29 Септември, 2024
0.0219

ИНТЕРВЈУ ЧАРЛС ГАРЕТ: Македонија треба да го засили управувањето со јавните финансии!

Објавено во: Анализа 05 Август, 2014

Добивај вести на Viber

Чарлс Гарет, Британскиот Амбасадор во Македонија во своето прво интервју во Македонија, откако стапува на оваа функција нотира неколку точки на кои земјата мора да се фокусира во наредниот период. Реформите на судскиот систем, на администрацијата, подобрување на слободата на изразување. Гарет смета дека и власта и опозицијата имаат одговорност за излез од политичката криза, затоа што е загрозена функционалната демократија, без да прецизира кој треба да го повлече првиот потег. Во ексклузивното интервју за Фактор Гарет зборува и за македонско-грчките релации, плановите на Владата за изградба на финансиските зони, за проширувањето на ЕУ во наредните 5 години, но и за управувањето со јавните финансии. „За Обединетото Кралство е редовна практика кога настапува во мултилатерални финансиски институции да поттикнува на поцврсто управување со јавните финансии во земјите кои се приматели на грантови и заеми“, вели Гарет. Чарлс  Гарет е во британската дипломатска служба 26 години. Бил на дипломатски мисии во Европа – на Кипар и Швајцарија и во Источна Азија – Хонгконг и Тајван. Лани ја извршуваше функцијата шеф за меѓународни односи на организацискиот комитет на Олимписките игри во Лондон, а потоа беше префрлен како офицер за надворешни работи во тимот што го подготвуваше дијамантскиот јубилеј на кралицата Елизабета. Во своето слободно време Гарет ужива во возење велосипед, а ги обожува природата и фудбалот. Женет е со Вероника и имаат 5 деца. Фактор Амбасадата на Велика Британија неодамна предупреди и дека постои  закана од тероризам во Македонија. Се уште ли постои таква опасност,  дали таа е резултат на конфликтноста предизвикана од агресивноста на радикалниот исламизам и дали тој има активни експозитури во овој дел од регионот? Гарет Текстот што го споменавте е дел од советите за патување кои Форин Офисот ги издава за британските државјани кои патуваат во странство. Овие совети за патување Форин Офисот ги издава за сите земји во светот и редовно ги обновува. Помеѓу другото, овие надополнувања ги земаат предвид промените во земјата, како и неодамнешни и планирани настани. Така на пример, ги променивме советите за патување за Македонија за да ги информираме Британците кои патуваат или живеат овде за неодамнешните протести. Советите за патување за сите земји вклучуваат дел за тероризам кој се однесува на проценката на британската влада во однос на ризикот во одредена земја. За Македонија наш став е дека има одредена закана од тероризам исто како и во другите земји во регионот. Ова е општ совет кој се однесува на можноста од терористички чинови кои може да се случат овде, отколку за некакви специфични информации за присуство на терористи во Македонија или одредени планови за терористички напади. Фактор Новото лидерство на ЕУ го замрзна проширувањето во наредните пет години. Дали се јавува замор од идејата за обединета Европа и дали тоа значи дека  Македонија ќе го чека концептот на нови регионални поврзувања, како услов за влез во Унијата? Гарет Не би рекол дека проширувањето е замрзнато. Сепак, реална проценка е дека ниту една од земјите сегашни кандидати би била во позиција да и се приклучи на ЕУ во рок од следните пет години. Исто така не би рекол дека луѓето се изморени од идејата за обединета Европа. Се уште има цврста поддршка за проширувањето во ЕУ и мислење низ ЕУ дека иднината на земјите од Западен Балкан е во ЕУ. Најсигурниот начин да се гарантира регионалната стабилност, демократијата и зголемен просперитет е преку членството. Точно е дека земјите-членки на ЕУ, како и многу земји низ светот поминаа тежок период на длабока рецесија и други предизвици. Тоа пак ја истакна потребата за реформа во ЕУ. Но, додека од една страна реформата ќе се однесува на потребите на ЕУ во голем дел од нејзиното функционирање, според мене не треба да се однесува и на радикална промена во политиката на проширување. Она што е јасно е дека земјите кои треба да и се приклучат на Унијата треба да се видат како целосно подготвени  пред членството. Британија, како долгогодишен промотор на политиката на проширување ќе продолжи да и дава силна поддршка на Македонија во нејзините подготовки. КРИТИЧНИ ТОЧКИ НА КОИ МАКЕДОНИЈА ТРЕБА ДА СЕ ФОКУСИРА Фактор ЕК на последниот состанок за стабилизација на асоцијација побара стабилност во меѓуетничките односи, имплементација на Рамковниот договор,  независност на судството, подобрување на  состојбите  во медиумите. Кризна ситуација е и отсуството на опозицијата од парламентот. Колку отсуство на општествен и политички демократски дијалог генерира страв за слободно и критичко изречено мислење? Гарет Постојат цврсто документирани прашања во овие области во Македонија и нивното решавање треба да биде врвен приоритет. Без да коментирам посебно за улогата на секоја од страните во парламентарната криза, мислам дека е многу јасно дека недостигот на опозиција го оневозможува вистинското функционирање на демократските институции. Новите закони не можат вистински да се тестираат, комисиите не можат во целост да расправаат за нивната работа. Политичката енергија се пренасочува од местото каде што всушност