ИНТЕРВЈУ ПЕТРОВ: Од ФИТР излегоа многу успешни компании кои се наша гордост, работиме на тоа во нив да влезат уште повеќе инвестиции
Објавено во: Економија, Интервјуа 14 Декември, 2020
Што најнмогу им треба на малите приватни бизниси, како да им се помогне да се развиваат и да одат напред, можеби најдобро се знае кога си го изодел нивниот пат. Новиот директор на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров, открива како во иднина ќе им се помага на овие ветувачки бизниси, но и се што досега за нив е направено за време на претходното раководство. Во интервју за Фактор, Петров вели дека основањето сопствена компнија и 15-годишното искуство во приватниот сектор во областа на маркетингот ќе бидат од големо значење да се препознаат потребите на домашните претприемачи и иноватори и да се придонесе за развој на стартап заедницата. Креативни и амбициозни млади луѓе со уникатни идеи не ни недостигаат во земјава, дециден е Петров. Во интервјуто зборува за големиот број успешни приказни кои досега се излезени од ФИТР, од кои дел веќе работат и на меѓународниот пазар, како и за плановите на Фондот за иднина, меѓу кои и оние како да се обезбедат уште повеќе финансии и инвестиции за фирмите во развој... За ковид кризата вели дека таа навистина создаде специфични околности во делот на бизнисот, но не смееме да дозволиме во никој случај таа да ги обесхрабри иновативните умови...
Неодамна бевте именуван за нов директор на Фондот за иновации и технолошки развој. На оваа позиција доаѓате како еден од потпретседателите на СДСМ, но и како човек од приватниот сектор, каде егзистиравте 15 години како сопственик на маркетинг агенција. Колку овие претходни искуства се доволни и колку ќе Ви помогнат за новиот работен ангажман, каде треба да се препознаат иновативните и ветувачки бизниси и да се поткрепат со соодветна државна финансиска поддршка?
Петров: Нвистина ми е чест што ја преземав оваа позиција, бидејќи тука чувствувам дека можам многу да придонесам. Фондот за иновации и технолошки развој е сосема логичен след на мојата кариера. По 15 години искуство во маркетинг на домашниот и меѓународен пазар, доаѓам во институција од која навистина можам да им помогнам на нашите претприемачи и иноватори и да придонесам за технолошкиот развој и развојот на стартап заедницата во државата. Како човек кој самиот поминал низ процесот на основање сопствена компанија, ги знам предизвиците и можностите, разбирам колку може да е тешко на моменти, но и колку исполнува кога знаеш дека си создал нешто уникатно, успешно, кое има реален импакт. Сето мое искуство и сите познавања кои сум ги стекнал ги вложувам тука. Имам навистина амбициозни планови за ФИТР во следниот период, но не се ограничуваме само тука. Затоа што големите промени не се случуваат од работата на само една институција, туку со градење стабилни и долгорочни партнерства со сите релевантни чинители. Во таа смисла работиме на многу нови иницијативи, заедно со централната власт, академската заедница, државните институции кои работат на полето на иновации и претприемништво, но она што е за мене најважно - заедно со стартап заедницата. Заедничка цел е да создадеме поповолни услови за почнување, пласман и развој на иновативни компании.
Од она кусо време колку што сте на оваа функција, гледате ли во земјава и во овдешните млади луѓе потенцијал, храброст, визија..., имаат ли тие капацитет кој доколку биде соодветно помогнат на стартот, можат да прераснат во сериозни бизниси кои ќе отворат нови работни места?
Петров: Секако, тука има многу млади кои се креативни, имаат уникатни идеи и многу амбиција во себе. Огромниот број успешни приказни кои се излезени од ФИТР се најголем доказ за ова. Во изминативе неколку години, имаме над 500 кофинансирани проекти, 90 поддржани училишни проекти и над 500 ученици и ментори. Меѓутоа, знам дека има уште повеќе млади со потенцијал кои со соодветна поддршка можат да успеат. Токму затоа, оваа година работиме на неколку работи за да ја зголемиме поддршката и финансиски, но и логистички. Сакаме да ги доближиме услугите до нашите потенцијални корисници и да им помогнеме да имаат успешни апликации, а понатаму да можат да ги пласираат производите на домашниот пазар, па и пошироко. Воспоставуваме систем на менторство и отворена комуникација, а веќе почнавме со едукативни активности за претприемништво, бизнис, иновации и слично, со видни ликови од локалната, регионална и меѓународна сцена.
Што е она
од што ќе тргнете, кои се тие фирми или подобро речено дејности кои можат да
донесат најмногу додадена вредност, кои можат да бидат еден вид двигател на
развојот и каде сметате дека најмногу треба да бидат поддржани?
