24 Ноември, 2024
0.0281

ИНТЕРВЈУ КАЕВСКИ: Во СДСМ нема фракции и крила, убедливо водиме на сите анкети пред локалните избори

Објавено во: Македонија, Интервјуа 10 Мај, 2021

Добивај вести на Viber

Беше претседател на партискиот подмладок на СДСМ, а до неодамна јавноста го памети како прв човек на Агенцијата за млади и спорт. Сега е народен избраник во законодавниот дом од најголемата владејачка партија. Дарко Каевски, во интервју за Фактор, децидно тврди дека неговата партија е демократска и во неа има разлики на мислења и ставови, но во никој случај нема да се случат фракции, крила, или масовни напуштња. СДСМ верува и дека не се вистинити шпекулациите кои минатата недела беа распространети во јавноста, а тие се дека некогашнот долгогодишен лидер, Бранко Црвенковски, би формирал партија која би можела да им го намали гласачкиот потенцијал на претстојните локални избори. Во интервјуто Каевски открива дека неговата СДСМ, после Конгресот закажан за 16 мај, ќе влезе во фаза на филтрирање на кандидатите за градоначалници и уверува дека сега владејачката партија е фаворит на сите релеватни анкети и води пред политичкиот противник, а на претстојното изборно соочување очекува дека социјалдемократите ќе ја задржат власта и во главниот град. Разговаравме и за блокадите на парламентот, за тоа какви се неговите очекувања за европските перспективи, но и за тоа како младите да се спречат да заминуваат од земјава...

Господине Каевски, пред неколку дена во Охрид поранешни видни социјалдемократи од тој град најавија формирање на независни листи за локалните избори наесен. Чаршиските муабети велат дека Охрид е прв од серијата градови (општини) што ќе имаат такви листи од социјалдемократската база. Има ли незадоволство во Вашата партија до тој степен што би резултирало со вакви листи за изборите?

Каевски: СДСМ отсекогаш се одликувала со висок степен на демократија и различни ставови и идеи. СДСМ е партија која секогаш се разликувала од многу други партии по тоа што има разноликост на ставови и размислувања, и тоа не прави најдемократска партија, со докажани демократски начини на работење, однесување и функционирање. Врз основа на резултатот од сработеното на локално и централно ниво и политиките кои носат напредок и подобрување на животот на граѓаните, СДСМ е фаворит на претстојните локални избори. Во однос на прашањето за најаваената листа за во Охрид од незадоволни членови, како што потенцираше и претседателот Заев, тоа е порака до нас и, со нив претседателот ќе разговара и ќе се обиде да најде начин да ја увиди причината за нивното незадовлство. Сепак, одогворно тврдам дека постојат разлики во ставовите, но фракции, крила, масовни напуштања - такво нешто нема во СДСМ, напротив секојдневно се приклучуваат голем број граѓани на нашите евроинтеграциски и прогресивни процеси.

Дали е точно дека зад оваа „операција“ стои некогашниот челник на СДСМ Бранко Црвенковски и во тој контекст, какви Ви се сознанијата дека се подготвува формирање на нова партија?

Каевски: Не верувам дека тој стои зад овие настани, ниту пак зад било какви други настани што се случуваат во партијата. Како што знаете, веќе подолг период поранешниот претседател Црвенковски не е активен во јавниот и политичкиот живот. Во однос на прашањато за пласираните информации за негово активирање во политика преку формирање на друга партија, мислам дека вистинската адреса за одговор на ова прашање е токму поранешниот претседател Бранко Црвенковски, или пак, изворите од кои што се пласирани овие информации. СДСМ верува дека тоа нема да се случи односно веруваме дека ова не се точни информации.

Ако ова сценарио се оствари, дали се ситни гласачкиот потенцијал на СДСМ и дали на тој начин ВМРО-ДПМНЕ излегува како фаворит на преден план за локалните избори?

Каевски: СДСМ е фаворит на сите релеватни анкети, водиме пред политичкиот противник. Знаете, со новиот начин на работа, СДСМ за прв пат воведе мониторинг систем врз работата на градоначлниците од СДСМ преку еден мерит систем. Се следи имплементацијата на програмите за кои добиле доверба од граѓаните, но и внимателно го следиме секој аспект значаен за граѓаните, вклучително и етичките норми. Така што, очекувам наскоро да излеземе со соодветни кандидати за секоја општина. Додека ВМРО-ДПМНЕ нема што ново да понуди пред граѓаните освен враќање назад во темното минато, криминалот и корупцијата повторно да владеат на локално ниво, насилници и деструктивни политики. Граѓаните ја препознаваат разликата и затоа во континуитет го казнуваат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, а тоа ќе го сторат и овој пат на локалните избори.

Почнавте ли со сондажа на имиња кои ќе бидат Ваши фаворити за претстојното изборно соочување. Некои проценки велат дека ако сака да се надева на успех, СДСМ ќе мора да промени добар дел од актуелните градоначалници. Дали како партија сте подготвени за таков радикален кадровски чекор?

Каевски: Навистина е рано е да се зборува во овој момент. Како што споменав, СДСМ дефинитивно е фаворит на престојните локални избори. После Конгресот закажан за 16 мај, ќе влеземе во фаза на филтрирање на кандидатите за градоначалници, ќе бидат спроведени анкети во општините, ќе бидат анкетирани граѓаните од општините, членовите на СДСМ и други, се со цел да се дојде до најдобрите кандидати со кои ќе излезе СДСМ на овие локални избори. Исто така, она што е јасно, СДСМ и овој пат ќе излезе со чесна понуда пред граѓаните и ќе ги понуди најдобрите кандидати.

Во 2017 година СДСМ имаше историска победа на локалните избори. Реалните познавачи на политичките збиднувања се свесни дека таков резултат не може да се повтори, но што Вие како партија ќе го сметате за успех?

Каевски: На секоја држава и е потребна силна и конструктивна опозиција, за жал ВМРО-ДПМНЕ тоа не е. Во повеќето општини низ Македонија нашите градоначалници уживаат доверба кај граѓаните, а промените се видливи. Мое уверување е дека тоа ќе се потврди и на локалните избори во октомври. За нас, успех ќе биде граѓаните уште еднаш да ја потврдат разликата и да го одберат патот на напредокот на развојот и интеграцијата како концепт што СДСМ го нуди да продолжи и натаму.

Ќе го задржите ли главниот град и во која од скопските општини очекувате победа?

Каевски: Очекуваме победа во секоја општина каде што јасно се гледа разликата помеѓу нашето одговорно, отчетно и домаќинско управување со единиците на локалната самоуправа и она што значеше криминал и работа на штета на граѓаните, што ВМРО-ДПМНЕ го правеше повеќе од една деценија. Убедени сме дека граѓаните денес препознаваат колку напредна Градот Скопје, но и скопските општини, и дека совршено добро знаат дека развојот и напредокот можат да продолжат само со СДСМ и тоа ќе го покажат на денот на изборите, со тоа што ќе ја доверат довербата на кандидатите на СДСМ и коалицијата.

Вие сте пратеник во актуелниот состав на македонскиот парламент. Во јавноста има критики дека законодавниот дом е неефикасен и често се соочува со блокада во работата и дека не испорачува ефикасност. Каде ги гледате причините за ваквата состојба?

Каевски: Собранието има стабилно мнозинството, но проблемот не бил никогаш во мнозинството, проблемот е во опозицијата која по секоја цена сака да го блокира Собранието, и граѓаните тоа го знаат. Во изминатиот период бевме сведоци кога пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, но и од Левица  секако, ја злоупотребуваа здравствената состојба на пратениците кои беа болни од ковид, и не само што не доаѓаа да ја работат работата за која се платени од граѓаните, туку ги кочеа, го блокираа законите кои се од интерес токму на граѓаните. Апсурди.  Во текот на цела година на пандемијата, ВМРО-ДПМНЕ постојано ги опструира мерките за економска помош на фирмите и граѓаните погодени од пандемијата. Затоа и не прифатија да работи Собранието онлајн. Обидите да се блокира работата на Собранието, во услови на светска пандемија од КОВИД-19, не е политика. Тоа е опасно, срамно и неодговорно однесување.

Очигледно Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, отсуството на свој став, мерка, предлог или политика сакаат да го надоместат со тоа што ќе предизвикаат штета на граѓаните, во време кога им е неопходна помош од државата. Доказ е и гласањето на последните економски мерки, кои се обидоа да ги спречат на сите можни начини, водат борба против својот народ, сакаат да го остават без помош, да му биде тешко. Ние тоа не го дозволуваме и гледате дека и покрај блокадите успеваме да ги донесеме законите во интерес на граѓаните, ние така ќе продолжиме.

Дали се согласувате дека со мнозинство од 62 пратеника треба да бидете пофлексибилни во однос на опозицијата, ако ништо друго, барем заради кворумот за работа што често пати недостига во Собранието?

Каевски: Повторно ќе кажам, ние имаме стабилно мнозиство. Здраво за демократијата е да имаме силна опозиција, но не деструктивна како кај нас. На секаков начин сме правеле обиди да најдеме заедничко решение со опозицијата за разни прашања, сме прифаќале нивни предлози, сме гласале и за нивни предлози исто така, но не можете вие да фунционирате со опозиција која има единствена цел да кочи, опструира и да работи деструктивно врз работата на Собранието. Нивната единствена цел е блокада и ништо друго.

