28 Септември, 2024
0.0261

ИНТЕРВЈУ Петар Стано: За излез од кризата потребен е дијалог меѓу власта и опозицијата!

Објавено во: Анализа 07 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Главната опозициска партија е разочарана со изборниот процес и не ги признава резултатите. Ова е несреќна ситуација, но Брисел претпочита ангажман, а не повлекување. Не се отстранети неодстатоците забележани во извештаиите за изборите од претходните три циклуси. Според Петер Стано и по овие избори ЕУ изрази загриженост во врска со ситуацијата на поларизирани медиуми, проблемот на неурамнотеженото медиумско покривање, слабите професионални стандарди и отсуството на систем на саморегулирање. Гласоговорникот на Филе сеуште не ја соопштува конкретната агенда за престојот на еврокомесарот во Скопје, но во интервјуто за Фактор потсетува дека развојот на успешни добрососедски односи и решавањето на спорот за името би имале позитивен ефект врз одлуката на земјите околу преговорите ЕУ - Македонија. Фактор: Дали одржаните двојни избори во Македонија ги задоволуваат стандардите за една држава аспирант за членство во ЕУ, како и добрите демократски практики во Унијата ? Стано: Во нашата изјава од 29 април (локална  ЕУ-САД изјава), Комисијата ја повтори оценката на ОБСЕ/ОДИХР во однос на ефективноста на администрацијата на неодамнешните избори. Загриженоста што ја изрази ОДИХР, која се однесува на пристрасното медиумско покривање и замаглување на државните и партиски активности кои не обезбедуваат фер игра, веќе три пати е искажана (2011, 2013 и 2014). Овие прашања сега мора да се решат. Фактор: ОБСЕ/ОДИХР и другите странски набљудувачи ја избегнуваат формулацијата дали изборите се фер и демократски и кои се критериумите за да се изрече таква оценка? Стано: Кога надгледуваат избори, ОБСЕ/ОДИХР не ја користат терминологијата "слободни и фер", бидејќи изборите се комплицирана работа која не може да се сумира во само неколку збора. Нивната проценка на избори се базира на широк спектар на прашања, кои се детално опишани во нивните извештаи. Во случај на вашите неодамнешни избори,  тие се изјаснија дека биле ефективно спроведени, но тие, исто така, укажаа на недостатоци во врска со на пример медиумската пристрасност, мешањето на државните и партиските активности и на други повеќе технички прашања, како и на повеќе системски прашања. АНГАЖМАН, А НЕ ПОВЛЕКУВАЊЕ Фактор: СДСМ не ги признава изборните резултати, ДУИ легитимитетот на претседателот на државата. Какви се политичките последици од овие постапки и дали Македонија е пред сериозна политичка криза и како да се менаџира нејзиното надминување? Стано: Ние сме свесни дека главната опозициска партија е разочарана со изборниот процес и не ги признава резултатите. Ова е несреќна ситуација. Ние претпочитаме ангажман, а не повлекување. Ние ќе продолжиме да ги поттикнуваме политичките лидери да се ангажираат во конструктивен дух за решавање на актуелните прашања. Фактор: Дали ЕУ ќе биде еден од медијаторите за нејзино надминување на политичката криза? Стано: Не сакам да шпекулирам за мешање од надвор, туку повеќе сакам да укажам на потребата за конструктивен ангажман и дијалог меѓу владата и опозицијата внатре во земјата. Фактор: Со каква агенда во јуни  во Скопје доаѓа Еврокомесарот за проширување Штефан Филе и како изборниот процес ке влијае врз исполнувањето на обврските  од Пристапниот дијалогот на високо ново меѓу Македонија и ЕУ? Стано: Времето на следниот состанок на Пристапниот дијалог на високо ниво, и било која  друга посета на еврокомесарот Филе, ќе зависат од повеќе фактори, вклучувајќи го и тоа кога новата Влада ќе  биде подготвена и способна да се фокусира на реформските приоритети. ГИ РАЗБИРАМЕ ФРУСТРАЦИИТЕ НА ВАШИТЕ СЛУЖБЕНИЦИ Фактор: Какви се проценките на ЕК за одложувањето на преговорите со Македонија и дали се зголемуваат ризиците да го нарушат евроентузјазмот кој владее меѓу граѓаните и да ги стават во опасност меѓуетничките односи кој и така се кревки поради ваквата статус кво состојба? Стано: Од 2009 година, Комисијата - која е одговорна за секојдневното справување со политиката на проширување на ЕУ и објективно известување на перформансите на земјите - изјави дека смета дека земјата ги исполнила неопходните услови (критериуми) да отвори преговори за евентуално членство во ЕУ. Советот, кој е орган во состав на ЕУ и кој треба да донесе одлука за тоа, се уште не одлучил. Комисијата не може да предвиди кога тоа може да се случи, иако решавањето на прашањето на добрососедски односи и прашањето за името би имале позитивен ефект врз одлуката на земјите-членки на ЕУ - кој мора да биде едногласна - за отворање на преговорите. Во меѓувреме, земјата треба да продолжи со своите реформи, особено во приоритетните области како што се судските реформи, слободата на медиумите и друго. Ние ги разбираме фрустрациите кои ги чувствуваат вашите државни службеници - со кои ние работиме на дневна основа - и граѓаните, но ние остануваме посветени на помагање на земјата во нејзината перспектива кон ЕУ. Фактор: Каков  ќе биде есенскиот  извештај  на ЕК за напредокот на Македонија и дали постои опасност државата да ја изгуби препораката за старт на преговори? Стано: Ние не можеме да предвидиме каква ќе биде нашата проценка во октомври. Како што знаете, Извештајот за напредокот на Комисијата е оценка за напредокот кој го направила вашата земја, секој октомври, земајќи ги предвид сите релевантни политички и економски критериуми и тоа колку добро земјата ги усогласува своите закони со оние на ЕУ. МЕДИУМИТЕ СЕ ПОЛАРИЗИРАНИ Фактор: Се погласно се говори дека проширувањето на ЕУ ќе биде во застој во наредните пет години. Постои ли замор за ефикасен ангажман на  ЕК и Советот да се стимулира еврокурсот  во Македонија? Стано: Советот на Европската унија редовно ја потврдува својата посветеност кон политиката на проширување и перспективите на земјите како што е вашата. Што се однесува до Комисијата, и Претседателот Баросо и комесарот Филе ја нагласија важноста на политиката на проширување, минатата недела, на 10-годишнината од проширувањето во 2004 година. Фактор: Како Брисел ја оценува медиумската слобода во Македонија? Стано: Во Извештајот за напредокот објавен во октомври 2013 година Комисијата  опширно известува за ситуацијата во однос на слободата на изразување и медиумите. Комисијата се осврна и на новините во законодавството, како и на подобрувањето на мониторингот на Советот за радиодифузија на медиумските содржини и сопственоста. Сепак, Комисијата, исто така, изрази загриженост во врска со ситуацијата на  поларизирани медиуми, проблемот на неурамнотеженото медиумско покривање  за време на локалните избори и заострувањето на односите меѓу здружението на новинарите и владата, како и за слабите професионални стандарди и отсуството на систем на саморегулирање. Од нашиот последен извештај за напредокот, земјата има донесено два нови закони за медиуми и за аудио-визуелни медиумски услуги, соодветно. Сè уште е премногу рано да се оцени имплементацијата на овие нови закони, кои беа усвоени на крајот од 2013 година. Г.Ч.