ИНТЕРВЈУ ЛАБОВИЌ: „Panama papers“ води до конкретни лица и фирми во Македонија, но тоа мора да се докаже!
Објавено во: Економија 06 Април, 2016 08:01
Од македонските надлежни институции засега нема официјален одговор дали и кои македонски државјани имаат сметки и оф-шор компании во Панама. Од Финансовата полиција само изјавија дека нивните досегашни информации се на ниво на шпекулации, немаат инфомрации дека некои граѓани од земјава поседуваат сметки во Панама, но ако добијат такви информации ќе ги истражат. Протекувањето на најголемата дата –база на податоци за оф-шор компании од Панама, во која се имињата на светски лидери за кои се тврди дека преку оф шор компании во Панама переле пари, сеуште го тресе светот.
Властите во Панама најавија истрага, дел од европските земји побараа од новинарите кои работеа на аферата „Панама документи“ копија од документите за да ги истражат и да преземат соодветни мерки во борбата против затајувањето данок. А како треба да постапат македонските надлежни институции, имаме институционален капацитет за справување со финансиски криминал?
Надлежните органи мора да обезбедат доволно квалитетни докази, кои непобитно ќе ги поврзат “непознатите“ извори на средства со криминалните активности на конкретни фирми и лица, вели во интервју за Фактор универзитетскиот професор и поранешен директор на Финансовата полиција, Миодраг Лабовиќ.
Фактор: Светот го тресе аферата „Панама документи”, aдвокатски фирми и финасиски консалтинг компаниии им помагале на познати светски личности да перат пари и да кријат имот ширум светот, преку фирми во Панама,што ова значи на светско ниво?
Лабовиќ: Светската банка проценува дека 20-40 милијарди долари се “украдени “ секоја година од земјите во развој и скриени во странство преку корупција на високо ниво. Се проценува дека само 5 милијарди се вратени во последните 15 години (од 0,8% до 1,6% од украдените средства). Случајот со откривањето на документи од Панама покажа дека корисници на компании од оф-шор земјите биле личности од разни делови на светот.
ШТО ДА ПРАВИ МАКЕДОНИЈА
Фактор: Засега од надлежните нема информации за македонски државјани иако дел од македонските медиуми објавија дека познати македонски бизнисмени, политичари и државни службеници имаат отворено свои фирми и сметки во оф-шор државата Панама, како треба да постапи државата, може ли да се поведе истрага по допрен глас?
Лабовиќ: Почетната фаза е преку длабинска финансиска истрага, која се врши во предистражна постапка од страна на домашните органи во земјата - жртва. Таквата истрага се врши од страна на тело со полициски овластувања за законска присилба.
Кај нас тоа се: Финансиска полиција во координација со Јавно обвинителство или Специјалното јавно обвинителство, доколу предметот произлегува или е поврзан со незаконското следење на комуникациите. Надлежните органи мора да обезбедат доволно квалитетни докази, кои непобитно ќе ги поврзат “непознатите“ извори на средства со криминалните активности на конкретни фирми и лица.
Тоа не е секогаш лесно, бидејќи вистинските сторители се кријат зад финансиските трансакции кои во нивно име ги вршат “Shell“компании, трустови и т.н. nominee односно номинирани лица во оф-шор земјите, кои се`уште преставуваат “црни“ дупки во меѓународниот финансиски систем.
Доказите потоа се проследуваат преку барања за заемна правна помош (MLA) до назначените централни тела за прием на таквите барања во секоја од замолените земји, каде што се упатуваат таквите барања.Постојат бројни потешкотии од правен и бирократски какрактер, па се до разликите во кривично-правните и судските системи на земјите баратели и замолените земјите за взаемна правна помош.
Инаку, доколку се успее да се замрзнат парите во замолената земја, тоа не значи дека тие ќе бидат веднаш вратени (конфискувани) во корист на земјата барател. Тоа може да се очекува дури откако во земјата барател ќе биде обезбедена правосилна судска пресуда .Тоа е причината зошто постапките траат долго, а до овој ден, има се`уште заглавени пари во јурисдикции, како Луксембург, Лихтенштајн, па дури и во САД. Да не зборуваме за оф-шор земјите, како Панама, кои не подлежат на меѓународно-правната регулатива за борба против корупција, перење пари и финансиски криминал. Сепак, упорните и умешните лица, кои добро ги знаат и имале практично искуство во соработката со меѓународните финансиски инструменти за повраток на криминално стекнат имот (Asset recovery), можат да дадат резултати.
Фактор: Пред извесен период Глобал Фајненшл Интегрити излезе со Извештај дека во кој се посочи дека за девет години од Македонија на нелегално биле изнесени 5,1 милјарди долари, каков показател е тоа, дали македонските надлежни институции потфрлиле?
Лабовиќ: Институционалниот тип на организиран финансиски криминал заедно со нераскинливо поврзаната системска корупција, за кои што неодамна стана збор и во Извештајот на “-"Global financial integrity ", всушност, ги претставуваат “најжешките“ пунктови на невладеењето на правото. Тоа е буквално најголемиот проблем во Македонија и пречка за квалитетен развој во сите сфери на оштествениот живот.
Овие најсофистицирани и најперфидни типови и облици на организиран финансиски криминал и корупција, меѓудругите фактори, истовремено се и причини и последици на системската криза која преманентно трае и генерира помали или поголеми по обем и интензитет политички, институционални и безбедносни кризи во Република Македонија веќе 24 години.
Оваа системска криза е нешто многу повеќе и многу подлабоко од акутната политичка, институционална и безбедносна криза. Наведената системска криза, меѓу другите фактори, генерирана е и од неадекватни уставни решенија, кои се неприлагодени на специфичните детерминирачки фактори, карактеристични за опшштества без демократска традиција, поданички тип политичка култура, ниска правна свест и посебен менталитет и обичаи.
Сите овие фактори во комбинација со индивидуалните карактеристики на конкретни носители на власт во Република Македонија ја создаваат системската криза. Инаку, слични уставно-правни и законски решенија, дури и послаби од македонските, во други земји со сосема поинакви специфични детерминирачки фактори, даваат одлични резултати.
ПОТРЕБНИ СЕ ИНСТИТУЦИИ НЕЗАВИСНИ ОД ВЛАДАТА
Фактор:Има ли Македонија институционален капацитет за следење на сомнителните финансиски транскации и како треба да постапуваат надлежните институции во вакви случаеви?
Лабовиќ: Според важечката нормативно-институционална структура, ние имаме институции со соодветни надлежности и овластувања кои би требало да постапуваат и понесат одговорност за случаи на сомнителни финансиски трансакции, во кои евентуално можат да бидат вмешани и носители на високи позиции од државната и политичката хиерархија.
Оттука, на РМ и е потребно воспоставување на една квалитативно нова кохерентна и комплементарна нормативно- институционална структура, или, поинаку кажано, системски вкрстена серија на оптимално независни институции од Владата, но не и апсолутно независни од еден поширок сет на контролни институционални механизми, конституирани на еден сосема нов, квалитативен начин, од преставници на клучните општествени сегменти.
Тоа, всушност, значи еден квалитативно нов развиен систем на поделба на власта, во кој што најконсеквентно ќе се развијат двете негови најиманентни карактеристики: меѓусебната контрола меѓу институциите на највисокото државно рамниште и рамнотежа на моќта меѓу нив. Тоа не значи дека хиерархијата во општеството е исклулчена. Напротив, таа треба да биде уште позасилена во рамките на поединечните системи и рагранетата хиерархиска структура во определени нивни потсистеми ( на пример, во рамките на судството, јавното обвинителство, извршната власт ( поединечните министерства, органите за финансиска контрола) итн.
Фактор: Дел од експертите посочуваат дека во новите законски решенија политички експонираните лица се изземени од следење на нивните банкарски трансакции, треба ли да бидат изземени?
Лабовиќ: Секако дека изземањето на политичките експонирани лица не е во согласност со меѓународните стандарди и добрите практики за борба против перење пари и организиран финансиски криминал. Меѓутоа, основниот проблем за воспоставување владеење на правото и значителното намалување на институционалниот тип на организиран финансиски криминал, всушност, е поставувањето на клучното прашање - како да се намали огромната концентрација на со ништо неконтролирана моќ на сите досегашни Влади од осамостојувањето до денес во Македонија.
Имено, според важечкиот уставно-правен систем, не постои ниту една клучна државна институција која може de facto да укаже на кршењето на уставноста и законитоста на Владино-партиските врхушки досега, заради тоа што сите наши клучни државни институции се зависни од владино-партиските врвови, со оглед на начинот на нивното конституирање.Во контекст на концептот за системско-стратешки пристап за рeшавање на нашите најголеми проблеми, комлементарни на тезата за системски вкрстена серија на оптимално независни институции се решенијата за реално имплементирање на мерит системот и департизацијата на државните и јавни институции, кои што треба да се одвиваат координирано и симултано во сите круцијални општествени сегменти.
Со воспоставувањето на системски вкрстената серија на оптимално независни институции од извршната власт неминовно ќе се создаде атмосфера, во која што за догледно време законите во многу поголема мера отколку досега ќе се применуваат по силата на самиот систем, дури и во засега недопирливите зони на највисоките позиции на институционалната хиерархија на системот, меѓудругото, затоа што кога Владата (било чија и да е) ќе ја изгуби својата семоќна позиција и лостовите на контрола над клучните општествени сегменти, сите чинители на општествените процеси ќе сфатат дека нема зошто повеќе да се плашат од владата и да бидат нејзини послушни извршители.
Од друга страна, свеста која најтешко и најбавно се менува, со воспоставувањето на ваквиот систем многу побрзо ќе биде поттикната (да не кажам принудена) да се менува. На тој начин, eo ipso и ipso facto ќе започне да се одвиваат и демократските процеси во сите сегменти на општеството, особено толку неопходната демократизација внатре во политичките партии.
Т.С
Можеби ќе ве интересира
НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба
ЕВЕ КОИ ЛИЦА ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД УО НА ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА - добиена е согласност од Народна банка
Крај на една ера: Легендарниот дизајнерски шеф на Mercedes-Benz ја напушта компанијата
ОД ДЕНЕС НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: РКЕ вчера ги соопшти деталите
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар




