20 Април, 2024
0.0284

ИНТЕРВЈУ ДРАГАНА ЧИФЛИГАНЕЦ: Образованието ни дава доверба, сигурност, но само праксата може да не направи успешни

Објавено во: Економија 03 Декември, 2021

Добивај вести на Viber

Ако сме завршиле школо и имаме добра идеја, тоа само по себе не е доволно за успех. Патот до успехот е долг и има многу препреки. Успехот има многу елементи, кои не ги пишува во книга, туку се учат преку секојдневна работа,тоа е начинот да се стекнеме со многу вештини. А се што работиш, мора да е со љубов ако сакаш да успееш, вели во интервју за Фактор, Драгана Д. Чифлиганец, извршен директор на „Адора инженеринг“ потпреседател на Стопанската комора на Северна Македонија. Таа е предавач на Програмата за клуб на менаџери  – претприемништво и лидерство што при комората започнува на 9 декември, а ќе трае до крајот на мај 2022 година Стопанската комора впрочем од неодамна креираше алатка со која планира активно да се вклучи во помош на бизнисите и нивен зголемен раст, а за таа цел е формиран Совет за унапредување на високото образование.

„Мојата потајна желба е на оваа Програма за клуб на менаџери, што ја организира Стопанската комора и која започнува за една недела, да се пријават што повеќе жени со цел да го зголемиме капациетот, можностите за што поголема вклученост и напредок на жените, а особено нивно позиционирање на што повисоки функции во компаниите во кои работат. Искрено се надевам дека пренесувајќи ги успешните примери за личен развој ќе бидеме пример и мотивација за младите, вели Чифлиганец.

А кои се вашите очекувања од овие обуки и каква корист ќе имаат слушателите на оваа програма според вас?

Чифлиганец: Моето главно мото е дека човек учи цел живот, а инвестирањето во нови знаења, техники, вештини е главна алатка за напредок и на поединецот и на компаниите, а секако со тоа и на општеството. Тоа носи многу придобивки, најпрво економски. Образованата работна сила го зголемува потенцијалот за избор, за поголема одлучност, сигурност и компетитивност. Образованието има и социјална придобивка, бидејќи создава услови за еднакви можности и социјално учество. Мојата потајна желба е на оваа Програма за клуб на менаџери, што ја организира Стопанската комора и која започнува за една недела, да се пријават што повеќе жени со цел да го зголемиме капацитетот, можностите за што поголема вклученост и напредок на жените, а особено нивно позиционирање на што повисоки функции во компаниите во кои работат. Искрено се надевам дека пренесувајќи ги успешните примери за личен развој ќе бидеме пример и мотивација за учесниците во оваа програма. Факт е дека иако живееме во модерно општество, во споредба со високо развиените земји се уште постои значајна родова нееднаквост и поради што заостануваме во постигнувањето на полето на родовата еднаквост во речиси сите домени. Еднaквата застапеност на жените и мажите на пазарот на трудот е клучното подрачје според кое ќе го унапредиме принципот на рамноправност. Сметам дека претприемачкиот потенцијал на жените е неискористен извор за економски раст и вработеност, кој треба да се активира и на кој треба да работиме. Верувам дека овој концепт на подигнување на знаењето и вештините ќе им го отвори патот на многу млади кои треба да го донесат долгоочекуваниот и посакуван развој во земјава, наместо првата помисла да им биде дека таму некаде надвор од нашите граници, има поголеми можности за работа, подобра заработувачка. Оваа ментална матрица, мора да ја промениме. А како, со тоа што ќе им покажеме и секако докажеме дека можности има. Стопанската комора веќе повеќе години работи на сеопфатна анализа што е тоа што им е потребно и на домашните и на странските компании кои работат во земјава да ја зголемат продуктивноста, а тоа најдобро се прави преку подигнување на знаењата на човечките ресурси.

Да се биде успешен менаџер најверојатно се учи низ образование, но многу повеќе и практично. Дали се согласувате со оваа теза и како вие успеавте да го најдете рецептот за успех низ призма на личниот пример?

Чифлиганец: Образованието ни дава доверба, сигурност, не прави силни, но само праксата може да не направи успешни. Праксата е додадената вредност, како во производството. Можам да кажам дека имав можност да учам од најдобрите. Важно е да имаме отворен ум за нови знаења и за нови практики. Образованието е нешто што никој не може да ни го земе, а колку повеќе знаеме, колку сме во тек со новите трендови, иновации, посебно во ова дигитално време, кога технологијата оди со брзи чекори напред, толку сме посигурни, отворени за нови идеи, подготвени за нови предизвици. Не само во текот на образовниот процес, туку и потоа во праксата. Прашував многу, бев љубопитна, мислам дека „петиот елемент“ за успех е љубопитноста, таа треба да ја развиваме кај младите, секогаш да прашуваат, а не да мислат дека сè знаат. Учев од менаџерите, од инженерите, но учев и од работниците, од мајсторите, кои во одредени случаи можат да ти дадат решение, одговор на многу прашања, дилеми.

Програмата има за цел да ги унапреди компетенциите и вештините на високообразованите кадри во согласност со потребите на бизнисот. Кои се според вас најклучните поенти за да се подигне нивото на знаење на младите бизнисмени, на почетниците?

Чифлиганец: Ако сме завршиле школо и имаме добра идеја, тоа само по себе не значи дека ќебидеш успешен. Успехот има многу елемети, кои не ги пишува во книга, тукусе учат преку секојдневна работа,тоа е начинот да се стекнеме со добри практики, вештини.Иако тоа не значи дека сме компетентни за некоја работа. Стекнатото искуството е најголемо богатство, на тоа никогаш не му поминува модата. Пред извесно време го гледав филмот „Experience never gets old“, кој топло го препорачувам. Лично ми беше многу драго што имав можност да соработувам, да учам од  повозрасни, бидејќи тие носат во себе многу практично знаење. Затоа треба да се биде мудар и во тимовите да се има возрасни/пензионери кои имаат волја за работа и нивното искуство да ни го пренесат, со тоа ќе ни дадат додадена вредност, што е битна вредност во секоја работа. Затоа наша задача преку оваа програма на Стопанската комора на Северна Македонија е да ги научиме младите да бидат искрени, дисциплинирани, посветени, да бидат отворени за нови знаења и вештини и да бидат љубопитни.Тоа е идејата, преку пренесување на практични искуства да им го доближиме процесот на менаџирање и секако да ги охрабриме, особено младите бизнисмени да напредуваат и да се искачуваат на што повисоки позиции во компаниите во кои што работат, но и оние што сакаат да почнат сопствен бизнис да го преземат првиот чекор.

Кои според вас се најважните пет работи на кои сега треба да се фокусираат бизнисмените, секако земјаќи превид актуелните околности, развојот на дигиталното општество, секако се разбира и предизвиците кои во последните две години ги имаме поради пандемијата на коронавирусот.

Чифлиганец: КОВИД пандемијата е одлична лекција за сите. Како земјотрес не размрда сите. Ако треба да издвојам 5 работи тоа се : Брза адаптација на новите состојби, потребите на клиентите и на вработените се менуваат, затоа е битна брзата реакција, Поставувања на Приоритети, Дефиниција за поразлично нормално, Изборот на соработници/ партнерите, како клучен елемент во вакви кризни моменти и секако бизнис плановите кои веќе не се исти како порано, бидејќи пандемијата донесе многу непознаници, не само за нас, како градежна компанија, не само за Македонија, туку на глобално ниво. Во оваа ситуација секоја компанија, од било кој сектор, очигледно е декамора да ја менуваме матрицата на размислување и визијата. Значи моравме да излеземе од комфорт зоната и да се адаптираме на новата реалност.

Тимот на „Адора инженеринг“, кој е предводник на иновативни решенија во градежниот бизнис –високоградба изминативе 20 години, покажа дека диверзификацијата на бизнисот и подготвеноста да се влезе во нови предизвици дава резултати. За градежниот бизис кризата почна уште многу пред пандемијата, со воведувањето на мораториумите, но нас тие не не ставија во мирување, напротив инвестиравме во банкарскиот сектор, станувајќи најголем поединечен акционер во најголемата домашна банка Комерцијална банка. Деновиве сме исправени пред најновиот предизвик инвестирајќи во енергетскиот сектор со купувањето на Топланите Исток и Запад. И секако „Адора“ не мируваше ниту во градежништвото-високоградба, инвестиравме во градби во Грција и во Србија. Во Грција изградивме вили во Криопиги за кои постои огромен интерес од македонските купувачи, на Тасос изградивме објекти за апартманско сместување, а наскоро ќе започнеме со изградба на нов објект. Во Србија, на Златибор градиме современ објект, според модерен инвестициски концепт. Инвестираме ние како компанија, но инвестираат и тие што купуваат стан во овој објект, бидејќи го користат кога сакаат и колку сакаат, а во останиот период од годината наша компанија ќе се грижи за нивно изнајмување. И за овој објект има голем интерес од македонските купувачи.

