26 Ноември, 2024
0.0600

Борче Димовски, менаџинг-партнер во „Аспект“

ИНТЕРВЈУ ДИМОВСКИ: Изградивме успешна приказна за „Аспект“, клучот е во остварување на целите на нашите клиенти

Објавено во: Интервјуа 12 Декември, 2023

Добивај вести на Viber

Господине Димовски, „Аспект“ e една од водечките фирми за развој на софтверски решенија за банки и финансиски институции, и веќе заокруживте триесет години од своето постоење. Гледајќи од денешна перспектива, дали компанијата ги оствари целите и како го гледате тој процес?

Димовски: Гледано од оваа перспектива изградивме успешна приказна за „Аспект“. Како компанија која е присутна на пазарот долги години, клучот за успехот го гледаме во длабокото разбирање на предизвиците, индустријата во која работиме и целите на нашите клиенти. Оваа приказна беше исполнета со многу предизвици, но секогаш нè водеше визијата која ја имавме. Секој предизвик ни беше мотивација плус да одиме чекор понатаму. Ризикувавме многу, на тој начин учевме, растевме и созревавме. Сето тоа вредеше. Денес „Аспект“ е успешна компанија која има свои канцеларии во Македонија, Киргистан и Кенија, мобилни тимови за проширување на операциите во повеќе земји, како и широко портфолио на клиенти на три континенти.

Преку постојани технолошки иновации и инвестирање во своите вработени за да ги подобриме процесите и работењето, успеавме да ја следиме својата визија и да им помогнеме на нашите клиенти да ја зголемат продуктивноста, да ги остварат своите деловни цели и да се адаптираат на современи стандарди на работа во финансиската индустрија.

Што е она што беше рецептот за успех низ сите овие години, дали мудрата менаџерска визија, поддршката од бизнис-партнерите, или, пак, квалитетот и професионалноста на вработените?

Димовски: Во текот на изминатите години, ја градевме приказната на „Аспект“ и научивме како да се прилагодуваме на промените и потребите на пазарите каде работиме. Многу добро ги запознавме нашите клиенти и ги разбравме нивните предизвици и потреби. Постојано ги следевме трендовите, работевме на подобрување на нашиот продукт и пронајдовме многу можности за развој на бизнисот со што обезбедивме континуиран раст. Ниту едно од овие постигнувања немаше да биде возможно доколку ја немавме безрезервната посветеност на нашите вработени и поддршката на нашите бизнис-партнери кои заедно со нас го градеа „Аспект“ низ годините.

Ширењето и отворањето  на бизнисот надвор од границите на државава е еден од моделите за многу поголем успех на компаниите. Како Вие стоите на тој план со работење на странски пазари и имате ли некои планови за наредниот период?

Димовски: Во претходните години, со посветена инвестиција, успешно го проширивме нашето присуство на повеќе странски пазари. Оваа стратешка определба и проширувањето на опсегот на работењето нè водеше кон успешна реализација на проекти и имплементации на нашето продуктно решение за различни клиенти на различни пазари. Токму затоа во нашето клиентско портфолио гордо вклучуваме различни финансиски институции, организации, локални и интернационални банки и лизинг компании.

Во идните планови предвидуваме позитивен раст, зацврстување на работењето и постојано ширење на присуството на странските пазари. Во градење на бизнис стратегијата се водиме од постојано истражување на пазарот, следено од адаптирање и развој на нашиот продукт за да одговориме на потребите на различни клиенти и региони. Во исто време, правиме напори да создадеме партнерства и со локални компании и институции заради зајакнување на присуството и овозможување на најдобра услуга и поддршка на клиентите.

Она што го знаеме е дека „Аспект“ нуди софтверско решение специјализирано за финансиската индустрија. Што тоа значи и можете ли да ни објасните повеќе детали за вашите моментални иницијативи и проектни имплементации?

Димовски: Она што ние во „Аспект“ го работиме е развој на софтверски продукт кој одговара на потребите на една финансиска институција и го поддржува целокупното работење во процесот на нејзина целосна дигитална трансформација и постигнување на стратешките цели.

Нашиот продуктот Aspekt Product Suite,е повеќе од само технологија - тој е катализатор за раст. Преку негова имплементација, бизнисите кои се подготвени да се трансформираат и растат, го добиваат и нашето искуство на доверлив и долгорочен ИТ партнер. Потпирајќи се на стекнатата експертиза и длабинско познавање на финансиската индустрија, нашиот продукт е креиран да го следи модерното банкарство.

Како пример за оваа наша определба во работењето, ќе споменам само дел од некои значајни и предизвикувачки иницијативи и проекти на кои работиме со полна пареа: почнуваме имплементација на банкарски систем за една од најзначајните микрофинансиска институции и дел од глобална финансиска мрежа во Азербејџан, истовремено, спроведуваме миграција кон најновата верзија на нашиот продукт заедно со имплементација на неколку дигитални канали за најголемиот лидер во дигиталните услуги во Мадагаскар. Тука би дополнил и дека моментално работиме на проширување на капацитетите за обезбедување на финансиски услуги за недоволно опфатените заедници и региони за наш клиент – финансиска институција која е предводник на  дигиталната трансформација во Киргистан.

Софтверот и технологиите брзо се менуваат. Како се соочувате со брзите промени со оглед дека работите на три континенти и колку иновациите влијаат врз Вашиот успех и успехот на клиентите?

Димовски: Се согласувам дека технологијата се менува со брзо темпо, и како компанија која активно работи на три континенти, постојано се соочуваме со овие предизвици, но и со можностите за иновации во исто време. Иновациите се срцето на нашата бизнис филозофија и нашето поле за докажување и постигнување на успех. Флексибилните локални регулативи во повеќе региони, како на пример во Африка, ни овозможуваат постојано иновирање и имплементирање на различни дигитални модели и решенија.

