23 Април, 2024
0.2145

Интервју со Метин Батак, Генерален директор на ТАВ Македонија

ИНТЕРВЈУ БАТАК: Сите сезонски летови кон Охрид се неизвесни, ковид и забраните за патување на Македонците го намалија сообраќајот за 70 отсто и годинава

Објавено во: Економија, Интервјуа 25 Март, 2021

Добивај вести на Viber

Неизвесни авиолинии во летниот ред на летање кој почнува на крајот на месецов, но и многу други предизвици се пред менаџментот на ТАВ Македонија. Воздухопловната индустрија беше една од најпогодените минатата година, а кризата се уште не е надмината. Во ексклузивно интервју за Фактор генералниот директор на компанијата која е дел од групацијата ТАВ аеродроми вели дека приходите се намалиле лани, патничкиот сообраќај паднал за над 70 отсто, а трендот продолжува и годинава кога во првите два месеци има пад на сообраќајот за 70 отсто во однос на истиот период минатата година. Батак вели дека по отворањето во јули, голема пречка за реализација на поголем број летови е забраната за патување на македонските граѓани во земји од Европската унија откако поради ковид тие воведоа дополнително ограничување за таканаречени „трети земји“ меѓу кои е и Македонија.

Батак: Кризата со КОВИД-19 претставува огромен удар врз два големи економски сектора што се тесно поврзани - транспортот и туризмот. Авијацијата, како дел од транспортниот сектор и алка од синџирот на туристичката индустрија, претрпе најмногу.Авијацијата е најнегативно погоден сектор на светско ниво.Оттука, 2020 година беше една од најтешките години за целата индустрија и следствено на тоа и за нашиот бизнис.

ТАВ Аеродроми, како групација, како и ТАВ Македонија, беше и сè уште се засегнати од кризата.

Како што веќе знаете, двата аеродрома, во Скопје и Охрид, беа затворени за комерцијални летови во период од 3,5 месеци минатата година, од средината на март до 1 јули, 2020 година, што значи дека немавме никакви приходи во овој период.

Кога повторно ги отворивме двата аеродрома, се соочивме со нов предизвик – земјите од ЕУ/Шенген зоната наметнаа забрана за патување за македонските граѓани, што значи дека лицата со македонски пасоши не можат да влезат во ниту една ЕУ земја, освен ако не приложат одреден тип на виза, или ако се работи за медицински персонал, дипломати или други есенцијални работници дефинирани од ЕУ.

Ова е сериозен предизвик за нашиот бизнис и работењето, бидејќи преку 77 отсто од македонскиот патнички сообраќај е концентриран на дестинации во ЕУ.

Како резултат на погоре споменатото, ТАВ Македонија ја заврши 2020 година со пад од 71 отсто на патничкиот сообраќај.

Индикаторите за 2020 година за групацијата ТАВ Аеродроми се слични.Вкупниот патнички сообраќај на сите 13 аеродорми на групацијата е намален за 70 проценти на годишно ниво.Покрај двата македонски аеродрома во Скопје и Охрид, ТАВ Аеродроми управува со 5 аеродроми во Турција (Анкара, Измир, Бодрум, Анталија и Аланија), еден во Саудиска Арабија (Медина), два аеродрома во Тунис (Монастир и Енфида), два аеродрома во Грузија (Тбилиси и Батуми) и еден аеродром во Хрватска (Загреб).

ПАД НА ПРИХОДИТЕ НА ГРУПАЦИЈАТА ОД 60 ОТСТО

Забележавте пад на приходите, секако, поради затворањето на аеродормите, што значајно го намали бројот на патници.Кои се конечните бројки за минатата година?

Батак: Секако дека падот во патничкиот сообраќај води до намалување на финансиите.Согласно финансиските резултати на групацијата ТАВ Аеродроми, вкупните приходи за 2020 година, на ниво на групацијата се намалени за 60  отсто.

Нормално, затворањето на границите и рестрикциите за патување поради КОВИД-19, во првата половина на 2020 година, имаа најсилен ефект врз сите пазари во рамки на групацијата ТАВ.

Сепак, македонскиот пазар си има свои специфики. По отворањето на границите на државата, имавме дополнителен предизвик за решавање – веќе споменатите забрани за патување изречени од страна на земјите во ЕУ/Шенген за лицата со македонски пасоши. Тоа практично значи дека македонски државјани не можат да влезат во ниту една земја во ЕУ/Шенген ако немаат да приложат одреден тип на виза, или ако не се суштински работници.


