29 Септември, 2024
0.0250

ИНТЕРВЈУ Јасмин Реџепи: Во Газа се случува холокауст на палестинското население

Објавено во: Анализа 01 Август, 2014

Добивај вести на Viber

Израел во Газа непречено спроведува етничко чистење, геноцид и холокауст  врз Палестинците, во најголемиот логор во светот. Меѓународната заедница треба да покаже поголема солидарност и енергичност да запре конфликтот“, во интервју за Фактор изјави Јасмин Реџепи, познат активист од исламската заедница, претседател на невладината Легис, хуманитарен доброволец кој беше заложник на израелските специјалци кои го нападнаа бродот што носеше хуманитарна помош за сириските муслимани. Според него, треба внимателно да се процени дали казнувањето на нашите државјани кои се борат на страна на муслиманите во Сирија, Ирак и другите кризни подрачја, може да предизвика безбедносни контра-ефекти по нивното враќање во Македонија. Тој тврди дека Македонци поминуваат во Ислам а битката за религиозна доминација меѓу Ромите е подеднаква и кај православните и кај муслиманските мисионери. Фактор: Ве најавуваат како пропалестински активист. Деновиве сликите од Газа се морничави со убиени невини, пред се жени и деца. Овој судир меѓу Палестинците и Израелците трае повеќе од седум децении. Дали е на повидок нов Холокауст, овој пат од страдалниците на Холокаустот? Јасмин Реџепи: Што се однесува до моите активности, тие не се врзани само со Палестина. Тука се хуманитарните акции и за Сомалија, Бурма и Сирија, како и некои од регионален и локален карактер, како и пишувањата за целиот тој блискоисточен регион и целиот муслимански свет. Што се однесува до Палестина, тоа е едно прашање на конфликт постаро и од нашите родители. Благодарение на немањето механизми за спречување на трагичните последици од овој конфликт и на кршењето на сите резолуции на Обединетите Нации, Израел непречено спроведува етничко чистење, геноцид и холокауст врз палестинското население во Газа, но и на Западниот Брег, каде што не престанува со градење на дивите наслеби и населувањето со дојденци од САД и Источна Европа. Статистиката во моментов брои над 1.361 убиени и 6.780 ранети, а овие бројки од час во час се зголемуваат. Третина од настраданите се деца, а над 80% се цивилни лица. Ни Палестинците христијани не се поштедени. Половина од територијата во Газа е разурната, а луѓето немаат каде да избегаат од најголемиот концентрационен логор во светот. Што е ова ако не систематско истребување и уништување на еден народ, односно холокауст и тоа пред очите на меѓународната јавност? Фактор: Деновиве се дистрибуирани информации за запалени христијански цркви, дека се работи за нивен погрон во Ирак, Египет, Судан. Јасмин Реџепи: Сите овие 3 земји имаат различни приказни. Ирак е земја каде што војната никогаш не престанала, а каде што меѓусебно се борат неколку различни војски. Па така, не само христијаните, туку и муслиманите сунити се малцинство и трпат големи дискриминации и уништувања на верски објекти, домови и животи. Во Судан војната со Јужен Судан заврши со одделување и засега нема големи конфликти. Во Египет, за да се оправда државниот удар на генералот Сиси беа палени цркви и џамии истовремено, убивани илјадници луѓе по плоштадите, но сепак сликите кои од Каиро ни пристигаа се оние каде христијаните фатени за рака ги чуваат муслиманите дури клањаат и муслиманите со жив штит ги чуваа коптските цркви од нападите на остатоците од тајните служби на Мубарак. Фактор: Како ги оценувате состојбите во муслиманскиот свет откако Арапската пролет, наместо демократски промени, е под пресија на радикалните сили за кои синоним е Ал Каеда? Јасмин Реџепи: Арапската пролет не беше добредојдена кај западните земји чиишто миленици беа симнати од власт. За да го оправдаат враќањето на диктаторските режими им дадоа слобода на разни милитантски групи, кои ја вршат својата задача. Западот нема интерес да воведува демократија во арапскиот свет, освен што тој термин го користи за воведување свои полтрони во тие земји, а ниту пак тој свет е подобен за демократски општества. Сите тие луѓе длабоко во себе се склони кон шеријатскиот систем на уредување, па затоа ни комунизмот ни демократијата не се соодветни системи за нив. Единствен пример за успешност на Арапската пролет е Тунис, во кој власта ја одржуваат искусни исламски проевропски ориентирани политичари. Фактор: Во Ирак, од приврзаниците на Ал Каеда, е промовирана идеата за Калифат – држава со најригорозни закони на шеријатот? Дали во новата геостратегија е вклучена и опцијата за пошироки верски конфликти? Јасмин Реџепи: Калифатот не значи држава со ригорозни шеријатски закони, ниту пак шеријатот значи ригорозен закон. И демократските општества се разликуваат меѓусебе од земја до земја, па така и ригорозноста или либералноста на истите. Калифатот е исламски систем на уредување, кој постоел 13 века до пред да го укине Ататурк, пред скоро еден век. Исламот, за разлика од христијанството, како религија не е секуларна, што значи дека во својот веро-закон има правила за уредување на животот на поединците и на општеството. Склоноста на муслиманите кон враќањето на истиот е природна и оправдана, но не се врзува со она што го имаме во Ирак. Аналитичарите велат дека за враќање на калифатот мора да се испочитуваат одредени услови. Потребно е сите верски научници и световни интелектуални лидери да се сложат околу таа институиција, нејзината правна, теоретски и практична форма, како и околу носителот на таа функција кој треба да е докажан во верските и политичките науки и пракса. Не може некој на јавноста непознат лидер на некоја воена формација, туку така, да се прогласи себеси ниту пак некој друг имал моќ и легитимност да го прогласи за калиф. За разлика од овој калифат во Ирак, кој сеуште нема добиено легитмитет од водечките теолози и интелектуалци. Неговото понатамашно делување не можеме да го предвидиме, идеалниот калифат воопшто не би бил извор на пошироки или потесни верски конфликти. Напротив, би бил гарант за сите национални и верски малцинства на Блискиот Исток, а превентивно би делувал на сите меѓудржавни судири кои се случуваат меѓу земјите со вештачки исцртани државни граници. Фактор: Како ја оценувате верската кохабитација во Македонија и притаениот страв кај православните од исламскиот радикален свет? Под чие влијание се вахабистите во Македонија, дали се финасирани од Турција или Саудиска Арабија? Јасмин Реџепи: До скоро не сме имале верски конфликти во земјава, но во последно време како тоа да се наметнува од одредени неправедни политички одлуки, од фаворизирања на само една верска зедница, од одредени медиуми со пласирање на невистинити информации за верски конфликити во светот, регионот и во земјава, од неактивната и несоодветна работа на агенцијата за верски заедници итн. Терминот „Исламски радикален свет“ е тотално погрешен и навредлив. Постои муслимански свет, а тоа се земји со бројно муслиманско население. Исламски земји, по устав и по пракса 100% исламски сеуште немаме, па затоа не го користиме тој термин. А дека радикализмот е поттикнат од исламот и дека екстремистите се застапени само кај муслиманите, тоа е невистинито. Исламот налага секоја реформа да се спроведе постепено, транзициски, за да можат луѓето полесно да се навикнат и земјата полесно да функционира. Затоа овој термин е несвојствен и неточен, а тоа го потврди и ИВЗ, заедно со терминот „вахабизам“. Вахабизмот како термин први почнале да го употребуваат шиитските милиции во Иран за да ги оправдаат прогоните на сунитското малцинство. Потоа истиот е преземен од Русија како пропаганда, во време на војната во Чеченија, а го користеше за бунтовниците и странските платеници. Кај нас го воведоа одредени медиуми со цел разгорување на конфликти најпрво меѓу муслиманите, а потоа и како закана за сите граѓани во државава. Јас сметам дека целиот верски живот и сите имами се под надлежност на ИВЗ, која иако со одредени недостатоци сè уште функционира и превентивно делува против формирањето на одредени секти или групации и дека такви страни идеологии или правци во организирана форма немаме во државава. Што се однесува до поединците, тоа е веќе не е во мој домен. Фактор: Стејт департмент во последниот извештај оцени – во Македонија, генерално, се почитуваат верските слободи, но религискиот фанатизам сè повеќе е предмет на политизација и партизација? Јасмин Реџепи: Да, за жал. Кај нас е повеќе од очигледно дека сегашната владеачка структура фаворизира една верска заедница, а честопати на штета на другите. Но, ниту постои желба кај нив да се поправат, ниту пак граѓанските фактори имаат влијание или механизми да го спречат тоа, што неминовно води кон заострување на меѓурелигискиот соживот. Фактор: Одделни разузнавачки информации говорат дека ромските етнички заедници, особено христијански определени, се предмет на исламизација со понудени социјално-образовни донации? Јасмин Реџепи: Напротив, тоа што можеме да го видиме на терен е нешто сосема обратно. Ромите во мнозинство се муслимани, а поради нивната незавидна економска и социјална положба, бројни христијански секти однадвор регрутираат голем број Роми во своите редови, градат цркви и вршат прозетелијански активности во нивните населби низ земјава. Всушност, најголеми број на оние кои преминуваат во ислам се етнички Македонци. Фактор: Бевте дел од хуманитарната мисија за помош на настраданите во Газа, со меѓународната помош на турскиот бродот Мави Мармара. Се зголемува бројот, пред сè на Албанците од регионот и Македонија, кои се борат на страна на исламските радикали. Дали е тоа знак на верска солидарност или профит? Дали се согласувате тие македонски државјани во земјава да бидат кривично гонети, како што се сè погласни барањата од Запад, но и од некои домашни политичари? Јасмин Реџепи: Хуманитарната мисија за Газа е територијално и временски неврзана со случувањата во Сирија. Во Сирија на неколку наврати носевме хуманитарна помош за бегалците, односно, интерно раселените лица. Никогаш немавме сретнато војска или паравојска од балканските земји. Поединци заминале, солидаризирајќи се со бруталните страдања и масакри на жртвите на диктаторскиот режим на Башар ал Асад, од верски или национални причини, но не и од профит, придружувајќи им се на некои од различните воени опозициски формации. Велам не од профит, затоа што се работи за сиромашна опозиција која нема пари за оружје или прехранување, а уште помалку за плаќање плати. Но, затоа пак имаме поединци кои токму поради профит заминале да се борат на страната на режимот на Асад, или претходно на Гадафи, или сега на страната на Израел. До сега војувањето во друга земја за друга држава или восјка не беше казниво, но сега се бара измена на тој закон. Треба пред сè да се види каде лежи заканата за нашата држава од овие поединци, дали тоа може да се реши со одредена психичка рехабилитација. Дали радикалниот начин на казнување, на кој инсистира Запад, всушност може да вроди со друг радикализам кој би бил поопасен за безбедноста на нашите граѓани. Кога ова добро ќе се испита и елаборира, тогаш треба еднакво и без исклучоци да важи за сите поединци кои се борат на било кој фронт на планетава, затоа што поствоениот синдром не е сосотојба на психичко пореметување само на борците дојдени од опозицијата во Сирија, туку и на оние кои за пари се борат во Авганистан, Ирак, Сирија, Израел и Либија. Горазд Чомовски