ИНТЕРВЈУ МИЛЕНКОВСКИ: Промените и реформите треба да започнат токму од високото образование
Објавено во: Македонија 27 Август, 2021
Универзитетот за туризам и менаџмент го заокружува јубилејот од петнаесет години постоење. Ректорот на оваа високо образовна институција, Аце Миленковски вели дека патот бил и сеуште е трновит, но горд е на институцијата која перманентно расте и чии резултати се видливи и во меѓународни рамки. Во ексклузивно интервју за ФАКТОР, Миленковски зборува и за реформите во образованието, кои според него треба да започнат токму од високото образование.
Миленковски, Универзитетот за туризам и менаџмент идниот месец ќе го заокружи јубилејот од петнаесет години постоење во високото образование.Каков беше патот на раст и развој?
Миленковски: Почетоците секогаш се пропратени со тешкотии, но доколку од почеток не се постават работите на начин кој ќе обезбеди вистинска насока потоа тешко се поправаат грешките кои следат.
Уште од самото основање Универзитетот за туризам и менаџмент си постави за цел да ги следи успешните универзитетски приказни надвор од границите на нашата држава. Тоа беше основата на која се надгради натамошната работа на Универзитетот. Она што прво требаше да се направи беше да се одбере пример на универзитет со европски и светски стандарди според кој треба да се работи. Изборот падна на Универзитетот во Риека, поточно Факултетот за туризам и угостителство, Опатија. Веднаш потоа, почнавме со имплементација на методологија која гарантира квалитет во наставата и им нуди практични ангажмани на студентите, како основна база за квалитетно образование, кое гарантира продуцирање на стручни кадри подготвени да се соочат со предизвиците на професијата на било кој континент во светот. Или со други зборови, патот беше и сѐ уште е трновит, но задоволството е големо кога знаете дека сте создале институција која перманентно расте, а нејзините резултати се валоризирани, неспорни и видливи за сите.За тоа сведочат големиот број награди и признанија кои ги добиваме од целиот свет, како потврда за нашиот квалитет и посветеност во работата. Така на пример, Универзитетот поседува диплома за TEDQAL, односно диплома за висок квалитет на наставата во туризмот од Обединети нации. Во 2018 година добитници сме на наградата за квалитет во Република Македонија, од ССКРМ врачена од Претседателот на државата Ѓорге Иванов. Исто така особено ни е драго што сме во групата со најдобрите светски универзитети со критериум на одговорност и посветеност кон животната средина и одржливиот развој. Можеме слободно да се пофалиме и со меѓународното списание UTMS Journal of Economicѕ, кое е високо индексирано во меѓународните бази на податоци и уште редица примери за иновативност во процесот на образование кои ни донесоа мноштво награди и признанија.
Велите сте лидери во високото образование и постојано внесувате новини и иновации во наставните содржини на предметите кои ги изучуваат студентите. Со какви вештини и образование се стекнуваат идните дипломци на УТМС?
Миленковски: Процесот на настава на УТМС изобилува не само со усвојување на теоретски знаења туку и нивна имплементација во практичната работа. Работата на студиии на случај и проблемски задачи, ја зголемува креативноста и иновативноста на студентите. Со оглед на тоа што самите студенти се активни чинители во процесот на настава, а потоа и активни партиципиенти во реалниот бизнис, нивните компетенции се изградени до тој степен што по завршувањето на студиите дипломците се подготвени веднаш да се вклучат во предизвиците со кои се соочуваат современите организации.
Како резултат на препознаени вредносни системи и изградени компетенции често се случува по извршувањето на практичната работа студентите да бидат вработени во организациите. Секако, пандемијата со Ковид 19 сериозно нѐ попречува во реализацијата на практичната настава, но искусниот наставен кадар изнаоѓа начини да ги премости предизвиците со пандемијата.
Нема повисок приоритет од економски подем поддржан од науката. Кои студиски програми се атрактивни за младите, кои во иднина би им го олесниле и процесот на вработување?
Миленковски: Универзитетот за туризам и менаџмент како сериозна и општествено одговорна организација во процесот на предконципирање на факултетските програми, направи сериозна анализа за потребите на пазарот на трудот и како резултат на тоа, понуди студиски програми кои се единствени во државата. Распонот на програмите се движи од економија-туризам-менаџмент-информатика. Ќе се согласите сите се атрактивни за младите.
Кога станува збор за олеснет процес на вработување, не се согласувам дека изборот на факултетот е најважен. Сметам дека зголемената вработливост е поврзана со нивото на компетенции кое го развиле студентите во процесот на студирање. Информациите говорат дека над 2300 дипломирани лица, само во Скопје, чекаат во Агенцијата за вработување. Самата диплома, без изградени компетенции, не значи ништо и не обезбедува вработување.
