25 Ноември, 2024
0.0275

ИНТЕРВЈУ ПЕТРИНИН: На стрес тестирањата, Капитал банка и во најпесимистичките сценарија останува најздрава банка

Објавено во: Економија 17 Март, 2021

Добивај вести на Viber

Прв човек е на Капитал банка, која е во рангот на малите банки во земјава. Во годината која помина, а која ќе остане забележана во историјата по пандемијата на Ковид-19 и сериозните последици кои овој здравствен предизвик ги имаше и на економијата па и на финансискиот сектор, Капитал банка оствари добивка од 15 милиони денари. Претседателот на Управниот одбор на Капитал банка Цветан Петринин во интервју за Фактор вели дека Капитал банка, но и генерално банкарскиот сектор останува стабилен и покрај предизвиците. Сепак додава дека процесот на заздравување на стопанството од негативните економски последици од кризата е долгорочен процес во кои штетите сигурно ќе бидат санирани и третирани како во текот на годинава, така и наредната. Капитал банка ќе биде активен чинител и поддршка за компаниите во овој период, односно Петринин најавува раст на кредитирањето. Инаку таа е банка со највисока стапка на адекватност на капиталот од 21 отсто. 

Време е на објава на финансиските извештаи за минатата година – година која беше специфична од многу аспекти поради пандемијата на Ковид19. Здравствената криза предизвика и економски турбуленции. Какви се финансиските показатели од работењето на вашата банка во 2020 година?

Петринин: Имајќи ги во предвид околностите на делување и остварување на деловните резултати во 2020 година,  неискрени ќе  бидеме ако кажеме дека не сме задоволни од постигнатите финансиски резултати. Имено, годината која измина и наложи на целокупната економија, па и на банкарскиот систем преземање на брзи и соодветни одлуки за делување во вонредни услови, промптно прилагодување на ситуацијата поаѓајќи од стремежот за заштита на интересите на клиентите, акционерите и вработените.

Изминатата година, Капитал Банка ја  одбележа со позитивен финансиски резултат од 15 милиони денари, како резултат на стабилниот тренд на движењето на оперативната добивка, која пак од своја страна резултираше од главно стабилноста на каматоносната актива, стабилното ниво на нефункционално кредитно  портфолио, како и од ефектуирање на превземените активности од наплатата на спорните и сомнителни побарувања.

Впрочем во кои пунктови лоцирате добар скор во однос на работењето, кои аспекти од работењето беа засегнати поради околностите?

Петринин: Предводени од нашата мисија за понуда на највисок стандард на финансиски услуги на клиентите и поддршка во остварување на нивните зацртани лични и бизнис цели, истовремено градејќи долгорочни релации и взаемна корист, Капитал Банка континуирано го следи развојот и потребата на своите клиенти при што до особен израз во изминатиот период дојде потребата од дигитализација на деловните процеси . Дигитализацијата е нашата нова реалност. Изминатиот период беше вистински тест за сите нас, а истовремено и неминовна надградба во технолошка смисла. Стручните лица во својот делокруг на работење вложуваа големи напори за успешно, брзо и оптимално прилагодување виртуелното работење, размена на податоци, состаноци и опслужување на клиенти.

Капитал банка уште пред три години воведе иновативни дигитални начини на онлајн кредитирање без физичко присуство на клиентите во банката, а изминатиот период инвестираше во понова верзија на електронско и мобилно банкарство со цел доближување на финансиските услуги кои ги нуди Банката поблиску до своите клиенти. Трендот на интензивирање на процесот на дигитализација на деловните активности само дополнително се вклопи во стратешката определба на Банката, која во претстојниот период го доусовршува дигиталното опслужување на клиентите во останатите сегменти на финансиските услуги, како на пример активностите поврзани со депозитно работење, во делот на кредитирањето и факторинг услугата за правни лица и слично.



Колкава е вкупната актива и какво е кредитното портфолио?

Петринин: Капитал Банка, како банка од редот на малите банки во земјата, располага со вкупна актива од 45 милиони евра која во последните две години покажува континуиран пораст, пред се како резултат на растот на кредитното портфолио, и тоа во делот на кредитирањето на населението. Во структурата на вкупната актива учеството на кредитното портфолио на нефинансиските правни лица е највисоко, но значителен е трендот на зголемување кај кредитното портфолио на физички лица особено во последните две години.  

Стратешка определба на Капитал Банка е одржување на високо квалитетна актива преку прудентно управување со кредитниот ризик, процес кој вклучува постојана анализа на кредитното портфолио на банката во поглед на секторската диверзификација и концентрацијата на портфолиото, анализа и оценка на финансиските перформанси на клиентите, следење на редовноста во исполнувањето на обврските и издвојување на задоволително ниво на резервации за пласманите. Како резултат на поставените процеси на делување, Банката одржува над 90 отсто од активата во пониските категории на ризик.

Народната банка во свои потези ја релаксираше политиката и моментно купува благајнички записи со ниска камата. Сепак колку кризата дозволува кредитирање со порелаксирани услови? Каков каматен тренд во иднина треба да се очекува?