Поради ограничувањата предизвиците значи остануваат и годинава. Какви се показателите за патничкиот сообраќај во првите месеци годинава. Како ова се одразува на финансиското работење на компанијата?

Батак: За жал, нема прогрес во првите два месеца од 2020 година, патничкиот сообраќај на двата македонски аеродрома во јануари и февруари 2021, споредено со истиот период во 2020 година, кога и пандемијата сè уште не беше започната, е опаднат за 70 отсто. Во текот на изминитатите два месеца, двата аеродорма во Скопје и Охрид опслужија 104.096 патници, додека во истиот период во 2020 година имавме вкупно 350.708 патници на двата македонски аеродрома.

Главниот фактор за закрепнување на авиосообраќајот е забраната за патување за македонски државјани во земјите од ЕУ/Шенген.Ако, и кога, овие рестрикции ќе бидат отстранети и луѓето ќе почнат повторно да патуваат заради туристички цели, тогаш можеме да очекуваме враќање на патничкиот сообраќај на нивоата што ги имавме пред кризата.

Со патнички сообраќај намален за 70 отсто и со пад од 55 проценти на бројот на летови во првите два месеца од 2021 година, нормално е да имаме и намалени приходи, па затоа се обидуваме  да го одржиме готовинскиот тек и да го водиме бизнисот во прилично изменето деловно опкружување. 

НОВИ ПРОТОКОЛИ – ЦЕЛОСНА ЗАШТИТА

Истекува и третиот месец од првиот квартал од 2021 година, година што треба да биде година на економски закрепнување.Велите дека ситуацијата не е подобрена значајно, кои се сепак вашите очекувања во однос на ТАВ Македонија?

Батак: Се надеваме дека 2021 ќе биде година на економско закрепнување на светско ниво. За тоа да се случи, владите ширум целиот свет треба да работат заеднички со цел да ги поддржат економиите, особено меѓународно изложените бизниси кои инвестираат во нови и засилени мерки за здравје и безбедност, бизниси кои приспособуваат работни процеси со цел да станат побезбедни за нивните вработени и за клиентите во исто време.

Како аеродромски оператор, ние сме еден од тие бизниси. Го приспособивме нашиот бизнис, согласно барањата на домашните власти, но исто така и согласно барањата на странските држави, во однос на превенција против КОВИД-10 во воздухопловството.

Од повторното отворање на скопскиот и охридскиот аеродром во јули 2020 година, имплементиравме нов аеродромски Протокол за работа во услови на пандемија, врз основа на кој ги воведовме и новите заштитни мерки за патниците, додека тие се во терминалната зграда, како и за нашиот персонал.

Носењето маска, држењето растојание и избегнувањето физички контакт со луѓе и предмети се само некои од главните правила, бидејќи аеродромската зграда е затворен простор.


На самиот влез се мери телесна температура на патниците со термална камера, а средства за дезинфекција на раце има поставено на повеќе позиции.Само патниците кои имаат авио-билети смеат да влезат во аеродромите. Чистењето и дезинфекцијата на сите аеродромски површини се интензивирани.

Врз основа на овие имплементирани мерки за здравјето и безбедноста, се здобивме со Здравствениот сертификат од Меѓународниот Совет на Аеродроми во октомври 2020 година. Ние сме меѓу 275-те аеродроми на светско ниво коишто беа акредитирани преку програмата за акредитација на Меѓународниот Совет на Аеродроми.

Веќе го приспособивте работењето кон новите околности – каква е организацијата, како функционирате по повторното отворање, во услови на продолжена пандемија?

Батак: Во однос на мерките за здравје и безбедност, како што веќе напоменав, ние го имплементиравме новиот аеродромски Протокол за работење во услови на пандемија, во кој се опфатени сите најдобри практики на аеродромите ширум светотсо цел спречување на внес и ширење на КОВИД-19 во аеродромските простории. Целта е заштита и на нашиот персонал и на патниците.За оваа цел, ги следевме глобалните воздухопловни власти, како и националните здравствени власти во однос на имплементацијата на домашните правила и регулативите за затворен простор.  За враќање на довербата кон безбедноста на патувањето со авион, најважно е патниците да се чувствуваат безбедно и да согледаат што имаме спроведено за нивна заштита.Да увидат дека сите можни мерки за хигиена и заштита се на сила, со цел тие да имаат релаксирани патувања преку аеродромите во Скопје и Охрид.

