29 Март, 2024
0.0296

Гоце Робев, Менаџер на компанијата „Енџој Балканс“

Интервју Робев: По првиот состанок со нашиот ментор се развија неколку идеи за нови продукти

Објавено во: Интервјуа 31 Март, 2023

Добивај вести на Viber

Збогатување на работата, придобивки од странските искуства, споредба на тековните и на идните трендови во областа во која компанијата работи се само мал дел од придобивките од менторските услуги што ги истакнуваат корисниците. Можноста надворешен експерт да ги скенира секојдневните процеси во една компанија и да советува во кои насоки компанијата може да дејствува со цел подобрување на перформансите е непроценлива, вели Гоце Робев, менаџер на компанијата „Енџој Балканс“. Тој истакнува дека, иако на почетокот не очекувал многу од менторските услуги, самиот се изненадил од позитивното влијание што било постигнато уште по првиот состанок.

Робев како сопственик на компанија што работи на полето на туризмот, истакнува дека за менторските услуги дознал од нивниот ментор Светлана Киревска, со која имале претходно неколку успешни соработки и многу позитивни искуства. Тој истакнува дека со оглед дека компанијата „Енџој Балканс“ е туроператор што фокусот на дејствување го има насочено кон дојдовниот туризам, организирање туристички пакети низ балканските земји, организирање уникатни доживувања во Македонија, насочени се кон освојување нови пазари. 

Дали менторството му помогна на Вашиот бизнис за препознавање на клучниот потенцијал во работењето?

Робев: Ова беше многу интересно искуство за нас, во процесот влегов со ниски очекувања, но веќе по првиот состанок во разговорите се развија неколку идеи за развој на нови продукти, кои сметам дека ќе бидат атрактивни за анимирање нови пазари како и нови сегменти во туристичката понуда на Македонија.

Какви се резултатите, придобивките од добиените менторски услуги?

Робев: Резултатите нема да дојдат преку ноќ, ние стартувавме еден процес за развој на нов уникатен продукт, ново искуство што странските туристи ќе можат да го доживеат на своето патување во Македонија. Следува процес на детализирање на програмата, понатаму презентација и промоција на англискиот пазар, ФАМ тури за операторите итн. 

Дали работењето на Вашиот бизнис се подобри по менторските услуги и во која насока?

Робев: Системот на работа во мојот бизнис не е променет бидејќи предметот на менторството беше насочен кон развој на нови продукти и нови идеи. 

Што би им препорачале на сите оние што сакаат да го развијат својот бизнис, дали треба да се пријават за да добијат бесплатни менторски услуги и зошто?

Робев: Искрено го препорачувам процесот на менторство. Можноста надворешен експерт да ги скенира секојдневните процеси во една компанија,  да советува можност за унапредување, збогатување на работата како и пренос на позитивни искуства од поразвиените земји, како и споредување со тековните и со идните трендови во сферата на дејствување е непроценливо.

Секоја компанија што може да си го дозволи овој процес, треба да пристапи и отворено да ги разгледа советите и идеите на менторот.

Сепак, многу зависи од менторот, ние имавме среќа да ја имаме Светлана, која беше спремна со информации за туристичките процеси и движења, и со интересни идеи што ги дискутиравме и ги продлабочивме дури во конкретни проекти. 

Накратко ако може да ни ја претставите Вашата компанија, во која област дејствувате, какви се досегашните остварувања на компанијата, идни планови...?

Робев: „Енџој Балканс“ е туроператор што фокусот на своето работење го има насочено кон дојдовниот туризам, организирање туристички пакети низ балканските земји, организирање уникатни доживувања во Македонија.  Досега клучни пазари од каде што носиме туристи се турскиот, израелскиот пазар како и земјите од Далечниот Исток како Јапонија, Тајван, Кина, Малезија, Сингапур...

За иднината, плановите за развој ни се насочени кон изградба на нови туристички производи и освојување нови потенцијални пазари.

Петранка Огнаноска