Петринин: Деловната политика и план се одраз на макроекономското опкружување во кое Банката ја остварува својата деловна активност. Пандемијата со која се соочивме претходната година беше предизвик кој што ги диктираше условите во кои целокупната економија го реализираше и прилагодуваше своето делување. Со почетокот на вакцинацијата, започнат е процесот намалување на негативните последици од пандемијата. Секако процесот на заздравување на стопанството од негативните економски последици од кризата е долгорочен процес во кои штетите сигурно ќе бидат санирани и третирани како во текот на годинава, така и наредната. Во периодот на закрепнување, очекуван е тренд на пораст на капиталните инвестиции и приватната потрошувачка, секако и потребата од кредитна поддршка за економскиот раст. Капитал Банка со највисока стапка на адекватност на капиталот од 21 отсто,  како клучен предуслов за апсорбција на разумен износ на потенцијална загуба при вршење на финансиските активности, а со тоа заштита на вложените средства на депонентите, овозможува активно вклучување во процесот на закрепнување на стопанските субјекти и населението во фазата на економското зајакнување и понатаможен развој .

Дополнително, мерките за олабавувањето на монетарната политика секако водат во насока на обезбедување на финансиска поддршка на реалниот сектор како и намалување на цената на кредитното финансирање преку одржување на ниското ниво на референтни каматни стапки и истите се во насока на остварување на мерките на економско закрепнување. Според тоа, зголемување на референтната каматна стапка на Народната банка и на  каматните стапки на комерцијалните банките не се очекува.

За годинава домашните креатори на политиките очекуваат позитивен раст на БДП, во услови на продолжени ефекти од кризата. Ќе успеат ли чинителите на домашниот БДП да го испорачат очекуваниот раст, какви се според вас очекувањата за оваа година?

Петринин: За позитивен придонес кон проектираниот раст на БДП се очекува и солиден раст на бруто -инвестициите и тоа со зголемување на  инвестициската активност од втората половина на 2021 година, како и раст на личната потрошувачка, со очекувања за повисока склоност кон трошење.

Исполнувањето на предвидувањата и закрепнувањето на економијата зависи од успешноста на процесот за отстранувањето на причините кои довеле до економската криза, односно надминувањето на здравствената криза истовремено ќе значи и почеток на надминувањето на економската криза. Случувањата во економијата и достигнувањето на планираниот економски раст тесно се поврзани со надминувањето и справување со новите мутации на вирусот и забрзување на процесот на вакцинација на населението. Овие два фактори се пресудни во надминување на неизвесноста која влијае врз одлуките за инвестирање и потрошувачка и нивна натамошна кредитна поддршка од страна на банките, а со тоа и исполнување на очекуваниот економски раст.

На каква база вие ги креирате проекциите, односно со каква стратегија влеговте во оваа година од аспект на работењето на банката? Веќе почнува и третиот месец од првиот квартал.

Петринин: Имајќи ги во предвид макроекономските услови предвидени за 2021 година, основните претпоставки врз основа на кои е утврден деловниот план на Банката за 2021 година се зголемување на вкупната актива за 11 проценти најмногу од зголемување на кредитното портфолио од  14 отсто со предвиден пораст од 27 проценти кај портфолиото за население и пораст од 4 отсто кај портфолиото за правни лица.

Во делот на изворите на финасирање планирана е промена на структурата на депозитите во насока на диверзификација при што предвидено е најголемо учество да завземат депозитите на население или 66 отсто. За таа цел проектирано е зголемување на депозитите на население за 20 проценти, додека пак кај депозитите на правни лица планираниот пораст изнесува 3 проценти.

Со цел остварување на планираниот раст  , Капитал Банка во 2021 ќе спроведе зголемување на основниот капитал и зајакнување на структурата на сопствените средства преку нова емисија на хартии од вредност.

Компаниите, малите и средни фирми се едни од најзасегнатите од кризата – а од банките се очекува да го поддржат нивното заздравување. Во претходното интервју велите дека домашните банки ќе имаат таква улога. Како ќе се поддржат домашните фирми, за кои проекти може да се очекува финансиска поддршка?

Петринин: Како што споменавте, реалниот сектор е најосетлив на негативните последици на неповолното пазарно опкружување. Особено малите и средни компании кои заземаат голем процент во вкупната економска сила на државата во услови на кризна состојба први се соочуваат со негативните ефекти од неповолната промена на пазарот. Додека пак, показателите за солвентност кај банкарскиот систем се одржаа на стабилно ниво, при што стапката на адекватност на банкарскиот сектор е далеку над законскиот минимум. Во сопствените средства на банките над 90 отсто отпаѓа на редовниот основен капитал, како најквалитетен сегмент. Ако на овој факт се додадат и показателите за ликвидност, кои исто така забележуваат подобрување, неминовна е констатацијата дека поддршката за економското закрепнување и раст на стопанството финансиски ќе произлезе од банкарскиот сектор.

