Интервју Џуровски: Колку и да не негираат духот на Рацин живее, да пишуваме на македонска уникатна кирилица
Објавено во: Интервјуа 11 Август, 2021
Македонскиот дизајнер Ласко Џуровски преку неговиот нов фонт „Рацин" освен што ја збогатува македонската типографија ја прави и посебна употребата на ракописниот стил на македонската кирилица. Фонтот е директно инспириран од ракописот на македонскиот поет и револуционер Кочо Рацин. Токму неговиот дух и наследство треба да се негуваат во време на силна негација на македонскиот народ, јазик и нација. Џуровски како дизајнер покажа и сопствено решение за лого за 30 годишнината од македонската независност, спротивно на владиното лого кое доби тешки критики и не беше целосно прифатено од јавноста.
Фактор: Како започнавте да изработувате македонски кирилични фонтови, колку графичкиот дизајн и мотивите од македонското творештво се компатибилни, од каде ја црпите инспирацијата?
Џуровски: Кирилични фонтови почнав да изработувам благодарение на потребата пишаните текстови кои ги дизајнирав да бидат презентирани на повеќе јазици. Тоа беше лесно да се направи со јазиците кои употребуваат латиница, меѓутоа не може исто да се каже за кирилицата, особено затоа што сметав дека ако во дизајнот употребувам еден фонт, тој треба да биде ист за сите јазици кои се сместени во иста брошура, книга, каталог или нешто слично. Така започнав да правам адаптации на постоечките латинични фонтови со вметнување во нив карактери на македонска кирилица. Тоа ги решаваше проблемите краткорочно. Сама по себе се наметна потребата за изработка на свои, оригинални фонтови кои би ги користел во мојата работа на полето на графичкиот дизајн. Така започна мојата посветеност на типографијата која трае сѐ до денес. Дизајнирањето на авторски фонтови е една од основните работи со која во моментов професионално се занимавам. Еден од моите фонтови, Клон (Clone) беше избран како еден од најдобрите 20 фонтови публикувани во светот таа година, од страна на светски реномирана компанија која се занимава со промоција и стручна оценка на типографски проекти. Ако зборуваме за инспирацијата, во мотивите од непроценливото македонско културно богатство наоѓам постојана инспирација за она што го работам, било да се работи за дизајн на етикети, постер, насловна страница за книга, фонт и сл.
Фактор: Фонтот Рацин освои многу симпатии од јавноста. Базиран е на ракописот на славниот македонски поет и револуционер. Каде ја гледате неговата примена?
Џуровски: Многу пријатно сум изненаден од извонредните реакции во јавноста на овој проект. Неговата примена ја гледам секаде каде што треба да се пишува со т.н. ракописни букви, со автентична, оригинална, точно напишана македонска кирилица кај која се испочитувани сите правописни и типографски правила. Двата стила на овој фонт, Рацин Регулар и Рацин Раф, беспрекорно го овозможуваат тоа, на мое големо задоволство.
Фактор: Сметате ли дека е потребно оживување на духот и идеалите на Кочо Рацин, особено во период кога македонскиот јазик е дрско негиран и како тоа да се постигне?
Џуровски: Духот и идеалите на Рацин не биле никогаш мртви, тие живеат во душата на секој вистински македонец кој си ја сака својата татковина. Македонскиот јазик е негиран, исто така и македонската кирилица, но сето тоа е залудно, беспредметно, неправедно, неуспешно. Ние зборуваме, и ќе зборуваме и понатаму на свој, автентичен и уникатен македонски јазик, исто така, пишуваме со уникатна и автентична кирилична азбука, која се разликува од сите други светски кирилични писма, со должна почит кон нив. Неколку букви од македонската кирилица прават таа да биде посебна и уникатна, единствена, сега и засекогаш.
Фактор: Бевте еден од најгласните критичари за изборот на логото со кое ќе се одбележи претстојниот државен празник денот на независноста 8 септември. Зошто владината одлука според вас е погрешна, каде лежи грешката во дизајнот и можеше ли подобро?
Џуровски: Не би рекол баш така. Јас не изреков ниеден збор со критика. Мојот револт од логото го искажав на свој начин, поточно изработив моја верзија на лого за Денот на независноста на Република Македонија, без никакви претензии, за да го покажам мојот личен став како би требало да изгледа лого за овој повод. На мое задоволство, тоа наиде на извонреден одзив на социјалните мрежи каде што беше одлично прифатено. Не велам дека моето лого е најдобро. Напротив, јас ја застапувам тезата дека секогаш може да се направи нешто подобро. Во Македонија работат извонредни дизајнери чии дела можам комотно да ги вбројам маѓу врвните дизајнерски достигнувања во Европа и во светот, со што треба да се гордееме. Инаку, сметам дека логото кое се обидоа да го наметнат е графички апсолутно неиздржано, освен тоа, преку него, на перфиден начин авторот на тоа „лого“, поточно неговиот нарачател, се обидува во јавноста да пласира податок кој не соодветствува со вистината, а сѐ што е базирано на лага не може да опстои, тоа времето многу пати го покажало.
Х.С.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.