28 Мај, 2020
0.0342

Интервју со Генералниот секретар на МБУ, Висар Рамадани

ИНТЕРВЈУ РАМАДАНИ: МБУ најдобро ѝ одговори на пандемијата со целосни дигитални онлајн решенија во образовниот процес

Објавено во: Интервјуа 15 Мај, 2020

Меѓународниот Балкански Универзитет беше првиот универзитет во земјава кој со стартот на кризата врзана за пандемијата предизвикана од коронавирусот започна со 100% онлајн настава за студентите. За начинот на реализација на наставната програма, искуствата на наставниот кадар и студентитеод ваквиот неконвенционален, но модерен начин на настава, претстојното полагање на испитите, но и за можноста за искористување на онлајн алатките во образованието и во иднина, зборуваме со Висар Рамадани, генерален секретар на МБУ

Фактор: Меѓународниот Балкански Универзитет беше прв универзитет во земјава кој со стартот на кризата врзана за пандемијата предивикана од КОВИД-19 и со првите преземени мерки на државата за сузбивање на заканата,започна со онлајн насатава за своите студенти. Како ви успеа во така кус рок,практично само неколку дена по затворање на сите образовни институции во државава, да продолжите со образовниот процес на овој начин?

Рамадани: Да, како Меѓународен Балкански Универзитет со особено внимание ја следевме новонастаната ситуација предизвикана од пандемијата со КОВИД-19 и одговоривме промптно и ефикасно на прекинот на традиционалниот образовен процес во целата држава како мерка во борбата против пандемијата. За кратко време успеавме наставата да ја продолжиме целосно онлајн, докажувајќи ја уште еднаш нашата посветеност кон образованието и науката и во вакви услови, а секако, користејќи ги сите можности што ги нуди дигиталната ера и последните технологии.

Кога велам целосно онлајн, навистина мислам на 100% онлајн настава, што до 10 март значеше распоредот на предавањата и вежбите на сите факултети и студиски програми да се преслика во онлајн платформа. Ваквиот одговорен и сериозен пристап кон образовниот процес наиде на огромно задоволство и кај професорите и кај студентите. По прекинот на наставата, адаптиравме и отворивме Центар за онлајн настава (Online Learning Hub), прв од ваков вид во високообразовниот систем во државата, со сите потребни технолошки услови за онлајн образование, преку кој се држат предавања, видео-конференции, одбрани на дипломски работи и магистерски тези, гостински предавања со експерти од земјата и од странство, итн.

Фактор: Бидејќи имате 17 додипломски и 11 постдипломски студии, успеавте ли за сите предмети да обезбедите соодветна настава и како таа се одвива, особено во делот на вежбите, односно практичниот дел од наставата?

Рамадани: Како што наведов погоре, за сите програми кои се нудат на нашиот универзитет, почнувајќи од 23 март продолжи образовниот процес преку нашата онлајн платформа. Досегашниот фидбек од професорите и студентите е многу позитивен, адаптацијата се случи брзо и резултатите се подобри од очекуваното. Нашиот академски кадар многу успешно се справува со овој предизвик, онлајн наставата кај нас подразбира видео-вклучување на професорот, презентирање и споделување на електронски материјали соодветни за предметот кој се предава, гласовна интеракција и чет во реално време помеѓу професорите и студентите.

До денес, креирани се преку 500 предмети на сите циклуси на студии, одржани се преку 3000 предавања, а повеќе од 2200 уникатни корисници од 24 држави (академски кадар, студенти, администрација и гости) ја користеле нашата онлајн платформа. Комбинирајќи ги можностите што ни ги дава онлајн платформата и нашиот електронски систем „Хело“, професорите на високо ниво ги мотивираат студентите и во делот на вежбите и истражувачката работа. Предноста да се има релативно млад, но меѓународно образуван и квалификуван академски кадар, потполно во тек со најсовремените методи на образование, доаѓа на виделина во вакви ситуации, а тоа нè прави особено горди и одлучни да продолжиме да бидеме носители на едно ново време и нов квалитет во високото образование.

Фактор: Дали сите студенти ја следат наставата и дали следењето е задолжително, како што е при редовната настава, што во нормални услови влијае и на оценките. Како го евидентирате следењето на наставата?

Рамадани: Не само што бројките се многу позитивни, туку тоа што радува е заклучокот на некои професори дека на нивните предавања има повеќе студенти на онлајн настава отколку редовно на традиционалниот начин на настава. Иако ова може да биде само моментален тренд, вреди да се анализира во иднина какви би биле резултатите ако го хибридизираме образовниот процес, односно воведеме комбинација на традиционалното и дигиталното, секако во услови кога овој концепт ќе треба да се регулира и со соодветна законска регулатива.

Околу следењето на онлајн наставата, вреди да се потенцира дека на нашиот универзитет, присуството на предавања и вежби е темелен принцип на студирање востановен уште од основањето на МБУ, задолжителен за сите студенти и предуслов за успешно полагање на завршни испити. Така што, задолжителното присуство на настава е задржано како правило и при онлајн наставата. Присуството на студентите се евидентира преку електронскиот систем, точно се знае дали, кога и колку студенти учествуваат во онлајн наставата, а истото важи и за академскиот кадар.

Фактор: МБУ има голем број студенти од други земји, дали тие ја напуштија земјава и дали и тие ја следат наставата онлајн?

Рамадани: Да, на нашиот универзитет студираат студенти од десетина држави, или околу 45% од вкупниот број на студентите се од странство. Најголемиот дел од нив уште при првиот прекин на наставата се вратија во своите земји и семејства, иако на почетокот никој не очекуваше дека ваквата ситуација ќе потрае до крајот на летниот семестар. Сите студенти од нивните домови ја следат онлајн наставата, остануваат во постојана и секојдневна електронска комуникација со нашиот академски кадар.

Следејќи ги статистиките од онлајн платформата, фактот што луѓе од преку 20 земји се интегрирани во тој наш систем зборува колку навистина сме меѓународни, отворени кон светот како одговорна, квалитетна и најперспективна високообразовна институција во земјата и поширокиот регион. Човечки е да се признае дека и на студентите и на сите нас ни недостига таа природна атмосфера и физичко присуство и интеракција на нашиот кампус, кој патем речено, најубаво изгледа полн со студенти, па затоа често добиваме пораки на нашите социјални мрежи дека едвај чекаат да се вратат во Скопје и на кампусот, да се видат со нивните професори и колеги. Колку и да се справуваме успешно со целата ситуација преку модерните решенија, мораме да признаеме дека студентите се тие што шират енергија, позитивност и живот на нашиот кампус.

Фактор: Со оглед дека е при крај учебната година, сега следи полагањето на испитите. На кој начин тоа ќе се спроведе и дали сметате дека оценувањето ќе биде реален одраз на стекнатите знаења на секој студент?

Рамадани: Нашиот пристап кон ваквиот неконвенционален, но модерен начин на настава е директно поврзан со целите и очекувањата на краток рок што ги зацртавме кога ја воведовме онлајн наставата. Поагајќи од временските параметри кои се најавуваат во врска со постепеното отворање на институции и други субјекти, фактот што скоро половина од нашите студенти се од странство, и позитивните резултати од досегашниот онлајн процес, одлучивме да спроведеме и онлајн испитна сесија која почнува на почетокот на јуни. Според ревидираниот академски календар, до крајот на јуни планираме да ја заокружиме академската година.

Доминантен заклучок на нашиот академски кадар согласно нивните впечатоци и анализи од досегашниот тек на овој процес е дека ќе успееме да им овозможиме на студентите да стекнат задоволително ниво на знаења и вештини кои се дел од наставната програма за летниот семестар од оваа академска година. Не смееме да заборавиме дека сепак мора(в)ме да се справиме со светска пандемија, прогласена вонредна состојба во земјата, целосно затворање на градови и држави, граници... Затоа, потенцирам дека нашите очекувања се базираат на реалните можности кои ги имаме при рака и максимизирање на позитивните ефекти од онлајн образовниот процес во овој семестар.

Фактор: Дали можеби стекнатото искуство од ваквиот модерен и неконвенционален начин на настава што е организиран при вакви вонредни околности планирате да го искористите и примените во наставата и во иднина?

Рамадани: Секако дека вреди да се размислува, дебатира и инвестира во ваквите решенија кои носат промени во целиот свет, не само кај нас. Токму во овој период, освен онлајн наставата, воведовме и две нови услуги, системот за онлајн плаќања „IBUPay” и онлајн апликација за запишување за новата генерација на студенти што ќе се запишат во академската 2020/2021 година.

Ајнштајновата „во секоја криза лежи голема можност“ на најдобар начин ја отсликува реалноста и во ова време на светска пандемија, па како што се смирува ситуацијата, покрај негативните здравствени, економски и социјални последици од истата, веќе слушаме и читаме за можности, новитети, иновации предизвикани токму од оваа криза. Во таа насока, и ние како општество ќе мора да се адаптираме на новите околности и некое ново време што наѕира пред нас.

Тука лежи и една општествена одговорност кај универзитетите, како институции кои произведуваат нов кадар, вршат научно-истражувачка работа и предлагаат идеи и решенија за разни области, да се подготват за една нова ера во образованието. Што побрзо фатиме чекор со светот во прифаќањето и имплементирањето на новитетите во сите сфери од општеството, вклучувајќи го и образованието, толку подобро ќе одговориме на она што во прва фаза се најавува како хибриден систем на образование. Замислете го тој систем како една образовна околина во која катедрата на професорот во амфитеатар, училница или лабораторија нема целосно да се замени со некоја виртуелна катедра, но секако ќе мора позади таа катедра да стојат смарт дигитални табли, постојано да се користат технолошки алатки и електронски материјали во наставниот процес, да се воведат distance-learning методи на настава и учење и многу други работи кои имаат предзнак „е-“.

Меѓународниот Балкански Универзитет е подготвен да одговори на овие нови предизвици и да биде активен партнер со меѓународно искуство и кадри, преку нашата академска заедница, во креирањето на новите политики во високообразовниот систем во нашата држава. 

Можеби ќе ве интересира

ИНТЕРВЈУ АКАДЕМИК КОЦАРЕВ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МАНУ: Академијата истражува зошто се различни симптомите кај заразените со Ковид-19

ИНТЕРВЈУ АКАДЕМИК КОЦАРЕВ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МАНУ: Академијата истражува зошто се различни симптомите кај заразените со Ковид-19

ИНТЕРВЈУ АРГИР: НЛБ Банка ќе продолжи да кредитира и да ги поддржува фирмите повторно да ги заживеат бизнисите

ИНТЕРВЈУ АРГИР: НЛБ Банка ќе продолжи да кредитира и да ги поддржува фирмите повторно да ги заживеат бизнисите

ИНТЕРВЈУ ТРПЕСКИ: Кризата е голем предизвик за економската наука но и предизвик за македонската економија

ИНТЕРВЈУ ТРПЕСКИ: Кризата е голем предизвик за економската наука но и предизвик за македонската економија

Интервју Хасановиќ: Корона кризата го засили единството меѓу сојузниците, но хибридните закани ќе се зголемат

Интервју Хасановиќ: Корона кризата го засили единството меѓу сојузниците, но хибридните закани ќе се зголемат