26 Декември, 2024
0.0330

Душан Митрев, генерален директор на Пивара Скопје

ИНТЕРВЈУ МИТРЕВ: Вредноста што Пивара Скопје ја креира во македонската економија е поголема од компаниските резултати!

Објавено во: Интервјуа 24 Декември, 2024

Добивај вести на Viber

Пивара Скопје е најголемата домашна компанија за пијалаци и воедно една од најуспешните македонски компании. Најновата Студија за социо-економско влијание на Пивара Скопје покажува дека компанијата креира 1 отсто од македонскиот БДП и има голем удел во обликувањето на македонската економија, создавањето нови работни места и поддршката за локалната заедница. Разговараме со генералниот директор на Пивара Скопје Душан Митрев за резултатите од Студијата, визијата зад успехот и плановите за 2025 година.

Господине Митрев, која е целта на новата Студија за социо-економско влијание на Пивара Скопје и што сакате да постигнете со нејзиното објавување?

Митрев: Едноставно, сакаме низ конкретни бројки да го разбереме влијанието на Пивара Скопје и придонесот во македонската економија и заедницата, и тоа на аргументиран и професионален начин. Вака се добива реална слика за тоа каков прогрес сме направиле, споредени сами со себе, бидејќи веќе правевме ваква студија во 2017 година. Паралелно, сакавме да  видиме како стоиме и во однос на другите компании во Македонија, а и пошироко во регионот и Европа. Така знаеме до кај сме стигнале и појасно можеме да се стремиме кон нова, повисока цел и придонес.При тоа Студијата не е изработена од нас и по наш терк, туку од независни експерти на реномирана консултантска компанија StewardRedqueen, по меѓународни стандарди за известување низ призма на општествена одговорност.

Студијата дава опис на влијанието на Пивара Скопје во економијата и во општеството преку три клучни димензии: создадена вкупна додадена вредност, генерирана од бизнисот на Пивара Скопје во целиот ланец на вредности сѐ до крајниот потрошувач; вкупниот придонес, односно даноци и други уплати во државниот буџет, исто така генерирани од делувањето на Пивара Скопје во целиот синџир на вредности; и можеби најважно, вкупен придонес во однос на работни места и надоместоци за плати и примања на вработени, создадени со влијание на деловното работење на Пивара Скопје.

Дополнително, со ваков транспарентен приказ на работењето и влијанието на Пивара Скопје сакаме да дадеме придонес кон развојот на општествената одговорност во државата. Ова да биде позитивен пример и инспирација и за други компании да го следат нашиот пример и да понудат потранспарентен и објективен поглед на своето работење кон заедницата, со цел развој на корпоративната етика, одговорност и известување.Затоа оваа Студија не е самостатистика и резултати, туку низ аргументи раскажуваме приказна за нашата визија, решителност и тимска работа која резултира во успех и достигнувања. Наодите од Студијата за нас во Пивара Скопје се најдобрата потврда за нашиот успех, кој не е случаен и на кој ние сме особено горди.

Студијата за социо-економско влијание покажува дека со своето работење Пивара Скопје креира 1 отсто од БДП. Што значи тоа конкретно? Колкав удел на пазарот има Пивара Скопје ако се земат сите канали во кои има влијание?

Митрев: Студијата содржи голем број податоци и параметри од кои може да се заклучи дека Пивара Скопје од година во година континуирано го зголемува своето позитивно влијание врз домашната економија. Само во 2023 година, Пивара Скопјесоздаде приближно 139 милиони евра додадена вредност во македонската економија или маркантен 1 отсто од македонскиот годишен БДП. Од нив 71 милион евра се директен придонес во државниот буџет. За да може јавноста да процени колкаво е значењето на придонесот на Пивара Скопје во полнењето на државната каса, може да послужи и податокот дека оваа сума претставува 3,8 отсто од вкупните остварени даночни приходи на државата во текот на 2023 година.