Едно, сигурно можам да кажам дека како компанија секогаш сме подготвени да се бориме, а тоа е мојот совет како менаџер никогаш да не се откажуваме и да гледаме напред и да бараме решенија.

Програмата е замислена на начин предавачите кои се претставници од бизнис секторот академската и научната фела да пренесуваат практични искуства на повеќе теми. Кои ќе бидат вашите пунктови при предавањето?

Чифлиганец:Кога сме сигурни во себе додека говориме и знаењето го пренесуваме искрено, несебично, со конкретни примери од нашето искуство не постои можност за неуспех. Отворено и искрено ќе им го раскажам мојот професионален пат до успехот, односно патот на успехот на компанијата „Адора инженеринг“, сите предизвици, премрежја, подеми и падови, начините на финансирање, соработката со банките, со институциите, општините, владите.

Дел сте од една од најуспешните компании во земјава, а дипломиравте маркетинг на Универзитетот Шефилд во Солун, подоцна и докториравте во Скопје. Самите сте пример на постојан развој низ годините, па што го детерминира развојот на една личност и на една компанија? Како тоа ќе им го експонирате на слушателите?

Чифлиганец: Вложувањето во луѓето, во вработените, подготвеноста да ризикувате и да бидете први на пазарот со имплементирање на најнови технологии, матријали е тоа што го детерминира развојот и на една личност и на една компанија. Да не се плашат да пробуваат, да почнат, бидејќи ако не се пробува нема да знаат дали ќе успеат или не. Кога се почнува со нешто секако, потребно е да се направат истражувања на пазарот, но не секогаш тоа е клучно.

„Адора инженеринг“ денес е препознатлива по воведувањето на интернационалните стандарди, во изминатите 20 години го трасиравме патот на нови технологии и иновативни решенија за поквалитетно домување, но кои се конкретните решенија кои ни донесоа таков имиџза денеска секој да посака да има стан од „Адора“. Ние сме компанија која ги воведе првите фотоволтаици за осветлување во зградите и надворешното осветлување во Скопје, уште пред 13 години, што резулираше со долгорочни заштеди на енергија и секако заштита на животната средина. Ги направивме првите енергетски ефикасни домови А –класа, 10 години пред тоа да стане законска обврска за сите градежни компании кои се занимаваат со високоградба. Значи имавме визија и бевме подготвени како компанија да инвестираме во нешто ново за што бевме сигурни дека ќе го подигне квалитетот на домувањето. Први направивме тест за квалитет и сеизмичка стабилност преку тестирање на нашите згради со вештачки земјотрес,во соработка со нашата реномирана институција ИЗИИС, со што им докажавме на граѓаните дека нивните домови се сигурни. Она што можам да си го препишам на мојот придонес во компанијата е грижата за клиентите и по купувањето на станот,  преку вниманието, изненадувањата и наградите кои ги воведовме, со што секој купувач има чувство дека секогаш добива повеќе од дом. Им покажавме, односно сме репер како треба да работат и другите градежни компании, со што овие придобивки за подигнување на квалитетот на домување, нешто што изгледаше недостижно за нашите купувачи стана реалност и исполнување на нивниот животен сон. Бидејќи, знаете како велат нема поважна инвестиција во животот на еден човек, на едно семејство од вложувањето во убав и пријатен дом за живеење, а „Адора“ денес има над 13.000 среќни граѓани, нема поголемо богатство за нас како компанија од тоа.

Има уште една работа која особено сакам да ја истакнам, а по што „Адора“ е препознатлива, тоа е нашата активно учество во општествено корисни проекти со кои креираме поквалитетн живот за граѓаните, донирајќи секогаш во општините во средините во кои што работиме. „Адора“ во изминатите 20 години има донирано околу 5 милиони евра во обрзованието на младите, доделувајќи стипендии, инвестирајќи во опрема, компјутери во училиштата, градинките, во здравството, донирајќи апарати во здравствените домови кои им се неопходни на здравствените работници за подобра анализа, детекција. Во културата, преку поддршка на важни настани кои го збогатуваат нашиот дух, како што е Охридско лето и многу други културни манифестации. За спортот можам многу да зборувам, нема спорт во Македонија кој не добил поддршка од нашата компанија, од борењето, ракометот, фудбалот, кошарката...Затоа денес „Адора“ е една од најнаградуваните компании, со над 10 интернационални и над 50 национални награди за најдобра градежна компанија, за квалитет, за иновативност, за општествена одговорност.

