ИНТЕРВЈУ БОЈАН ТРИФУНОВСКИ, режисер: Не сакам да се каам што останав во нашава Румелија!
Објавено во: Економија 19 Јули, 2016 08:33
Генерациите го изгубија тлото под нозете затоа што сфатија дека образованието не е никаква гаранција за подобар живот и посреќно општество. Родителите го загубија правото да го користат духовното, културното, стручното наобразување како аргумент за сигурна иднина. Во свет во кој се гази преку лешеви за поголема квадратура, стана нормално чесноста од доблест да се перцепира како слабост .
Луѓе си заминуваат од Македонија во потрагата по фер плеј, потрагата по вредност на еднаквост помеѓу вложениот труд и наградата. Политичка детоксификација; професионална надоградба; секс, легална дрога и Ирски севдах. Јас сум единственото машко од моето семејство кое остана во Румелија (Македонија). Не сакам да се каам за таа одлука. Ова се само дел од искажувањата на Бојан Трифуновски.
Режисерот на „Нешто пропуштаме" , „Пат околу светот“ , „Празен град“... во интервју за Фактор вели дека театарот е во константна состојба на умирање.
Она што мораме конечно да го воспоставиме е систем на правила и вредности кои ќе ја надминат дневно политичката борба за евро повеќе. Уметноста на воспоставување комуникација со примачот на истата е доведена во прашање заради катастрофално нискиот праг на очекувања. Луѓето се гладни за чисти и јасни патокази , вели Бојан Трифуновски .
Разговараше Горазд Чомовски
Фактор: Зошто наместо да се прави таканаречен политички театар, театарот, често се става во функција на политиката и зошто уметниците не можат да го одбранат тетарот од политиката?
Трифуновски: Театарот не е омнипотентен и следствено не е имун, како и сите други сфери на живеењето, на негативните влијанија од политизацијата на општеството. Ми се чини дека потребата да се создава политички ангажиран театар не се сведува само на формата наречена политички театар. Многу други театарски форми можат да го понесат реакционизмот на духот на времето и нужната идеја на театарот како коректив за негативните појави во општеството. Кога сите од сопствените политички видувања и концепти, би генерирале концепти за подобро живеење внатре во своите уметнички дела, тогаш би имале здрав почеток за размена на идеи и визии. Во меѓувреме, уметниците со различни методи и со различен импакт или гласност придонесуваат за развој на граѓанското општество, националната свест или (comfortably numb) состојбата на комотна апатија. Кој за што учел?
Светот е сменет на полошо. Коментарот е посилен од делото. Сите имаат пристап до секоја информација, која не е информација туку тенденциозно толкување во 90 насто од случаите. Во таква состојба нема јасен сигнал за реалноста како објект и царува шумот. Сега сме сведоци на последиците од метастазата на таквите шумови кои ја напаѓаат сржта на уметникот и го поставуваат на колена пред едниот од неговите природни антиподи – политичарот.
Фактор: Како гледате на уметничкиот ангажман во дневната политика и поделеност помеѓу актерската и режисерската фела?
Трифуновски: Сосема природно ги доживувам поделбите. Она што недостасува е натпревар помеѓу концептите на поделените. За такво нешто е потребна дебата. За некого е доволно таа дебата да биде на ниво на метафори во делата што ги создаваат, а за некого директниот (прст во око) пристап. Никој не мора со никого да се сложи за ништо. Но оние кои што се одговорни за носење одлуки кои ја оформуваат уметничката сцена мора и да одговараат и да бидат наградени за тие одлуки. Поделбата се однесува најмногу на распределбата на државни средства за создавање уметност, што само по себе е апсурд заради фактот што државата е финансиер на 99 насто од проектите. Во една таква равенка, секој без разлика на своите артистички преференци би бил посреќен доколку би можел сите средства од граѓаните да си ги додели себе си.
Фактор: Германскиот драматург, режисер и поет Бертолд Брехт вели: „Уметноста не е огледало во кое се огледува општеството, туку чекан со кој тоа се обликува“. Дали не е конечно време театарските уметници да го земат чеканот на уметноста во свои раце и да почнат сами да го обликуваат општеството ?
Трифуновски: Театарот постои во константна состојба на умирање. Таа борба за живот 4000 години му дава свежина и непосредност на теоретско ниво. На практично ниво, „чеканот„ функционира кога ќе се поклопат и други паралелни општествени аспекти. Театарот е во симбиоза со тие движења и само заедно може да направат некаков импакт. Тие се надополнуваат и се хранат. Но тоа не е гаранција дека секој може да го види повикот. На пример, во на хартија нај-правната држава, (САД) се трошат стотици милиони долари на најмоќниот медиум, телевизијата, да се понижи, исмее, цинички и артистички да се искритикува битието на Доналд Трамп веќе две години. Секојдневно го напаѓаат наjкреативните и најмоќните либерални и независни комичари и новинари. Од Оливер, Стјуарт, Фелон, Кимел, Колбер, Ноа, па се до локалните радио станици и подкасти. Никој од нив не постигна многу или ама баш ништо. Публиката која го очекува естетскиот цинизам е истата и таа веќе знае дека Трамп е повеќе грешка отколку придобивка за светскиот поредок. Оние што тоа не можат да го видат, сеуште се залепени за вестите на Сител , Телма.. Колку и да не е привлечно, треба да го зборуваш и другиот јазик за да те разберат. Секој ја признава само идејата за реалност која му одговара. А идеите на почетокот се како како бебиња. Колку и да се слатки редовно мора да им се менуваат полните пелени.