Најдобар доказ дека нашите патници се задоволни со хигиенските мерки на Меѓународниот Аеродром Скопје е наградата за Квалитет на аеродромски услуги што ја добивме за 2020 година, во две категории:„Најдобар аеродром согласно хигиенски мерки во регионот на Европа“ и „Најдобар аеродром во својата големина, во регионот на Европа“. Оваа награда е доделена од Меѓународниот Совет на Аеродроми, што е една од најпознатите авијациски организации, чиишто членови се аеродроми од целиот свет.Ова е 6-ти пат како скопскиот аеродром ја добива наградата за Квалитет на аеродромските услуги (ASQ), откако претходно бевме наградени во 2019, 2018, 2015, 2013 и 2012 година. Наградата за Квалитет на аеродромските услуги (ASQ) е базирана врз резултатите од анкетата за квалитет на аеродромските услуги, преку која се мери задоволството на патниците од аеродромските услуги преку 34 клучни индикатори. Анкетата се прави на патниците во заминување, додека тие чекаат да се качат во авион.


Ќе продолжиме да работиме во оваа насока – да ги следиме глобалните трендови во авијацијата во однос на имплементација на заштитни мерки за КОВИД-19 и да го слушаме мислењето на нашите клиенти и нивните променети потреби и очекувања, бидејќи ние сме услужно ориентирана индустрија.   

ТЕСТОВИ ЗА КОВИД ПРЕД КАЧУВАЊЕ ВО АВИОН

Имунизацијата не се одвива како што беше очекувано, дури и во Европа, па и во Македонија.Од друга страна таа е важен фактор за ослободување на патувањата. Каква е вашата стратегија за следниот период?

Батак: Исто како и за забраната за патување од ЕУ-државите за македонските граѓани, вакцинацијата не е прашање за кое ние како аеродромски оператор можеме да влијаеме, иако сме свесни дека тоа силно влијае врз перспективата на нашиот бизнис.

Затоа, се трудиме да го дадеме најдоброто од себе во рамки на нашиот делокруг и моќ за да се движиме напред.

Во оваа насока, донесовме овластена лабораторија на аеродромот која врши КОВИД-19 тестови, признаени од СЗО. Негативен тест за КОВИД-19 стана предуслов за качување во авионски лет и се бара од страна на земјите од ЕУ, Турција, САД, итн.Некои од државите, како Холандија, бараат негативен брз антиген тест не постар од 4 часа пред качување во авион, што ги комплицира патувањата, па затоа најдовме решение преку тоа што овозможивме поставување на монтажен објект за тестирање на аеродромот, каде што нашите патници можат да направат тест пред да почнат со аеродромските процедури.

Дури и пред тестовите за КОВИД-19 да станат услов за влез во голем број држави, особено за патување со авион, ние како ТАВ Македонија се вклучивме во глобалната иницијатива предводена од IATA и ACI, каде се бараше владите ширум светот да ги тргнат ограничувањата за патување доколку систематски пристап за тестирање за КОВИД-19 се воведе и спроведува на аеродромите.  


Оваа заедничка глобална иницијатива за тестирање за КОВИД-19 пред качување во авион, почна од чинителите на воздухопловната индустрија, како што е Меѓународниот Совет на Аеродроми, за потоа да резултира со најновото предлог-решение на Европската Комисија, објавено на 17-ти март 2021 година. ЕК предвидува воведување на т.н. „Дигитални зелени сертификати“ кои ќе го олеснат слободното движење на граѓаните во ЕУ за време на КОВИД-19 пандемијата. Овие сертификати ќе содржат информација дали патникот е вакциниран против КОВИД-19, дали има негативен резултат од тест за КОВИД-19 и дали патникот има прележано КОВИД-19. Сертификатите ќе се издаваат преку националните здравствени власти, во печатена форма и во дигитална  верзија и ќе содржат QR-код, за да можат лесно да се читаат од персоналот на аеродромите и авиокомпаниите.

ЕК сè уште работи на правната рамка и координација за издавање на овие сертификати, верификација и прием на сертификатите во рамки на земјите во ЕУ, со цел воспоставување унифициран пристап. Како што е објаснето во нивната објава за „Дигиталните зелени сертификати”, таквиот документ ќе овозможи лицата кои не се вакцинирани или сè уште немале можност да се вакцинираат, да имаат полза од овааинтероперативната рамка. Ова значи дека доколку некој кој има негативен тест, но не е вакциниран, ќе може да се движи слободно. 