Петров: Секоја идеја која е иновативна и има потенцијал треба да биде поддржана. Одговорот на тоа каде сме фокусирани е во самото наше портфолио - повеќе од половина односно 305 се стартап компании. Исто така, можам да кажам дека веќе извесно време ИКТ индустријата има голем подем, што е разбирливо земајќи предвид дека живееме во технолошка доба. Овој ефект беше дополнително амплифициран од КОВИД-19 кризата, која на некој начин ја забрза дигитализацијата и ги натера бизнисите да се адаптираат, а со тоа да се насочат кон иднината. Инвестициите во ИКТ се апликативни на сите полиња и токму тоа сметам дека ова ќе биде иднината. Меѓутоа, како што реков, секоја индустрија заслужува еднакво внимание – тоа што го проценуваме е идејата, нејзината уникатност и потенцијал да се развие во успешна приказна.
Може ли од Македонија да произлезе некоја екстра идеја и иновативност, може ли овде да израсне компанија од светски калибар, која ќе има високи приходи и по која ќе можеме да бидеме препознаени?
Петров: Многу екстра идеи со одлична реализација се веќе излезени од кај нас. Голем дел од компаниите кои се дел од портфолиото на ФИТР работат на меѓународниот пазар, а дел имаат планови за експанзија. Секоја од овие приказни е наша гордост. Токму оваа недела почнавме серија интервјуа со преприемачи од Северна Македонија, кои прифатија да ги споделат своите искуства и совети, со цел да им помогнеме и да ги мотивираме младите да иновираат и да пробуваат нови нешта. Она што и од лично искуство можам да кажам е дека штом постои успешен бизнис модел кој функционира и се развива тука, веќе постои и одлична основа да се пробаат други пазари. Драго ми е што многу наши претприемачи покажаа дека имаат и храброст и визија, а нивните достигнувања се оние по кои сме и ќе бидеме препознаени како земја.
Конкретно, какви се Вашите планови, на што ќе се концентрира Фондот во следниве години под Вашата менаџерска палка?
Петров: Една од поголемите иницијативи на кои ќе се фокусираме во следниот период е основање на т.н. Fund of funds. Ова значи развој на хибриден модел на финансирање за посериозен развој на еквити финансирање на нашиот пазар. Со него ќе овозможиме дополнителни средства од приватен капитал и меѓународни финансиски институции да се влеваат во различни инвестициски фондови, а потоа да бидат инвестирани во приватни фирми преку влез во нивната сопственост. Понатаму, работиме на формирање Регионален фонд за иновации на ниво на Западен Балкан. На овој начин формираме поголем и поатрактивен пазар и привлекуваме дополнително финансирање од меѓународни финансиски институции и приватни инвеститори кои ќе бидат директно наменети за развој на иновации и технологија. За првпат формираме Стартап совет преку кој заеднички ќе работиме на законски измени со цел позиционирање на нашата земја како стартап и регионален хаб. Паралелно развиваме стратегија за дигитални номади. Привлекувањето на ваквите таленти ќе има позитивен ефект врз нашата локална економија и ќе овозможи поблиска соработка на македонските претприемачи со интернационални претприемачи. Преку размена на знаења се зголемуваат шансите за регионален и глобален успех на нашите компании.
Колку кризата со ковид пандемијата е пречка за Вашата мисија овде во Фондот, со кои тешкотии најмногу се соочувате и какви се очекувањата откако таа ќе помине?
Петров: КОВИД-19 кризата предизвика специфични околности, меѓутоа не смееме да дозволиме да се обесхрабрат иновативните умови. Токму овој период видовме дека тие нудат одговори и решенија на проблемите со кои се соочуваме. Целиот наш капацитет го насочуваме кон нивна поддршка и силно верувам дека од сето ова ќе излеземе посилни и помудри. Ако кризата нешто ни покажа е дека треба уште побрзо да работиме на дигитализација и развој на нови идеи со кои ќе ја создадеме иднината. Дополнителни предизвици во однос на функционирањето на Фондот нема. Работиме под посебни протоколи, за максимална заштита на здравјето и на тимот и на корисниците. Исплатите на средства се одвиваат нормално и не очекуваме тешкотии во ниту еден поглед.
На што конкретно сега работи ФИТР, колку бизниси во моментов се финансираат, од кои сектори и со колку средства?