ГАЗИМЕ ПРЕКУ ЛЕШЕВИ
Фактор: Дали гледајќи ги младите денес, нивната отуѓеност и тага, нивната изгубеност и немање цел, размислувате за тоа како за разлика од денес порано постоеше поголема комуникација, размена на мисли и идеи?
Трифуновски: Напротив. Мислам дека комуникацијата сега е поголема, но не е добра. Еднакво е слаба. Но тоа е глобален феномен кој повеќе се базира на форма отколку на суштина. Генерациите го изгубија тлото под нозете затоа што сфатија дека образованието не е никаква гаранција за подобар живот и посреќно општество. Родителите го загубија правото да го користат духовното, културното, стручното наобразување како аргумент за сигурна иднина. Капитализмот го направи своето и во свет во кој се гази преку лешеви за поголема квадратура, стана нормално чесноста од доблест да се перцепира како слабост. Тоа е огромен проблем кој ќе се реши само доколку нуклеарките наместо да разделуваат атоми на плутониум итн , би срамнувале со земја цели континенти со аеросолен IQ суплемент.
Фактор: Поделбите во македонското општество станаа нормална појава. Наши и ваши, патриоти и предавници, вмровци и сдсмовци... Јазот се продлабочува не само меѓу политичките субјекти, туку и кај обичните луѓе. Кому му одговара примената на римска максима „Раздели, па владеј“ ?
Трифуновски: На секого кој не ја сака сопствената татковина повеќе му одговара со предрасуди и омраза да го осуди другиот пред да се обиде да ги разбере мотивите за неговото однесување. Она што мораме конечно да го воспоставиме е систем на правила и вредности кои ќе ја надминат дневно политичката борба за евро повеќе. Клучна е комуникацијата. Уметноста на воспоставување комуникација со примачот на истата е доведена во прашање заради катастрофално нискиот праг на очекувања. Луѓето се гладни за чисти и јасни патокази. Евентуално ако вака продолжиме да си шумиме наместо да се чуеме, ќе личиме на нео-либерален соц-демохристијански Квебек за едно 50-60 години. Многу сум глуп, сега видов дека овој одговор ти го пишав и пред 15 години кога правевме интервју. Значи 40-50 години.
БОЛИВУДСКИ МЈУЗИКЛ СО ПРИМЕСИ НА КАМАСУТРА И МАЈКА ТЕРЕЗА
Фактор: За Вас велат дека сте еден од оние личности со кои може да се прави муабет до сабајле, на многу теми, од театар и филм до квантна физика, на која и да е темата. Како би ја изрежирал актуелната политичка криза во една тетарска престава кој би бил главниот лик во неа, и во кој жарн би ја сместиле?
Трифуновски: Она што е интересно е дека се на се има помалку од 1000 луѓе во Македонија кои на некој начин се вклучени во создавање на театарската уметност. Таа бројка е толку мала што не собира на еден сет на Боливудски мјузикл. Јас би бил среќен само да учевствувам како статист со задача, во еден таков сценски мегаспектакл кој би можел да биде трагикомедија со примеси на хорор и Камасутра и Мајка Тереза. Турлитава. Така сакам, тоа знам, не знам од кај ми е.
Фактор: Гледате ли скорешна светлина во темниот тунел наречен Македонија или уште долго ќе лутаме во потрага по подобро утре ?
Трифуновски: Се сеќавам на приказната дека некој Татко го однел своето дете да ја гледаат Бескрајна приказна во кино и потоа поднел тужба против продуцентот дека филмот завршил. Нема веќе лутање. Сите на Ајфонот имаат светлосна батерија. Нема веќе оправдувања. Тргни од себе. Еве јас се спремам. (рече тој и СИ врза чврга по фоликуларно опустошената шуплина)
Фактор: Во едена скорешна анкета, високи 83 проценти од македонсиките граѓани се изјасниле дека би сакале да се иселат од државата. Што според Вас ги тера луѓето чарето да го бараат надвор од границите на земјата ако Македонија е добро место за живеење, за инвестирање, за вработување, за градење карииера како што тврди Владата ?
Трифуновски: Потрагата по фер плеј, потрагата по вредност на еднаквост помеѓу вложениот труд и наградата. Политичка детоксификација; професионална надоградба; секс, легална дрога и Ирски севдах. Јас сум единственото машко од моето семејство кое остана во Румелија. Не сакам да се каам за таа одлука.
Можеби ќе ве интересира
НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба
ЕВЕ КОИ ЛИЦА ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД УО НА ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА - добиена е согласност од Народна банка
Крај на една ера: Легендарниот дизајнерски шеф на Mercedes-Benz ја напушта компанијата
ОД ДЕНЕС НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: РКЕ вчера ги соопшти деталите
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар




