29 Септември, 2024
0.0258

ИНТЕРВЈУ Новковска: За следен попис се потребни подготовки од најмалку една година!

Објавено во: Анализа 09 Јули, 2014

Добивај вести на Viber

Државниот завод за статистика од методолошки аспект е подготвен да ја реализира оваа голема статистичка операција, затоа што тековно ги следи сите промени и развој на методологиите за пописите кои ги организира ОН, но се разбира за организирање на следниот попис на населението треба да му претходат голем број други организационо-технички подготовки и административни подготовки кои не зависат од ДЗС,  а кои вообичаено траат околу една година, вели во интервју за Фактор Благица Новковска, директор на Заводот за статистика. Фактор:  До лани, Македонија и Босна и Херцеговина беа единствените земји на Балканот без капацитет да спроведат попис на населението.  Но, минатата година, Босна ја заврши оваа  статистичка операција. Според најавите од властите, тоа нема да се случи во Македонија ниту годинава. Дали сега, во 2о14 година имаме релевантни податоци колкав е бројот на населението, каков е неговиот национален состав, колку станбени единици има во Македонија? Новковска: Република Македонија, но и Државниот завод за статистика (ДЗС) го потврдиле многупати досега својот капацитет за организирање и спроведување на најсеопфатната статистичка активност - Пописот на населението, домаќинствата и становите. Пописот во 2011 година требаше да биде 9-тиот по ред попис во Република Македонија по Втората светска војна. Пописот обезбедува податоци за бројот на населението и неговата територијална разместеност, како и за неговата структура според демографски, географски, етнички, економски и социјални белези, податоци за бројот на домаќинствата и нивната територијална разместеност, како и податоци за структурата на домаќинствата според нивната големина, типот, семејниот состав и генерацискиот состав, како и податоци за бројот на живеалиштата според видот и нивната територијална разместеност, а за становите во градежна смисла се обезбедуваат и податоци за големината, опременоста со инсталации и помошни простории. Сите овие податоци се однесуваат на лицата кои се со вообичаено живеалиште во Република Македонија и се попишани согласно препорачаните методологии, дефиниции и стандарди од страна на Обединетите Нации. Во меѓупописните години статистичките институции, а секако и Државниот завод за статистика имаат редовни статистички истражувања преку кои ги следат виталните промени кај населението (родени, умрени, миграција, емиграција и сл), промените кај семејствата (склучени бракови, разведени), изградени станови и куќи. Тоа значи дека податоци за демографските промени кај населението се обезбедуваат од административни извори и ДЗС редовно ги објавува преку месечните соопштенија во областа на демографските статистики. Секако сите овие категории се следат според помал број на карактеристики отколку со пописите на населението, а токму заради својата сеопфатност, деталност и меѓународна споредливост, пописите се организираат со десетгодишна периодика. Што се однесува до бројот на населението, Државниот завод за статистика во меѓупописниот период продуцира процени на населението според методологијата на Обединетите нации, а врз основа на  природното и механичкото движење на населението за кои добива податоци од административни извори. ЗОШТО ПОПИСОТ ДОЖИВЕА ДЕБАКЛ Фактор: Зошто  пописот во 2011 година доживеа дебакал? Ако подготовките беа спроведени и попишувачите обучени според стандардите на ЕУРОСТАТ, зошто попишувањето беше стопирано?  Дали политиката се уплаши од националниот и неприроден сооднос на етничката припадност на граѓаните или натпреварот кој повеке ќе попише од своите ќе доведеше до податоци дека во Македонија би имало над 4 милиони жители? Новковска: Согласно Законот за спроведувањето на Пописот на населението, домаќинствата и становите во 2011, Пописот го организира и спроведува Државната пописна комисија во соработка со Државниот завод за статистика. Државниот завод за статистика како институција со повеќедецениско искуство во спроведување на пописи на населението ги реализираше навреме и квалитетно сите методолошки и организационо-технички активности во процесот на подготовката на Пописот на населението домаќинствата и становите кој требаше да се реализира во текот на 2011 година. Подготвеноста на Заводот беше високо оценета од страна на Генералниот директорат за статистика на Европската комисија – Евростат.  Од неодамна Евростат објави Информација за пописите на населението, домаќинствата и становите, 2011, во земјите-кандидати и потенцијалните кандидати за влез во ЕУ, а за овој документ ДЗС ги информираше и своите корисници објавувајќи го линкот на својата интернет страна. Во оваа информација се објавени и податоци за трошоците за реализација на пописните активности, направени од секоја земја во регионот. Република Македонија има потрошено 2.86 милиони денари, а не 14 милиони денари, како што постојано се коментира иако оваа информација е достапна и на страната на Евростат, но и на интернет страната на ДЗС. Информациите покажуваат дека ДЗС ги подготвил сите методолошки основи како и другите земји во регионот, но и сите други организациони технички подготовки се споредливи со тие реализирани во другите земји во регионот. Пописот беше стопиран десетиот ден од отпочнувањето на пописот заради непочитување на основните меѓународни стандарди за тоа кој може да биде единица на попишување, а со тоа и да биде дел од вообичаеното резидентно население на Република Македонија. Пописот требаше да ги опфати само оние граѓани чие место на вообичаено живеење е во Република Македонија и лица кои имаат место на вообичаено живеење во Република Македонија, а во времето на Пописот, но најдолго до 12 месеци (една година) пред неговото спроведување, се наоѓале на работа во странство, како и членовите на нивните домаќинства. Овој меѓународен стандард требаше да го спречи дуплото попишување на населението во светски рамки и да го утврди точниот број на население во едно место на жиеење со цел да може и правилно да се планираат нивните потреби. Основната цел на пописите на населението е да се обезбедат податоци за населението чие место на вообичаено живеење е во земјата и на кое треба да се однесуваат економските, социјалните но и сите други политики и стратегии. А под поимот место на вообичаено живеење се смета местото каде што лицето поминува најголем дел од својот дневен, односно ноќен одмор. Непочитувањето на основните меѓународни стандарди ќе значеше вклучување на лица кои се дел од вообичаеното население и попишани како такви на пр. во Германија, Швајцарија, Италија и други земји.  Тоа ќе значеше нивно дупло попишување и во тие земји и во Република Македонија. Прекинувањето на пописот беше најдобрата одлука донесена во услови на евидентното непочитување на пописната методологија.  Неточните пописни резултати само ќе значеа долгорочна неточна и неквалитетна база за виталните политики на Република Македонија. Фактор: Кога најрано  би можело да се реализира оваа операција ако се има во предвид дека освен политичка волја, што во моментов и не постои, потребна е и стручна подготовка, што не се стекнува за два, три или четири месеци? Новковска: Следниот попис ќе може да се спроведе тогаш кога ќе биде оценето дека имаме добро развиени административни регистри од кои ќе може да се користат одредени податоци за населението, домаќинствата и живеалиштата, а другото да може да се дополнува со други извори на податоци или со дополнителни методи на попишување, на пример спроведување попис само за мал број на прашања за кои нема податоци во расположивите административни регистри. Овој метод за попишување се најавува како главен и за најголем дел од земјите во светот при планирањето на следните пописи на населението и со сигурност ќе остане само мал број на земји кои ќе го користат традиционалниот метод на попишување. Државниот завод за статистика од методолошки аспект е подготвен да ја реализира оваа голема статистичка операција, затоа што тековно ги следи сите промени и развој на методологиите за пописите кои ги организира ОН, но се разбира за организирање на следниот попис на населението треба да му претходат голем број други организационо-технички подготовки и административни подготовки кои не зависат од ДЗС,  а кои вообичаено траат околу една година. Фактор: Колку државјани конечно се иселени до Македонија во последната декада? Дали е веродостоен податокот дека е тоа над 4оо илјади жители и  каква  е нивната етничка припадност? Од што е диктиран најновиот бран на економска миграција? Пред точно две години  податоците од Евростат  покажа дека од 1998 