20 Април, 2024
0.0366

Никица Мојсоска-Блажевски, главен извршен директор на Македонија 2025

ИНТЕРВЈУ МОЈСОСКА-БЛАЖЕВСКИ: Без владеење на правото и силни институции, дијаспората нема да инвестира

Објавено во: Економија, Интервјуа 29 Октомври, 2019

Добивај вести на Viber

Иселениците се подготвени да помогнат да дојдеме до посилен економски напредок и повисок животен стандард на граѓаните. Но, ние овде мора да ги спроведеме реформите, да го зголемиме квалитетот на институциите, да обезбедиме владеење на правото, силна борба против корупцијата и еднаквост на сите пред законот. Недобивањето одлука за почеток на преговорите со Европската унија беше големо разочарување за сите нас, особено затоа што политичарите ни развија силни очекувања, но мора да одиме понатаму, уште поодлучно. Во интервју за Фактор, Никица Мојсоска-Блажевски, Главен извршен директор на Македонија 2025 зборува за поголемо искористување на потенцијалот на дијаспората за побрз економски развој на Македонија, за економската неизвесност која произлегува од претстојните вонредни избори, како и за суштината на евроатланските интерграции. Македонија 2025 на средината на ноември традиционално ќе го организира осмото издание на Самитот, кој на едно место ќе собере наши успешни деловни луѓе од дијаспората, но и од земјава и регионот, владини претсавници, стопански комори, интелектуалци и други засегнати страни. Клучната цел ќе биде да се формираат силни партнерства и поврзување на бизнисите, со главен мотив – побрз економски раст. Една од клучните теми, за кои ќе се споделат и бројни позитивни светски искуства, ќе биде и како земјава да се бори против екстремно загадениот воздух.

Вашата организација Македонија 2025 подготвува голем Самит, кој на средината на ноември ќе се одржи во Скопје. Која ќе биде клучната поента оваа година, што ќе треба да се искристализира на крајот како главна порака?

Мојсоска-Блажевски: Би рекла дека Самитот има две главни цели, едната е размена на знаења и искуства и размена на иновации меѓу компаниите, а другата е поврзување на бизнисите од земјава со регионот и поврзување на бизнисите со дијаспората. Меѓутоа, ако треба да кажам која би била главната цел или порака, и тоа во една реченица, тоа е дека сакаме да постигнеме широки партнерства, помеѓу бизнисите, нашата бројна дијаспора, Владата, невладините организации, и сите овие партнерства да овозможат побрз економски прогрес. Тоа е основната цел.

Од Агендата може да се види дека меѓу говорниците е најавен и премиерот Зоран Заев, како и претседателот Стево Пендаровски. Моето прашање е, дали Вашата организација има добри релации со властите во земјава, и дали е тоа потребно за организација која има бизнис ориентација?

Мојсоска-Блажевски: Одлично прашање. Прво би почнала со објаснување на мисијата на организацијата Македонија 2025. Нашата мисија е широка и го опфаќа општеството, економијата и граѓаните. Целта е да се поддржи економскиот напредок, и она што ние го велиме – сакаме да постигнеме и оствариме посилна нација, која ќе создаде можности за сите граѓани и за бизнисите. Ние промовираме транспарентно, инклузивно, демократско општество. Таа мисија е доста широка. Во таа насока, за да ја оствариме својата мисија, мора да работиме со сите партнери. Јас велам – да бидеме дел од еко системот. Во тој еко систем, меѓу другите, е и Владата, но тука се секако и меѓународните институции, тука се бизнисите – и домашните и странските инвеститори, тука се и граѓаните. Значи, ние ќе соработуваме со сите оние кои ќе ни овозможат да ги оствариме својата мисија и целите. И владата е алка во сето тоа. Но, уште еднаш би кажала дека сме неполитичка организација, фокусирана на економијата.

Бидејќи Македонија 2025 е всушност организација на иселеници од земјава кои успеале во развиените држави, кажете ни нешто повеќе за говорниците кои се најавени, какви пораки тие ќе пренесат? Кои се нивните инспиративни приказни, како се успева во светот?

Мојсоска-Блажевски: Имаме говорници од дијаспората, со македонско потекло, многу успешни. Но, исто така ќе имаме и говорници кои се успешни Македонци во Македонија, а исто така и успешни странци и успешни компании. Целта е едноставно да пренесеме знаења и искуства како се стигнува до врвот, како да станете успешен. Но, морам да кажам дека сакаме да го прославиме успехот и на нашите во дијаспората, но и на нашите во Македонија, и тоа не сакаме да го изоставиме. Сепак, најважно ќе биде поврзувањето. Оваа година имаме Б2Б (business to business) платформа, преку која сите учесници формално ќе можат да се сретнат едни со други, да закажат состаноци, бидејќи тоа е целта, заради тоа доаѓаат луѓето од дијаспората токму за Самитот. И се надевам дека со тие поврзувања ќе успееме на компаниите да им дадеме можност да најдат партнери во странство, но и инвеститори. Едноставно сите заедно да имаме еден силен глас и да се избориме за нови економски реформи, и за подобрување на опкружувањето за бизнисите. Секако, главната алка во сето тоа е дијаспората, тоа е уникатното за нашата организација. Според податоците на Светска банка има околу половина милион Македонци низ светот – главната цел е како да ги организираме, да им дадеме една платформа, за да и помогнат на нашата земја.

Рековте ќе се борите за економски реформи во земјава. Која е таа клучна економска реформа што и треба на државава за да биде поуспешна на економски план?

Мојсоска-Блажевски: За жал, иако зборуваме за економија, таа секогаш е испреплетена со политиката, и секогаш е испреплетена со општеството. Кога велам општество, мислам  на функционирањето на системот, на институциите, владеење на правото, корупцијата. Значи, за да имаме подобра економска иднина и подобар живот на граѓаните, мора сето тоа да се среди. Така што, иако мисијата на Организацијата е чисто економска, неизбежно е да имаме партнерства и да имаме силен глас во промовирање на едно добро општество – добро за граѓаните, и добро за компаниите. Кои економски реформи ни требаат? Мораме да почнеме од градење на силни институции, без институциите ништо не може да функционира, без нив не можат да дојдат инвеститори, без силни институции нема ни дијаспората да инвестира. Знаете, дијаспората е водена и од своите чувства, емоции кон својата земја, меѓутоа, и за нив е потребно тука да има стабилно опкружување, стабилен економски и политички систем. Тоа е основа за економскиот напредок. 

Една од првите теми на Самитот ќе бидат глобалните геополитички трендови и импликациите за регионот. Но, една политичка работа деновиве особено ги обесхрабри македонските граѓани, а тоа е што не го добивме долгоочекуваниот датум за почеток на преговори со Европската унија. Како Македонија 2025 и нејзините членови од дијаспората гледаат на тоа?

Мојсоска-Блажевски: Одлуката беше и е разочарување за сите. Меѓутоа, разочарувањето ќе беше помало доколку ние си ја сработевме работата дома, и второ, доколку политичарите не ни развија толку големи очекувања. Би рекла дека премногу сите игравме на картата на почнување на преговорите, без притоа да се фокусираме на суштинските работи и реформи. Можевме многу повеќе да сработиме. Јас не велам дека не е сработено многу, но можевме многу, многу повеќе. Како нашата Организација гледа на ова? Прво, да кажам дека називот на Организацијата Македонија 2025 значи дека нејзината цел е до 2025 година Македонија да стане дел од развиениот свет. Тоа имплицитно би значело членство во НАТО и во Европската унија. Не ме прашувајте дали е тоа можно. Јас сум оптимист по природа и би рекла дека е можно. Но, да се навратам на суштината. Која е суштината на тие евроатлантски интеграции? Истата дискусија е водена и во рамките на Организацијата и прашањето е – што значи да направиме посилна нација, што значи просперитетна економска нација. И заради тоа, во рамките на самата Организација имаме една таканаречена Матрица за следење на економскиот напредок, каде што се обидовме да квантифицираме што треба да постигне Македонија за да стане дел од евроатлантските интеграции. На пример, ако речеме дека сакаме да имаме стапка на економски раст од пет, шест проценти, прашањето е каде треба да работиме и да се фокусираме за да дојдеме до тоа. Во процесот на пристапување кон ЕУ, и во изминатиот период беше подготвен „Патоказ“, договорен од страна на ЕУ и Македонија, имавме некои одредници како да стигнеме до тоа. Веројатно тоа е и дел од барањето на францускиот претседател Макрон, тој вели – ајде да го исцртаме тој пат. Јас ќе кажам што смета нашата Организација дека е клучно за да постигнеме таков напредок. Тоа е образованието, значи реформи во тој сектор, инвестиции, зголемување на инвестициите и на приватниот и на јавниот сектор, истражување и развој, вложување во иновации, понатаму, развивање на демократското општество или подобрување на демократската слобода, намалување на корупцијата, подобрување воопшто на деловното опкружување. Е сега, можеме да разговараме на кој начин тоа би го мереле, меѓутоа има мерливи инструменти. И последно, но не и најмалку важно, тоа е животната средина. Значи промовирање на одржлив економски развој. Ние нив ги нарекуваме поддржувачи или забрзувачи на економскиот раст, тоа се областите во кои што мора нашата земја да работи, области во кои нашата организација работи.

Од власта ја отфрлаат таа идеја, но што мислите за формирање на Европска економска зона, во која шесте држави од Западен Балкан би имале пристап до единствениот пазар на ЕУ, како Норвешка и Исланд, што е еден вид специјално партнерство во замена за полноправно членство во Унијата?

Мососка-Блажевски: Сеуште немаме доволно информации за да го оцениме овој предлог. Зачленувањето во ЕУ се базира на т.н. Копенхашки критериуми. Тоа се: прво, политички критериуми (силни институции кои ја поддржуваат демократијата, владеење на право, почитување на човекови права и права на малцинствата) и второ, економски критериуми (способност на економијата да се справи со конкурентскиот притисок на пазарот на ЕУ). Според моето разбирање, предлогот ќе ни овозможи пристап до пазарите на ЕУ, ама ние и сега имаме преференцијален третман. Така што, ако не сме подготвени, односно ако нашите компании не се подготвени за справување со конкуренцијата во ЕУ, ефектот може да биде само негативен. Сите знаеме што се случи во Бугарија, каде големи светски играчи (компании) ги голтнаа малите бугарски претпријатија. Дополнително, ваквиот „аранжман“ нема да донесе подобрување во политичките критериуми, она што е можеби уште поважно во овој момент за Македонија, за граѓаните, за фирмите. 

Дали овој сегашен политички моментум, што за земјава не се донесе одлука за почеток на преговори, ќе ги обесхрабри потенцијалните инвеститори што би вложиле во земјава, меѓу кои и оние од дијаспората?

Мојсоска-Блажевски: Уште во 2008 година, а и малку порано, како претставник на Министерството за финансии, правевме многу анализи, бидејќи верувавме дека набргу ќе станеме членка на НАТО - кои би биле позитивните ефекти врз земјата во смисла на инвестиции. Искуството на тогаш новите земји членки покажуваше дека навистина НАТО може да доведе до зголемување на инвестициите. Но ако ги погледнете податоците на Албанија, приливот на странските инвестиции флуктуира од година во година, и не може да се каже дека е условен од зачленувањето во НАТО. Значи не можеме да кажеме дека самото зачленување во НАТО ќе доведе до силен раст на инвестициите. За инвеститорите, или барем за оние кои што веќе размислуваат да вложат тука, е потребно многу повеќе од зачленување во НАТО, или почеток на преговори со ЕУ. Што е тоа што е потребно? Морам уште еднаш да кажам – владеење на правото. Мора да знаеете дека сте еднаков пред судовите, мора да знаете дека нема да има корупција, дека има силни институции кои што ќе го водат процесот. Јас, иако не сакам многу да критикувам, морам да кажам дека сега институциите за привлекување на странски инвестиции, веќе не се толку силни. Мораме да работиме на тоа. Ние како Организација, ја промовираме земјата и ги промовираме инвестициите, но ние не сме замена за Владата. Ние можеме да ги донесеме првично инвеститорите, да им ги покажеме првично можностите за инвестирање, но потоа процесот си продолжува низ владините институции. Тие мора да бидат силни.

Мислите дека претходната Влада повеќе вложи во тој дел на привлекување на странските инвеститори? Дали добро Ве разбрав дека сметате оти сега има затајување во тој поглед?

Мојсоска-Блажевски: Да. Јас зборувам од перспективата на Организацијата. Многу повеќе сме работеле во изминатиот период. Секогаш на нашите Самити има една посебна тема или панел во однос на странските инвеститори. Оваа година нема да имаме таков панел, бидејќи сметаме дека има поважни прашања за кои што би разговарале. Но, да, апелот е дека мора да се засили системот на привлекување на инвестиции, и да се искористи дијаспората. Таа мрежа на професионална дијаспора, вклучително и нашата Организација, Одборот на директори, стојат на располагање. И треба да ги искористиме, тоа е потенцијал на земјата. Замислете, половина милион граѓани се надвор.

