23 Ноември, 2024
0.2344

Горан Антевски, Генерален директор на РАДЕ КОНЧАР-ТЕП

ИНТЕРВЈУ ГОРАН АНТЕВСКИ: Одржливите навики се резултат на оперативната долгорочна стратегија на Раде Кончар-ТЕП, учесник на ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2024

Објавено во: Интервјуа 25 Септември, 2024

Добивај вести на Viber

Горан Антевски, веќе 18 години, од 2006 година, е на чело на раководството на една од најголемите компании во електро секторот, Раде Кончар-ТЕП како Генерален директор. Но, искуството како успешен бизнисмен и експерт во дејноста му се протега многу повеќе од само 18 години. Работното искуство на Антевски започнува во 1996 година во Смелтинг, кое трае 3 години, но неговата бизнис приказна во Раде Кончар започнува уште во 1998 година како Раководител на оператива, потоа во 2002 година е поставен за Извршен директор на А.Д. Раде Кончар-Апаратна техника, во 2004 е назначен за Директор на развој во Раде Кончар-Сервис, а во 2006 до денес е Управител на Раде Кончар-ТЕП со целосна организација на работењето на компанијата.

Реалноста во која живееме ни налага да се справуваме со брзото темпо на климатските промени, кое веќе како последица е присутно во секој дел на планетата па и кај нас. Колку Раде Кончар-ТЕП и вие како Генерален директор, сте насочени кон одржливи решенија во оперативниот процес на производството во сите сектори на компанијата?

Горан А.  Раде Кончар-ТЕП, под мое водство, активно работи на усвојување на одржливи решенија во сите аспекти на производството. Со тоа се исполнува само дел од нашата визија да бидеме лидери во електро индустријата во производство, но исто така и во одговорноста кон околината. Наша приоритетна цел е да интегрираме принципи на одржливост во оперативните процеси, со акцент на намалување на отпадот, енергетската ефикасност и користењето на обновливи извори на енергија.

Работиме на развој на иновации и технологии, кои ќе ни помогнат да ги минимизираме негативните влијанија на животната средина, а истовремено ќе обезбедат конкурентност на пазарот. Прво, работиме на подобрување на енергетската ефикасност преку модернизација на нашата опрема и воведување на напредни технологии за контрола на потрошувачката на енергија. Второ, активно инвестиравме во обновливи извори на енергија, како што се соларните панели и батериски системи за складирање на енергијата првенствено за користење во нашето производство. Трето, со анализа на сите овие податоци и огромното знаење на нашите врвни инженери изработивме сценарија и воведуваме најнов систем за следење на ефикасноста на производството. На крај како еден од најважните елементи е воведување на континуирани одржливи иновации на производите преку промена на дизајнот и употребата на рециклирачки материјали.

Големата соработка, која ја имаме со локалната заедница и партнерствата со научни институции, факултетите и средните училишта во меѓународните проекти, исто така играат клучна улога во нашите напори за создавање на поодржлива иднина. Наша визија е да бидеме лидер во индустријата не само во производството, туку и во одговорноста кон околината.

Раде Кончар постои над 75 години, со седиште во Скопје и со клиенти во над 40 земји низ светот, меѓу кои се вбројуваат и ArcelorMittal, ЕВН, ЕСМ и Електропривреда Србија. Почнувајќи од 1948 кога се создала фирмата ЈУГ, која подоцна во 1963 се интегрира во холдингот на РАДЕ КОНЧАР - ЈУГОСЛАВИЈА и се реименува во РАДЕ КОНЧАР АПАРАТНА ТЕХНИКА – Скопје, компанијата има напреднато значително во поглед на својот развој и достигнувања. Чистата енергија е една од главните столбови на Раде Кончар-ТЕП на патот кон иднината. На кровот од вашата фабрика имате вградено соларни панели. По една година, кој е заклучокот?

Горан А.  За инсталацијата на соларните панели на кровот од нашата фабрика, можеме да кажеме дека резултатите се исклучително позитивни. Соларната енергија се покажа како ефикасен и одржлив начин за производство на чиста енергија, која директно го намалува нашето користење на фосилни горива и емисиите на јаглерод диоксид. Со оваа инвестиција не само што придонесуваме кон заштита на животната средина, туку и директно ги намалуваме нашите оперативни трошоци поврзани со потрошувачката на електрична енергија.

Ова е само почеток на нашите планови за чиста енергија. Преку следење на ефикасноста на соларните панели и анализирање на податоците на вградените батериски системи за складирање на енергијата, ќе продолжиме да го зголемуваме капацитетот на обновливи извори на енергија и да истражуваме дополнителни можности за енергетска оптимизација. Нашата визија е Раде Кончар-ТЕП да продолжи да биде лидер во користењето на чиста енергија, како основен дел од нашата стратегија за одржливост и иновации.

Нашето знаење и искуство за ефикасно работење го споделуваме безрезервно со сите наши партнери и соработници. Вистинска штета е доколку знаењето се чува само за себе – не сте успешни доколку позитивните двигатели на економијата не ги споделите со останатите економски оператори за заеднички напредок. Не можам да ги разберам компаниите, кои се фокусираат исклучиво на финансискиот бенефит на штета на пошироката економија и животната средина во државата.

Иновацијата е јадрото на технологијата на Раде Кончар. Кон какви иновативни решенија е насочена компанијата и како истите ќе влијаат на компанијата, профитабилноста, економскиот раст во државата, а воедно и врз животната средина?

Горан А. – Иновацијата навистина е во јадрото на технологијата на Раде Кончар-ТЕП, и таа е клучна за нашата стратегија за одржлив развој и конкурентност на глобалниот пазар. Компанијата е насочена кон неколку иновативни решенија, кои ќе имаат позитивен ефект врз профитабилноста, економскиот раст, како и врз животната средина.

Како што и напоменав предходно Раде Кончар-ТЕП инвестира во развој на паметни енергетски системи, кои вклучуваат автоматизација и дигитализација на производните процеси. Овие системи овозможуваат интелигентно управување со енергијата и оптимизација на ресурсите, со што значително се намалува енергетската потрошувачка и оперативните трошоци. Развојот на производи со еколошки дизајн, кои имаат поголема енергетска ефикасност и се направени од рециклирани и одржливи материјали, е исто така клучен дел од нашите иновации. Ова им дава на нашите клиенти можност да ги намалат своите трошоци за енергија и да ги исполнат еколошките стандарди. Исто така, производите што се лесни за рециклирање или повторно користење придонесуваат кон циркуларната економија. Имплементацијата на концептот на Индустрија 4.0 преку дигитализација и автоматизација на процесите е уште еден голем чекор напред. Ова значи вклучување на роботика, вештачка интелигенција и big data анализи во секојдневните операции. Овие технологии не само што ја подобруваат ефикасноста и продуктивноста, туку и овозможуваат пофлексибилно и скалабилно производство.

Секторот за истражување и развој на Раде Кончар е константно насочен кон надградба на дизајнот на производите, со премисата на иновациите дека сѐ што е добро секогаш може да биде подобро. Како бизнисите и малите и средните претпријатија можат да ги трансформираат своите процеси и да дознаат нешто повеќе за можностите и модерните иновативни решенија за „вклучување одржливи навики“ во текот на своето работење?

Горан А.  Малите и средните претпријатија (МСП) имаат значителен потенцијал да ги трансформираат своите процеси и да се вклучат во одржливи практики. Првиот чекор е спроведување на енергетски ефикасни мерки, како оптимизација на потрошувачката на енергија, зголемување на ефикасноста на системите и користење на обновливи извори на енергија. Инвестирањето во паметни технологии и автоматизација може да им помогне на МСП да ги намалат оперативните трошоци и да ја подобрат продуктивноста, додека истовремено придонесуваат кон заштита на животната средина.

МСП можат да стекнат повеќе знаења за модерните иновативни решенија преку учество на саеми, работилници и семинари, како и преку партнерства со компании, кои се лидери во одржливоста. Овие настани и соработки овозможуваат размена на искуства и запознавање со најновите технологии и трендови.

Во Раде Кончар-ТЕП, 30 врвни машински и електро инженери, од кои 10 се обучувани во Јапонија, во Токио и Осака, постојано работат на пронаоѓање на најсоодветните и најекономични решенија за нашите потреби, но и за потребите на нашите партнери и купувачи. Нашето знаење и искуство несебично го пренесуваме на младите генерации но и на нашите партнери, следејќи ја јапонската филозофија KAIZEN – да напредуваме заедно со нашите соработници и партнери.

Дали Раде Кончар-ТЕП како еден од клучните играчи во електро секторот ќе биде дел од претстојниот Саем за енергетика и технологија во Скопје, ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2024 (29.-31.10.2024) во Арена Борис Трајковски и што сѐ може да се очекува да претстави на можеби еден од најважните бизнис саеми во државата во последните неколку години?

Горан А.  Што се однесува до Раде Кончар-ТЕП, планираме активно учество на Саемот за енергетика и технологија, ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2024. Како еден од водечките играчи во електро секторот, ќе презентираме електро опрема и решенија фокусирани на енергетската ефикасност, обновливи извори на енергија и автоматизација. Посетителите ќе имаат можност да се запознаат со нашите најнови технологии и иновации во овој сектор. Со долгогодишното работење во енергетскиот сектор, како во Македонија така и во Европа, забележавме дека има многу неквалитетни системи за дистрибуција и производство на електрична енергија. Нашата цел на овој саем е да го претставиме и споделиме нашето богато искуство и експертиза пред посетителите, партнерите и стручната јавност.

Раде Кончар-ТЕП секогаш активно учествува на вакви стручни саеми и манифестации како ЕНЕРГО ТЕХНОМА и МАКО ЦИГРЕ, но и како излагачи на Саемот за техника во Белград, како и на престижните технички саеми во Хановер и Франкфурт. Континуираното учење и соработката со големи компании ни овозможува да го задржиме нашето лидерско место во Македонија и да го зголемиме извозот на нашите производи надвор од земјата.

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.