Како ректор на Универзитетот за туризам и менаџмент и како долгогодишен професор во високото образование, сметате ли дека се неопходни реформи и промени за посилно високо образование?
Миленковски: Да, да секако дека реформи се повеќе од потребни и тоа не само во високото образование туку во целата вертикала на образовниот систем. Трагично е што во нашата држава сеуште не е донесена конзистентна стратегија која ќе биде прифатена од сите политички партии и која ќе се имплементира согласно утврдена методологија. Експериментите кои министрите ги правеа до сега, од осамостојувањето на државата, па до денес, го доведоа образованието на најниско можно ниво.
Проектите од типот на ПЕКСНАС-реформирано гимназиско образование, кое една влада го воведе, а следната го укина како непотребен и штетен ги остави гимназијалците на половина пат; Проектот „Кембриџ“, кој се воведе без никаква подготовка на наставниот кадар за реализација и се спроведе од долу - нагоре во системот, без при тоа да се произведе кадар кој ќе знае како да го менаџира знаењето на учениците, како да ги поттикне иновативноста и истражувачкиот дух кај учениците, што се во основата на проектот. Затоа мошне брзо се заклучи дека проектот „Кембриџ“ не ги дава посакуваните резултати и треба да се укине.
Потоа, експериметот наречен „деветолетка“ или воведувањето на државната матура, едните ја воведуваат, а другите ја укинуваат; Проектот за дигитализација во образованието, кој се воведува без соодветна подготовка на инфраструктурата и без оспособеност на наставниот кадар и без адаптација на условите кои ги нудат македонските училишта, многу слично како проектот „компјутер за секое дете“. Наставниците добро се сеќаваат на проблемите кои ги имаа за зачувување на сите делови од компјутерите кои во училиштата се чуваа само како експонати.
Ваквите примери на катастрофални грешки во образованието имаме многу, а за жал на повидок нема ниту изгледи дека нешто ќе се промени и дека реформите, во вистинска смисла на зборот, воопшто ќе се случат.
Промените и реформите треба за започнат токму од високото образование. Педагошките факултети треба да создадат професионалци кои ќе бидат подготвени да користат современи наставни методи, кои ќе обезбедат усвојување на знаења преку најсовремена методологија и при тоа ќе користат целосна мерливост на знаењето на ученикот, односно на студентот. Жално е што преку недоволно пилотирани предлози сеуште се воведуваат нови методи на работа во училиштата, кои при тоа, се спроведуваат преку недоволно обучен кадар за таа намена или промена, а на крајот тоа резултира со знаење на учениците кое на листите за меѓународен рејтинг е на срамно ниско ниво. А сите ние како граѓани, наставници, професори, родители, знаеме дека сѐ започнува од воспитно-образовниот процес...
Високото образование или приватните универзитети секако дека имаа последици од пандемијата поврзана со Ковид 19. Со оглед дека уписите се во тек, што да очекуваат идните студенти?
Миленковски: Последици од пандемијата Ковид 19 имаат сите образовни институции, не само приватните. Голема предност за Универзитетот за туризам и менаџмент беше тоа што практицирањето на современа наставна методологија, во рамките на која се применуваат софистицирани дигитални наставни средства, овозможи учењето на далечина да се реализира успешно, без за тоа да треба посебна подготовка или обука ниту за наставниот кадар ниту за студентите.
Како и сите граѓани и ние сме во исчекување на развојот на настаните со пандемијата Ковид 19. Универзитетот е подготвен со целиот свој капацитет за почеток на новата студиска година без оглед дали истата ќе се одвива онлајн или со физичко присуство. Секако, УТМС ќе се придржува кон препораките кои ќе бидат пропишани од надлежните.
Како Универзитет за туризам и менаџмент постојано ги следите светските трендови, кои се вашите идни планови и предизвици?
Миленковски: Сите изминати 15 години УТМС се труди и успева да ги следи и применува современите високообразовни трендови, така и ќе продожи во иднина. Притоа, со своите професионални ангажмани, Универзитетот се труди да ги менува условите за работа во потесното опкружување за доброто на сите.
Кога станува збор за плановите, моменталните заложби на менаџментот на Универзитетот се зголемување на интернационализацијата и атрактивноста на нашите студиски програми во глобален контекст. Инвестираме во поголема препознатливост на нашата институција во меѓународни рамки за привлекување на што поголем број студенти и наставно-научен кадар, што пак ќе обезбеди и поголема идентификација на нашата држава како атрактивна образовна дестинација која има капацитет да понуди апсолутен образовен квалитет.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.