Претходната Влада имаше економски промотори, но тој концепт се покажа како скап. Сега оваа Влада најавува регионални канцеларии во три клучни светски дестинации, кои треба да профунционираат до крајот на годинава. Дали сметате дека во тој дел треба нешто повеќе да се направи?

Мојсоска-Блажевски: Да, сметам дека ова е изгубено време. Добар е и новиот концепт, добро е осмислен, меѓутоа, изгубивме време, поминати се околу три години во кои ние работевме, не можам да кажам дека не работевме како држава, но изгубен е периодот. Не можете вие на еден странски инвеститор кој е заинтересиран да му кажете, чекајте малку, ние се преструктуираме. Мора процесите да течат. Деновиве видовме отворање на една нова инвестиција и сето тоа е прекрасно, меѓутоа мислам дека можеме многу повеќе да направиме.

Како после ваков негативен исход со недобивањето на датум за ЕУ, но и по објавата за уште едни вонредни парламентарни избори, ќе се однесува домашниот бизнис? Има ли опасност тоа да го намали очекуваниот економски раст?

Мојсоска-Блажевски: За жал, изборите секогаш се покажуваат како пречка за растот. Создаваат една неизвесност која што е многу лоша за бизнисите. Тие ги пролонгираат своите инвестициски планови, а оние кои што веќе инвестирале - застануваат, размислуваат и така натаму. Значи, несомнено има негативен ефект врз бизнисите. Исто така, она што деновиве го слушаме од коморите е дека доста бизниси веќе размислуваат или почнуваат да отвораат свои канцеларии или претставништва во странство, со цел да ја избегнат таа неизвесност. И таа не е само политичка, туку е и даночна неизвесност итн. Во моментов имаме еден модел на економски раст кој е главно базиран на пораст на плати, што значи враќање на поголем дел од платените даноци кон посиромашните слоеви на граѓани, и тој модел дава ефекти. Затоа и имаме повисоки стапки на раст. Меѓутоа, проблемот со тој модел е што е повеќе фокусиран на краток рок. Во отсуство на поголеми инвестиции, а знаеме дека е мала реализацијата на капиталните инвестиции од Буџетот, тоа значи дека не градиме основа за побрз развој во иднина. Но, тој модел до изборите ќе си го даде својот ефект и економијата ќе има позитивен раст. И се надевам дека веднаш потоа ќе се стабилизира политичката состојба, и бизнисите ќе почнат да инвестираат. Но, она што мислам дека е негативно, е што сепак е долг периодот. Иако премиерот најави брзи избори, до април тоа е долг период на неизвесност за бизнисите.

Каква иднина гледате за земјава во наредниот период? На што ги темелите очекувањата дека после изборите ќе дојде до стабилизирање?

Мојсоска-Блажевски: Секогаш кога има вакво прашање, веројатно подобро би звучело – каква иднина посакувате. Ќе се обидам да направам една комбинација на тие два одговори. Прво, за мене лично и за нашата Организација, најважно е да сработиме. Не треба да веруваме и да се надеваме на подароци. И ништо не треба да сметаме за подарок. И кога ќе добиеме датум за почнување на преговори, тоа не е подарок, тоа би било резултат на она што сте го сработиле. Но, изминатиот период, сите верувавме, се надевавме на почеток на преговори, ама знаевме дека не е доволно сработено. Ја знаевме сите аферата Рекет. Но сепак, се надевавме дека ќе добиеме еден подарок. Најкритични, според мене, се корупцијата и владеењето на правото. Корупцијата е рак на општеството. Би рекла дека очекувам и од оваа Влада, и од која и да е следна Влада, да покаже силно национално чувство и силен национален интерес. Многу се радувам што претседателот Стево Пендаровски ги обедини партиите и сите излегоа со заеднички став дека имаме една иднина, а тоа е зачленување во ЕУ, со што се исцртаа црвените линии. Но, јас очекувам и оваа Влада несебично да почне со организирање тимови кои ќе работат на реформи во секоја област на идни преговори со ЕУ. Мора да покажеме дека сме силни и дека таму ни е иднината, а не само декларативно да велиме дека ние таму припаѓаме. Ние имаме наша држава, и можностите се во наши раце, така што, треба да работиме, но многу понапорно.  

