ИНТЕРВЈУ ТРИФУН КОСТОВСКИ: Не ја продаваме Еуростандард банка - со новиот менаџмент таа пак ќе биде силна
Објавено во: Економија, Интервјуа 10 Декември, 2019
Граѓаните го паметат како добар, чесен и хуман градоначалник на главниот град Скопје. Но, го препознаваат и како долгогодишен бизнисмен, кој заедно со своето семејство инвестираше и работи во неколку дејности, од кои, секако, банкарството и осигурувањето се најактуелни. Во интервју за Фактор Трифун Костовски сосема искрено зборува за предизвиците со кои во последниов период се соочи неговата Еуростандард банка, за неуспешните разговори за нејзина продажба на Комерцијална банка, но и за докапитализацијата и промената на менаџментот на банката, од кои се очекува во следниот период да резултираат со воспоставување на стабилна и профитабилна банка. Не исклучува и продажба на еден од најуспешните семејни бизниси, Еуролинк осигурување, или на дел од таа компанија, со цел да се обезбедат средства за дополнително засилување на банката. Со Костовски разговаравме и за економијта, но и за актуелната политичка ситуација во земјава, од кои не е задоволен.
Пред околу два и пол месеци Комерцијална банка соопшти дека е заинтересирана за купување на вашата Еуростандард банка, а и од Еуростандард имаше објава дека сте заинтересирани да влезете во таков разговор. Но, најновите информации што се појавија во јавноста е дека вие не би ја продавале Еуростандард банка, туку напротив, ќе го продавате Еуролинк осигурување. Со оглед што Еуролинк осигурување константно бележи позитивни резултати, додека, пак, банката, минатата година имаше загуба од околу шест милиони евра, прашањето ми е, кои се сега вашите мотиви да го продадете Еуролинк осигурување и да ја задржите Еуростандард банката?
Костовски: Видете, банката објективно минуваше низ еден тежок период. Тогаш влеговме во преговори и потпишавме спогодба за евнтуално меѓусебно договарање со Комерцијална банка за наше преземање. Меѓутоа, не се најдовме тука, и едноставно секој тргна по својот пат. Денеска банката е веќе стабилизирана, докапитализирана, таа е функционална, и очекувам дека со тек на време ќе ги надминеме сите оние лоши пласмани во правни лица. Имаме нов менаџмент, кој треба да биде комплетиран до крајот на оваа година, кој ќе ја преземе работата на банката. Комплетно ќе се менува целата структура на самото функционирање на банката, а со кое исклучиво ќе бидеме повеќе експонирани кон индивидуалните кредитоспособни коминтенти. Подготвуваме пакети на интересни кредитни партии кои би биле привлечни за граѓаните. Со тоа, ние како банка не би сакале да го делиме ризикот со стопанството во Македонија, бидејќи објективно, тоа е во многу лоша финансиска ситуација, и воопшто ризикот во инвестирање во правните субјекти во земјава денеска е многу голем. И впрочем, и тоа беше причината што банката дојде до таква ситуација.
Која е причината што во разговорите не се најдовте со Комерцијална банка?
Костовски: При такви разговори се прават проценки. Нивна проценка – наша проценка. И тие беа различни. Сакам да кажам една работа – денеска се во светот е за продавање и за купување – и банка, и осигурителна компанија, и фирми, и слично. Значи, не е ништо страшно ако дојде до промена во капиталната структура, односно до промена на уделите во фирмите кои што се во моментов сто отсто во сопственост на целото семејство. Меѓутоа, согласно со новите пазарни услови и новиот начин на стопанисување, ние сме отворени и за влегување на одреден друг субјект, кој би влегол како партнер - дали преку докапитализација, дали преку иновација, односно ноу-хау што ќе го примениме во системот, а кој ќе донесе далеку поголема и профитабилност, и стабилност. Еве баш денеска имавме состанок со вработените. Тие ќе мора да сфатат дека состојбата не е ни најмалку лесна, туку е тешка. И, да не ги повторувам зборовите на Черчил, на почетокот на Втората Светска војна, кога рекол „Не можам да понудам ништо друго освен крв, умор, солзи и пот“. Така и јас во даденава ситуација во банката. Значи, ситуацијата не е многу релаксирана, и не смее да биде релаксирана, туку апсолутно бара комплетна ангажирност на сите вработени, почнувајќи од портирот, па до првиот генерален директор. Само така ќе успееме час поскоро да излеземе од оваа несакана ситуација, а јас сум убеден дека во таа работа ќе успееме.
Рековте дека Еуростандард банка е веќе докапитализирана. Колкава сума капитал беше инвестирана, ако не е тајна, и дали тоа беа Ваши средства?
Костовски: Тоа се во основа наши средства, што е нормално. Односно, банката е докапитализирана со средства од нашите фирми. Тоа се нови десет милиони евра кои што се влезени. А најверојатно, можно е уште да ја докапитализираме, бидејќи имаме намера да ја зголемиме и активноста на банката уште со некои додатни пет до десет милиони евра, што ќе ја стави во редот на силните средни банки, со тенденција да порасне и понатаму.
Рековте дека во банката сте отворени и за влез на некој друг субјект. Дали со некого сте веќе во такви преговори?
Костовски: Не преговараме со никого засега, но отворени сме, и имаме намера со тек на време, кога ќе ја стабилизираме, дел од акциите на банката да ги дадеме преку Македонската берза – да може да се тргува со нив, како што впрочем тоа го прават сите банки.
ГОРАН ТРАЈКОВСКИ ЌЕ БИДЕ ПРВ ГЕНЕРАЛЕН ДИРЕКТОР НА ЕУРОСТАНДАРД БАНКА
Велите дека банката се најде во незавидна позиција поради лоши пласмани. Каде беа тие лоши пласмани?
Костовски: Во Македонија.
Во кои компании?
Костовски: Во неколку компании. Причината е лош менаџмент. Лошиот менаџмент ги носи лошите одлуки за лоши пласмани, и сето тоа се еден синџир на настани кои дошле од нјвисокото до најниско ниво.
Кој ќе седне на кормилото, кој е менаџментот кому сега му ја давате довербата да раководи со банката?
Костовски: Сега за сега како втор генерален директор делува Горан Трајковски, а веќе е предложен да добие место прв генерален директор. А за вториот генерален директор овие денови треба да одлучиме. Најверојатно ќе биде еден од вработените во банката. Имаме неколку кандидати, но најмногу се издвојува еден сериозен кандидат, кој и со искуството, и со лојалноста кон банката, сметам дека би бил идеален за генерален директор.
Значи, на челното место во Еуростандард банка доаѓа Горан Трајковски, поранешниот директор на Управата за јавни приходи?
Костовски: Да, поранешниот директор на УЈП, Горан Трајковски. Тој е овде, и сметам дека со неговото доаѓање банката добива многу. Тој е тука од средината на мај, но од претходното раководство беше на извесен начин ставен во „шок соба“, што значи дека активно е тука неполни четири месеци, и сметам дека резултатие се видливи со неговото доаѓање.
Што ќе се случи со претходното раководство, досегашниот директор на банката?
Костовски: Не сакам ношто да кажам за претходното раководство. Ќе поведеме постапка за легитимноста на нивните одлуки, за нивното финансирање. Апсолутно нема никој да остане неказнет доколку лошо работел за банката. Бидејќи, не се тука во прашање само моите пари како акционер, тука се и парите на граѓаните. И од тој аспект сакам да упатам порака и до клиентите на банката, дека ние како семејство апсолутно стоиме зад нивните интереси, дека ќе бидеме добри чувари на нивните пари и дека добро ќе ги стопанисуваме.
НЕ Е ИСКЛУЧЕНО ЕУРОЛИНК ОСИГУРУВАЊЕ ДА СЕ ПРОДАДЕ НА ГРАВЕ
Кој е мотивот сега за продажба на Еуролинк осигурување. Во јавноста излезе информација дека осигурителната компанија Граве, речиси сигурно го купува Еуролинк осигурување?
Костовски: Јас би ве замолил за тоа да поразговарате со мојата ќерка Олга Костовска (сопственик на Еуролинк осигурување - н.з.). Таа е повеќе запознаена со тоа прашање. Бидејќи, во нашето семејство има некоја поделба кога станува збор за бизнисот. Објективно, децата самите си носат одлуки во поглед на деловните чекори. Јас сум тука ако може нешто да помогнам, да исправам, да доправам, со цел нешто да не се изгуби. Но, сметам дека тоа е одлука на Олга. Дали таа смета дека осигурителниот бизнис стигнал до некој врв и можеби сега ќе се зафати со некој нов предизвик во животот, верувајте ми, до моментов немав можност да разговарам со неа. Меѓутоа, дали тоа ќе се случи, јас не знам. Во моментов за осигурителната компанија не можам да ви дадам никаков одговор – дали ќе се продава, дали нема да се продава, и по која цена ќе се продава, дали ќе се продава цела, дали ќе се продаваат дел од уделите, тоа се работи кои ги одлучува исклучиво Олга Костовска.
Се шпекулира дека одлука на Вашето семејство била токму преку продажбата на Еуролинк осигурување, со капиталот што ќе се обезбеди од таа продажба, да се спаси банката. Има ли вистина во тоа?
Костовски: Па видете, тоа не би значело дека јас така измислувам топла вода. Значи, парите се дефинитивно во системот. Дали се во банката, дали се во осигурителниот бизнис, дали се во бањата („Негорски бањи“ – н.з.), дали се во издавачката куќа „Култура“ – парите секогаш служат за поддршка на одредени сегменти во системот кои што треба да бидат функционални. Јас тука не гледам ништо страшно, ниту пак, тоа е нешто невообичаено. Тоа е всушност сосема вообичаено.
Значи, можно е да е таа причината?
Костовски: Можно е. Меѓутоа, парите се обезбедени. Ние имаме сила сето тоа да го издржиме, со цел да обезбедиме банката да може да функционира.
Како гледате на окрупнувањето во нашиот банкарски сектор. Охридска банка беше купена од Штаермеркише и таа ќе се припои кон Шпаркасе банка, со што новата банка ќе стане четврта по големина банка во земјава, со актива од над една милијарда евра?
Костовски: Видете, и ние имавме спојување со Поштенска банка. Сите тие спојувања на банки си носат и свои предности, и свои негативности. Меѓутоа, сето тоа е прашање на време, додека се инкорпорира еден систем во друг систем. И тоа е релативно скапа работа. Да, Народна банка прави таков притисок – за оформување на поголем конзоциум на банки, со кој тие ќе бидат поефикасни, поголеми, посигурни. Меѓутоа, во услови на едно вакво фрагилно стопанство, вие не можете да очекувате дека банкарскиот сектор ќе биде супер.Банкарскиот сектор е силен толку колку што е силно и стопанството. Пари има во банкарскиот сектор, меѓутоа банките се плашат да ги дадат како кредити на компаниите, бидејќи се плашат од реалната ситуација на бизнис климата во Македонија. А тука големо влијание има и самата политика и политичката несигурност. Живееме цело време во дилеми дали ќе има предвремени, дали ќе има редовни избори, иако разликата е четири до пет месеци, што значи е небитна. Но, сето тоа влијае директно на бизнисот. А за жал, во поседниве 20-30 години земјава не може да се пофали со некој брз економски развој, и аналогно на сето тоа, не можеме ни да очекуваме дека ќе има еден банкарски систем кој би бил толку силен да може да делува не само во земјата, туку да делува и надвор. И објективно, нашиот концепт на банката е да посредуваме во меѓународните плаќања, не кредитирања, туку да земеме поголем дел од колачот во меѓународните плаќања, во кои што сметаме дека апсолутно можеме да го најдеме нашето место, согласно искуството што го имам зад себе, согласно познанствата со бизнис заедницата, што сметам дека на банката може да и донесе голем бенефит.
Освен Еуростандард банка, во каква кондиција се другите ваши семејни бизниси?
Костовски: Останатите бизниси се во добра кондиција. Бањата е профитабилна, „Култура“ е профитабилна, Еуролинк осигурување е профитабилен, единствено банката се соочуваше со проблеми, кои претежно се должеа на лоша кадровска политика и лоша изложеност на банката. Меѓутоа, и тоа го надминуваме. Имаме нов менаџмент, кој апсолутно работи согласно нашите цели кои ние ги зацртуваме заеднички. Сметам дека во догледно време банката ќе застане на нозе и ќе биде многу сериозна и стабилна банка.
ПРАВОТО ТРЕБА ДА ВАЖИ ЗА СИТЕ, А НЕ ДА СЕ КОРИСТИ ЗА ПОЛИТИЧКИ ПРЕСМЕТКИ
Што сметате, дали оваа Влада добро се снајде со економијата. Еве, направија крупен исчекор со решавањето на спорот за името, договорот со Бугарија, иако тоа не ни го донесе очекуваниот датум за преговори со Европската унија?
Костовски: За жал, од која страна и да го гледаме реалниот политички и економски свет во земјава, мора да дојдеме до заклучок дека се е подложно на корупција. Досега можеби корупцијата била на едно скалило, сега е на друго скалило, но, коруптивен е целиот систем. Се додека не се поделат јасно позициите и додека институциите не добијат јасни ингеренции и ослободени буџети кои нема да зависат од Владата, ништо не правиме. Еве на пример, судството, условно кажано, зависи од Владата, односно од тоа колку буџтески пари таа за него ќе одвои, и на тој начин таа го држи блиску до себе. Тоа не е решението. Мора да се воспостави правото и тоа да важи за сите во Република Македонија. А не да биде важечко само за одредени политички пресметки. Тоа е најгрозното нешто што и се случило на земјава. Второ, оваа Влада, точно е дека испорача нешто најспрекрасно, а тоа е што го реши прашањето со името. Иако, мене името Северна Македонија ме боли и никогаш нема да го ставам во мојот вокабулар, но во меѓународна употреба ќе прифатам да го слушнам. Но, од моја уста нема да излезе. Но, тоа прашање мораше да се реши. Друго ништо не испорача оваа Влада. Особено на полето на економијата, за мене е големо разочарување. Со слабата реализација на капиталните инвестиции, односно изградбата на инфраструктурата, а и во сите други сегменти оваа Влада - падна. И згора на сето тоа, новата креација на буџетот, кој ќе тежи речиси четири милијарди евра, и со нови 300 милиони евра нето-задолжување, навистина е врв на една хипокризија, која што владее во целото наше општетсво. Не знам што со овие пари ќе испорача Владата. Извинете, но дали денеска треба само да вработуваме истомисленици бидејќи претстојат избори, за да имаме гласачка машина? До кога така? Ова што се случува кај нас е нешто страшно. Сите не прават да бидеме подредени на политичките партии и на политичките лидери, гледајќи во нив како единствен спас за нашата егзистенција. Политиката треба да сфати дека таа живее од нас стопанствениците, а не ние стопанствениците од политиката. Но, за жал, работите овде во Македонија се извртени. Не знам до кога ова ќе трае. Нашиот народ изгледа се уште не е толку виспрен, па за да избере лидери кои што ќе знаат што сакаат. Не се ставам себе си тука, како, да не кажам омаловажен од мојот народ. Но, се додека не дојдат личности со интегритет, и со искуство и знаење, ништо не правиме. Лесно е да се биде премиер. Титулата е прекрасна, но тој премиер прво има обврски, а потоа му доаѓаат бенефициите. Прво се обврските. Да се биде министер, директор на државна институција, тоа е обврска, но тоа не го гледа никој. Јас кога бев градоначалник на Скопје, за мене никогаш не беа примарни бенефициите кои јас ги имав како градоначалник, туку за мене таа фукција беше прво обврска, јас да им испорачам на граѓаните, согласно со она колку ќе можам да соберам од нив, и домаќински да ги распоредам тие средства.
Ако се одржт вонредните избори во април како што е најавено, што очекувате. Дали ќе дојде до промена на власта, или, пак, ќе продолжи да владее сегашната политичка гарнитура?
Костовски: „Симни се Мурто да се качи Курто“. Отприлика така. На политичкиот пазар јас не видов виспрени луѓе кои што ќе понудат програма за излез на Македонија. Мкедонија се уште нема стратегија. Ако е стратегијата влегување во Европска унија и НАТО, тоа, според мене, не е стратегија. Тоа е природен процес кој што мора да се изоди. Без сопствена визија - која економија ние ќе ја градиме како контрибуција за влез во ЕУ? Со што ние ќе придонесеме кон тоа европско семејство? Кој ќе биде нашиот придонес за тие да не земат како идна членка? Ако голем дел од моите сограѓани мислат дека со влегувањето во ЕУ овде ќе се истурат пари, треба да знаеме дека парите не растат на дрво. Некој ги сработил. А тој што ги сработил не ги дава туку така. Може да помогне, но никогаш не може да ти даде толку благодет колку ти што сакаш. Самите мораме да се впрегнеме и да си го направиме ова место достоинствено за живеење, за да не се селиме од тука.
Не ве прашувам за кого, но дали вие ќе одите да гласате?
Костовски: Да ви кажам, веќе изгубив верба. Гласањето веќе не ми е императив. Ако до пред извесно време ми беше, сега веќе не е така. За претстојните избори, ќе видам. Ќе ги прочитам програмите на политичките партии и ќе видам со кои состави ќе истрчаат. Дали ќе има луѓе во кои можам да верувам. Бидејќи објективно, во последно време, на сите овие дебатни емисии кои се прават како соочувања на домашните телевизии, не видев многу виспрени луѓе или партиски лидери. Многу луѓе кај нас сакаат да бидат лидери, но немајќи во себе ама баш ништо од она што би требало да биде лидерско.
Нина Нинеска-Фиданоска* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.