат или да продолжат со реализација на инвестиционите активности.
Народната банка ја намали референтната камата а ги релаксираше и коефициентите за ликвидност, ги намали обврските по задолжителна резерва и уфрли дополнителна ликвидност преку намалување на износот на благајнички записи што ги запишуваат банките. Ќе значи ли ова и повеќе пари кои вие ќе ги префрлите во стопанството?По какви камати?
Аргир: НЛБ Банка во изминатиот период се карактеризира со висока и стабилна ликвидносна позиција со која непречено се финансираат потребите на населението и на претпријатијата. При тоа, Банката преку понуда на најразлични кредитни продукти во континуитет ги финансира потребите за обртен капитал како и инвестиционите проекти на своите клиенти.
Со воведувањето на мерките од страна на Народната банка и олабавувањето на монетарната политика се обезбедија дополнителни извори на ликвидност кои Банката понатаму ќе продолжи да ги инвестира во реалниот и државниот сектор, давајќи континуирана поддршка на економијата на Република Северна Македонија. При тоа, актуелните каматни стапки по кои Банката ги нуди своите кредитни продукти се и ќе бидат прилагодени на пазарните услови и каматни политики, како и стратегијата на Банката во сегментот - кредитирање. Трендот на намалување на каматните стапки е веќе подолго време присутен и сметам дека ќе продолжи, особено за квалитетните компании и инвестициски проекти.
Централната банка исто така препорача банките да не ја делат како дивиденда добивката од лани. Вие постапивте по насоките, но има ваши колеги кои тоа не го сторија. Како гледате на овој потег од монетарната власт и зошто го прави ова?Доколку се среди состојбата во скоро време, ќе има ли вонредно акционерско собрание за сепак да одлучите да делите дивиденда?
Аргир: Со прогласување на вонредната состојба, Владата и НБРСМ започнаа со воведување и имплементирање на низа вонредни мерки неопходни за зачувување на финансиската стабилност во услови на криза од ,,голем карактер”. Една од тие мерки беше и препораката на НБРСМ до банките за воздржување од исплаќање на дивиденда за акционерите од профитот за 2019 година. Препораката се совпадна и со стратешката определба на НЛБ Групацијата во моментот да не се врши исплата на дивиденда не само кај нас, туку и на сите пазари на Групацијата. Со ваквата одлука како НЛБ Групација уште еднаш силно ја потврдуваме нашата стратегија, фокус и припадност кон регионот и поддршка на економиите во кои сме присутни кога најмногу е потребно!
По консултација со мнозинскиот акционер НЛБ д.д. Љубљана, на годишното Собрание на акционери, беше поднесена и подоцна изгласана одлука со која износот на добивката за 2019 година кој беше наменет за дивиденда, ќе биде оставен како нераспределен без никакви идни оптоварувања, а еден помал дел ќе биде распределен во резерви од каде ќе се користи за планираните капитални инвестиции во основни средства во текот на 2020 година. Оваа одлука беше донесена за да се зајакне и така високата ликвидност и капитализираност на Банката, а со тоа и на целиот банкарски сектор во Република Северна Македонија, односно за да нема одлив на „ЕУР“ ликвидност надвор од земјата во услови на разгорување на кризата и зголемување на неизвесноста. Се работи за потенцијален одлив од 23 милиони евра кои генерално е добро што ќе останат во македонската економија и во банкарскиот сектор, со што индиректно се зголемуваат можностите за финансирање на стопанството и државата. Со оваа одлука силно ја потврдуваме нашата стратешка и системска позиција како силен поддржувач на економијата и стопанството на Македонија!
Вие сте значаен кредитор, па дали и колку е намалена побарувачката за кредити во моментов и од граѓаните и од фирмите, од друга страна пак, кажете ни какво влијание има оваа криза врз штедењето?Каква година очекувате?
Аргир: Ние како банка во кризата влеговме со големи планови за раст во кредитирањето, при што во рамките на 35 - годишниот јубилеј кој оваа година го прославува НЛБ Банка, почнувајќи од март започнавме кампања за кредити за физички лица. За да го одбележиме 35 - годишното постоење и придонесот кој го даваме кон развојот на македонската економија, во рамките на кампањата воведовме нови кредитни продукти со атрактивни услови: значително пониски каматни стапки, олеснети услови за кредитирање, продолжен рок за отплата кај станбените кредити до 35 години и потрошувачки кредити со 35 месеци фиксни каматни стапки, при што тие беа одлично прифатени од страна на клиентите. Поради новонастанатата состојба, интересот за кредити во моментов е значително намален и се очекува овој тренд да продолжи и во следните неколку месеци, особено заради тоа што вообичаено е населението да се воздржува од трошење и задолжување во периоди на криза.