Како гледаат иселениците, и воопшто странските инвеститори, а и домашните бизнисмени, на аферата Рекет?

Мојсоска-Блажевски: Затоа и реков дека иако е многу важно да станеме дел од НАТО и да ги почнеме преговорите со ЕУ, уште поважно е какво е реално бизнис опкружувањето и воопшто функционирањето на општеството, за секој еден инвеститор, домашен и странски. Аферата Рекет, јас би рекла и од сопствено искуство, делуваше разочарувачки. Беше разочарување за сите нас кои очекувавме многу повеќе, и очекувавме средување на проблемите со корупцијата. Меѓутоа, тоа е една црна дамка, ајде сега да видиме што можеме понатаму да направиме. Можеме многу да сработиме во смисла на подобро бизнис опкружување.

Земјава на листата на Дуинг бизнис на Светска банка е 17, иако има пад од седум места во однос на лани, сепак е меѓу првите 20 економии. Дали тоа значи за бизнисот?

Мојсоска-Блажевски: Во првичната анализа што ја прави еден потенцијален инвеститор, кога гледа дали има интенција да инвестира во една земја, прво ќе погледне дали има НАТО и ЕУ членство, а второ ја гледа листата Дуинг бизнис. Така што, од репутациски аспект е многу важно какво е рангирањето на Дуинг бизнис. Дали реално ја отсликува ситуацијата – делумно да, делумно не, и затоа, следниот чекор на секој странски инвеститор е да се обрати до коморите или до бизниси кои ги знае и да провери каква е ситуацијата на терен. И друг чекор е обраќање и соработка со државните институции. Затоа целиот тој систем треба да функционира беспрекорно, ако сакаме да привлечеме повеќе инвестиции.

Основачите на Македонија 2025 се наши иселеници. Ние знаеме колку нашата дијаспора е чувствителна на патриотскиот момент. Земјава го смени своето име како влог за НАТО и почеток на преговори со ЕУ. Како сега тие реагираат кога не го добивме очекуваниот исход?

Мојсоска-Блажевски: Нашата Организација главно ги претставува иселениците со македонско потекло, професионалци обединети да го поддржат економскиот развој на Македонија. Така што, не можам да зборувам дека имаме политички став или став кон името. Организацијата нема таков став. Она за што ние постојано зборуваме, тоа се реформи, и начин како дијаспората тоа да го помогне. Тие се надвор, ние сме тука. Ние треба да им покажеме што ни треба и како можат да ни помогнат. Ние треба да ги инспирираме, а тие имаат мотивација да помогнат. Така што, би рекла дека не се разочарани. Напротив, одиме понатаму. Нашата Матрица за следење на економскиот напредок е начинот на кој ние сметаме дека треба да одиме натаму. Сакаме да станеме членка на ЕУ со цел да имаме ист квалитет на живот како во унијата, и да имаме ист или сличен животен стандард. Нашиот животен стандард сега е една третина од просекот во ЕУ. Така што, за обичниот граѓанин почеток на преговори со ЕУ реално не значи ништо, никаква промена во неговиот живот. Затоа велиме, дајте да работиме на подобрување на животниот стандард и економскиот прогрес, а членството во ЕУ ќе биде круна на сето тоа. 

Дали ќе остане името Македонија 2025 или можеби ќе се смени со некој подоцнежен термин?

Мојсоска-Блажевски: Засега остануваме на името, не разговараме за промена.

Македонија 2025 постои една деценија. Дали, според Вас, ги исполни очекувањата на македонските граѓани овде, со оглед на силните најави кои можеа да се слушнат на почетокот, при формирањето?

