Интервју со Владимир Нелоски, претседател на Градскиот комитет Скопје на ВМРО-ДПМНЕ
ИНТЕРВЈУ НЕЛОСКИ: ВМРО-ДПМНЕ силно ќе победи на локалните избори, државата стагнира на секое поле
Објавено во: Македонија, Интервјуа 29 Април, 2021
Сега е прв човек на Градскиот комитет Скопје на ВМРО-ДПМНЕ. Не открива дали ќе биде кандидат од својата партија на претсојните локални избори, бидејќи, вели, најважно е сегашната општинска власт што поскоро да си замине. Во интервју за Фактор, Владимир Нелоски, претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, потенцира дека партијата е сериозно посветена на избор на квалитетни кадри кои би трчале за градоначалници, низ транспарентен внатрепартсиски процес, а тој е активно посветен на детектирање на локалните проблеми и изнаоѓање начини како тие би се корегирале. Очекува силна победа на претстојното изборно соочување, но и триумф во главниот град, а како што објаснува, тоа им го покажувале направените анкети. Со Нелоски разговаравме и за тоа зошто неговата партија ВМРО-ДПМНЕ одлучи да даде поддршка на протестите за, како што ги нарекуваат, уставобранителите, дали таа успеа да се огради од насилствата што се случуваа пред четири години, но и за тоа кои се, според него, клучните лоши политики што ги практикува сегашната владејачка гарнитура...
Вашата партија во неделата даде поддршка на протестите за, како што ги нарековте, уставобранителите. Дали за ВМРО-ДПМНЕ настаните од 27 април 2017 година беа само бранење на Уставот на земјава и само толку?
Нелоски: Ако погледнеме ретроспективно, а вреди да погледнеме, бидејќи се работи за период кој беше прилично тензичен за Република Македонија и граѓаните, и период за кој од денешна гледна точка се јасни многу работи, да, можам да потенцирам дека десетици илјади граѓани кои протестираа неколку месеци секојдневно го бранеа Уставот на Република Македонија, како постулат и столб на кој почива унитарноста на оваа држава. И да, исто така можам да потенцирам, дека граѓаните кои протестираа неколку месеци во 2017-тата година, точно знаеле и имале интуиција која што не ги излажала, за тоа што ќе следи и за кршењето на Уставот. И да, ако уште еднаш погледнеме наназад колку пати е прекршен Уставот и колку пати граѓаните се излажани од власта и Зоран Заев со лажни ветувања дека нема да се допира во промена на Уставот и нема да се работи спротивно, можам да потврдам и јас и целокупната свесна јавност, дека тие протести беа бранење на Уставот на Република Македонија.
Во голем дел од јавноста се смета дека тие настани пред четири години беа свесно инсценирани за да се спречи промената на власта во земјава. Ве молам, одговорете ми директно, дали Вие како партија ги поддржувате насилствата што тогаш се случија?
Нелоски: Директно кажувам по којзнае кој пат во мое јавно излагање, јас и ВМРО-ДПМНЕ, никогаш не сме поддржувале и нема да поддржуваме било какво насилство. Нам како ВМРО-ДПМНЕ и мене како млад човек, граѓанин на Република Македонија и млад политичар, ми е важно да функционира системот на државата, да има силно владеење на правото и правдата да биде задоволена за секого. Вклучително, важно ми е граѓаните да ја вратат довербата и имаат висока доверба во институциите, како и почитување на Уставот, законите и системските столбови на кои што почива нашата држава.
Секојдневно опозицијата му упатува сериозни критики на министерот за здравство Венко Филипче за начинот на кој државата се справува со коронавирусот, а многумина сметаат дека митингот кој се одржа во неделата е можно жариште на болеста, бидејќи имаше многу граѓани, од кои поголем дел, според снимките, не носеа маски. Дали, според Вас, на протестот беа почитувани здравствените протоколи?
Нелоски: Обидот на СДСМ и власта да го дискредитира протестот преку спинови за непочитување мерки итн, е само демонстрација на изразен страв од незадоволството кај граѓаните кон актуелната власт. Јас можам лично да потенцирам дека на протестот сите граѓани беа излезени своеволно, според свое лично убедување и на сопствена одговорност. Оттука, јас да сум на местото на власта би се запрашал што ги натерало сите тие граѓани, во ек на пандемија со која власта катастрофално се справува, да излезат на улица десетици илјади граѓани и да го искажат револтот кон актуелната власт. Тоа е клучното прашање. А лично јас, бидејќи бев во толпата заедно со граѓаните, морам да потенцирам дека сите околу мене носеа маски и во рамките на можностите одржуваа некоја пристојна дистанца колку и да се може.
Кои се клучните забелешки на Вашата партија за тоа како актуелната властго практикува владеењето со земјава?
Нелоски: Покрај огромниот број на слабости кои ги има оваа влада сепак би се задржал на две работи, тоа се економијата и корупцијата. Оваа влада направи клучна грешка со напуштање на концептот на привлекување на странски инвестиции и затоа, за жал,денес наместо да зборуваме за нови работни места, ние говориме за 50 илјади наши сограѓани кои ја загубиле својата работа, а приматот за инвеститорски магнет го презема Република Србија, во која можеме да забележиме отварање на нови фабрики на секој чекор. Како надополнување на оваа грешка беше и премалото стимулирање на домашната економија која со последни напори се труди да не се „удави“и наместо фокусот да биде ставен на стимулација на продуктивноста на домашните фирми, Владата беше фокусирана на собирање на арач од фирмите, токму затоа во моментов сме најлошо рангирани во историјата на скалата за корупција според Транспаренси интернешнл. И како финале за лошата економска слика се капиталните инвестиции, додека во минатото градежништвото беше носител на економските активности, денес, покрај тоа што има премала реализација на капитални инвестиции, и тие што ги има се поврзани со коруптивни скандали.
Неодамна се одржа лидерска средба меѓу првите луѓе на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, на која падна договор за пролонгирање на пописот, а потоа да се одржат локалните избори. На средбата се договори и деблокада и нормализирање на политичката ситуација во законодавниот дом. Зошто и натаму како партија добивате обвинувања дека правите опструкции во работењето на Собранието?
Нелоски: Тоа беше лидерска средба пред се на иницијатива на претседателот Мицкоски, и тоа токму со таа цел, да се смират тензиите и јазот кој се создаде во општеството, а вклучително и за почеток на разумно функционирање на Собранието на РМ. Оттука, на таа средба беше потенцирано дека за важните закони за граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да разговара и во конструктивна атмосфера да ги договара со власта, но не по секоја цена за закони кои се од личен интерес на власта. Власта секако своеволно се обидува да турка на сила закони поврзани со личниот интерес на нивните челници, да потсетам на закони за канабис и слично, но сакам да заклучам, обвинувањата дека ние опструираме се само обид на власта да дефокусира од реалниот проблем кој го има внатре во коалицијата, а тоа се уцените кои ги имаат со коалициониот партнер и немањето кворум и мнозинство внатре во Собранието од страна на власта. Затоа, ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе потенцирам, никогаш ниту било деструктивно, ниту ќе биде, кога се работи за закони и теми поврзани со интересот на граѓаните. Ваквите обвинувања се само блед обид за манипулација за прикривање на недостатоците на власта.
Бидејќи за пописот се постигна начелна согласот да се одложи за септември, дали тогаш како партија ќе бидете конструктивни во неговото спроведување и дали ќе ја повикате и дијаспората да се попише?
Нелоски: Одложувањето на пописот е најразумната работа која што можеше да се случи, нормално на наше барање, бидејќи немаше да се спасиме од корона вирусот во наредни три години. Ќе беше потенцијална биолошка бомба. Имено, во однос на пописот и делот околу дијаспората, ВМРО-ДПМНЕ од самиот почеток е јасна во својот став, а тоа е методологијата да биде согласно начелата на ЕУРОСТАТ за попис на населението. Уште еднаш ќе напоменам, тоа им е јасно и на граѓаните, попис се врши на резидентно население, а дијаспората се евидентира во списокот на евиденција во овој процес. Нам ни е потребен чист и европски попис, без ниедна дамка, за да се има јасна слика и проекција во која насока да се развива државата. Уште еднаш да потенцирам, дијаспората се евидентира.
Дали ВМРО-ДПМНЕ се подготвува за локалните избори што ќе се одржат наесен и какви се Вашите очекувања од претстојното изборно соочување?