Банкарскиот сектор генерално остана имун на кризата, но се согласувате ли дека има извесно прелевање на негативни импликации од реалниот сектор – најмногу кај нефункционалните пласмани и може ли тоа во иднина да се влоши?

Петринин: Во годината која измина и која беше исполнета со непредвиливост и неизвесност, банкарскиот сектор оствари кредитен раст паралелно со депозитниот без притоа да го наруши квалитетот на кредитното портфолио. Порастот на нефункционалните побарувања се спречи со понудените мерки за ублажување на негативните последици од пандемијата и регулаторните олеснувања во поглед на истите. Но имајќи го в предвид фактот дека реалниот сектор сеуште се соочува со економска криза, не е исклучена можноста од нејзино прелевање. Со цел минимализирање на ефектите од евентуално прелевање на негативните последици , Капитал банка континуирано превзема активности поврзани следење и оценка на финансиските перформанси на клиентите. Резултатите од стрес тестирањата укажуваат дека Банката е отпорна и на најпесимистичките сценарија со одржување на стапката на адекватност над законскиот минимум.


На регионално ниво има некои поместувања во банкарскиот сектор, некои аквизиции. Очекувате ли некаква консолидација на секторот и во Македонија? Можни ли се окрупнувања, превземања и дали тоа би го зајакнало пазарот?

Петринин: Современото банкарство се карактеризира со постојани промени и развој, како резултат на глобализацијата во светската економија под влијание на постојано растечката конкуренција, постојаните промени на технологии, финансиските иновации, влезот и доминацијата на странскиот капитал во банкарскиот сектор, падот на цените на банкарските сервиси и каматните стапки.

Движечките сили на окрупнувањето на банкарскиот сектор се многубројни односно унапредувањето на информационата технологија овозможува воведување на поширок спектар на услуги за поголем број на клиенти на пошироко географско подрачје; глобализацијата на финансискиот и реалниот сектор, како резултат на технолошките достигнувања, е еден од најзначајните фактори кои влијаат врз меѓународните корпорациски инвестиции; позиционирање на конкурентноста; последователно на растот на конкурентноста е намалување на профитните маржи, што дополнително доведува до стратегија од акционерите за унапредување на перформансите;трошковната ефикасност при окрупнувањето овозможува намалување на трошоците преку постигнување на економии од обем и опсег.

Имајќи го во предвид предностите од окрупнувањето на банкарскиот сектор изразени преку показателите за подобрени перформанси и поголема ефикасност, сериозни се можните окрупнувања во годините кои следат.

Александра Томиќ

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

Еве ги најголемите економски патриоти! Кои се најголемите македонски извозници меѓу котираните компании?

Еве ги најголемите економски патриоти! Кои се најголемите македонски извозници меѓу котираните компании?

ЛЕСНО ДО ГЕРМАНСКИ ПАСОШ: Не треба да се откажете од вашиот пасош, еве како да се пријавите

ЛЕСНО ДО ГЕРМАНСКИ ПАСОШ: Не треба да се откажете од вашиот пасош, еве како да се пријавите

ДНЕВНИЦА 80 ЕВРА, А РАБОТНИЦИ НЕМА: Страшно недостигаат работници за оваа работа

ДНЕВНИЦА 80 ЕВРА, А РАБОТНИЦИ НЕМА: Страшно недостигаат работници за оваа работа

СО ПОЛНА ПАРЕА СЕ ГРАДИ АВТОПАТОТ, ГОЛЕМА МОБИЛИЗАЦИЈА НА РАБОТНИЦИ: Николоски со добри вести, еве кога ќе е готов автопатот Охрид- Кичево

СО ПОЛНА ПАРЕА СЕ ГРАДИ АВТОПАТОТ, ГОЛЕМА МОБИЛИЗАЦИЈА НА РАБОТНИЦИ: Николоски со добри вести, еве кога ќе е готов автопатот Охрид- Кичево

„НОВА ЕНЕРГЕТСКА КРИЗА ВО ЕВРОПА“: Се намалија испораките на гас, цените рипнаа за 45 проценти

„НОВА ЕНЕРГЕТСКА КРИЗА ВО ЕВРОПА“: Се намалија испораките на гас, цените рипнаа за 45 проценти

НАЈНИСКО НИВО ЗА ДВЕ ГОДИНИ: Се намали вредноста на еврото во однос на доларот

НАЈНИСКО НИВО ЗА ДВЕ ГОДИНИ: Се намали вредноста на еврото во однос на доларот

МИЦКОСКИ: Договорена е каматна стапка од 1,95 отсто, до три години грејс период и до 15 години рок на отплата за компаниите

МИЦКОСКИ: Договорена е каматна стапка од 1,95 отсто, до три години грејс период и до 15 години рок на отплата за компаниите

ПОСКАПЕ ЗЛАТОТО: Расте и цената на среброто

ПОСКАПЕ ЗЛАТОТО: Расте и цената на среброто

НАЈВИСОКИ ПЛАТИ ВО МАКЕДОНИЈА: Кои сектори се на врвот?

НАЈВИСОКИ ПЛАТИ ВО МАКЕДОНИЈА: Кои сектори се на врвот?