Мојсоска-Блажевски: Десет години беа период во кој оваа Организација растеше. Почна од една убава идеја и од еден апел за помош од еден претходен премиер на Македонија до неколку членови на Бордот, и прерасна во убава приказна. Меѓутоа, како Организација, и требаше период да порасне. Сметам дека имаме направено доста, но сепак би оставила јавноста да оцени дали се исполнети очекувањата. Очекувањата беа големи и Организацијата е силно насочена и фокусирана кон тоа да го зголеми своето влијание и поддршка на земјата. Имаме нова петгодишна стратегија за како тоа да го направиме. Сите 16 членови на Бордот на директори се силно мотивирани, а и јас како главен извршен директор, да направиме уште повеќе. Да ги слушнеме барањата и потребите на бизнисите, секако и на владите и на останатите чинители, за да се преструктуираме и да направиме одлични програми преку кои повеќе ќе помогнеме. Во однос на тоа што сме постигнале, би било субјективно да ценам дали е многу. Имаме инвестирано три милиони долари во програми за поддршка на бизниси, директна поддршка преку консултантство, понатаму поддршка преку изнаоѓање партнери во странство, преку организирање на бизнис форуми, трговски мисии и така натаму. Исто така, она што сме го постигнале, е поддршка при носење на околу 15 странски инвеститори. Имаме инвестирано и околу еден милион долари во програми за претприемништво и развој на лидерство. Тоа е втора цел на Организацијата – да промовира лидерство базирано на вредности. Досега 20 извршни директори беа на програми и обуки во САД, на Келог школата за менаџмент. Идејата е да станат уште подобри бизнис лидери, но и добри граѓани во општеството. Организираме и обуки за наши млади претприемачи, низ кои досега поминале околу 400 наши млади луѓе, како и обуки на наши извршни директори во Канада. Сметаме дека сето ова придонесува кон зголемување на конкурентноста на македонските бизниси, а тие директно или индиректно наоѓаат свои партнери или инвеститори во странство. Основавме и Фонд за талентирани ученици, преку кој стипендираме талентирани деца, прекрасни приказни, а кои доаѓаат од социјално загрозени семејства. Успеваме и да привлечеме професионалци од дијаспората кои се спремни да помогнат. Имаме мрежа од околу 100 такви професионалци. Мојата задача како релативно нов директор е да ги искористиме повеќе тие потенцијали и да го прошириме тоа семејство на професионалци.

На што Вашата организација ќе се концентрира во наредниот период, дали тоа ќе бидат директни инвестиции од нашата дијаспора, или се планира да се смени фокусот?

Мојсоска-Блажевски: Нескромно кажано, сакаме да имаме многу поголем ефект врз македонската економија. Колку и да се трудиме да даваме поддршка, ефектите, барем мерени според таа Матрица на економски напредок, не се големи. Што сакаме да постигнеме? Прво, да бидеме дел од еко системот, што значи многу повеќе да соработуваме со институциите во земјава. Тука не мислам само на владини институции, мислам исто така и на коморите кои го претставуваат бизнисот, невладините, меѓународните организации, и така натаму. Сметаме дека само со партнерство можеме да направиме многу повеќе. Втората определба е да ги прошириме нашите програми за директна поддршка на компаниите. Не мислам толку на финансиска поддршка, колку што мислам на менторство, поврзување и сл. Набргу ќе излеземе и со нови програми во таа насока. Целта е да се поврзе дијаспората со македонските компании и како да им помогнеме да растат и да станат поконкурентни. Ќе останеме фокусирани и на лидерскиот развој, целта ни е идните 100 главни бизнис лидери во земјата да бидат поддржани или обучени преку нас, преку програмата со Келог школата. И, повеќе да влијаеме врз креирањето на политиките низ едни формални процеси. Досега преку Самитот сме иницирале и сме покажале убави економски реформи и промени, но идејата на Организацијата е повеќе да влијае во промена или подобрување на опкружувањето преку конкретни предлози за реформи.

Голем дел од панелите во агендата на Самитот се посветени на иновации за заштита на животната средина. Има ли такви иновации кои можат земјава да ја спасат од екстремно загадениот воздух, особено во зимскиот период?

Мојсоска-Блажевски: Прашањето за животната средина, заедно со прашањето на иднината на работните места и вештини се основни теми на Самитот оваа година. Животната средина е нешто што се одразува на сите нас. Влијае врз квалитетот на животот и врз растот на економијата. Светска банка излезе со една убава студија во која покажува како тоа влијае врз намалување на продуктивноста. Значи, ова прашање влегува и во економската сфера. Ќе имаме три панели и околу 20 говорници кои ќе зборуваат за животната средина, конкретно за прашањето на аерозагадувањето. Преку Самитот прво ќе покажеме убави приказни и искуства од други земји, што може да се направи, и како да се направи. Посебен фокус ќе се стави и на општините, бидејќи најголем дел од ингеренциите за животната средина се кај нив. Но, идејата ни е да ги промовираме бизнисите, или компаниите, како главни чинители во областа, како главни барачи од Владата да се подобрат условите. Големата цел на сето ова е да создадеме едно широко партнерство, како со конкретни активности да направиме да се намали загадувањето. Самитот е во ноември, кога загадувањето е релативно високо, и мислам дека и тоа ќе ни даде дополнителен импулс да работиме понапорно. Како организација сакаме во идниот период да се фокусираме на програми и активности за подобрување на животната средина, и тоа ќе го направиме сигурно. Сега ги формираме партнерствата.