година  до јули 2012 година, од Македонија официјално се иселени дури 230.000 жители? Новковска: Миграциите се област која и во светски рамки побудува голем интерес и се вложуваат напори да се најде начин тие правилно да бидат мерени. Миграциите директно влијаат врз зголемувањето или намалувањето на бројната состојба на населението и со оглед на релативно поголемата застапеност во миграциите на младата, репродуктивно способна популација, се менува и старосно-половата структура на населението, со што индиректно се влијае врз интензитетот на природното движење на населението. Извори на податоците за механичкото движење на населението (преселувањата) се пријавите-одјавите за доселени-отселени лица што се пополнуваат во надлежните стручни служби на Министерството за внатрешни работи. Користејќи го овој извор на податоци Државниот завод за статистика е во можност да го следи само регистрираното механичко движење на населението, кое претставува само дел од вкупните миграциони пред се емиграциони движења на населението од Република Македонија.  Миграционите податоци кои беа објавени од Евростат сигурно потекнуваат од регистрираното пријавување на лицата во дестинациите каде заминале пријавувајќи притоа дека се од Република Македонија. За ваквите информации нема размена на податоци помеѓу статистичките институции и затоа ДЗС ниту може да го демантира ниту да го потврди овој податок. БЕЛАТА ЧУМА Е ПРИСУТНА ВО МАКЕДОНИЈА НО И ВО ДРУГИТЕ ЗЕМЈИ Фактор: Кои се причините за лошата демографска слика на Македонија, белата чума во одделни региони во Источна Македонија, во градови како Битола,  и како до подигнување на наталитетот и зголемување на популацијата? Новковска: Лошата демографска слика е карактеристична не само за Македонија туку и за голем број други земји во светот, а особено за развиените земји. Современиот живот, современото општество, динамиката на живеењето која е многу побрза во однос на годините наназад во голема мера допринесоа за појавата на т.н. бела чума. Иселувањата од одредени населени места поради разни причини (школување, вработување, семејни причини и сл.) се еден фактор за депопулацијата на одредени области во земјата, но се разбира и демографските фактори имаат свое влијание како на пример, поместувањето на возрасната граница на жената при прво раѓање, односно појавата на т.н. темпо ефект или одложување на раѓањата и склучување на брак во повозрасни години, што од своја страна води кон намалувањето на бројот на раѓања.  Така на пример, просечната возраст на мајките при раѓање на првото дете се зголемила од 23,5 во 1994, на над 26 години во 2013, а просечната возраст на раѓањата воопшто се зголемува од околу 26 во 1994 на над 28 години во 2013 година. Во периодот од 2003 до 2013 се забележува намалување на бројот на склучени бракови за 2.9 % и зголемување на бројот на разводите за 45.6%, додека просечната возраст на невестата се зголемува (од 23,5 години во 1994 на 25,8 години во 2013). Одложувањето на стапувањето во брак делумно се должи и на зголемување на бројот на жени кои даваат приоритет на своето образование и градење на кариера. Фактор: Иако подолго време не се одржал попис во Македонија, во меѓувреме се одржаа и неколку изборни циклуси, редовни, вонредни и предвремени. Постои сомнежот дали бројот на гласачите е реален. Дали како институција располагате во точни податоци колку полнолетни граѓаните во моментов живеат во земјата и каков е просечниот сооднос на малолетните и граѓаните се право на глас, дали е возможно со 2 милиони и 70 илјади жители да има речиси 1.8 милиони избирачи? Новковска: Пред се да напоменам дека последниот Попис на населението, домаќинствата и становите како статистичка операција беше реализиран во ноември 2002 година односно пред 12 години. Како што веќе напоменав Джавниот завод за статистика како институција продуцира процени на бројот на населението според старосно-половата структура, па оттука располага со проценет број на полнолетното население притоа користејќи ги податоците од административни извори. Избирачкиот список врз основа на кој се реализира избирачкиот процес во земјата не е во надлежност на Заводот, кој има само улога на техничка поддршка при обработката на избирачките списоци. Не треба да се заборави дека во изборниот процес право на учество имаат сите полнолетни државјани на Република