Во зависност од развојот на настаните, зголемен интерес од страна на физичките лица може да се очекува во втората половина од годината или попрецизно кажано во четвртиот квартал, кога се надеваме на постепено стишување на кризата, по што на граѓаните ќе им бидат потребни дополнителни финансиски средства за спроведување на одложените активности. Во сегментот на мали, средни и големи претпријатија побарувачката за кредити е различна, во зависност од типот на дејност со која се занимава претпријатието. Доколку претпријатието не е погодено од кризата, инвестициите продолжуваат и се реализираат континуирано, додека кај дел од претпријатијата погодени од кризата, инвестициите се одложени. Важно е да се напомене дека Банката одобрува и кредити за обртни средства кај компании кои се погодени од кризата со Ковид - 19, со цел ликвидносно да се стабилизираат и да го надминат периодот во кој имаат намален обем на работење. Како кај физичките, така и кај правните лица може да очекуваме потенцијално зголемување на побарувачката за кредити во подоцнежниот период од годината кога претпријатијата ќе имаат потреба од финансиска поддршка за нивните инвестиции и обртни средства со цел заживување на бизнисите и враќање во нормала, но сѐ зависи од идниот развој на кризата. Иако во следниот период се очекува постепено смирување на кризата, сепак треба да ги имаме во предвид и најавите за втор бран, што може да предизвика и подолготрајни негативни ефекти. Заради потенцијалното пролонгирано влијание, особено е важно банките да бидат стабилни, ликвидни и профитабилни за да ги издржат потенцијалните удари и да ги поддржат компаниите и државата кога најмногу ќе им бидат потребни кредити, како и дополнителни средства за ликвидност.
Во однос на депозитите, состојбата е прилично стабилна. Заклучно со 30.4.2020 година имаме пораст на депозитната база на физичките лица од 8,6% во однос на минатата година, што укажува на тоа дека тие покажуваат сѐ повеќе доверба во НЛБ Банка и во банкарскиот сектор, воопшто и своите средства ги чуваат во банките. Очекуваме овој тренд да продолжи и во следниот период со што ќе се одржи стабилноста и структурата на депозитната база. Во однос на очекувањата за движење на депозитите кај правните лица, ќе имаме појасна слика во периодот кој следува и истото ќе зависи од времетраењето на кризата и брзината на опоравувањето на бизнисите во земјата.
Профитабилните компании ја покажаа и својата хумана страна за време на пандемијата и дадоа свој финансиски придонес. На кој начин НЛБ ја покажа својата грижа кон општеството?
Аргир: Општествената одговорност на компаниите и воопшто на поединците во услови на пандемија се исклучително важни. Како општествено одговорна компанија имаме за цел да одговориме на предизвиците кои ни ги наметна оваа пандемија и да го олесниме справувањето со последиците од неа. Изреагиравме брзо и најдовме начин да помогнеме уште на самиот почеток на кризата и прогласувањето на вонредната состојба.
Нашата помош се одвива во повеќе фази и опфаќа различни сегменти од општеството преку применување на повеќе различни мерки, при што вкупниот придонес на Банката кон општеството и економијата во овој период кумулативно ќе изнесува околу 500.000 евра.
На самиот почеток кога за првпат нашата земја се соочи со пандемијата, без размислување сакавме што е можно побрзо да помогнеме на оние кои беа во првите борбени редови. Реализиравме донација од 50 илјади евра, како парична помош за поддршка во напорите на надлежните институции во справување со состојбата со Ковид - 19. Дел од средствата од донацијата, односно 20 илјади евра ги наменивме за набавка на медицински кревети за ЈЗУ Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје со цел опремување на полуинтензивната нега и зголемување на капацитетот на пациенти кои може да бидат третирани за време на борбата со пандемијата. Останатите 30 илјади евра ги дониравме на отворената донаторската сметка на Министерството за здравство на Република Северна Македонија како директна финансиска помош за набавка на стоки, добра и услуги кои се потребни за заштита на населението од корона вирусот. Преку оваа финансиска помош дадовме мал придонес на оние на кои во тој момент им беше најпотребен.
Покрај директната финансиската помош преку донацијата, дополнителен придонес даваме и преку применување на повеќе различни мерки за поддршка на компаниите и граѓаните за да се олесни нивното финансиско оптоварување преку: одложување на примената на одлуката за зголемени провизии во домашниот платен промет, одложување на наплатата на месечна провизија за ПОС терминали со недоволна активност, воведување на целосно бесплатно мобилно и електронско банкарство за физички лица, достава на платежните картички на клиентите на домашна адреса. На овој начин, индиректно, преку намалување и ненаплаќање на трошоци и провизии овозможуваме помош во вредност од околу 350 000 еур. Покрај овие мерки, посветуваме огромна грижа за заштита на здравјето на нашите клиентите и вработени преку обезбедување на заштитна опрема во сите експозитури, засилена дезинфекција на сите простории на Банката, воспоставување на посебен ред за влез во експозитурите со означување на места за чекање за одржување на минималното растојание, како и ангажирање на посебни лица за обезбедување на редот.
Но, приказната не запира овде. Она што го сметам за наша предност како членка на една голема и регионална Групација е можноста да помогнеме не само локално и самостојно како НЛБ Банка Скопје туку и координирано и заеднички со останатите НЛБ членки на едно пошироко и регионално ниво. За таа цел вложивме напори за реализирање на заедничка кампања од страна на сите банки членки на НЛБ Групацијата, каде веќе сме во напредна фаза на реализација на донација со која ќе пружиме поддршка на микро и малите компании од индустриите кои се најзасегнати со последиците од пандемијата. Нивното опстојување и излегување од економската криза игра витална улога во зачувување и одржување на економијата, а наша цел со оваа донација ќе биде да го поддржиме и забрзаме процесот на нивна ревитализација. Се работи за малку поинаков тип на поддршка, каде преку овозможување на закуп на рекламен простор ќе им пружиме помош на фирмите да го заживеат своето работење, при што за оваа цел, заедно со НЛБ дд издвоивме буџет од 100.000 евра.
Ние сме Банка чие срце и припадност се овде, во овој регион, па ќе сториме сè што е во наша моќ, со заеднички напори да се справиме со оваа ситуација. Треба да сме свесни дека во ова сме сите заедно и борбата е заедничка.
Александра Томиќ
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.