Она на што како компанија сме особено горди е придонесот што го даваме во доменот на вработувањето. Во Пивара Скопје директно се вработени околу 400 лица, но во нашиот синџир на вредности поддржуваме вкупно 8700 работни места. Поконкретно, секое поединечно работно место во Пивара Скопје придонесува за креирање и одржување на дополнителни 21 работно место ширум земјата. За нас,луѓето се основата на нашиот успех и веруваме дека вложувањето во човечкиот капитал е темел за одржлив развој.

Соработуваме со над 12.000 купувачи и над 1000 домашни добавувачи, со што Пивара Скопје директно придонесува за развој на локалната економија во повеќе сектори.

Студијата исто покажува дека 68% од секое потрошено евро на нашите производи ги враќаме назад во општеството. Исто така, значително вложуваме во иницијативи и проекти насочени кон заедницата и одржливоста.

Оваа Студија е потврда дека Пивара Скопје е длабоко интегрирана во македонското општество, а нејзиното влијание не е само мерливо, туку и клучно во различни сегменти на целиот синџир на вредности. Вака погледнато, иако нашиот придонес е доста распространет, можеби не сите се свесни за тоа. Затоа, преку оваа Студија сакаме да ја истакнеме нашата посветеност на заедничкиот раст и напредок.

Со какви резултати ја завршувате 2024 година и што ве очекува во 2025. Кои се вашите нови планови?

Митрев: Рано е да се коментира за необјавени финансиски извештаи, но сепак можам да кажам дека во 2024 продолжуваме да остваруваме позитивни резултати, а така планираме да продолжиме и во 2025 година.Годинава прославивме уште еден значаен јубилеј - 100 години постоење на нашиот најпрепознатлив бренд СКОПСКО. Јас честопати велам дека, иако постоиме повеќе од еден век, ние штотуку почнуваме да се загреваме за иднината. Нашата визија е јасна и смела: да продолжиме да градиме 24/7 портфолио на производи и брендови – за секој консумент и за секоја прилика во денот и неделата -и да продолжиме да се развиваме како неприкосновен партнер за нашите купувачи и партнери и заедно да создаваме додадена вредност.

Купувачите и партнерскиот однос со нив се еден од четирите столба на нашиот успех, заедно со беспрекорниот квалитет на производите препознаен од потрошувачите, искрениот придонес за заедницата и нашиот тим колеги Пиварци, кои се нашата „тајна состојка“ за успех. Како пазарен лидер, наша одговорност е и понатаму да се развиваме и растеме како компанија и на тој начин да  ги развиваме и растеме целокупните категории на пијалаци на пазарот, како и преку иновации, посветеност и конзистентност во беспрекорниот квалитет да ги оправдаме високите очекувања на нашите потрошувачи и купувачи. Секако, во најава за 2025година може да се очекуваат неколку возбудливи иновации во нашето широко портфолио коишто сигурен сум дека ќе бидат добро прифатени на пазарот.

Ние во Пивара Скопје се водиме од премисата дека секоја значајна промена мора да започне од нас самите, преку личен пример. Искрено веруваме дека само преку делување како одговорен корпоративен граѓанин и преку постојан придонес кон општеството можеме да се сметаме за вистински успешна компанија. Токму затоа нашата работа е многу повеќе од само профит и бизнис. Нашата работа е да отвораме нови можности и да поттикнеме позитивни промени. Веруваме дека само со постојано вложување во луѓето, економијата, животната средина и заедницата можеме да бидеме успешни и заедно да придонесеме кон подобра иднина за сите нас. Вистинскиот развој е можен само кога сите растат заедно. 

Можеби ќе ве интересира

ИНТЕРВЈУ СО ВИКТОРИЈА И ХРИСТИНА МЕХАНЏИСКИ: Компанијата Зегин – синоним за иновација, грижа и лидерство на фармацевтскиот пазар

ИНТЕРВЈУ СО ВИКТОРИЈА И ХРИСТИНА МЕХАНЏИСКИ: Компанијата Зегин – синоним за иновација, грижа и лидерство на фармацевтскиот пазар