05 Декември, 2025
0.0354

Интервју Марковски: Скопје се издигнало и од потешки катастрофи, на градот му требаат „инженерски“ решенија на проблемите

Објавено во: Интервјуа 29 Август, 2025 09:11

Добивај вести на Viber

Додека партиите излегуваат со проверени партиски кадри, без поголеми изненадувања во номинираните кандидати за градоначалници, на независната политичка сцена големо внимание привлече кандидатурата на професорот Горан Марковски од Градежниот факултет во Скопје кој ќе настапи преку граѓанската иницијатива „Независни заедно“, што е големо освежување на политичката сцена.

Марковски како декан и докажан професионалец често јавно укажуваше на проблемите со градежништвото и сигурноста на објектите, непочитувањето на стандардите и проблемот со концептот профитот над интересите на заедницата, но ова е негов прв конкретен политички ангажман. За неговата платформа и приоритети за решања на проблемите на Скопје, вели дека ќе го искористи „инженерскиот“ пристап бидејќи истите се решливи, но потребна е волја и токму тоа што е независен кандидат, за него е предност, а не хендикеп, во процесот на соработка со градскиот совет и централната власт.

Важите за професор кој е многу ценет кај студентите на Градежниот факултет, со јасни принципи и интегритет, и јасно изречени ставови кога сте имале можност да настапите јавно за проблемите со градежништвото, урбаниот хаос, примената на стандардите и слични предизвици. Сепак, досега не сте биле активен дел од македонската политика. Што се смени сега и зошто токму сега се одлучивте да се кандидирате за градоначалник на Скопје преку граѓанската иницијатива „Независни заедно“, која е во фаза на регистрирање политичка партија?

Марковски: Прво да се заблагодарам на убавите зборови. Особено на оние поврзани со оценката добиена од студентите. Тоа многу ми значи, бидејќи образувањето млади градежни инженери, за мене секогаш претставувал врвен приоритет. Уживам во таа работа и се обидувам преку современи методи и интерактивна настава, прво да ги „натерам“ студентите да го засакаат предметот, а потоа со разбирање и знаење да го совладаат материјалот. 

Се наоѓам на возраст кога имам потреба и желба, верувам и употребливо знаење, животно и професионално искуство, да и се оддолжам на заедницата за сето она што таа ми го овозможила. Тој став ми беше основна водилка и при кандидатурата за декан на Градежниот факултет, тоа ми е основниот мотив и сега кога се кандидирам за градоначалник на мојот роден град. Ништо друго. Знам дека денес, во овој крајно изматеријализиан свет, ова е тешко за верување, но едноставно не можам да стојам настрана, удобно сместен во својот личен комодитет и да набљудувам како Скопје се гуши, тоне во смет, се суши..... Како го губи својот идентитет. Поканата од „Независни заедно“ беше онаа секогаш потребна иницијална каписла процесот да се артикулира.

Дали веќе имате исцртана платформа на која ќе ја базирате вашата кампања за локалните избори. Колку вашето искуство како професор и инженер може да го примените во политиката, сметате ли дека може да одговорите на предизвикот да бидете „градски татко“, но и да се справувате со Советот на Град Скопје каде ќе членуваат повеќе партиски групи и интереси?

Марковски: Искрено, платформата за подобро или можеби во моментов посоодветно е да кажам, за спас на Скопје, ја имам исцртано одамна. Поточно, можеби како резултат на професионалната определба, тоа за мене е континуиран процес поттикнат од секојдневните проблеми со кои се соочува градот и секако неговите жители. Сега само преостанува да се дефинираат приоритетите, односно оние нешта кои реално можат да бидат реализирани во еден мандатен период. Без разлика на влијанието врз вкупниот број добиени гласови, немам намера, ниту пак желба да навлезам во популистички води и да ги манипулирам моите сограѓани ветувајќи им брда и долини или инстант решенија. Тие луѓе треба утре да ги погледнам в очи. Треба самиот да се погледнам во огледало. Затоа не треба да има заблуди дека вака запуштеното Скопје ќе може целосно да биде рециклирано во кус период. Но затоа пак, може да се насочи кон вистинскиот пат и потоа движејќи се по него, полека, еден по еден, да се разрешуваат проблемите кои го мачат. Прво се разбира, приоритетните, а понатаму и останатите.

Скоро сите крупни проблеми со кои се соочува градот (загадување, отпад, сообраќај и сообраќајници, планирање на просторот, безбедност на објекти, недостиг и пречистување на вода итн, итн), во себе содржат инженерски аспекти. Од таму се наметнува заклучокот дека искусен и докажан инженер, со широки стручни познавања, со одговорност и способност за управување со процеси, кој се родил и целиот свој живот го поминал во Скопје, во овој момент би претставувал добитна комбинација за нашиот главен град. Уверен сум дека таква личност со изграден интегритет ќе придонесе и за успешна соработка со советот. Случајно или не, во фокусот на мојата стручна дејност се мостовите. Тие претставуваат и симобол за премостување препреки, спојување спротивни страни, истрајност, заедништво. Вредности во кои цврсто верувам, за кои постојано се залагам и кои безрезервно ги практикувам. Вредности без кои е невозможно да се управува со еден сложен систем како што е Градот Скопје.

На кои принципи ја градите соработката со „Независни заедно“. Дали вашата кандидатура е пред се обид да се легитимира ова граѓанско движење на политичката сцена, или пак имате поголеми амбиции на овие избори, можеби пласман во вториот круг за градоначалник и повеќе освоени советнички места?

Марковски: Независен кандидат за градоначалник поддржан од Независни заедно, е дефиницијата за нашата соработка на овие избори. Суштината се темели на взаемно почитување, меѓусебна доверба, коректен однос, на споделување одредени исти или слични идеи за подобрување на животот на скопјани, при што мислам дека концептот за силата на независноста ни е најјаката карика која не поврзува. Сакам да нагласам дека сум почестен од тоа што Независни заедно во мене препознале личност на која би и дале безусловна поддршка во „битката“ за една вака важна функција. Се разбира, со тоа и мојата одговорност се подигна на повисоко ниво. 

Во овие избори не влегувам оптоварен со број на добиени гласови, со победи, порази, калкулации. Потполно ми е јасна доминацијата на политичкото организирање во нашево општествено опкружување. Но истовремено цврсто сум уверен дека без граѓански иницијативи и независни кандидати, нема развој на демократијата, силни институции, здраво општество. Затоа сметам дека како единствен вистински губитник од овие избори може да излезе само нашето Скопје. Особено ако упорно се ослонува на решенија кои веќе се покажале и докажале како неделотворни.

Очекувате ли фер битка со вашите веќе неколку потврдени противкандидати, со оглед на тоа што се „тркате“ во име на граѓанска иницијатива, а не на етаблирана политичка партија и очекувате ли дополнителни нејаснотии токму поради досегашните потези насочени кон одредбите од Изборниот законик кои директни ги засегаат независните листи и кандидатури?

Марковски: Она во што сум наполно сигурен е цивилизациското ниво на мојот настап. Немам намера, а ниту потреба да излегувам од таа рамка. Да бидам искрен - поинаку и не знам. Воопшто не ме интересира дали во ова чудно време во кое живееме, некој поинаков став е полукративен или не. Едноставно, тоа сум јас. И немам намера да се доведам во ситуација да се срамам самиот од себе.

Притоа, не се сомневам дека и другите кандидатки и кандидати ќе го имаат истиот пристап (намерно го одбегнувам зборот противкандидати бидејќи во нив не гледам противници туку повеќе соборци за доброто на градот, со тоа што само за еден од нас ќе се создаде можност за реализација на замисленото). Крајно време е да се покаже една поинаква политичка, а и лична култура и со тоа да се испрати јасна порака до јавноста дека некои работи овде можат и поинаку. Впрочем денес на Скопје, повеќе од кога и да е, му треба силна кохезија меѓу сите негови жители.

Што се однесува до Изборниот законик, се надевам дека одредените недоречености и празнини нема да ја доведат во прашање регуларноста на изборниот процес. Уверен сум дека оние кои што се задолжени за тоа, земајќи ги предвид искуствата и од овој изборен процес, веднаш после завршувањето на изборите, ќе прибегнат кон креирање на ново современо законско решение.

Дури и во најповолното сценарио за вас и листите на „Независни заедно“ и натаму град Скопје ќе „зависи“ од волјата и поддршката на централната власт. Дали размислувате за соработка со владејачката ВМРО-ДПМНЕ и под какви услови во интерес на градот и скопјани?

Марковски: Се разбира дека ќе соработувам со сите оние кои му мислат добро на градот и неговите жители. Немам дилема дека добрите и издржани проекти ќе бидат поддржани и од централната власт. И обратно, градот безрезервно ќе ги поддржи квалитетните проекти на централната власт кои ќе носат бенефит за скопјани. Еден таков актуелен проект на пример е Градскиот воз. Тој може да биде целосно заокружен само со синергија помеѓу извршната и градска власт. А токму независноста на градоначалникот создава дополнителни вредности, односно можности за таква соработка. Можеби звучам наивно, но за мене, после парламентарни избори, централната власт е власт на државата, без разлика која партија била победник. Истото важи и за градот. Нема да дозволам заради нерешавање на решливи прашања Скопје да продолжи да се гуши, да тоне во смет, да дехидрира. Но, да имаме на ум дека ваков начин на управување потребно е животно и работно искуство, трпение, искрена желба, одговорност. Потребно е градење мостови. Не нивно уривање.

Катастрофата што му се случи на Скопје во последните четири години е последица на тесни лични, партиски и бизнис интереси, некадарност и недостиг на визија и партиска окупација на јавните претпријатија и институции. Како вие би ја надминале оваа состојба, дали можеби недостасува поголема критична маса и можете ли да создадете таква „широка коалиција“ за средување прво на приоритетните проблеми, а потоа и на развојот на Скопје како главен град?

Марковски: Скопје се издигнувало и после потешки катастрофи. Со добро планирање и осмислена стратегија. Со искрена љубов. И особено со стручни и компетентни лица на клучните позиции во институциите. Зошто сведоци сме до каде не доведе нивната партизација. Немаме таков луксуз способните да ги делиме по разни основи и да се откажуваме од нив. И онака не се многу.

Како резултатите од таквиот пристап ќе стануваат повидливи, така и критичната маса на поддржувачи ќе се зголемува. Воопшто да немате дилема во тоа. Ниту вие, ниту граѓаните на Скопје. 

Х.С.

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва: