01 Јули, 2024
0.0288

Судијата за извршување на санкции очекува многу брзо по амнестијата да се зголемат кражбите како криминалитет

ИНТЕРВЈУ ДИМОВСКА: Затворениците го направија „есапот“, секое одолговлекување на Законот за амнестија ќе ја влошува состојбата

Објавено во: Македонија 01 Ноември, 2023

Добивај вести на Viber


Даниела Димовска како судија на претходна постапка и потоа судија за извршување на санкции, ја следеше состојбата и условите во затворите, па оттаму е нејзиниот активен интерес за предложениот Закон за аменстија. Станува збор за судија за извршување санкции и експерт од областа на правото. Таа е еден од авторите на Анализата на Законот за извршување на санкциите – Предизвици, практични проблеми, решенија? Во интервјуто за „Фактор“ вели дека секое одолговлекување на изгласувањето на фамозниот Закон за амнестија ќе ја зголемува нервозата кај затворениците се повеќе, затоа што веќе тие го имаат направено својот „есап“

Фактор: Со законот се предлага лицата на кои им е изречена казна затвор до 6 месеци потполно да се ослободат од издржување на казната, а осудените со казна затвор над шест месеци да се ослободуваат од издржување на 30 отсто од целокупната казна. Кој е мотивот зад ова законско решение, по експресно усвоените измени на Кривичниот законик?

Димовска:
Навистина зачудува совпаѓањето на измените на Кривичниот законик, што доведе до запирање на голем број кривични постапки, чии што трошоци допрва ќе треба да ги надомести државата и најавената амнестија. Во самиот вовед на Предлог - законот за амнестија, каде што предлгачот врши оцена на состојбите во областа што треба да се уреди со законот и причините за донесување на законот, наведено е дека „колективното помилување по пат на амнестија е ефикасен начин за отстранување на несправедливите последици предизвикани со честите измени на законите: кога новиот закон укинува некоја инкриминација или предвидува поблаго казнување, единствен инструмент со која може да се интервенира за таквиот поблаг став на законодавецот да се однесува и на оние кои издржуваат казна според стариот закон е нивното амнестирање“. Сметам дека токму тука е мотивот за овој предлог закон.

Фактор: Извршната власт уверува дека предлог-законот за амнестија не е направен за да се ослободат конкретни личности. Кој сè ќе биде амнестиран, сè уште не е познато. Дали вие сметатате дека тука е можно да „се таргетира“ ослободување на одредени осуденици?

Димовска:
За разлика од законското решение за амнестија од 2018 година, моменталниот предлог – закон е многу порестриктивен и листата на кривични дела кои се исклучени од амнестија сега е многу поширока, па така воопшто не може да стане збор за „таргетирано“ ослободување на одредени осуденици, туку баш напротив.

Фактор: Предлог-законот за амнестија е доставен до Собранието, а од Владата е предложено да се носи по скратена постапка. Еднаш веќе беше вратен во Министерството за правда заради доусогласување. Очекувате ли да има „отпор“ од различни страни и групи кои застапуваат различни интереси при донесувањето на ова законско решение?

Димовска:
Не очекувам дека овој закон ќе се донесе со леснотијата со која поминаа последните измени на Кривичниот законик и истиот сигурно ќе биде „мегдан“ за националните чувства на различните страни, но мора да се знае дека дадена е надеж и секој затвореник веќе го направи својот „есап“, па секое одолговлекување на носењето на овој закон само ќе ја „затегнува“ и така лошата состојба во затворите.


Фактор: До крајот на септември, 2.114 осуденици издржуваат затворска казна, 2.813 треба да влезат во затвор, а со усвојување на законот се очекува да бидат целосно ослободени од затворска казна нешто помалку од 300 осуденици и делумно амнестирани 996. Како ќе се растовари пренатрупаноста на затворите, ако истовремено чекаат нови за издржување на своите казни?

Димовска:
Пренатрупаноста во затворите неминовно води кон нехуман третман на затворениците, но сепак бројките покажуваат дека овој закон нема да го реши тој проблем. И тоа е јасно. Сепак, ако се има предвид дека еден затвореник ја чини државата околу 800 евра месечно, дефинитвно ќе се намалат трошоците.

Фактор: Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, не се согласува и смета дека нема да се постигне никаков ефект, а ќе се влоши безбедносната состојба. Дали ова мислење може да се земе како аргумент?

Димовска:
Дефинитивно амнестијата не е чин кој води до стабилизирање или подобрување на безбедносната состојба, а аргументите секогаш и секаде, не само кај нас, поделени се „за“ и „против“, а сосема очекувано е првиот човек на полицијата на јавноста да и го постави прашањето „сакате на улица да шетаат криминалци или не?“.