Вложуваме значителни ресурси во истражување и развој на софтверското решение, со што ги следиме најновите технологии и трендови во индустријата. Оваа определба не само што е наша конкурентска предност, туку и им овозможува на нашите клиенти да се прилагодат на брзите промени, да бидат во чекор со најновите иновации и да се стекнат со предност пред нивните конкуренти.

Што е тоа што ве движи напред, како се справувате со предизвиците и која е вашата мотивирачка сила?

Најголемата движечка и мотивирачка сила за нас секогаш биле нашата страст кон технологијата и успехот на нашите клиенти преку неа. Кога го гледаме задоволството на клиентите и нивниот раст, тоа не само што нè гради како компанија, туку и нè мотивира да продолжиме да иновираме и да развиваме подобри решенија. Освен тоа, нашиот тим, со нивната експертиза и посветеност, е неизоставна и моќна движечка сила. Ние сме семејство кое работи и расте и заеднички ги надминуваме сите предизвици.

Фактот дека сме во можност да придонесеме во финансиската индустрија и да го подобриме начинот на која таа функционира и тоа во различни региони, е двигател кој постојано нè турка напред. Ние веруваме дека со нашите решенија и иновации можеме да придонесеме во подобрување на иднината на финансиската индустрија на глобално ниво.

Имате ли конкуренција, дали е таа силна и кои се моделите преку кои успевате да се борите и да се изборите со Вашите бизнис ривали?

Димовски: Со постојан пораст на побарувачката за технолошки напредни софтверски решенија во финансискиот сектор, доменот на нашиот бизнис е во изразено конкурентна индустрија - предводена од глобалните FinTech компании.

Водени од трендовите и бизнис моделите кои тие ги поставуваат, пронаоѓањето на нашите предности е уште поголем поттик да продолжиме да работиме на сопствениот компетитивен императив.

Нашата филозофија нè води да учиме преку промените и ние тоа го правиме постојано. На локалните пазари, ги следиме постигнувањата на регионалните конкуренти и задоволството на клиентите и врз основа на тоа го надоградуваме нашето работење. Преку присуството на нашиот продукт на овие пазари ја потврдуваме неговата вредност и способност да одговори на специфичните потреби на клиентите и на различните законски рамки. Токму на тој начин, почнуваме да го потврдуваме нашето работење паралелно со некои од водечките регионални, па дури и светски конкуренти.

Согледувајќи ја конкуренцијата и индустриските достигнувања, веруваме дека она што нè издвојува и што за нас е предност е целосната фокусираност, долгогодишното искуство и стекнато знаење токму во финансиската индустрија.

Инвестирање во напредна технологија заедно со длабокото разбирање на потребите на клиентите и постојаните заложби за инвестирање во човечкиот капитал на компанијата резултира со одлично обучен и стручен тим кој поседува знаење и умешност да одговори на барањата на клиентите и да работи на развој на пазарите каде имаме свои операции.

За секоја компанија клучна е мотивацијата на вработените. Како Вие ги мотивирате Вашите вработени, кој модел сметате дека е најдобар?

Димовски: Како глобален партнер на банки и финансиски институции ние имаме голема одговорност и обврска да  работиме посветено на доверлив и иновативен софтверски продукт кој го поддржува секојдневното работење на клиентите. Со оваа одговорност, свесни сме дека пронаоѓањето и задржувањето на стручен и професионален кадар кој во себе носи желба и истрајност е од суштинска важност за иднината на компанијата.

Поддржуваме динамично работење во интернационални тимови и на тој начин компанијата ја развиваме во насока на размена на знаење и постојано учење и надградување. Нудиме можност за развој на млади таленти, од една страна, и ја вреднуваме и наградуваме посветеноста и лојалноста на нашите вработени и нудиме можност на нивен постојан раст и развој, од друга страна. Отсекогаш сме поддржувале отворена комуникација и нови идеи со постојани заложби за промена кон подобро како за тимот, така и за компанијата. Бидејќи работиме во компетитивна индустрија тој драјв нè води и се пренесува во многу иницијативи кои доаѓаат и од вработените, а особено сме расположени да се докажуваме во најразлични тимски и индивидуални спортски достигнувања. Согледувајќи ги актуелните услови во индустријата се трудиме да ја вреднуваме добросостојбата на нашите вработени и ги поддржуваме во нивните амбиции без разлика дали се тоа лични или професионални активности и цели.

Кој е таргетот што сте го зацртале и би сакале да го постигнете во иднина, каде ја гледате компанијата?

Димовски: Нашата визија е да го позиционираме „Аспект“ како глобален технолошки партнер во финансиската индустрија. Со целосна посветеност на трансформација на финансискиот сектор преку користење на врвна технологија, остануваме доследни на определбата да бидеме и да останеме непогрешлив партнер на клиентите и да ги поддржиме во нивната дигитална трансформација, како и во постигнување на нивните стратешки цели и амбиции.

Со моменталното поставување на процесите на работење, подготвени сме да бидеме една од водечките технолошки компании-иноватори во сферата на финансиските технологии, со долгорочни стратегии за одржливост и раст. За десетина години од сега, предвидуваме проширување на операциите и отворање на повеќе канцеларии со обезбедување на присуство и на другите континенти.

Нина Нинеска-Фиданоска

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ИНТЕРВЈУ ЛАЗЕ КАМЧЕВ, НЛБ ФОНДОВИ: Инвестициските фондови не се само за богатите, тие нудат опции за секој инвеститор

ИНТЕРВЈУ ЛАЗЕ КАМЧЕВ, НЛБ ФОНДОВИ: Инвестициските фондови не се само за богатите, тие нудат опции за секој инвеститор