13 Ноември, 2019
0.0236

Интервју Арсовска: Неизвесноста е прва причина за мигрирање на компаниите

Објавено во: Економија, Интервјуа 22 Февруари, 2019

Додека домашните компании се борат со ликвидноста, со давачките, со доцнењето во наплатата - економскиот систем го јаде сивата економија. Данела Арсовска претседател на Сојузот на стопански комори во разговор за Фактор отворено зборува за клучните проблеми со кои сега се соочуваат домашните бизнисмени. Вели дека даночните промени сега најмногу ги погодуваат не само лицата кои имаат повисоки примања туку и бизнисмените кои закупуваат деловен простор од физички лица, но и земјоделците. Арсовска очекува позтивни изгледи поради ЕУ и НАТО интеграциите, но спомена и дека некои македонски компании почнале да најавуваат селење на бизнисот во земјите од регионот. Ја прашав прво за политичкиот контекст и очекувањата по раздвижувањето на политички план.

Арсовска: Од аспект на бизнисот безбедносниот момент е важен, но исто така, важно е за луѓето да почувствуваат сигурност во системот. Иако се најавува дека е извесен влезот во Европската унија, тоа нема да се случи наскоро односно согласно изјавите, до 2025 година. На национално ниво неопходно е квалитетно спроведување на неопходните структурни реформи, особено економските реформи иако и останатите имаат значајно влијание на целиот систем како целина. Потребни се реформи во спроведување на владеењето на правото, во борбата со справување со корупцијата, како и во судските инстанци во делот на стопанските спорови бидејќи на приватниот сектор, но и воопшто граѓаните им е потребно да се зголеми вербата во правниот систем.

Оној безбедносен аспект кој го носи најавата за северноатланските интеграции може да биде придобивка меѓутоа е само еден сегмент на тоа што следи, а за интеграција потребна е национална консолидација за квалитетно спроведување на неопходните национални структурни реформи. Ние во континуитет се хармонизираме со законодавството, но во практика истото тешко се имплементира во пракса бидејќи општеството и свесноста не се приспобени на овие брзи транзиции кон системот на европската легислатива. Препораките се законите да не се носат во скратени постапки, а тоа е нешто што и ние конкретно постојано го апелираме. Неопходно е во драфтирањето односно во изготвувањето на регулативата да бидат почитувани оние приниципи кои важат и во самата ЕУ, а тоа е сите засегнати страни да бидат конслултирани додека се подготвува законот и драфтирањето кое треба да е со широка јавна расправа да трае од шест до девет месеци како би се постигнало изготвување на квалитетно и прилагодено решение. Доколку се почитува тој принцип во носењето нова регулатива, нема подоцна да се соочуваме со проблем во нејзината имплементација. Кај нас тоа често не е случај и затоа во имплементацијата се соочуваме со проблеми.

Политиката многу влијаеше, ама секако важно ви е што има барем некаква извесност или?

Арсовска: Изгледите се позитивни, но ние во континуитет постојано сме во политичка неизвесност. На приватниот сектор, позитивните сигнали му се важни, иако уште поважно е тоа да се рефлектира во практика како и ветувањата доследно да се исполнуваат. Постојано укажуваме дека мора веднаш да се отпочне со остварување на неопходните мерки за раст на стопанството, компаниите се во грч, не инвестираат иако имаат желба за тоа. Фокусирани се на завршување на оние проекти кои им се отпочнати со минимални инвестиции, не сакаат да ризикуваат со големи средства, затоа што големиот ризик може да донесе и голема загуба.


Во каква кондиција е сега бизнис секторот? Како работат македонските стопанственици?

Арсовска: Домашните компании се борат со ликвидноста. Тие го плаќаат данокот од кризата која ја имавме во последните години. Растот кој го имавме се спушти на ниво кое не е задоволително. Целиме кон некој иден раст и се најавува дека 2019 ќе биде економска година, но дали ќе биде така не можеме да предвидиме затоа што не сме сигурни какви ќе бидат состојбите во целокупното општество. Се најавуваа и предвремени парламентарни избори, знаеме дека ќе има претседателски избори. Кога има кампањи, неизбежно е чинителите во општеството да се фокусирани на своите кампањи и на своите кандидати, а не толку на остварување на целите кои ни се најпотребни за раст. Постојат реални предизвици кои доколку не се адресираат сега, може и оваа година да ја поминеме во стагнација, а се зависи од првите два квартали од кои првиот тече. За економска стабилност, потребна ни е политичка стабилност и да се покаже волја, да се намали поларизацијата меѓу политичките чинители, бидејќи на крајот како ќе се води националната економија доколку нема развиено национално стопанство.

Рековте ликвидноста, но со кои други проблеми се соочува стопанството?