Предложениот закон за амнестија не се однесува на осудените на доживотен затвор; осудените за кривично дело убиство; за кривични дела сторени при вршење семејно насилство и родово базирано насилство; за потешките облици на разбојништво и разбојничка кражба; за кривични дела против половата слобода и половиот морал и неколку други кривични дела, туку на затвореници со „помал ризик“. Сепак, очекувано е осудените за кражби, кои после амнестијата ќе се најдат надвор од затворите, многумина од нив без семејства, без дом, без работа, без средства за живот, набрзо да се вратат на стариот „занает“, што значи дека многу брзо после амнестијата ќе дојде до пораст на овој вид на криминалитет. Ова се веќе познати последици од амнестијата во јануари 2018 година, кога после само неколку дена од отпустот, дел од амнeстираните повторно се вратија во притворските одделенија заради извршени кражби. Од тој процес за жал не извлековме лекција дека неопхдоно е да се создадат програми во кои ќе бидат вклучени амнестираните затвореници и државата да се погрижи за нивно прилагодување во општеството.


Фактор: Најголемата владеачка партија најави дека ќе поднесе амандмани за да се спречи евентуално ослободување на лица кои беа осудени во случајот „Монструм“ – масакрот кај Смилковското езеро. Како би се постигнало ова?

Димовска:
За овој случај осудени се 5 лица, од кои тројца се осудени на доживотен затвор и амнестијата не се однесува на нив, а двајца се осудени за кривично дело „Помагање на сторител во извршено кривично дело“ од член 365 од Кривичниот законик и ова дело не е исклучено од амнестирање. Едниот од нив е осуден на единствена казна затвор во траење од 9 години и досега има издржано околу 8 години и 3 месеци, му преостануваат уште неколку месеци до крајот на казната, што значи дека амнестијата не би му била од големо значење. Другиот е осуден на единствена казна во траење од 15 години и со амнестијата казната затвор ќе му се намали за 1/3. Амандмански може да се реагира на тој начин што и ова кривично дело ќе се најде на листата на кривични дела на кои нема да се однесува амнестијата.

Фактор: Кои се поволностите што може да се очекуваат со ова предлог-решение и каква ќе биде реакцијата на меѓународниот фактор?

Димовска:
Поволностите не се многубројни. Поаѓајќи од фактот дека амнестијата не е акт на праведност, туку акт на милост, првенствено ќе ја врати надежта кај многумина затвореници. Исто така краткотрајно ќе го намали бројот на затвореници и во секој случај ќе биде тест за целиот систем дали навистина со казнувањето во затворски установи како нашите, во услови со недоволен број на воспитувачи, психолози, без работно ангажирање на затворениците е постигната ресоцијализацијата кај амнестираните. За реакцијата на меѓународниот фактор, ајде да ја почекаме!

А.К.

Можеби ќе ве интересира

Максим Димитриевски се закани со можно напуштање на владеачкото мнозинство

Максим Димитриевски се закани со можно напуштање на владеачкото мнозинство

Петровска: СДСМ има 83.000 членови, а Филипче стана претседател со 9.000 гласа

Петровска: СДСМ има 83.000 членови, а Филипче стана претседател со 9.000 гласа

Предизвикан пожар во уште една коцкарница

Предизвикан пожар во уште една коцкарница

Новиот министер за евроинтеграции го помеша Дејвид Гир со актерот Ричард Гир

Новиот министер за евроинтеграции го помеша Дејвид Гир со актерот Ричард Гир

МНР го повика амбасадорот од Тирана на консултации по скандалозниот попис на Албанија

МНР го повика амбасадорот од Тирана на консултации по скандалозниот попис на Албанија

Албански планинар го замени македонското со албанското знаме на врвот Кораб

Албански планинар го замени македонското со албанското знаме на врвот Кораб

Распишан тендерот за компресорска станица за хируршките сали

Распишан тендерот за компресорска станица за хируршките сали

ЧУВАРИТЕ НА РЕДОТ И МИРОТ ЌЕ ЗЕМААТ ЕВТИНИ КРЕДИТИ - еве што им соопшти Независниот синдикат на Полицијата

ЧУВАРИТЕ НА РЕДОТ И МИРОТ ЌЕ ЗЕМААТ ЕВТИНИ КРЕДИТИ - еве што им соопшти Независниот синдикат на Полицијата

„ВО МАКЕДОНИЈА НЕМА РУСКА ПРОПАГАНДА И ПРОРУСКО РАСПОЛОЖЕНИЕ, МОЖЕТЕ ПОВТОРНО ДА НИ ГИ ОСВОИТЕ СРЦАТА“ - професорот Славески им напиша на своите американски пријатели

„ВО МАКЕДОНИЈА НЕМА РУСКА ПРОПАГАНДА И ПРОРУСКО РАСПОЛОЖЕНИЕ, МОЖЕТЕ ПОВТОРНО ДА НИ ГИ ОСВОИТЕ СРЦАТА“ - професорот Славески им напиша на своите американски пријатели