Македонија кои се наоѓаат во земјата или во странство, а тоа е различно од резултатите и дефинициите кои се обезбедуваат со Пописите. Фактор: Пописот не е само статистичка операција, туку и база на сите планирања во една држава, и без него се доведува во прашање валидноста на податоците со коишто во моментов се располага. Како би можеле да ги знаеме проекциите на населението во натамошниот период , за 20, 30 за 50 години како ќе се движат? Новковска: Проекциите на населението претставуваат аналитичко планирање и претпоставување на природните и механичките движења на населението, за што се разбира основен предуслов е постоење на пописни податоци како појдовна основа за креирање на проекциите. По спроведувањето на следниот Попис на населението, домаќинствата и становите, ќе се создаде потребната основа за подготовка на подолгорочни проекции на населението. НЕРАМНОМЕРНА РАСПРЕДЕЛБА НА КАПИТАЛОТ Фактор: Како се определува стапката на сиромаштија и колку е таа сообразена со џини коефициоентот? Што опфаќа овој критериум подразбира во мерливоста на бројот на сиромашните? Новковска: Стапката на сиромаштија и Џини коефициентот се дел од индикаторите кои се продуцираат врз основа на податоците од истражувањето за приходи и услови за живеење (познато како EU-SILC), истражување кое Државниот завод за статистика го воведе во 2010 година и е целосно хармонизирано со европските стандарди, односно се спроведува според ЕУ препораките и ЕУ регулативата. Ова истражување е особено важен извор на податоци за материјалната обесправеност и социјалната исклученост на населението од кои произлегуваат важни индикатори за насочување на социјалните но и економските политики во земјата. Стапката на сиромаштија која според англиската терминологија гласи at-risk-of-poverty-rate, претставува процент на лица со еквивалентен расположлив приход под прагот на сиромаштија, а прагот е еквивалент на 60 проценти од медијалниот национален еквивалентен приход на лицата кои живеат во домаќинствата. Покрај стапката на сиромаштија од истражувањето за приходи и услови за живеење се продуцираат и повеќе други индикатори за животниот стандард на населението. Џини коефициентот пак претставува мерка за нееднаквоста на распределбата на приходите или тој е мерка за нееднаквоста на распределбата на богатството и се движи од 0 до 1. Вредноста на коефициентот поблиску до 0 укажува на порамномерна распределба на приходите или богатството, а висока вредност односно вредност поблиска до 1 укажува на поголема нееднаквост. Доколку на пример вредноста е еднаква на 1 во тој случај едно лице го поседува целиот приход, а сите други немаат приходи. Според податоците на Државниот завод за статистика во 2011 година стапката на сиромаштија изнесува 27.1 додека Џини коефициентот е 0.392. Во светски рамки, Џини коефициентот се движи од 0,232 во Данска до 0,707 во Намибија. Во Бугарија на пример Џини коефициентот е 0.336, во Хрватска 0.305, а во ЕУ (28) изнесува 0.306. Фактор: Дали имаме реална слика за вработените, пооделно,  во приватниот сектор и во јавниот сектор во Македонија? Новковска: Државниот завод за статистика спроведува статистички истражувања за градење на системот на информации за пазарот на трудот како предуслов за негова систематска анализа и оценка. Анкетата за работната сила  е еден од најзначајните извори на информации за случувањата на пазарот на трудот, и е најсеопфатно истражување за економската активност на населението и неговите демографски, образовни и други карактеристики. Целта на истражувањето е да се приберат податоци за големината, структурата и карактеристиките на активното и неактивното население според меѓународните стандарди. Анкетата за работната сила се спроведува во согласност со методолошките препораки на Меѓународната организација на трудот (ИЛО). Почитувањето на овие меѓународни препораки ја овозможува меѓународната споредливост на податоците. Во однос на Вашето прашање за приватниот и јавниот сектор според последните објавени податоци за првото тримесечие од 2014 година бројот на вработени во приватниот сектор изнесува 523.613 лица, додека во друга сопственост (мешовите, задружна, државна) бројот на вработени изнесува 162.664 лица.  Секако, ова се податоци од анкетното истражување спроведено од ДЗС и се однесува на вкупната вработеност во Република Македонија. Горазд Чомовски