Арсовска: Најголемиот проблем е сивата економија со која приватниот сектор се бори контиуирано. Компаниите сметаат дека недоволно брзо се адресира овој проблем, кој можеби и дополнително ќе се продлабочи со промените во персоналниот данок на доход. Сивата економија е една зона во која нерегистрирани субјекти функционираат и немаат никаков страв дека ќе имаат какви било последици од нивното работење. За нив нема инспекциски служби, нема наплата на индустриска струја и високи индустриски трошоци, не плаќаат никакви даноци. Таа е сигурна зона, во која се работи без правила и нема одговарност за тоа. Според наши анализи, но и согласно бројките на меѓународните финансиски институции, над 30 отсто од вкупната економија е во сива зона што е поразителен факт. Кога компаниите се соочуваат со нелојална конкуренција која е 50 проценти поконкурентна на пазарот и работи во сивата зона, нормално дека тие се борат на секој начин за да ги покријат трошоците и обездедат егсистенција. Ситуацијата во малите и средни претпријатија е особено алармантна.


Владата очекува раст на БДП преку раст на платите и стимулирање на приватната потрошувачка. Минималната плата еднаш порасна а се најавува и ново законско зголемување. Има ли некоја опасност во овој концепт?

Арсовска: Потребно е да се погледне структурата на самата економија и сите услови на кои нашата економија функционира. Моментот сега не е погоден, македонската економија е кршлива, приватниот сектор се бори со недостаток на специфична квалификувана работна сила, со сивата економија, со одржување на ликвидноста, со наплатата, а во состојба на политички превирања. Постои нестабилна економска состојба во која не е вистинскиот момент да се прават реформи во оваа насока, особено не во промена на Законот за минимална плата затоа што тоа ќе има повеќе негативни отколку позитивни последици како што и беше истакнато во најновите извештаи на ММФ. Нашиот став, принципиелно е дека платите треба да бидат повисоки, но да имаме национална стартегија која треба да има зацртани цели за подобрување на продуктивноста на приватниот сектор, за обезбедување стабилен пласман на македонски производи, зголемување на бројот на компании кои извезуваат. Откако сето тоа ќе се постигне платите природно ќе пораснат, но да се наметнува вештачко зголемување на платите во услови на непродуктивност само ќе го зголеми преминувањето во неформалниот сектор. Тоа го покажуваат и анализите на меѓународните финансиски институции, според кои доколку се прибегне кон зголемување на минимална плата голема е веројатноста дека ќе се зголеми работата на црно. Во моментов имаме над 20 проценти стапка на невработеност, што е на историски најниско ниво, но бројот на млади луѓе кои се невработени е над 48 отсто и тоа е една поразителна бројка. Со зголемувањето на минималната плата се таргетираат трудоинтензивните дејности кои често немаат можност да поделат повисока плата затоа што тие дејности имаат голем обрт, но мала заработка и таму трошоците за плати се голема ставка во вкупните трошоци, бидејќи самата бројност на вработени лица им е неопходна за вршењето на дејноста. Можеби поголем ефект ќе има, во соработка со институциите да им се обезбеди поголем и сигурен пласман или дури поддршка за брендирање и промоција на производите кои би ги пласирале на странските пазари. На овој начин би се нема да има потреба од вештачко покачување во форма на законско решение, и би се овозможило природно да се зголемат платите, како состојба која ќе биде оддржлива подолгорочно.


Правилно ли е социјално тарегетирање за поправеден систем?

Арсовска: Тоа е политички концепт за кој чинителите на власта на крајот самите одлучуваат. Одговорноста подоцна како и придобивките доколку ги има, се на носителите на политичката одлука. Македонската економија е пазарно ориентирана економија, и веруваме дека економскиот тим на Владата работи на растот на економијата за до крајот до 2019 година да видиме позитивни резултати. Неопходно е на најранливите категории да им се помогне, но за тоа да постои јасно воспоставен систем и механизми низ кои ќе се спроведува.

Владата со законски измени а и некако брзо измени неколку клучни закони во државата, па сега зголемени се придонесите, воведен е прогресивен данок на личен доход. Се смени и законот за данокот на добивка. Немавте многу време за реакции,од овој аспект, како гледате на овие измени? Кој ќе биде погоден и како? Кој е добитник кој губитник?

Арсовска: Првичните пресметки беа дека оваа најавена мини даночна реформа нема да има некој поголем ефект за целокупниот буџет, а нашите реакции во најголема мера беа на начинот на кој беа донесени измените на законот, во постапка во која немавме можност за сугестии за евентуално подобрување. Сметавме дека постои простор за поинакви измени во одночувањето, а најмногу во делот кој ќе ги погоди вршителите на земјоделска дејност како група на учесници во стопанството кои се соочуваат со многу предизвици. За нив потребна е стимулација на нивниот раст и развој, нивно окрупнување, обезбедување соодветен пласман за производите. Како што рековте и самите, измените беа донесени многу брзо, не дадовме забелешки во процесот на изготвување бидејќи како комори не бевме вклучени, а ефектите допрва ќе ги видиме. Имаме иницијални реакции особено од оние компани од приватниот сектор кој закупуват деловен простор од физички лица каде зголемувањето на данокот предизвика зголемување на нивните трошоци, особено кај фирми кои користат поголем број деловни единици. На компаниите не им беше пресметан овој трошок во финансиските планови за 2019 затоа што измените на законот беа најавени на крајот на годината, а тоа претставува и дополнително непредвидено финансиско оптоварување.