Петров: Портфолиото на ФИТР во моментов брои над 550 домашни компании со вкупен обем на инвестиции од 76 милиони евра. Но, она што е многу важно е дека речиси 33 милиони евра или 44 отсто се влог на самите компании, додека околу 43 милион евра се средства од ФИТР, односно влог на државата. Ова преведено во бројки значи дека на секое евро вложено од државата, компаниите вложиле и по едно свое. Може да се каже дека успеавме да „ја разбудиме“ македонската економија, а како држава да се поставиме како вистински партнер. Докажавме и дека иновациите се применливи секаде. Ако до пред три години се инвестирало во осум сектори, овие компании сега работат на проекти во 20 различни области во кои покрај информатичките технологии, се и енергетска ефикасност, здравство, прехранбена индустрија, екологија, маркетинг и биотехнологија.
Пред неколку месеци Фондот распиша јавен повик за кофинансирани грантови за надминување на последиците од ковид кризата, за кој имаше голем интерес. Колку компани добија поддршка, во кој износ и дали и како таа им помогна да ги пребродат тешкотиите од кризата?
Петров: Со вистински мерки и пристап поттикнавме 87 компании дури и во услови на криза да вложат во својот развој и да работат на проекти за брзо справување со последиците од КОВИД кризата. Ова е само прв циклус во рамки на овој инструмент, во кој вкупниот обем на инвестиции е 3 милиони евра од кои 1,3 се влог на самите компании. Со помош на овие средства компаниите ќе воведат нови технологии во работењето со што се зголемува нивната конурентност. Најголем дел од одобрените апликации се од областа на здравството, што директно придонесува за поефикасна заштита при работењето во услови на пандемија. Договорите се потпишани и веќе се работи на овие проекти.
Токму ваквите компании, кои во кризата видоа шанса и решија со инвестиции да се прилагодат на новонастанатите услови, да не мислат на прежувување туку на напредок, ќе бидат носители и на позитивните промени и економскиот напредок.
Поради навистина големиот интерес за овој инструмент, веќе е подготвен и втор циклус со неколку измени кои ги направивме заедно со домашните компании и кој планираме да го објавиме до крајот на годинава. Она што ни е особено важно е дека и сега и во иднина, инструментите кои ги креираме се прават во консултација со оние на кои им се наменети, бидејќи само така, со „tailor made“ пристап можеме да постигнеме заеднички успех.
Во претходниот период имаше и критики, а се водеа и одредени постапки за доделени средства од ФИТР до одредени компании, за кои се сметаше дека има спорни елементи. До каде се тие постапки и дали можете да ветите дека Фондот ќе ги финансира само фирмите и бизнисите што заслужуваат средства, и дека притоа нема да подлегнувате на никакво политички или било какви други притисоци?
Петров: Средствата мора да стигнат онаму кадешто се најпотребни, кадешто имаме најдобра најиновативна идеја и потенцијал за развој. Од ова нема да има отстапки. Процесот за доделување средства е строго регулиран. Оценувањето на проектите се прави со двостепен систем, од независни експерти, домашни и странски. Две реномирани меѓународни ревизорски куќи, „Дилојт„ и „Грант Тортон“ вршат мониторинг на тоа како се спроведуваат проектите и како се трошат средствата. И досега, а тоа ќе биде така и во иднина, средствата се доделуваат исклучиво според предвидените критериуми, транспарентно објавени со секој јавен повик. Така што, се преземени сите механизми за да се спречи било какво влијание. Доколку се утврдат било какви пропусти во иднина, секако дека веднаш ќе се реагира соодветно.
Во предметите досега водени пред Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) не се утврдени нерегуларности во однос на постапките и процедурите на Фонд за иновации и технолошки развој. По завршување на постапките пред ДКСК за предлог проектите на овие компании, Комитетот за одобрување на инвестиции, како единствен надлежен орган за донесување на одлука за доделување на финансиски средства од страна на Фондот, донесе одлука дека истите нема да се финансираат.
Вие сте еден од потпретседателите на владејачката СДСМ. Има ли разногласие во Вашата партија по однос на односите на земјава со Бугарија и како партијата ќе го надмине ова отворено прашање?
Петров: Две работи се јасни тука и од нив нема отстапки – нашата иднина е во Европската Унија, а за македонскиот идентитет, јазик, историја, култура не смее да се преговара. Разногласие нема, туку напротив, приоритетите се утврдени и зад нив сите стоиме цврсто. Да продолжиме да ја носиме државата напред и да вложуваме во развој на нејзиниот потенцијал, а иновациите се многу важен аспект од развојот на една држава. Имаме навистина големи капацитети, многу талентирани млади и можност да бидеме препознаени како иновативна и напредна земја во Европа и во светот.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.