22 Ноември, 2024
0.0340

ИНТЕРВЈУ САЊА БОЖИНОВСКА: Инфлацијата и истрошениот буџет се најголемите предизвици со кои на стартот ќе се соочи новата влада на ВМРО-ДПМНЕ

Објавено во: Интервјуа 02 Мај, 2024

Добивај вести на Viber

Граѓаните ги препознаваат реалните ветувања, наспроти популизмот. Довербата ни е ветер во грб, за да ги реализираме проектите кои на народот ќе му донесат поквалитетен живот. Чуда се невозможни, во услови на опустошен буџет како што имаме во моментов. Но, според платформата „Платформа 1198“ предвидени се реални проекти во различни сфери, кои ВМРО-ДПМНЕ се обрзува дека ќе ги оствари во следните четири години. Ова во интервју за Фактор го најавува Сања Божиновска, меѓународен експерт за енергетика и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Таа смета дека енергетиката е сектор кој се планира долгорочно и Македонија мора да има долгорочна енергетска  стратегија. „Најпрво мора да се види работењето на ЕСМ, сите тендери кои се договарани во четири очи, што се е набавено и целокупното работење на енергетските капацитети“, вели Божиновска.

Со оглед на расположението на гласачите во првиот круг од претседателските избори, веќе станува се поизвесно дека новата влада во земјава ќе ја формира ВМРО-ДПМНЕ. Вие сте членка на Извршниот комитет на таа партија, па би сакала да Ве прашам, кои се, според Вас, најголемите предизвици со кои ќе се соочи новата власт во делот на економијата, кои се оние проблеми кои ургентно ќе мора да се решаваат?

Божиновска: Изборите ја покажаа вољата на народот за промена на власта и казна за досегашната недисциплинирана фискална политика на СДСМ и ДУИ. Граѓаните ги препознаваат реалните ветувања, наспроти популизмот.

Довербата ни е ветер во грб, за да ги реализираме проектите кои на народот ќе му донесат поквалитетен живот. Најголемите два предизвика со коишто ќе се соочи новата влада се инфлацијата и значајно нарушениот фискален простор, тука мислам на истрошениот буџет и високиот јавен долг.

Македонската економија веќе има висок трошок од ненавремено справување со инфлацијата од страна на Владата во заминување и затоа новата влада мора да го стави како прв приоритет справувањето со инфлацијата. Растот на платите и пензиите беше нивелиран со превисоките цени. По одмрзнувањето на цените, месечната стапка на инфлација во март беше 1 отсто, а годишната стапка на инфлација 4 отсто, а пак базичната стапка на инфлација без варијабилните цени на храната и енергијата годишно е зголемена за 5,1 отсто, т.е повисока е од вкупната годишна стапка на инфлација. И што покажува ова? Инфлациските очекувања не се смирени и постојат сѐ уште фактори коишто условуваат раст на цените. Потребна е поагресивна битка со инфлацијата. Ова вклучува идентификување на домашните фактори кои во континуитет предизвикуваат дивеење на цените, нивно ставање под контрола и побрза примена на Законот за нефер трговски практики. Исто така, потребна е и појасна комуникација со јавноста од страна на централната банка дека ако не се смири инфлацијата каматите на кредитите ќе останат високи, а со тоа и трошоците на фирмите, што во крајна истанца би ја влошило ликвидноста на фирмите, би ги намалило изгледите за нови приватни инвестиции и изгледите за подинамичен економски раст. Населението исто така има зголемени трошоци за камати, што го намалува расположливиот личен доход, којшто пак се јаде и од инфлацијата. За да се смири инфлацијата потребно е да се смири растот на трошоците на фирмите, на пример платите треба да растат согласно растот на продуктивноста, а не на вештачки начин којшто креира постојано раст на малопродажните цени. Истовремено фирмите треба да разберат дека добивањето на краткорочни профити заради инфлацијата, на долг рок е погубно за нив. Исто така, мора да ги задржиме работоспособните граѓани и да имаат конкурентни работни места во Македонија. Што се однесува до јавниот долг, бројките се поразувачки и се зголемуваат секојдневно, ќе мора набрзо  да ги видиме вистинските бројки и да ја знаеме реалната состојба. За сите овие вистински реформи да се остварат потребно е и независно судство и владеење на правото, кои се императив за да се движи Македонија напред.

Која е, според Вас, клучната реформа што ќе мора да ја спроведе новата влада, која е таа стратегија и план кои ќе мора да се следат со цел да се подобри животниот стандард на граѓаните, но од друга страна, и да се внимава на макрофинансиската стабилност, со оглед на лимитираните буџетски ресурси?

Божиновска: Чуда се невозможни, во услови на опустошен буџет како што имаме во моментов. Но, според платформата „Платформа 1198“ предвидени се реални проекти во различни сфери кои ВМРО-ДПМНЕ се обрзува дека ќе ги оствари во следните четири години. Сите овие проблеми кои претходно ги наведов треба да почнат наеднаш да се решаваат. Приоритет, како што кажав, е справување со инфлацијата и стабилизацијата на јавните финансии, но делувањето на новата влада треба да е сеопфатно, веднаш и без одлагање на клучните проблеми кои најчесто се споменувани како фактори за иселувањето и проблеми кои го попречуваат долгорочниот раст на македонската економија.

Тука пред сѐ мислам на намалување на корупцијата, криминалот со државните пари, подобрување на бизнис опкружувањето, подобрување на животната околина, повеќе инвестиции во енергетската и транспортната инфраструктура за намалување на трошоците на фирмите и граѓаните, дигитализација на јавните услуги, професионализација на јавната администрација, реформи во образованието кон новото време и ставање на ред во здравството. Треба да се спречат негативните демографски притисоци зошто ќе останеме држава без луѓе. Луѓето сакаат да видат од новата влада посветеност за решавање на сите проблеми кои се најголемата пречка за постигнување на повисок животен стандард.

Веднаш треба да покажеме дека корупцијата во јавните набавки ќе биде минато, а за злоупотреба на народните пари во минатото да бараме казни и враќање на парите каде припаѓаат - на народот. Замислете што сѐ ќе се направеше со 344 милиони евра народни пари, за кои немаме отчет каде отидоа за енергетската криза? Тоа се пари кои владата во заминување ги префрли на ЕСМ, а во исто време ЕСМ  има доспеани, а неисплатени обврски од околу 70 мил.евра?! Мора да се утврди за што се потрошени овие пари и да се побара одговорност.

Оваа влада го зголеми долгот за над 4 милијарди евра, ги наруши фискалните правила за буџетски дефицит и јавен долг утврдени со Закон, а нема никаква капитална инвестиција и има економски раст од само 1,6 отсто за цел период на владеење! Само за четири месеци имаме искорисување на 60 отсто од предвидениот дефицит за оваа година. Ќе треба веднаш да се направи ребаланс и домаќинско управување со народните пари. Ќе треба реформи во УЈП, во наплатата на даноци, во мобилизација на приходи преку интеграција на сивата економија во официјална економија.

Главниот фокус во наредните четири години ќе биде ставен врз инвестициите, а не врз потрошувачката како што е сега. Планираме реализација на капитални инвестиции со вистинска додадена вредност.

Дали верувате дека Македонија може да стане многу попристојно место за живеење отколку сега, од кое младите нема да сакаат да се иселат, туку тука да ги остварат своите амбиции и прогрес, и дали за тоа е неопходен што побрз напредок кон Европската унија?

Божиновска: Јас самата ја напуштив Македонија во 1998 година, се образував, живеев и работев во земји од Европската Унија и целосно ги разбирам младите луѓе и нивните потреби да заминат од татковината. Ние како одговорно општество мора да најдеме начин да ги задржиме дома, да останат свои на своето. Носителите на власта, треба и мора да им понудат перспектива за иднината, услови за здрав раст и развој, квалитетно образование и работа, поточно, услови за живот достоен за еден човек. 

Наместо апатија и изгубена надеж, потребно е враќање на довербата, подобрување на животниот стандард и перспективи за нормален живот. Нашите млади заслужуваат квалитетно високо образование што ќе им го трасира животниот пат, заслужуваат квалитетно знаење што ќе им овозможи успешна кариера на работните места.

За да се спречи оваа бела чума, приоритети на ресорните министерства треба да бидат обезбедување на бизнис клима што ќе поттикне развој, да се редуцира бирократијата и да се поедностават многу процедури, да се спроведуваат мерки за вработување, субвенционирање станбени кредити и подобрување на квалитетот на живеењето, но и создавање позитивна клима што ги истакнува предностите на животот во Македонија. Без решавање на проблемите со корупцијата и селективно применување на правда по партиска или национална припадност младите до членство во ЕУ за жал и натаму ќе треба да се иселуваат од Македонија.

Ова се приоритети на кои ќе се посвети идната влада на ВМРО-ДПМНЕ, а фактот дека тие приоритети се во области на кои сериозно внимание посветува и Европската Унија, и не само тоа, туку издвојува и прилично големи финансиски средства за поддршка на реформските зафати, ја прават ВМРО-ДПМНЕ природен партнер со Европската Унија во справувањето со предизвиците во овие домени.

Истовремено, сакам да потенцирам дека верувам во тоа дека напредокот кон Европската Унија драстично ќе го забрза темпото на реформи во целата држава и значително ќе влијае на животниот стандард, што од своја страна ќе отвори и повеќе можности за останување во државата.

Вистински реформи, независно судство и владеење на правото е императив за да се движи Македонија напред. Во сите држави на ЕУ, економијата е двигател и показател на економскиот развој на таа држава, а економските програми сe главен приоритет на власта.

Без решавање на проблемите со корупцијата и со селективно применување на правдата по партиска или национална припадност, младите до членството во ЕУ, за жал, и натаму ќе треба да се иселуваат од Македонија.

Во програмата на ВМРО-ДМНЕ е наведено дека кога таа партија ќе ја формира Владата во земјава, една од нејзините задачи ќе биде да се формира ново, посебно министерство за енергетика. Би можеле ли да ни откриете повеќе детали за тоа министерство, од каде ќе се црпи неговиот кадар, кои ќе бидат неговите приоритети?

Божиновска: Формирањето на посебно министерство за енергетика е еден од многуте новитети кои идната влада на ВМРО-ДПМНЕ планира да ги реализира со цел поефикасно справување со многуте предизвици со кои се соочуваше и се соочува Македонија во делот на енергетиката. Се сеќавате дека заради акутниот недостаток на долгорочна визија и конкретни капитални инвестиции во енергетиката, кадровските промашувања и погрешните политики низ сите овие години, Република Македонија беше оставена во последен момент, самата да се справувува со енергетската криза, која ја предизвикаа надворешни фактори, пред се, војната во Украина и ценовните шокови кои ги предизвика тој конфликт на светските енергетски пазари.

Мора да бидеме реални и да кажеме дека работите нема да можат да се променат веднаш, но реализацијата на идејата за ново министерство ќе биде првиот чекор кон ставање ред во овој домен, зголемување на координацијата и креирањето издржливи, а пред се, реални и остварливи политики во областа на енергетиката.

Енергетската ефикасност е веќе неколку години тренд во ЕУ и, секако, Македонија како земја која се гледа во европското семејство треба да ги применува овие практики. Од тоа што можам да прочитам, а има малку податоци, во Македонија има мала искористливост на пристапните фондови за енергетска ефикасност. Имаше олеснувања во Законот за изградба на фотоволтаици до 40 кW, тoa e за поздравување. Меѓутоа, само за споредба, процедурата да изградите ФЕЦ и луксузен огромен хотел е иста. Мислам дека има премногу непотребни административни процедури за кои роковите не важат и кои мора да се сменат во иднина. Се надевам дека во иднина ќе имаме министерство за енергетика по пример на земјите од регионот и од ЕУ и сектор кој ќе се занимава исклучиво со аплицирање до достапните фондови и ќе комуницира со сите странски институции и фондови кои нудат средства за енергетска ефикасност.

Во однос на конкретните детали околу министерсвото, кадровската пополнетост и раководењето со еден таков нов орган, во овој момент е рано да се говори, бидејќи најпрвин треба да бидат исполнети законските предуслови за да дојде до формирање на тоа министерство, за што верувам не само ВМРО-ДПМНЕ, туки и потеницијалните коалициони партнери, но и останатите ќе покажат разбирање и подготвеност да се направи тој прв чекор.

Во однос на кадровската пополнетост, лично сметам дека во Република Македонија постојат професионалци кои долги години работат во доменот на енергетиката и чие искуство би било многу корисно.

Приоритет ќе биде намалување на зависноста од увозот на електрична енергија, ревизија на работењето на ЕСМ, МЕПСО и останатите институции поврзани со енергетика и фокусирање на стручен кадар кои ќе се направат се Македонија да изгради енергетски капацитети за да имаме континуирано, стабилно и одржливо производство на електрична енергија.

Во една прилика изјавивте дека тоа министерство ќе направи ревизија на се што е досега направено во таа област. Што е она што треба од корен да се смени во енергетската политика која ќе ја води земјава?

