29 Септември, 2024
0.0244

ИНТЕРВЈУ Лоренс Оер: Идентитетот не е на маса, сега е потребно е решение за конечното име на државата!

Објавено во: Анализа 17 Август, 2014

Добивај вести на Viber

„Треба да се постигне напредок  за конечното име на земјата, единствено во рамки со мандатот за медијацијата на Обединетите Нации. Не се отвораат разговори за прашањето за идентитет, јазик или историја, туку станува збор за обид да се најде компромис во точно утврдена рамка”. Француската амбасадорка Лоренс Оер, во интервјуто за Фактор оценува дека процесот на проширување на Унијата не е затворен, а Франција на највисоко ниво, по средбата Оланд-Иванов, се обврза дека ќе ја подржува евроинтеграцијата на Македонија.Сите се надеваме дека парламентарната демократија, која е неопходна за функционирањето на државата, ќе може набрзо повторно да функционира во присуство на опозицијата“, оценува амабсадорката Оер. Фактор: Процесот на проширување на ЕУ  во наредните 5 години е ставен во мирување. Се погласно се говори дека  ЕК не планира да бара наследник на Комесарот за проширување затоа што до 2019 година нема да има прием на нови членки.  Дали ова значи дека земјите аспиранти, меѓу кои е и Македонија, не треба да се надеваат на членство на подолг рок? Лоренс Оер: Претседателот на Европската Комисија треба да го предложи составот на комесари и треба да се види кој од комесарите ќе биде надлежен за проширувањето. Претседателот Јункер води консултации за тоа прашање. Без разлика која ќе биде надлежноста на комесарот, сосема е јасно дека портфолиото и одговорноста за проширувањето ќе биде доверена на еден од 28-те членови на Комисијата.
НЕМА РЕЗЕРВИРАНОСТ ВО ОДНОС НА ЗАПАДЕН БАЛКАН
Фактор: Дали резерираноста за проширување е предизвикана и од сериозноста на политички и економски заладените односи со Русија и нејзиното регионално влијание? Лоренс Оер: Во првата половина на 2014 година,  поточно во месец  јануари, беа отпочнати преговорите за членство со Србија, а во јуни беше доделен статусот на земја - кандидат на Албанија. Затоа не мислам дека постои резервираност во однос на Западен Балкан. Значи, токму спротивното, постои и движење и динамика за европска интеграција на регионален план. Фактор: Франција беше промотор на идејата за Медитеранска Унија. Што би била нејзината интегративна улога на Средоземните држави пред новите безбедносни и економски ризици за Европа? Колку и како оваа идеја би била алтернатива за концентрични кругови на регионални поврзувања со ЕУ, (Европа со две брзини)? Лоренс Оер: Франција отсекогаш имала движечка улога во приближувањето со јужните соседи. Тоа важи за земјите од југот на Медитеранот, преку многубројни иницијативи. Но паралелно ова важи и и за соседството од Западен Балкан. Да се потсетиме на конференцијата во Загреб во 2000 година, кога  под француското претседателство  целиот регион беше повикан да се приклучи кон Европската Унија . Фактор: ЕУ е исправена пред искушенија на сецесионистички процеси во нејзините членки. Како Брисел ќе одговори на процесите за внатрешна дезинтеграција, наместо европскиот федерализам во Унијата? Лоренс Оер: Повеќе не се разговара за формата на проширена Унија.  Договорите што беа усвоени по последната институционална реформа се спроведуваат од 2009 година. Различните дострели, како шенген-зоната или еврото се спроведуваат и овозможуваат поинакво членство во полза на сите.
ЌЕ НАПРАВИМЕ СЕ ШТО Е ВОЗМОЖНО ЗА ДА СЕ РЕШИ СПОРОТ ЗА ИМЕТО
Фактор: Колку овие неизвесности за евроатлантските интеграции на Македонија влијаат да се одолговлекува и решавањето на спорот околу името со Грција? Како официјален Париз би ги поттикнал преговорите и би влијал врз Скопје и Атина? Лоренс Оер: Франција во повеќе наврати се обврза да го поддржи процесот за европска интеграција на Македонија и тоа на највисоко ниво, а особено за време на средбата на Претседателот Иванов со Претседателот Оланд во јули месец 2013г. Беше кажано дека сакаме да ги направиме сите возможни напори за да се реши билатералниот спор за името. Фактор: Во едно интервју  имате изјавено дека никој не бара од Македонија да се откаже од идентитот и јазикот и дека во преговорите со Грција се бара само компрoмис за името. За што точно преговараат Скопје и Атина? Лоренс Оер: Сметам дека треба да се постигне напредок за прашањето за конечното име на земјата, единствено во рамки со мандатот за медијацијата на Обединетите Нации. Како што повтори и медијаторот Метју Нимиц, за време на неговата посета на Скопје на 29 јули годинава, не се отвораат разговори за прашањето за идентитет, јазик или историја, туку станува збор за обид да се најде компромис во точно утврдена рамка. Само да напоменам дека со децении водевме комплицирани разговори за француско-германска рамка на соработка. Во 2002г. беше изготвен заеднички француско-германски учебник по историја, по десетгодишни преговори во рамки на комисии составени од историчари. Треба да се направи разлика меѓу тоа што е внатрешна политика и она за што може да се разговара во други рамки, а кое е од најголем интерес за државата.
ПОТРЕБНО Е ПРИСУСТВО НА ОПОЗИЦИЈАТА ВО ПАРЛАМЕНТОТ
Фактор: Македонскиот Парламент замина на одмор, опозицијата  засега опстојува на ставот дека не се враќа во собраниските клупи се додека не бидат исполнети нивните барања. Како ја оценувате политичка клима  во земјата и како ова ќе се одрази  врз престојниот извештај на ЕК за напредокот на Македонија? Лоренс Оер: Сите се надеваме дека парламентарната демократија, која е неопходна за функционирањето на државата бидејќи македонското Собрание ги одобрува законите, буџетот, реформите, ќе може набрзо повторно да функционира во присуство на опозицијата и дека кризата ќе биде надмината. Особено е важно Македонија да биде присутна во парламентарните инстанци особено во Советот на Европа, но и на средби со парламентарни делегации кои доаѓаат во Македонија. Ги повикуваме сите да работат во таа насока. Фактор: Колку регионот се вклопува во новите форми на национализам во Европа и на Балканот? Какви се Вашите оценки за меѓуетничката и верската кохабитација во Македонија? Лоренс Оер: Сметаме дека добрите мултиетнички односи се столб на државата. Не велиме дека е лесно, но сметаме дека треба да се направи се за да истите бидат од полза на населението, да живее во хармонија, толеранција и меѓуетничко зближување. Посебно го истакнувам ова кога се слави 13-годишнината од спроведувањето на Охридскиот рамковен договор. Тој Договор и овозможи на Македонија да избегне внатрешен конфликт, се разбира дека истиот не може да реши се, но тој беше гаранција за внатрешна стабилност на земјата. Фактор: На што се должи недоволно развиената економската соработка меѓу двете држави? Дали  бенефициите  кои Македонија ги нуди на  потенцијалните странски инвеститори се недоволно атрактивни за големите француски корпорации? Лоренс Оер: Франција забележува голем број на предности, особено од областа на инфраструктурата и голем број на француски претпријатија сфатија кој е интересот да бидат поприсутни во Република Македонија. Амбасадата на Франција разви повеќе иницијативи за олеснување на економската размена во двете насоки, преку организирање на француско-македонски бизнис форум кој по третпат ќе се одржи оваа есен. Работиме и со Стопанските Комори на двете земји, а во Франција и со МЕДЕФ Интернационал. Заинтересирани сме за сите области, особено за развој на туризмот, но и за големите дистрибутивни центри, а во поткрепа на ова ќе го споменам идното отворање на вториот голем маркет на Карфур во Тетово. Горазд Чомовски