Меѓутоа, ова е рамка што ќе се применува во рамки на ЕУ.Како нашата земја ќе се приспособи кон оваа иницијатива, зависи од одлуките на земјите од  ЕУ/Шенген зоната за граѓаните на Република Северна Македонија, кои припаѓаат на групата наречена „трети земји”, согласно дефиницијата на ЕУ/Шенген.

Севкупно, перспективите на македонскиот авиосообраќај ќе останат зависни од владините одлуки во врска со КОВИД-19.

ЌЕ НИ ТРЕБААТ ГОДИНИ ДА СЕ ВРАТИМЕ

Од овој аспект, македонската економија сериозно претрпе штети поради кризата. Дали сметате дека процесот на закрепнување доаѓа, дали ви треба дополнителна владина помош и каква помош ви треба?

Батак:Аеродромите беа затворени, движењето на луѓето запрено, но транспортот на стоки никогаш не застана. Тоа е голем индикатор ако сакаме да ја анализираме ефикасноста на некои бизниси и потрошувачката во целина за минатата година.

За авијацијата и македонските аеродроми, закрепнувањето ќе биде бавно.Ќе требаат години, за да се вратиме на нивоата на авиосообраќајот пред кризата, имајќи ги на ум веќе објаснетите измени за безбедно патување во ЕУ, кои сè уште се случуваат, а за кои ние треба да најдеме начин, место, во рамки на тој план, бидејќи преку 77 проценти од дестинациите од аеродромите во Скопје и Охрид, се концентрирани во географска Европа.

Како аеродромски оператор, секако ги земаме предвид и промените кои ги доживуваат и самите авиокомпании поради кризата со КОВИД-19, што резултира со промени во нивните мрежи на авиолинии, бидејќи и тие се трудат да преживеат и да работат рентабилно.

Отсекогаш сме имале добра соработка со Владата, Министерство за транспорт и врски, како и со надлежните владини тела, па поради тоа, ние силно веруваме дека истата соработка ќе продолжи и во иднина.Поддршката на Владата како наш партнер е од огромна важност за закрепнување на воздушниот сообраќај.

Какви инвестиции планирате за оваа година, какви новини?

Батак: Во однос на управувањето со бизнисот во променетата и исклучително нестабилна деловна средина, ние се фокусираме на одржување на готовинскиот тек и навремена исплата кон засегнатите страни, вклучително и кон нашите вработени, без оглед на драматично намалените приходи.

ЛЕТОВИТЕ КОН ДОХА И ДУБАИ НЕМА ДА БИДАТ ОБНОВЕНИ

Во октомври минатата година бевте назначен за Генерален директор на ТАВ Македонија.Каков квалитет односно промени внесувате во вашата работа?

Батак:Покрај фактот што сега сум генерален директор, дури и кога бев на функцијата  заменик генерален директор и менаџер за финансии на почетокот кога ТАВ Аеродроми дојде на пазарот, јас бев постојано инволвиран во процесот на носење на сите главни одлуки во компанијата. Така функционира нашата структура на управување.

Моментално, поради КОВИД-19 кризата се соочуваме со тежок период.Секако, како менаџер јас сум тука да се справам со ситуацијата, без разлика колку е непријатна. Ова се однесува и за мене, и за мојот тим на менаџери.Како лидери, секогаш треба да може да се смета на нас и ние сме одговорни за секоја поединечна ситуација. Како лидери мора да имаме капацитет да ги водиме луѓето и бизнисот кога работите одат по правилен тек, но во тешки ситуации. Што се однесува до промените во процесите на управување во оваа КОВИД-19 криза, ние работиме понапорно, пофокусирано и многу добро координирано.Текот на работењето треба да биде колку што е можно поефикасен.Заедно со мојот тим на менаџери вложуваме повеќе напори во наоѓање на најдобрите решенија за секој аспект на моменталната состојба на нашиот бизнис.


Во изминатиот период некои авиолинии беа откажани, но исто така имаше и најави за нови летови. Каква е ситуацијата во однос на ова, можеме ли да очекуваме нови летови од скопскиот аеродром или откажување на некоја од веќе воведените авиолинии?

Батак: Во моментот се подготвува летниот ред на летање, и за двата аеродрома, и за скопскиот и за охридскиот, а истото се прави врз основа на најавите што постојано ги добиваме од авиокомпаниите.Летната сезона на аеродромите почнува на крајот од март и трае до крајот на октомври. Сè уште не можеме да го кажеме точниот број на дестинации од скопскиот и од охридскиот аеродром за летната сезона, бидејќи авиокомпаниите прават промени сè до последниот момент.

Моментално, во рамки на зимскиот ред на летање, од скопскиот аеродром имаме 22 дестинации со 10 авиокомпании, додека од охридскиот аеродром има 2 дестинации со 2 авиокомпании.

Во врска со некои од дестинациите што ги имавме од скопскиот аеродром, пред почетокот на пандемијата со КОВИД-19 минатата година, како Доха (Qatar Airways) и Дубаи (FlyDubai), коишто нашите патници ги користеа како транзитни точки за прекуокеански летови, веќе знаеме дека нема да бидат обновени со почетокот на летната сезона 2021 година.Само летот до Атина на Aegean Airlines повторно сообраќа од февруари 2021 година, откако овие летови меѓу Скопје и Атина беа прекинати со затворањето на скопскиот аеродром минатиот март.

На охридскиот аеродром, сите сезонски летови што беа прекинати минатата година, се уште не се сигурни за следната летна сезона.Како што знаете имавме многу сезонски летови од Амстердам, Брисел, Лондон, Катовице, Тел Авив, Истанбул, како и редовните авиолинии на Wizz Air до германските градови.Со овие летови, туристи од Холандија, Турција, Полска, Данска, Израел и други земји доаѓаа на брегот на прекрасното Охридско Езеро.Иако има најави од авиокомпаниите, во моментов не можеме да кажеме со сигурност дали и кои од овие сезонски авиолинии ќе сообраќаат повторно и во текот на летната сезона од 2021 година.

 Александра Томиќ


Можеби ќе ве интересира

ПОТРЕБНИ СЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ЖИВОТ: Минималната кошничка за април достигна 1.000 евра

ПОТРЕБНИ СЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ЖИВОТ: Минималната кошничка за април достигна 1.000 евра

НЕИЗВЕСНО: Дали ќе поскапи лебот?

НЕИЗВЕСНО: Дали ќе поскапи лебот?

ГЕРМАНСКИ СИНЏИР ГИ ОТВОРА СВОИТЕ ПРВИ СУПЕРМАРКЕТИ ВО СРБИЈА - еве каде сѐ ги има и каква храна ќе се продава

ГЕРМАНСКИ СИНЏИР ГИ ОТВОРА СВОИТЕ ПРВИ СУПЕРМАРКЕТИ ВО СРБИЈА - еве каде сѐ ги има и каква храна ќе се продава

„Лесно е да креирате политика со 2.500 евра, тешко е да преживеете со 22.500 денари“: Трендафилов - ќе бараме зголемување на минималната плата

„Лесно е да креирате политика со 2.500 евра, тешко е да преживеете со 22.500 денари“: Трендафилов - ќе бараме зголемување на минималната плата

Ангелоски: Кога ќе прогласите неработен ден во среда, негативно сте ја решиле цела недела

Ангелоски: Кога ќе прогласите неработен ден во среда, негативно сте ја решиле цела недела

Пазарен и трудов инспекторат утре ќе контролираат кој работи

Пазарен и трудов инспекторат утре ќе контролираат кој работи

ДВЕ ДАМИ ДА ВЛЕЗАТ ВО ОДБОРОТ НА ДИРЕКТОРИ НА „ЕВРОПА“ - предлог на акционер од фабриката за чоколади

ДВЕ ДАМИ ДА ВЛЕЗАТ ВО ОДБОРОТ НА ДИРЕКТОРИ НА „ЕВРОПА“ - предлог на акционер од фабриката за чоколади

КОЈ ПЛАТИ 93 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА 55 АКЦИИ - „Реплек“ станува сѐ поинтересен за инвеститорите

КОЈ ПЛАТИ 93 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА 55 АКЦИИ - „Реплек“ станува сѐ поинтересен за инвеститорите

КОЈ ЗАРАБОТИ 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА ОД ИЗВОЗ НА ЈАГНЕШКО ЗА КАТОЛИЧКИ ВЕЛИГДЕН? Целиот извоз бил пласиран во Хрватска

КОЈ ЗАРАБОТИ 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА ОД ИЗВОЗ НА ЈАГНЕШКО ЗА КАТОЛИЧКИ ВЕЛИГДЕН? Целиот извоз бил пласиран во Хрватска