Државата проектира секоја година се поголем буџет, растат и долговите, засега слаба е реализацијата на капиталните инвестиции. Во кои постулати од фискалната политика сметате дека има проблем. Како треба државата да ја креира политиката во следниот период.

Арсовска: Непоходно е фокусирање на реализација на капиталните инвестиции особено на инфраструктурните проекти во делот на изградбата на коридорите затоа што поврзувањето на Македонија е неопходно особено за компаните кои се извозно ориентирани и партнери имаат  во западно европските земји како традиционално најголем пазар во надворешно трговската размена. Неопходно е продуктивно трошење и фокус кон капиталните проекти затоа што тоа беше и начин на развој на градежништво кое со години е двигател на економскиот раст и како сектор директно е поврзан со над 20 други стопански гранки.


Поддршка од државата сега добиваат и домашните компании, не само странските. Каков ефект има ова за домашното стопанство?

Арсовска: Сите закони кои се во функција на поддршка на стопанството се позитивни. Оваа мерка ќе има бенефит, иако генерално де јуре и де факто и претходно, поволностите за влез во развојните зони не ограничуваа пристап на домашните компании, но самиот услов за технолошки напредна дејност беше со лимитиран опсег. Условите сега се транспарентни и олеснети така што може секоја компанија да аплицира и да биде корисник на тие поволности. Она што го детектиравме минатата година е дека и покрај тоа што таргетот беше да се стимулираат успешните компании, имаше и такви примери каде компании кои со години успешно работеле, но поради економските прилики и неизвесноста во последната година, не оствариле раст со што не се во можност да ги користат поволностите. Нашите забелешки кои ги доставуваме со цел идно подобрување на условите, се да се гледа целокупното портфолио и бонитет на компаниите кои сакаат да аплицираат.

Арсовска што му е најпотребно на стопанството во моментов?

Арсовска: Она што му треба најмногу е извесна дерегулација, особено за малите и средни претпријатија, за што постојат позитивни примери од регионот. Една од државите која беше дадена како пример за прогресивното оданочување, во исто време, е и држава во која има комплетна дерегулација во првите неколку години по основањето на компанија што е особено важно за малите компании и претприемачите. Даночно слободување во првите години и други даночни олеснувања кои им се оптоварување при отпочнување на бизнис е значајно и потребно за раст на претпријатијата.

Компаниите реагираат и на парафискалните давачки, кои се предвидени во други прописи, со кои тие секојдневно се соочуваат и им генерираат дополнителни трошоци кои не им се предвидени со секојдневното работење и сериозно влијаат на нивната конкурентност.

Борбата со сивата економија, секако е клучна. Институциите мора да изнајдат механизам за регистрирање на оние кои се во сивата зона а прават огромни профити, како би се елиминирала нелојалната конкуренција, при што најдобра е можноста да одлучат да влезат во системот доколку сакаат да работат регистрирано и да плаќаат даноци како сите регистрирани субјекти. Доколку тоа не е можно втора опција е да се спречи да вршат дејност и да се применува доследно Законот за забрана за вршење на нерегистрирана дејност. Тоа нека биде позитивен исчекор во насока на примена на владеењето на правото и борбата во справувањето со корупцијата.

Александра Томиќ

Можеби ќе ве интересира

ТЕЖОК УДАР ЗА ГЕРМАНИЈА: Еве кој им сврте грб

ТЕЖОК УДАР ЗА ГЕРМАНИЈА: Еве кој им сврте грб

Со Буџетот не поткупуваме, туку вложуваме во народот, тврди Заев

Со Буџетот не поткупуваме, туку вложуваме во народот, тврди Заев

ВМРО-ДПМНЕ: Заев најде пари за се, освен за капитални инвестиции кои носат трајна вредност

ВМРО-ДПМНЕ: Заев најде пари за се, освен за капитални инвестиции кои носат трајна вредност

БУЏЕТ: Најмногу пари за здравството, образованието и социјалната заштита

БУЏЕТ: Најмногу пари за здравството, образованието и социјалната заштита

Заев: Коморите ќе дадат предлог кој ќе го наследи Анѓушев

Заев: Коморите ќе дадат предлог кој ќе го наследи Анѓушев

СКОКНАА цените на бензинот и дизелот

СКОКНАА цените на бензинот и дизелот

Генералниот директор на Сава осигурување си заминува од лични причини

Генералниот директор на Сава осигурување си заминува од лични причини

Приходите на УСЈЕ надминаа 56 милиони евра за девет месеци

Приходите на УСЈЕ надминаа 56 милиони евра за девет месеци

ЌЕ ИМА ЛИ МЕГА БУЏЕТ ЗА ПЛАТИ И ПЕНЗИИ - Владата ќе го каже конечниот збор

ЌЕ ИМА ЛИ МЕГА БУЏЕТ ЗА ПЛАТИ И ПЕНЗИИ - Владата ќе го каже конечниот збор