29 Септември, 2024
0.0235

ИНТЕРВЈУ Новковски: Штипскиот универзитет ги брка добрите професори, а има потреба од квалитетен кадар

Објавено во: Анализа 21 Јули, 2014

Добивај вести на Viber

Без креирање и искористеност на концентрираното знаење, привлекувањето на странските инвеститори не се очекува да доведе до забележителен развој на економијата и стандардот на граѓаните. Во интервју за Фактор професор Ненад Новковски оценува дека странците бараат евтина работна сила која не се едуцира и низ работниот процес. Нашите фирми имаат заостанати технологии и не ги ценат знаењата што ги носат кадрите произведени од образовниот систем, а познавачите на новите ситеми се сметаат за преквалификувани и затоа нашиот жив труд е потценет. Влијанието на политиката на универзитетите е преголемо, а бројот на приватни универзитети е преголем за нашите потреби и нивната дисперзија ќе мора да доживее редукција”, се дел од ставвоите на поранешниот министер за образование во Владата на Љубчо Георгиевски. Во однос на тројцата професори од универзитетот во Штип кои веќе десет дена штрајкуваат со глад, Новковски со став - се работи за многу лоша појава - масовно се отфрлаат професори коишто имаат соодветни квалитети од универзитет што има критичен недостаток од кадри и тоа без некоја посериозна академска причина. Фактор: Според  една анализа на Стопанската комора на Македонија,  75 проценти од младите  не ја гледаат својата иднина  во земјава и доколку им се укаже можност песпективата би ја побарале надвор . На што се должи ваквиот негативен тренд  и како да го спречиме одливот на кадри од државата ? Новковски: Неодамна една научна студија  јасно покажа дека во земјите каде што државата непосредно интервенира во пазарот на трудот, се нарушуваат нормалните односи и се развива корупцијата, што ги брка стручњаците во други земји каде што тие имаат подобри можности за успешно професионално ангажирање – тие пишуваат влијателни трудови и патенти и создаваат бизниси. Како резултат на тоа земјите на потекло на овие емигранти заостануваат во развојот, а земјите што ги примаат се развиваат забрзано, поради тоа што тие во новите средини придонесуваат со својот голем капацитет. Нормално е ние да бидеме извозници на квалитетен кадар, но треба да се создаваат услови и кај нас да биде задржан забележителен дел од најспособните, преку создавање на поволен амбиент на пазарот на трудот и во општеството во целина. Фактор: Како ја оценувате владината политика за привлекување инвестиции нудејќи им  на заинтересираните потенцијални странски компании квалификуван кадар и евтина работа сила?    Новковски: Постојат два пристапи во формирањето на кадар кај нас, како и секаде во светот. Едниот е формирање на кадар непосредно за тековното производство и вториот е формирање на кадар со концентрирано знаење којшто ќе биде способен на долг рок да се адаптира на потребите на развитокот и најновите технологии коишто во овој век многу брзо се менуваат. Во последно време кај нас едниот приод почна изразено да доминира и речиси целосно го истисна другиот приод, природот на концентрирано знаење којшто се смета за неопходен во дваесетиот век и којшто е основата за забрзаниот развиток на сите земји коишто во претходните децении постигнаа голем раст на економијата и животниот стандард. Привлекувањето на странски инвеститори под овие околности не се очекува да доведе до забележителен развој на економијата и стандардот на граѓаните. Фактор:  Бизнис заедницата  се почесто се жали дека имаат недостаток од соодветен квалификуван кадар за свои потреби? Новковски: Оваа состојба е поврзана со претходното прашање. Во амбиентот каде што се наметнува употреба на евтина работна сила непосредно приспособена за тековните потреби на постојните претпријатија, бизнисмените се ставени во позиција да бараат веќе специјално обучена работна сила за конкретните процеси на производство. Во случај кога цената на трудот би била повисока, тие би можеле да ги извршат специјализираните обуки на нововработените преку приодот на кофинансирање – почетникот би се обучувал на самата производна линија со намалена плата за сметка на трошоците на обуката и пониската продуктивност до остварување на обуката. Фактор:  Колку во Македонија е развиен системот на дообразование, обука за време на работниот век и дали ние имаме статични профили на образование, но неедуцирани кадри? Новковски: Системот на образование низ работа кај нас е делумно развиен и би требало да се поттикнува неговиот понатамошен развој. Интервенцијата на државата во обуките за специфично работно место ги дестимулира претпријатијата самите да преземаат иницијативи на овој план. Вообичаено таквите обуки се прават во самите претпријатија или во соработка со локалните стручни образовни институции. Кај нас најголема улога имаат државни институции коишто се со административни надлежности. Фактор: Дали се согласувате со тезата дека има расчекор меѓу потребите на компаниите и профилот на кадри што го бараат? Новковски: Расчекорот е неспорен факт. Меѓутоа, тој има две страни. Едната е што образовниот систем не ги одразува целосно потребите на барателите на работна сила, но, од друга страна, нашите претпријатија се во голем број со релативно заостанати технологии и не ги ценат знаењата што ги носат кадрите произведени од образовниот систем што на нив во моментот не им се потребни. Тоа тие го интерпретираат како натквалификуваност, иако во голем број случаи се работи за поширока квалификација и некој вид на „претквалификуваност“, односно поседување на знаења коишто во иднина ќе им бидат потребни за новите технологии што доаѓаат. Треба да се води сметка дека базичните знаења најдобро се добиваат во текот на редовниот процес на образование. Ако се пропушти тој период, подоцна е речиси невозможно да се преобучат кадрите така што би ги прифатиле новите сознанија и производни технологии, затоа што низ образованието не им била создадена доволно широка рамка на погледот на светот базиран на научни сознанија. Фактор: Зошто  образовниот систем се сведе на квантитет наместо на квалитет? Бројот на  магистри и доктори на науки од годинава во година  расте. Деновиве прочитав колумна  чиј автор запишал дека најтешко се завршува основно образование, најлесно се докторира.  