Што треба да знае еден менаџер за да раководи со успешна компанија?

Чифлиганец: Знаете како велат, добриот менаџер е тешко да се изгради, многу е тешко да се напушти, а невозможно е да се заборави. Ама за да стигнете до тоа, да не можат да ве заборават и да ве истакнуваат како пример по добри работи, треба пред се да бидете ЧОВЕК, потоа визионер, отворени за нови идеи, технологии, иновации, но и да ги поттикнете и научите вработените на тој начин да размислуваат. Треба да ги научиме младите да бидат искрени, а тоа ќе го постигнеме само ако ние бидеме искрени со нив. Што значи тоа, да ги споделуваме информациите. Искреноста не значи грубост, туку решавање на проблемите кога ќе се појават. Да бидат флексибилни, да се однесуваме кон вработените како кон луѓе со свои предности и недостатоци, истакнувајте ги позитивните страни, а за негативните секогаш да разговараме отворено и во четири очи. Да бидат праведни при плаќањето и наградувањето, добриот менаџер мора да знае дека наградувањето е клуч за ангажираноста и задоволството на вработените.

Колку е важно постојаното надоградување и образованието?

Чифлиганец: Многу е важен квалитетот на стекнатото образование, но со размена на искуства надвор од Македонија се добива друга димензија во работата, а потоа секако и практичното искуство, колку повеќе го имате, тоа е подобро, овие компоненти се сметаат за збир на умешности и способности кои луѓето ги поседуваат и ги употребуваат при својата работа. Но, би додала уште нешто, што според мене е многу важно, а на што во изминативе години како да заборавивме, или можам да кажам го занемаривме. Многу се важни личните вредности на еден човек, неговите уверувања, работната етика, физичкото и менталното здравје. На крајот на денот не е поентата да бидете извршен директор, еве тоа е мојата моментална позиција, поентата е да бидете добар колега и дел од тимот, само така ќе бидете лидер и во своите и во очите на другите.

А.Т.


Можеби ќе ве интересира

Николоски за ВоА: Во изминатите 4 години менаџиравме криза и го штитевме стандардот, економијата доаѓа во фокусот

Николоски за ВоА: Во изминатите 4 години менаџиравме криза и го штитевме стандардот, економијата доаѓа во фокусот

ЛУКАРЕВСКА: Во наредниот мандат домашните компании ќе ги поддржиме со 180 милиони евра

ЛУКАРЕВСКА: Во наредниот мандат домашните компании ќе ги поддржиме со 180 милиони евра

НИКОЛОСКИ НА СРЕДБИ ВО ММФ: Здравите економски политики поттикнуваат забрзување на економскиот раст

НИКОЛОСКИ НА СРЕДБИ ВО ММФ: Здравите економски политики поттикнуваат забрзување на економскиот раст

ГРАЃАНИТЕ СЕПАК ШТЕДАТ: Koлку се зголемени вкупните депозити на домаќинствата?

ГРАЃАНИТЕ СЕПАК ШТЕДАТ: Koлку се зголемени вкупните депозити на домаќинствата?

ММФ: Kaкви се оценките за руската економија?

ММФ: Kaкви се оценките за руската економија?

СТРИМИНГ ГИГАНТОТ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: наспроти забраната за делење лозинка - голем раст на профитот и претплатниците

СТРИМИНГ ГИГАНТОТ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: наспроти забраната за делење лозинка - голем раст на профитот и претплатниците

Марко Бислимовски останува вонреден претседавач на Бордот на регулатори на Енергетската Заедница

Марко Бислимовски останува вонреден претседавач на Бордот на регулатори на Енергетската Заедница

ЕСКАЛАЦИЈАТА И ТЕНЗИИТЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК ЈА КАЧИЈА ЦЕНАТА НА НАФТАТА: Еве како да тргувате со црно злато

ЕСКАЛАЦИЈАТА И ТЕНЗИИТЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК ЈА КАЧИЈА ЦЕНАТА НА НАФТАТА: Еве како да тргувате со црно злато

„АЛКАЛОИД“ СЀ ПОБЛИСКУ ДО ЕВРОПА: Компанијата регистрираше ново друштво во Хрватска, осми по ред правен субјект основан во земја членка на ЕУ

„АЛКАЛОИД“ СЀ ПОБЛИСКУ ДО ЕВРОПА: Компанијата регистрираше ново друштво во Хрватска, осми по ред правен субјект основан во земја членка на ЕУ