Интервју Дарко Димовски: Нема отстапување, не дозволуваме откази за работниците, а државна помош за работодавците
Објавено во: Македонија, Интервјуа 01 Мај, 2020
Првиот синдикалец
Дарко Димовски вели дека ССМ и останатите синдикати нема да дозволат на товар
на работниците да се реализираат најавените мерки за финансиска поддршка на
компаниите за исплата на плати за април и мај. По донесената уредба со законска
сила со која се предвидува и компании кои во одреден процент отпуштиле
вработени да добиваат државна помош, вчера во Владата се одржа средба меѓу
синдикалците, премиерот Спасовски, како и предводниците на економските и
социјални ресори. Од ССМ најпрво и „заблагодарија“ на министерката за финансии
Ангеловска за „првомајскиот подарок“ и силно се спротивставија на услови кои
овозможуваат отпуштање на работници. Димовски вели дека ако една голема фирма
со 5.000 вработени има право да отпушти до 5% од работната сила тоа значи дека
250 работници ќе останат без работа. Треба да се почитува Законот за
вработување и осигурување во случај на невработеност и да се обезбедат сите
работници.
Од владата пак, вчера излегоа со соопштение дека се одржала конструктивна средба со синдикалните претставници и дека се дефинирани предлози кои се добра основа за решение за спроведување на финансиската поддршка за платите на работниците и за зачувување на работните места.
Со претседателот на ССМ разговаравме за кризата со корона вирусот и состојбата на работничките права, колку работниците се соочуваат со проблеми во овој период и како може да се унапреди нивната положба.
Фактор: За прв пат имаме состојба кога работниците и синдикалците не може да излезат на протест или марш на Денот на трудот. Како синдикатот планира да го одбележи денот на трудот?
Димовски:Во претходните две години откако дојдовме во ССМ како ново раководство ние 1 мај го прославуваме на улица со организирање на синдикален протест или марш. Оваа година како што знаеме поради здравствената криза предизвикана од пандемијата со КОВИД-19 ние како синдикат поради здравјето на нашите работници, но и поради превентивните мерки на Владата кои се на сила, решивме овој 1 мај да го дигитализираме синдикалниот марш. Тоа ќе се одвива како секаде во Европа на нашата Фејсбук страница на која ќе споделуваме слики и видеа со пораки за синдикалното движење и ќе потсетиме на претходните две години на маршеви бидејќи да потсетиме Живко Митревски поранешниот претседател на ССМ немаше храброст да организира протести. За 1 мај ние се одлучивме да бараме пред се здрави и безбедни работници, сигурни работни места, достоинствени плати и социјална заштита за секого.
Фактор: Во поглед на кризата со корона вирусот какви поплаки добивате од страна на работниците, има ли зголемен број на пријави за злоупотреби?
Димовски: До ССМ секојдневно стигнуваат стотици поплаки од страна на работници, што за нарушени права, за бесправно отпуштање од работа, подметнати отказни решенија кои претходно се бланко потпишани и потоа активирани. Токму за овој проблем се води голем битка да се сменат договорите за вработување. Ние не гледаме дали работникот е член на синдикатот или не, излегуваме секогаш во пресрет, обезбедуваме бесплатна правна заштита и можеме да го застапуваме пред суд каде што според Законот за работни односи и колективниот договор кои се уште се на сила, нивните права ќе ги обезбедиме, а штетата која им е нанесена ќе им се надомести. Тоа што не загрижува е што овие проблеми се случуваат пред се во фирми каде работниците немаат синдикат и немаат синдикално организирање. Таму каде што има синдикално организирани, на пример во Охрид, домот на туризмот и угостителството и покрај кризата со корона вирусот, нема отпуштања. Работниците што се пуштени дома примаат по 80% од износот на платата, а тие кои доаѓаат на работа немаат никакви проблеми со примањата, ниту пак има отпуштања. Со здружението ХОТАМ кое ги претставува угостителските и туристичките работодавачи се применува колективниот договор. Хотелите кои се користат како карантин доделуваат и бонуси за вработените бидејќи тие потенцијално изложени на зараза.
Фактор: Колку сте задоволни од социјалниот дијалог, со преговорите кои ги водите во економско- социјално совет. Предлог Законот за работни односи кој требаше одамна да биде донесен целосно заглави во процедура. Имаше средби и со синдикалните организации, и со стопанските комори и работодавачите, но законот не се донесе. Каде заглавија преговорите, кои одредби се најпроблематични или пак недостасува политичка волја за носење на овој закон па ќе се чекаат некои наредни избори?
Димовски: ССМ активно учествува во работата на економско-социјалниот совет каде што укажувате и вие беше предложен нов Закон за работни односи. Тој во суштина беше изработен од Сојузот на синдикати на Македонија и беше презентиран и пред Министерството за труд и социјална политика, Организацијата на работодавачи, коморите и пред невладините организации. Немаше некои посебни забелешки, баш напротив предлог законот беше прифатен, требаше да се договориме токму за договорите за неопределено време што сега се покажаа како спорни. Ние сметаме дека доволно е една година за да види дали работникот е соодветен за работното место или не. Сега рокот изнесува пет години, а работодавачите се залагаа да се намали на три, што за нас е неприфатливо. Исто така немаше согласување со новите предлог одредби да работникот ако дава отказ тоа да го направи на документ со свој ракопис, сопствена изјава и своерачен потпис, дата, време и место. Сега се докажува дека овие одредби се неопходни бидејќи има работодавачи кои прават злоупотреби, на вработените им подметнуваат празни листови за потпис, а потоа истите ги користат за наводно „спогодбено“ раскинување на работниот однос за полесно да поделат откази.
Фактор: Има ли проблеми со организирање на сменското работење, како и овозможување на работниците таму каде дејноста тоа го дозволува работните задачи да се извршуваат од дома?
Димовски: Постојано сме во контакти со работодавачите, особено таму каде има синдикално присуство и тука навистина не може да најдеме забелешки. Мерките за заштита од Владата се почитуваат, работниот процес се дели на повеќесменско работење или работа од дома таму каде што има услови. Работодавачите во фабриката каде има стотина вработени организираат работа во четири смени. Халите и работните простории постојано се дезинфицираат, а се обезбедува пропишаната опрема за заштита од КОВИД-19. Ние вршиме и проверки и според нашите сознанија се почитуваат мерките и правата на работниците.
Х.С.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.