може да биде најефикасна. Ситуацијата ја поткопува довербата на јавноста во демократските институции и влијае на јавните заложби за вклучување целосно и конструктивно во демократските процеси. Така што, политичкиот дијалог е дефинитивно многу битен. На демократиите им е потребен дијалог за да ги разрешуваат проблемите, а Македонија не е исклучок. Потребен е целосен ангажман што е можно поскоро, и двете страни потребно е да преземат одговорност. Фактор Кои се најкритичните точки на кои треба да посвети особено внимание во наредниот период  во исполнувањето   обврските од европската агенда? Гарет Приоритетните области на кои Македонија треба да се фокусира се јасно документирани во годишните извештаи за напредок на Европската Комисија, а нивната најнова оценка ќе излезе кон крајот на летово. Така што, вистинската тешкотија не е толку во идентификувањето на приоритетите, колку што е создавање на стратешки пристап. Областите за реформи се тесно поврзани. Реформите на судскиот систем, на администрацијата, подобрување на слободата на изразување се преклопуваат, а при планирањето на реформите треба ова да се земе предвид. Друг битен аргумент е дека реформите треба да имаат јасен план за имплементација, и план за промена на начинот на кој индивидуите и институциите работат, како  и потоа да се следат промените. Тоа е најчесто најголемиот предизвик. ЗА ИМЕТО Е ПОТРЕБНО ЛИДЕРСТВО Фактор Последната средба на медијаторот во спор за името Метју Нимиц со македонските и грчките авторитети се оценува како рутинска. За што сега се разговара – само за промена на референцата, за спорот околу името на Македонија или и за чувствителноста на македонскиот идентитет? Гарет Не би можел јас како британски амбасадор да коментирам, затоа што е ова е билатерално прашање помеѓу Македонија и Грција. Изнаоѓањето на заедничко прифатливо решение – кое мислам е целосно можно, е врвен приоритет. Тоа би ја откочил патот за идните чекори на Македонија. Придобивките од изнаоѓањето на решение се големи – за  Македонија, за Грција, за Балканот, за ЕУ.  Британија е свесна за ова и затоа ги поддржува напорите за изнаоѓање решение и сметаме дека до решението ќе треба да се дојде со многу одлучност, лидерство и флексибилност на двете страни. Фактор Можна ли е подиректна инволвираност и на официјален Лондон, како дел од влијателните евро-атлантски држави, што сега го заговараат и македонските власти? Во македонската јавност се погласно се бара во ОН, преку Генералното собрание, да се прифати уставното име на Република Македонија? Гарет Ова е билатерално прашање за Македонија и Грција, но Обединетото Кралство го следи одблиску поради големите придобивки кои би произлегле од неговото разрешување. Свесен сум дека ова е многу тешко и чувствително прашање, но токму затоа потребно е да се фокусираме на идните придобивки. Ние ги поттикнуваме и двете страни во нивните напори да покажат одлучност, флексибилност и лидерство и се надеваме дека до скоро решение може да се дојде. Во меѓувреме битно е за Македонија да остане фокусирана на реформите кои треба да ги спроведе и на тој начин ќе биде навистина во напредна позиција кога ќе дојде времето за решение. САКАМЕ ДА ВИДИМЕ КАКО ЌЕ ФУНКЦИОНИРААТ ФИНАНСИСКИТЕ ЗОНИ Фактор Велика Британија е една  од трите држави покрај,  САД и Германија, што предупредува на зголемената непродуктивна буџетска потрошувачка и забрзаното зголемување на кредитна задолженост на Македонија, како и нетранспарентна фискална политика. Од друга страна се привлекуваат странските инвеститори во Економските зони со значителни даночни олеснувања. Дали е тоа согласно  стандардите на Унијата? Гарет Светската економска криза ни покажа многу примери низ ЕУ и на глобално ниво каде недостигот од економско управување создаде тешки проблеми. Британија затоа цврсто стои зад новиот пристап на ЕУ за цврсти јавни финансии. Според овој пристап, главен фокус на сите земји кои ќе пристапуваат на Унијата и на постоечките земји-членки ќе виде цврсто и транспарентно планирање и управување со јавните финансии. Ова самото по себе се покажува дека е добро за економијата и демократијата на секоја земја, а посебно е и добро за ЕУ како целина. За Обединетото Кралство е редовна практика кога настапува во мултилатерални финансиски институции да поттикнува на поцврсто управување со јавните финансии во земјите кои се приматели на грантови и заеми. Ова беше случај и со заемот за развој на политики и дискусиите на бордот на ММФ, во кои ние нагласивме дека Македонија би можела да го зајакне управувањето со јавните финансии. Ова е во склад со нашата сегашна работа во Македонија на агендата за „отворена влада“ и во склад со процените изнесени во последниот извештај за напредок од ЕУ. Фактор Владата предлага формирање и слободни финансиски зони, податливи за селење или перење на капиталот? Дали Македонија може или треба да се претвори во нова сива финансиска зона во Европа?   Гарет Се уште не сум ги видел деталните планови за овие зони. Финансиските услуги се многу битен дел од британската економија – лондонскиот „Сити“ е светски лидер во многу аспекти на секторот за финансиски услуги така што ние имаме природно искрен интерес во овие иницијативи. Со нетрпение ги очекувам да ги прочитам плановите на владата кога ќе бидат објавени. Горазд Чомовски