Интервју Лукаревска: Имаме дојави за инспектори кои биле на платен список на фирми
Објавено во: Економија, Интервјуа 01 Февруари, 2019
Лукаревска: Првата фаза од реформата „е-Персонален данок”ја заокруживме целосно успешно и со задоволство можам да кажам дека ги постигнавме посакуваните резултати. Оваа реформа е од големо значење за сите кои се вклучени во процесот – граѓаните и Управата за јавни приходи. “Е-Персонален данок” овозможува значително поедноставување на процедурите за пријавување и пресметување на персоналниот данок. Гужвите пред шалтерите, долгите редици коишто беа редовна слика во изминатите години, преку овој модерен процес ги избегнавме и овозможивме непречена регистрација. Свесни дека станува збор за нов начин на регистрација, УЈП континуирано даваше максимална поддршка на даночните обврзници. Обезбедивме екипи на терен коишто ги посетуваа големите и малите фирми и вршеа регистрацијата на лице место, а отворени беа и вонредни даночни шалтери во повеќе општини кадешто Управата нема постојани канцеларии. Досега се регистрирани 95,10%граѓани, а со оглед дека во одредени општини забележуваме регистрација на сите даночни обврзници, наскоро очекуваме и 100 отсто регистрација.
Какви се впрочем следните фази? Каде граѓаните ќе ја добијат пополнетата пријава, како да ја потврдат или да ја коригираат, како ќе функционира тоа?
Лукаревска: Втората фаза на “е-Персонален данок” започна со стартот на 2019 година. Тоа што сега го прави Управата за јавни приходи е прибирање на податоци коишто се потребни за Годишната даночна пријава. Откако ќе бидат обезбедени потребните податоци коишто треба да се дел од ГДП, Управата по електронски пат, односно на е-маил адресите со коишто граѓаните се регистрирале на системот “е-пдд”, во наредните месеци на секој еден даночен обврзник ќе им ја достави претпополнетата Годишна даночна пријава на увид. Веднаш потоа, граѓанинот ќе има можност да ги прегледа сите податоци коишто се содржани во претпополнетата ГДП, да ги спореди со податоците со коишто тој располага и да се согласи или да ја коригира. Оваа комуникација, помеѓу даночните обврзници и УЈП ќе се одвива по електронски пат. Рокот за потврдување или корекции е до 31 Мај. Доколку до тогаш УЈП не добие одговор, претпополнетата Даночна пријава ќе се смета за потврдна.
МОЖНИ ПОМАЛИ ТЕХНИЧКИ ПРОБЛЕМИ
Очекувате ли какви било проблеми од тој аспект?
Лукаревска: Како што веќе напоменав, станува збор за нова реформа и оттука не исклучуваме можни помали проблеми до крајот на целосната реализација, но убедена сум дека тоа нема да бидат сериозни проблеми коишто ќе го попречат процесот, впрочем како што тоа не се случи ниту досега. Досегашното искуство, ни кажува дека често се чека речиси и до последниот момент за пријавање, регистрации, поради што се создава преоптовареност на системот, но морам да напоменам дека оваа реформа е голем предизвик за сите вработени во Управата за јавни приходи и тимот којшто работи на реализација е целосно посветен и неуморно работи процесот да тече без прекини и било какви други сериозни нарушувања. И во оваа фаза од реализацијата, Управата е целосно подготвена да даде поддршка на даночните обврзници и стои на располагање за решавање на сите дилеми, прашања и други нејаснотии.
Од годинава со промена на Законот за личен доход се воведе прогресија кај данокот на личен доход. Граѓаните кои ќе имаат нето приходи над 90.000 денари на сумата над овој лимит ќе платат данок од 18 отсто. Имам впечаток дека техничкиот аспект на ова прашање на граѓаните не им е јасен. Дали треба да се плаќа секој месец кога ќе биде надминат лимитот, во случај примањата да не се од еден работодавец (па работодавецот нема да има обврска да го плати)
Техничката реализација на прогресивниот данок е уште еден предизвик на Управата на јавни приходи на којшто во изминатиот период работевме интензивно и се трудиме да се реализира успешно. Токму затоа во изминатиот период апелиравме до сите работодавци, фирмите, да го подесат својот софтвер со цел да се обезбеди прецизна пресметка. Инаку, Законот за данок на личен доход уредува примена на прогресивна даночна стапка на годишна даночна основа, но и аконтацијата на данокот од доход по прогресивна даночна стапка на соодветно утврдена месечна даночна основа, согласно видовите на доход утврдени со законот. Што значи, аконтацијата на данокот од доход од работа, на доходот од авторски и сродни права и на доходот од продажба на сопствени земјоделски производи до 90.000 денари месечна даночна основа се пресметува по стапка од 10 проценти, додека од 90.001 денари по стапка од 18 проценти. Доколку обврзникот ја надмине годишната даночна основа од 1.080.000 денари, прогресивното оданочување ќе се спроведе со Годишната даночна пријава.
ЌЕ СЕ ПЛАЌА ЕДНАШ ГОДИШНО
Дали секој граѓанин кој на таков начин ќе го надмине лимитот (значи со приходи по повеќе основи од различни места) за тоа ќе добива известување од УЈП на месечно ниво и како електронски или по пошта?
Лукаревска: Управата за јавни приходи комуникацијата со граѓаните ќе ја води преку претпополнетата Годишна којашто на даночните обврзници ќе се достава на увид. Претпополнетата годишна даночна пријава ќе се изготвува по истекот на даночниот период , односно на фискална година, а во неа ќе бидат содржани податоците за остварениот доход на граѓанинот во текот на изминатата година. Доколку се утврди дека даночниот обврзник го надминал прагот од 1.080.000 денари во даночната основа, ќе биде задолжен со разликата помеѓу платените аконтации на данок на доход и износот на годишниот данок на доход којшто ќе произлезе од примената на прогресивната стапка. Тоа значи дека Управата за јавни приходи ќе информира еднаш на годишно ниво преку претпополнетата Годишна даночна пријава.
Дали ќе треба да оди на шалтер и да плаќа или ќе може електронски?
Лукаревска: Тоа е избор на самиот даночен обврзник. Секако деловните банки го овозможуваат електронско плаќање на налозите коишто се креираат преку системот на „е-Персонален данок“.По истекот на годината, во рамки на Годишната даночна пријава, Управата за јавни приходи го утврдува вкупниот доход којшто го остварил даночниот обврзник и врши порамнување, попрезицно прави пресметка на данок за плаќање или данок за враќање.
АКО ЈА САКААТ ДРЖАВАТА ЌЕ ПЛАЌААТ ДАНОК
Се тврди, практично генерален е впечатокот дека можно е на ваков начин да се зголеми даночната евазија. Како ќе се борите со ова и што очекувате? Инаку дел од фирмите веќе почнале да размислуваат да отвораат свои претставништва во регионот. Имате ли вакви информации и што со тоа? Како разменувате податоци со другите даночни управи?
Лукаревска: Редовно сме во комуникација со даночните управи во други земји и разменуваме информации. Неодамна потпишавме меморандум за соработка и со косовската даночна управа, со што шансите за даночна евазија ги сведуваме на минимум. Сметам дека прогресивниот данок е праведен, фер и дека ќе придонесе да се намали сивата економија. Ако некој сака да допринесе за сопствената држава, зошто ќе си дозволи да ги извади парите надвор?
Со воведување на прогресивниот данок, тврдите ќе се зголемат даночните приходи за 24 милиони евра. Тоа не е некоја сума, размислувате ли за зголемување на ДДВ во следните години?
Лукаревска: Но, исто така ќе се согласите дека 24 милиони не и незначителна сума за потребите на државата, односно за потребите на граѓаните. Но пред се, како што веќе напоменав, зборуваме за праведно оданочување. Тие кои заработуваат повеќе ќе плаќаат поголем данок кон државата. Прогресивниот данок опфаќа еден процент од населението. Досега физичките лица кои заработувале над 90.000 денари, имаа вкупна ефективна даночна стапка којашто е пониска од таа на останатите граѓани со помали примања. И тоа едноставно не е праведно. Како за пример, во 2017 овој еден процент најдоховни граѓани заработувале во просек по 4.486 евра месечно, што е за 14,4 пати повеќе од просечниот доход на граѓаните во земјата, што е навистина голема разлика. Одлуките за висината на ДДВ ги носи министерството за финансии. Јас се надевам и верувам дека во иднина се поголем број на граѓани во земјата ќе имаат можност да заработуваат над 90.000 денари месечно.
ИНСПЕКТОРИ ПРАВАТ ЗАВРШНИ СМЕТКИ ВО ФИРМИ
Лукаревска вие сте во Управата за јавни приходи повеќе од една деценија. Уште на стартот на мандатот рековте дека има вработени кои работат спротивно на правилата а во корист на некои компании и поединци. Како гледате на работата сега од овој аспект и имате ли внатрешна анализа кој како „сработел“?
Лукаревска: Моите размисли сега се малку поразлични и тоа го сфатив кога дојдов на функцијата. Бев и инспектор, работев и во секторот фискализација и во правната служба, а мислев дека сите инспектори работат согласно закон и дека е незгодно да се договараш со обврзници да им го намалиш наодот или да им прогледаш низ прсти. Според последните анализи кои ги правиме, но и дојавите кои ги стигнуваат до нас, постојат тврдења дека има групи на инспектори кои наводно се на платен список на големи даночни обврзници. И тоа не само инспектори, туку и сомнежи и за други вмешани лица. Последниот случај беше и пријавен и јавноста беше информирана кога инспектор земал мито на рака откако го симнал наодот на фирмата. Имаме дојави и дека одредени даночни инспектори им ги работат завршните сметки и даночните биланси на некои големи фирми. А фирмите молчат. Дополнително, според некои сознанија, има одредени началници во инспекторатот којшто точно знаат на кој инспектор каков налог да му дадат. На пример, постојат фирми коишто месечно доставуваат пријави со нули и во еден месец поднесуваат барање за поврат. По извршена контрола инспекторот вели дека барањето за поврат е во ред и УЈП спроведува поврат на ДДВ. Сепак, за да има конкретни пријави, мора да заврши и анализата и овие дојави да се потврдат.
Неодамна се пофаливте со успешна уплата. Кои се податоците по основ на наплатата на даноци?
Наплатата е една од основните работни задачи на Управата за јавни приходи, со оглед дека нашата главна цел е да го полниме државниот буџет и со задоволство можам да кажам дека тоа го правиме успешно. Податоците од 2018 година, споредени со годината пред тоа, покажуваат дека секаде имаме надминување на планот на наплатата, како и во однос на изминатите години. И затоа сум сигурна дека оваа 2019 -та година ќе биде економска година. По однос на данокот на добивка имаме раст од 30 проценти во однос на 2017 , а раст од над 15 отсто има и кај персоналниот данок, како и кај данокот на додадена вредност од 3 проценти, а значителен пораст има и кај социјалните придонеси. Редовно го враќаме повратот на ДДВ и морам да напоменам дека големите даночни обврзници се стожер во остварената успешна наплата.Во изминатиот период Управата з ајавни приходи разви Модулот за автоматски поврат и пребивање на даноците кон сите даночни обврзници со којшто стартуваме годинава. Автоматизираниот процес ќе обезбеди навремен, неселективен и прецизен поврат на ДДВ кон даночните обврзници.
ГРАЃАНИТЕ ПОВЕЌЕ ЌЕ БАРААТ ФИСКАЛНИ СМЕТКИ
За годинава е најавен стартот на реформата поврат на ДДВ за граѓаните? Како ќе се реализира годинава, кои се очекувањата? Од друга страна речиси сите познавачи се согласуваат дека УЈП мора да се фокусира на зголемување на ефикасноста во наплатата на овој данок.
Лукаревска: Повратот на ДДВ, е уште една реформа на којашто Управата за јавни приходи, како извршен орган е подготвена позитивно да одговори. Веќе одреден период се подготвува електронскиот систем преку којшто ќе се овозможи прецизна пресметка и навремен поврат на парите кај граѓаните. Оваа реформа е од исклучително значење поради повеќе аспекти. Граѓаните на крајот на годината ќе добијат дел од парите коишто ги трошеле во текот на годината, но истовремено и ќе станат партнери на Управата за јавни приходи во контролите за спроведувањето на даночна дисциплина, посебно кај тие кои сега ја избегнуваат. Убедена сум дека на овој начин ќе се зголеми и издавањето на фискални сметки. Граѓаните ќе пазарат таму кадешто ќе им издаваат фискални сметки , а пак таму кадешто нема да им биде издадена, ќе инсистираат да добијат фискална сметка за производот што го купиле. Така да, граѓаните ќе бидат тие кои ќе го прават најголемиот притисок фирмите да работат законски.
Александра Томиќ
Фото: Радован Вујовиќ
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.