29 Септември, 2024
0.1514

ИНТЕРВЈУ ГОНЧАРУК, амбасадор на УКРАИНА: Западот треба да изведе заклучоци од својот флерт со Русија!

Објавено во: Анализа 06 Септември, 2014

Добивај вести на Viber

Јуриј Гончарук, Амбасадор на Украина во Македонија за ФАКТОР зборува за руско украинскиот конфликт, последиците по земјата, економијата, по геокартата на Европа. „Ние треба јасно да осознаеме што можеме да очекуваме од НАТО. Директна интервенција – не. Украина не е членка на оваа организација, затоа алијансата априори е ограничена во своите дејствија. Тоа се формални основи, но ако НАТО сепак ја остави Украина без помош, тогаш  не сум сигурен дека ќе може да ги заштити своите источни членки. Историјата тешко се мами„ вели Гончарук во интервјуто за Фактор. Фактор: Како ја оценувате  во моментов ситуацијата во Украина,  постои ли опасност од проширување на конфликтот  или сепак ќе дојде  до запирање на воените дејствија ? Гончарук: Да се рече дека тековната ситуација на Истокот на Украина е сложена, значи дека ништо не е кажано. Ситуацијата е опасна, бидејќи широката примена на руските вооружени сили се заканува со префгрлување на борбените дејствија надвор од границите на Донбас. Најпосле светот треба да разбере дека тоа не е внатрешен конфликт, туку конфликт меѓу Украина и Русија, кој порано се одвиваше во други форми. Милитантите се само инструмент на Москва. Кукларите седат во Кремљ. Но, за жал токму од нивниот здрав разум зависи прекин на огнот. Присутност на такво нешто во моментов кај нив не се забележува, но затоа синдромот на безгрешност е присутен.
МИРОТ ЌЕ ЗАВЛАДЕЕ НА ДОНБАСКАТА ЗЕМЈА
Фактор: Проценките се дека доколку дојде до примирје во источна Украина, тоа би значело дека Кремљ ги исполнил зацртаните цели и дека на тој начин нема да биде надминат конфликтот.  Дали Украинци се подготвени да се согласат на запирање на огнот и по која цена тоа би било? Гончарук: Мирот обавезно ќе завладее на донбаската земја. Само е прашањето кога и по која цена. Ако се согласиме со «планот на Путин», значи го губиме Донбас. Но, тоа не значи дека Русија ќе запре, бидејќи нејзината цел е очигледна – да создаде простор за понатамошна офанзива. Чехословачка ја даде Судетската област, а по шест месеци германските војски влегоа во Прага. Руските војски да не го видат Киев, но и ние дури не треба за тоа да создаваме хипотетички услови.  Ние сме подготвени за билатерален прекин на огнот, но под услови на повлекување на странските војски и затворање на украинско-руската граница. При тоа прашањето на територијалниот интегритет и независност на Украина нема да бидат предмет на преговори.
ПОТРЕБНА Е ЛОГИСТИКА ОД НАТО
Фактор: Украинскиот претседател Петро Порошенко изјави дека на неговата земја не и’ се потребни странски војници.  Каква помош тогаш  бара Киев од НАТО? Гончарук:  Ние сме подготвени сами да се справиме со ситуацијата без вклучување на војски на земјите-партнери. Од НАТО чекаме давање на логистичка помош и современо оружје, бидејќи не е едноставно да се спротиставиш на армија која се наоѓа во постојана подготвеност за војна воопшто, а за оваа војна водеше долга подготовка. И воопшто не заборавајте дека рускиот воен потенцијал е еден од најмоќните во светот. Според податоците на украинското разузнавање, на територијата на Донбас престојуваат 600 оклопни возила и повеќе од 200 тенкови, не сметајќи ја другата техника. Нивниот број постојано се зголемува. Фактор: Валентин Бадрак, директор на киевскиот „Центар за воени студии, кој вели дека без западна помош не може далеку да се стигне и Украина да остане независна земја на картата? Гончарук:  Валентин Бадрак е познат и сериозен стручњак во воената сфера. Патриотски расположен човек. Ако тој вели така, тогаш сигурно има основа за тоа. Западната помош е неопходна, но каква било помош ништо не вреди без умеењето таа да се користи, без волјата за победа и верата во својата правичност. Русија ги помагаше милитантите и со оружје, и со тешка техника, при што нивната опрема во многу нешта ја надминуваше украинската, но таа самата мораше да прибегне кон воена интервенција, кога  стана очигледно дека потпирањето на нив беше неоправдано.