Нелоски: Ќе бидам многу директен и веднаш ќе ви кажам какви ни се очекувањата. ВМРО-ДПМНЕ силно ќе победи, затоа што граѓаните се свесни дека општините во кои што живеат, а вклучително и првенствено и државата, стагнираат на секое поле. Освен криминал, нема ниту еден единствен проект. Се повеќе ја добиваме поддршката од граѓаните и јавно и секако, што е показател и преку анкетите кои се објавуваат периодов. Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ во овој момент, во рамки на можностите поради ковид пандемијата, изнаоѓаме начин и комуницираме со граѓаните и ги детектираме проблемите на локално ниво, кои се од суштинско значење за секојдневното живеење на граѓаните. Граѓаните мораат да се чувствуваат повторно комотни и среќни во своето место на живеење. Сега се во грч, а воедно и владее апатија дека ништо не се случува, унапредува и работи. Ние тоа ќе го понудиме со здрава програма. Воедно се одвиваат подготовки за македонската пролет, преку која сиот револт кон Владата и локалните власти ќе се манифестира со најразлични активности и активизам, кој ќе биде увертира на локалните избори. Избори на кои очекуваме да одлучат граѓаните општините и градовите да се вратат на правиот колосек, т.е. на онаа патека која претставува развој и просперитет за градовите и општините, кои четири години, за жал, тапкаат во место и се претворија во мочуришта, во кои локални шерифи си ги реализираат приватните агенди и личните бизнис интереси, граѓаните ке им дадат црвен картон на сите овие ликови кои ни ги уназадија и „осакатија“ местата на живеење. Да не потсетувам дека сега градоначалници на СДСМ се луѓе кои се до гуша во криминал, неспособни, луѓе кои шверцуваат цигари, вршат мобинг врз вработени. Затоа, ќе бидат сменети. Нам ни треба прогрес, а не враќање децении наназад.
Вие сте претседател на Градскиот комитет Скопје на ВМРО-ДПМНЕ. Инаку, се смета дека освојувањето на главниот град на локални избори е еден виднеформална победа на изборите, нои потенцијален „тригер“ за евентуално идно освојување на централната власт. Какви се Вашите очекувања заглавниот град, можно ли е да добие градски татко кандидиран од Вашатапартија?
Нелоски: Не само што е можно, туку и
ќе добие Скопје градоначалник од редовите на ВМРО ДПМНЕ, бидејќи Скопје секогаш
претставувал лакмус за политичкиот и општествен живот во Македонија, ако ги
погледнеме резултатите од последните предвремени избори кога ВМРО ДПМНЕ
повторно го презема приматот во градот Скопје и извојува победа на ниво на
општините и во градот, очекувано е скопјани да ја исправат својата одлука и да
се напушти експериментот со кажано во негов стил „арогантната мрза“ кој го
гледаме во последните четири години, а со кој на хартија им беше ветувано едно
нешто а во реалност добија нешто сосема друго. „Арогантната мрза“ наречена Петре
Шилегов ги чини скопјани четири години неработење, навреди, скандали,
потценувачки однос кон неистомисленици и што ли уште не. Затоа на Скопје му е
потребен татко на градот во буквална смисла на зборот, кој ќе легнува навечер
со мислите како да го направи својот роден град европска метропола и модерно
место за живеење, а наутро ќе станува со елан и енергија за промена на
нештата! Татко кој одлуките ќе ги носи заедно со своите сожители, човек на кој
што поважно ќе му биде што мислат скопјани од тие во неговото најблиско
канцелариско опкружување, кој пред да донесе одлука за нешто ќе излезе надвор
од својата канцеларија, личност што ќе работи макотрпно за да го
исполни тоа што го
ветил кај оние што го поддржале, но и ќе го направи Скопје подобар град за живеење и за оние кои
не го поддржале и се негови критичари.
Сте се запрашале ли кога последен пат скопјани биле запрашани за некое важно
прашање да се изјаснат дали на пример сакаат универзална да е парк? Да дадат
70 милиони евра за транспорт што ќе го намали возењето за 10 минути од едниот
до другиот крај на Скопје? Потоа дали градот треба да дозволи најголемиот
симбол ФК Вардар да пропаѓа и дали треба да е шампион или во втора лига? Дали
границите на Водно треба да се заштитат или да се намалат?
Ова се некои од прашањата за кои скопјани требаше да бидат прашани изминативе четири
години, но за жал не беа.
Ќе ни откриете ли некои од кандидатите за градоначалници на локалнитеизбори, и дали можеби Вие лично ќе се кандидирате, и за која позиција?
Нелоски: ВМРО
ДПМНЕ е сериозна партија која своите кадри и кандидати ги селектира преку еден
транспарентен внатрепартиски процес. Во овој момент се прават анализи и сондирање
на јавното мислење и во наредниот период ќе се утврди кои кандидати ќе трчаат
на локалните избори. Во едно можат граѓаните да бидат сигурни дека тоа ќе се
чесни свежи кадри кои ќе ги изведат општините и градовите од калта во која се
запустија во изминативе четири години.
Лично јас сум посветен кон детектирање на лошите работи кои ни се случуваат во
Скопје и нивното корегирање, а се разбира дека ќе застанам зад секој кандидат
кој ВМРО ДПМНЕ ќе го предложи на престојните локални избори. Во овој момент не
е важно кој каде ќе се кандидира, дали кандидат ќе биде Иван, Петар, Виктор или
Симона - она што е важно е по октомври градоначалничката кариера на Петре,
Златко, Велимир, Александар или некој друг од оваа заспана и мрзелива екипа, да
биде завршена.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.