Како компаниите, од кои некои се и големи загадувачи, би биле главни двигатели во намалување на загадувањето?

Мојсоска Блажевски: На Самитот ќе има компании кои работат навистина многу и би постигнале многу во сферата на зелен, паметен, одржлив развој, и сакаме тие да ги споделат своите искуства со другите компнии и воопшто со јавноста, и да ги мотивираат, но и да се вклучат во помагање на другите бизниси да направат слични практики. Тоа е едниот аспект. Другиот е што ќе донесеме неколку меѓународни институции што финансираат проекти од сферта на одржлив развој, и ќе им дадеме можност и на општините и на други компании да слушнат кои се можностите, преку техничка подршка, па се до пристап до фондови.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ГРАЃАНИТЕ СЕПАК ШТЕДАТ: Koлку се зголемени вкупните депозити на домаќинствата?

ГРАЃАНИТЕ СЕПАК ШТЕДАТ: Koлку се зголемени вкупните депозити на домаќинствата?

ММФ: Kaкви се оценките за руската економија?

ММФ: Kaкви се оценките за руската економија?

СТРИМИНГ ГИГАНТОТ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: наспроти забраната за делење лозинка - голем раст на профитот и претплатниците

СТРИМИНГ ГИГАНТОТ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: наспроти забраната за делење лозинка - голем раст на профитот и претплатниците

Марко Бислимовски останува вонреден претседавач на Бордот на регулатори на Енергетската Заедница

Марко Бислимовски останува вонреден претседавач на Бордот на регулатори на Енергетската Заедница

ЕСКАЛАЦИЈАТА И ТЕНЗИИТЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК ЈА КАЧИЈА ЦЕНАТА НА НАФТАТА: Еве како да тргувате со црно злато

ЕСКАЛАЦИЈАТА И ТЕНЗИИТЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК ЈА КАЧИЈА ЦЕНАТА НА НАФТАТА: Еве како да тргувате со црно злато

„АЛКАЛОИД“ СЀ ПОБЛИСКУ ДО ЕВРОПА: Компанијата регистрираше ново друштво во Хрватска, осми по ред правен субјект основан во земја членка на ЕУ

„АЛКАЛОИД“ СЀ ПОБЛИСКУ ДО ЕВРОПА: Компанијата регистрираше ново друштво во Хрватска, осми по ред правен субјект основан во земја членка на ЕУ

„НАЈСРЕЌЕН СУМ КОГА ГО СОБИРАМ СЕМЕЈСТВОТО И ОДИМЕ ДА ПАКУВАМЕ МЛЕЧНИ ПРОИЗВОДИ“ - познатиот бизнисмен Дабевски ексклузивно за „Бизнис муабети“ на Фактор

„НАЈСРЕЌЕН СУМ КОГА ГО СОБИРАМ СЕМЕЈСТВОТО И ОДИМЕ ДА ПАКУВАМЕ МЛЕЧНИ ПРОИЗВОДИ“ - познатиот бизнисмен Дабевски ексклузивно за „Бизнис муабети“ на Фактор

ЗА ПОМАЛКУ ОД 2 МЕСЕЦИ: Кој директор на државна фирма успеа да потроши 35 милиони евра?

ЗА ПОМАЛКУ ОД 2 МЕСЕЦИ: Кој директор на државна фирма успеа да потроши 35 милиони евра?

ЗА ПЛОЧКАР, МОЛЕР, ФАСАДЕР МОЖЕ ДА СЕ СЛУЧИ ДА ЧЕКАТЕ СО МЕСЕЦИ: Дали се ова „златни времиња“ за занаетчиите?

ЗА ПЛОЧКАР, МОЛЕР, ФАСАДЕР МОЖЕ ДА СЕ СЛУЧИ ДА ЧЕКАТЕ СО МЕСЕЦИ: Дали се ова „златни времиња“ за занаетчиите?