Од друга страна  канидатите кои бараат работа многу често наидуваат на одговори дека се преквалификувани? Новковски: Се работи за две појави коишто кај нас се измешани поради специфични околности. Зголемувањето на опфатот во високото образование е посакувана појава за новите услови кога се бараат поголеми знаења за истите работни места. Така, во најголем дел денес за местата за коишто се барало средно образование сега се бара високо. Во нормални услови, со зголемувањето на опфатот на новите генерации со високо образование би требало да се доведе до повисок квалитет кај оние што ги имаат највисоките постигања (горните 5 % и горните 10 % од генерациите). Тоа што овој квалитет не се зголемува е последица на недоволното инвестирање во високото образование и науката коешто би требало да ги следи трендовите на зголемен опфат. Тогаш, како што е случајот во развиените земји, зголемениот квантитет ќе доведе и до зголемен квалитет. Посебен проблем има со докторскиот степен. Поради тоа што не постојат извори за финасирање за третиот степен, тој им е достапен само на оние што имаат доволно средства и најголемиот дел од најспособните не доаѓаат до нив или се принудени да заминат во странство. Фактор: Каде го лоцирате проблемот со тројцата професори од универзитетот во Штип кои  веќе 10 дена  штрајкуваат со глад?  Новковски: Има многу извори на овој проблем. Не само на универзитетот Гоце Делчев,  туку и на сите други универзитети сериозно се разнишани академските вредности. Влијанието на политиката на универзитетите е преголемо. Едновремено, средствата што се добиваат се ограничени па со тоа надворешните проблеми се префрлаат на внатрешен план.  Како и да е, во овој случај се работи за многу лоша појава кога масовно се отфрлаат професори коишто имаат соодветни квалитети од универзитет што има критичен недостаток од кадри без некоја посериозна академска причина. За жалење е што во Македонија, каде што имаме многу малку доктори на науки, се случува институциите да ги оставаат овие исклучителни кадри надвор од можноста за продуктивно ангажирање. Тоа укажува на тежок дефект во функционирањето на системот како целина. Фактор: Рапидно се намали бројот на универзитетски професори кои јавно соопштуваат критички размисли за општествено-политичко-економските сосотојби. Дали Владата има свои “претплатени интелектуалци“? Новковски: Не се согласувам со тоа дека се намалил бројот на оние што јавно ги соопштуваат своите ставови. Отсекогаш тој број бил мал. Најголемиот дел од оние што биле гласни и во претходните периоди и во сегашниов соопштуваат партиски ставови, со таа разлика што сега се сменети партиите коишто влијаат преку тие лица. Фактор: Потребни ли се промени во Законот за високо образование? Дали дисперзијата ги даде очекуваните ефекти и дали приватните универзитети се пред финасиско-кадровски колапс? Новковски: Промени во Законот за високо образование имаше премногу. Сега би требало да се направи чистење на одредбите коишто се нефункционални и контрапродуктивни.  Дисперзијата беше излишен чекор во услови кога има голем број универзитети, како државни така и приватни. Бројот на приватни универзитети е преголем за нашите потреби. Се очекува во иднина да се редуцира и понатаму тој број. Кога ќе се намали нивниот број, нема повеќе меѓусебно да се гушат и ќе функционираат во согласност со потребите на македонското општество. Проверката на квалитетот од страна на надлежните институции треба да го забрза процесот на селекција на високообразовните институции. Фактор: Имаме ли план за развој на македонската научно-истражувачка област? Како да се равива истражувачката дејност ако се издвојуваат само 0,2-0,6 насто од Буџетот за оваа намена? Новковски: Нашата држава се движи во спротивна насока од онаа утврдена со приоретите на Европската Унија. Имено, приоритетот број два е зголемување на издвојувањата за наука и иновации да се подигне на среден рок до 4% од БДП. Ние сме немале никогаш 0,6 % од БДП за наука и иновации. Најмногу имаше 0,4 % во 2000 година, а во последниве години се спушти повторно на нивото што го имаше во времето на СФРЈ и под тоа (0,2 %). Дури и не постојат заложби за инвестирање во науката. Официјалните ставови на власта се дека нам не ни е потребна фундаментална наука. Во согласност со тоа, тежината се става врз иновациите и технолошкиот развој без потенцирање на науката. Во таа насока оди и формирањето на фонд за иновации и технолошки развој, но не и буџет за наука. Во таа смисла и набавките на опрема за лабораториите беа за наставни, клинички и акредитирани лаборатории, но не и за научни центри. Одамна нема одобрено нови национални научни проекти, а и тие што се претходно одобрени не се финансираат редовно и со осодветните износи. Горазд Чомовски