Божиновска: Енергетиката е сектор кој  се планира долгорочно и Македонија мора да има долгорочна енергетска  стратегија. Најпрво мора да се види работењето на ЕСМ, сите тендери кои се договарани во четири очи, што се е набавено и целокупното работење на сите енергетските капацитети. Секако тука се и сите останати тендери во МЕПСО, недозволеното повлекување на електрична енергија од УЦТЕ и фактурите кои достигнуваат 20 милиони евра... Процедурите за набавка на електрична енергија во ЕСМ и секако продажбата на вишокот на електрична енергија, со над илјаници вработени во ЕСМ цврсто сум убедена дека ЕСМ има капацитет самостојно да купува и продава од сите берзи а сега имаме и домашна берза на електрична енергија. Од корен мора да се смени трошењето на државни пари и да се работи транспарентно, граѓаните заслужуваат во секој момент да знаат што се случува со нивните пари. Мора да изградиме нови енергетски капацитети, да се прилагодиме на законот со ЕУ легислативата која опфаќа постројки за складирање на електричната енергија, да формираме регистар за гаранции за потекло на електричната енергија, да се поврземе со останатите регионални берзи како што тоа го направија Словенија, Србија и Унгарија а воедно и да ја модернизираме постоечката преносна и дистрибутивнa мрежа.

Сметате дека Македонија може да биде држава која нема да биде увозник на електрична енергија, па дури и, во некоја догледна иднина, да може да извезува. Дали е тоа можно и дали имаме ресурси?

Божиновска: Најважно е луѓето кои ќе бидат задолжени за креирање и спроведување на енергетската политика на Македонија да работат исклучиво во интерес на доброто на граѓаните, бидејќи мора да изградиме нешто што ќе остане и за идните генерации. Најпрво мора да направиме долгорочна стратегија во енергетиката и бидејќи немаме нафта и гас мора да се потпреме на нашите природни ресурси и енергија од обновливи извори, а воедно и да ги искористиме/ревитализираме постоечките енергетски капацитети. Верувам дека со посветена работа и вклучување на квалитетен кадар Македонија може најпрво да ги задоволи своите потреби за електрична енергија а потоа еден ден да сме нето-извозник на енергија бидејќи сме земја со многу природни ресурси.

Најавувате и дека ќе се изградат две когенеративни централи за гас, а за обновливите извори се најавува план за изградба на ветерни паркови. Со оглед што сето ова беше план и на четирите стратешки инвеститори, за кои законите не успеаја пред изборите да поминат во Собранието, би можеле ли да ни откриете каков е конкретно планот со тие инвестиции, дали ќе се реализираат или ќе има дополнителни преговори?

За да имаме стабилен енергетски систем потребна ни е базна енергија затоа во програмата на ВМРО е предвидено изградба на две когенеративни централи за гас, што значи во исто време ќе се снабдуваме и со топлинска и со електрична енергија, а предвидена е и гасификација. Енергијата добиена од овие централи ќе ни даде можност да вршиме балансирање на системот кога ќе е потребно. Исто така има план за изградба на ветерни паркови Богданци, Миравци и уште еден проект од 200 МВ. Со овие сопствени капацитети Македонија ќе има квалитетен енергетски систем. Стратешки инвестиции се добри за Македонија доколку Македонија има бенефиции и се за доброто на граѓаните. Во ниеден случај не може да дозволиме странски фирми да ни ги експлоатираат нашите природни ресурси и притоа да имаме фискални импликации во нашиот буџет и никаква додадена вредност на нашиот енергетски систем. Под тие услови Македонија сама треба да гради енергетски капацитети.

ВМРО-ДПМНЕ најави и дека ќе се градат државни енергетски капацитети. На што конкретно мислите и како ќе се обезбедат средства, со оглед што станува збор за скапи проекти?

Ако имате добра идеја, работите напорно, сигурно ќе најдете и извори на финансирање за проекти кои долгорочно се важни за земјата. Значајно е да се градат и чуваат домашните капацитети бидејќи е потребно време за да се изградат сериозни енергетски капацитети. Ќе ја модернизираме РЕК Битола, кој што е постоен капацитет и кој што во последните години беше заборавен и ставен на маргините како извор на криминални тендери. Живееме во период на зелена транзиција, меѓутоа и во Германија и во Франција сеуште функционираат термоелектрани. Таа транзија е започната, потребен е долг временски период и сериозни финансиски средства за зелената транзиција да биде успешна. Нашата цел е РЕК Битола и технички и технолошки да го модернизираме, да ги подобриме перформансите на производство, меѓутоа и да го намалиме загадувањето. Ќе го модернизираме и ТЕЦ Осломеј и ќе одлучиме на кој начин бидејќи за сето ова се потребни сериозни проценки. Одржливата, базна и домашна енергија ќе биде приоритет на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Многу меѓународни институции даваат средства за зелена транзиција и сигурна сум дека со добри проекти ќе ги добиеме потребните средства.

Нина Нинеска-Фиданоска

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.