ЗАПАДОТ ТРЕБА ДА ИЗВЕДЕ ЗАКЛУЧОЦИ ОД СВОЈОТ ФЛЕРТ СО РУСИЈА
Фактор: Од НАТО порачуваат дека не играат улога во украинскиот конфликт. Дали Алијансата би била во состојба да ги одбрани своите источни членки во случај Русија да ги загрози? Гончарук:  Ние треба јасно да осознаеме што можеме да очекуваме од НАТО. Директна интервенција – не. Украина не е членка на оваа организација, затоа алијансата априори е ограничена во своите дејствија. Тоа се формални основи, но ако НАТО сепак ја остави Украина без помош, тогаш  не сум сигурен дека ќе може да ги заштити своите источни членки. Историјата тешко се мами. Фактор: Стратешкото партнерство меѓу НАТО и Русија во последниот период е разнишано поради анексијата на Крим и кризата на истокот на Украина. Од Брисел  се почесто може да се слушне дека Москва  веќе не е партнер, туку закана. Дали го делите тоа мислење и како  ги оценувате најавите за  можен нов договор на 21 век кои би предвидувало Западот да истапи со понуда до Русија која таа нема да може да ја одбие ? Гончарук:  Да, сосема е очигледно дека агресивното однесување на Русија е насочено на прегледот на резултатите од завршувањето на «студената војна». Следствено, ќе не чекаат многу интересни настани, ако Западот направи соодветни заклучоци од својот флерт со Русија.
НЕ КОМЕНТИРАМ ГЛАСИНИ!
Фактор: Можно ли е да се очекува заладување на односите на реализација Киев-Брисел затоа што се шират гласините  за договор меѓу Берлин и Москва за Украина, според кои Порошенко ги испровоцирал борбите и со тоа практично им ги препуштил Доњецк и Луганск на сепаратистите?  Гончарук:  Со прашање на прашање – дали има други, освен гласини, докази за постоење на таков договор? Јас, сум дипломат и можам да коментирам само документирано констатирани факти и тоа во границите на официјалниот став, бидејќи ја претставувам државата. Сепак сум со претпоставка дека овие гласини се операција на специјалните служби на соседната држава со позната цел. Фактор: Дали од страна на Западот се направени  пропусти во менаџирањето на руско-украинскиот конфликт и каде го лоцирате проблемот? Гончарук:  Ние сме му благодарни на Западот за напорите, што ги превзема за помош на Украина во решавачкиот момент на нејзината историја, но се треба да се прави на време, а не по некого. Треба да се предвидат настаните, а не да се влечка на нивната опашка. Авантурата на господинот Путин засега има успех токму поради тоа што Западот го изгуби чувството за опасност, поточно не проработи инстинктот на самоодржување и историската амнезија е присутна. И за жал, не само таму. Присутна е желбата да помине со минимум напори, но скржавиот, како што е познато плаѓа двојно повеќе. Време е да се спомне и англиската поговорка „јас, не сум толку богат, за да купувам евтини работи“.
УКРАИНА ОСТАНУВА СИГУРЕН ТРАНЗИТ ЗА ГАС
Фактор: Конфликтот неизбежно ќе доведе до ново прераспределување на силите на европскиот пазар на гас.  Дел од земјите-членки на ЕУ се сериозно загрижени поради својата енергетска зависност од Русија, а други се сомневаат во веродостојноста на транзитот преку Украина. Проектот за „Јужен тек“ одеднаш е стопиран . Дали кризата ги реафирмира неговите предности или целосно се  замрзнува овој енергстски и инвестициски зафат? Гончарук: Без оглед на кризната ситуација, вештачки создадена од Русија, во односите со Украина, нашата држава останува сигурен транзитер на природен гас до Европа – сиот обем на гас, што доаѓа од РФ, а тоа е транзит во износ од 185 милиони м3 гас дневно, се испорачува и ќе се испорачува од украинскиот гасоводен систем до европските земји без прекин. Што се однесува до проектот „Јужен тек“, по мое длабоко уверување Европа во светлото на последните настани, поврзани со агресивната политика на Кремљ во врска со неговиот најблизок сосед, го промени својот став и сега размислува за диверзификација токму на изворите за снабдувањењ со енергија, а не за патиштата на нивното транспортирање (како што тоа се предвидуваше со «Јужниот тек»).  Фактор: Во една Ваша колумна за весникот Дневник велите „Патот на нашиот развој е европски. Европската Унија – тоа е унија на демократии. Далечна е од идеализирање ЕУ, но соработката со неа – тоа е шанса за обнова на земјата. За својот избор ние плаќаме скапа цена.  Од друга страна проценките на меѓународната  заедница се  дека Украина не е подготвена за членство во  НАТО и ЕУ? Гончарук:  Задоволство е, секако, да знаеш дека те читаат. Главно е да те разберат. Да, навистина Украина уште не е подготвена за влез во ЕИ и НАТО, иако овие почитувани организации понекогаш донесуваат политички решенија во врска со сопствената експанзија. Но, јас, не за тоа. Јас, за тоа дека на мојата земја и е потребна кардинална реформа. Соодветното исполнување на критериумите во овие организации – тоа е шансата. И од нас зависи како ние ќе ја искористиме. Тоа, што ќе биде потоа, тоа е веќе друга приказна.
АРГУМЕНТОТ НА ПУТИН ВО КОЈ ГО КОРИСТИ КОСОВО НЕ ДРЖИ
Фактор: Како го оценувате клучен аргумент на рускиот претседател, Владимир Путин за оправдување на сецесијата на Крим од Украина и присоединување со Русија е фактот што Запад во 2008 година ја призна косовската декларација за независност, од друга страна Киев  засега опстојува на ставот дека никогаш нема да го признае Косово? Гончарук: Владимир Путин не секогаш успешно ги избира аргументите за оправдување на своите постапки, но соодветно образложение нему и не му е потребно.Тоа е очигледно и доста дамнешно, бидејќи приоритетот за него е „националното единство“ во борба за светското владеење. И тоа му успева, бидејќи Русија се наоѓа во националистичка интоксикација. Украина по прашањето на Косово покажува конзистентност. Пред него, ние, не ја признавме Транснистрија и Нагорно Карабах, а по него Абхазија и Јужна Осетија. Фактор: Што ќе и е на Украина зона за слободна трговија  со ЕУ? Гончурак: Во услови на воена интервенција од страна на Русија и соодветните загуби на пазарот на северниот сосед, за нашата земја прашањето на потпишувањето на Подлабока и сеопфатна спогодба за слободна трговија со ЕУ добива исклучително важна тежина. Потпишувањето на овој документ ќе и даде на Украина можност да добие нови пазари за продажба, инвестиции, а исто така ќе создаде предуслови за зголемување на нивото на квалитетот на својата продукција. А потоа, секако, ќе обезбеди постепена интеграција на економијата на Украина во внатрешниот пазар на ЕУ. Фактор: Колку се точни информациите дека Украинската компанија „Енергија“ ќе ја пресели фабриката за производство на еколошки системи за прочистување води од Киев во Македонија? Гончурак: Очигледен е фактот дека вредноста на продукцијата е тесно поврзана со условите за производство, вредноста на работната сила, условите на оданочувањето и т.н. Бизнисот секогаш се наоѓа во потрага на најприфатливи и рентабилни услови за неговиот развој. Колку што ми е познато, пред да се најде во Украина тој вид на бизнис се развиваше во Соединетите Американски Држави. Со оглед на тоа не гледам ништо чудно во желбата на инвеститорите да ги разгледаат новите терени за диверзификација на нивните проекти. Разговараше Горазд Чомовски