Македонија е блокирана на евроинтегративниот пат од источниот сосед и засега нема јасни показатели кога тој процес би продолжил. Дали бугарските барања во замена за кревање на европската рампа ги сметате за неразумни и гледате ли излез од овој ќорсокак?

Каевски: Се надевам дека неразумните блокади од страна на Бугарија ќе бидат надминати, македонскиот јазик и идентитет се зацврстени како никогаш досега, меѓународно признаени. Добро е што во последните денови гледаме активно вклучување на нашиот стратешки партнер САД, како и на земји членки на ЕУ кои се спремни да посредуваат во надминување на сите отворени прашања. Дури и резултатите на изборите во Бугарија покажаа дела веќе нема место за анахрони политички и националистички дејствувања, дека граѓаните насекаде низ Балканот сакаат да гледаат добрососедство и заедничка иднина во ЕУ. Уверен сум дека доаѓа време на продолжување на нашиот стратешки пат кон евроинтеграциските процеси преку надминување на нелогичните блокади од страна на Бугарија.

Вие сте дел од помладата генерација на владејачката партија, а бевте и директор на Агенцијата за млади и спорт. Дали блокираниот европски пат може да биде компензиран со создавање на подобри економски и социјални услови за живот и дали тие во овој момент се доволни да се стопира заминувањето на младите луѓе надвор од земјава?

Каевски: Во многу наврати сме кажале, а и најголемиот дел од граѓаните сметаат дека единствен пат по кој што треба да се движи нашата држава е Европската Унија. Силно сметам дека се прават напори и дека час поскоро ќе се одблокира европскиот пат и за брзо време ќе ги започнеме пристапните преговори со кои ќе ги добиеме сите заслужени и очекувани придобивки што ги ужива ЕУ, а пред се најмногу се однесуваат за младите. Исто така во меѓувреме активно работиме да ги подобриме економските и социјалните услови на младите и со тоа придонесуваме да го намалиме трендот на иселување. Иселувањето на младите е процес кој што трае 15 години, и тие се иселуваат од различни причини, но како млади политичари имаме голема обврска да ја вратиме довербата на младите во институциите и во државата и секојдневно да правиме политики кои што ќе бидат во насока да го вратат достоинството на младите во државата. Тоа заеднички сите го можеме, а ние младите го заслужуваме.

Нина Нинеска-Фиданоска

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ЗАВРШИ КОНГРЕСОТ НА СДСМ: Oва се новите членови на Централниот одбор

ЗАВРШИ КОНГРЕСОТ НА СДСМ: Oва се новите членови на Централниот одбор

СДСМ ИМА НОВ ЗАМЕНИК ПРЕТСЕДАТЕЛ: На оваа партиска функција доаѓа Фани Каранфилова Пановска

СДСМ ИМА НОВ ЗАМЕНИК ПРЕТСЕДАТЕЛ: На оваа партиска функција доаѓа Фани Каранфилова Пановска

НОВИ 100 ДО 120 ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ: Мицкоски кажа кога можеме да ги очекуваме на улиците

НОВИ 100 ДО 120 ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ: Мицкоски кажа кога можеме да ги очекуваме на улиците

ГРАД СКОПЈЕ: Меџити нема никаков придонес за градот да добие 6 автобуси

ГРАД СКОПЈЕ: Меџити нема никаков придонес за градот да добие 6 автобуси

ПОЖАР ВО СТРУМИЦА: Изгоре покрив и кат од куќа

ПОЖАР ВО СТРУМИЦА: Изгоре покрив и кат од куќа

АХМЕТИ ВО ШВАЈЦАРИЈА: Без Албанците, Северна Македонија нема иднина

АХМЕТИ ВО ШВАЈЦАРИЈА: Без Албанците, Северна Македонија нема иднина

ВЕНКО: Нема волшебно решение преку кое СДСМ ќе биде владејачка партија

ВЕНКО: Нема волшебно решение преку кое СДСМ ќе биде владејачка партија

БЕШЕ ГРАДОНАЧАЛНИК НА КРИВА ПАЛАНКА: Почина Борјанчо Мицевски

БЕШЕ ГРАДОНАЧАЛНИК НА КРИВА ПАЛАНКА: Почина Борјанчо Мицевски

ФРАНЦУСКИОТ АМБАСАДОР ВО ЗЕМЈАВА: Нашиот интерес е да не дозволиме Русија да ја добие војната во Украина

ФРАНЦУСКИОТ АМБАСАДОР ВО ЗЕМЈАВА: Нашиот интерес е да не дозволиме Русија да ја добие војната во Украина