Добивај вести на Viber
Насловeно како „Паралелни светови“, како контра-продукт на проектот „Скопје 2014”, но и посветено на значењето и позицијата на архитектурата, на местото на архитектите во општеството, годинешното Биенале на Архитектурата заврши со неколку доделни награди, но и без доделување на гран-при наградата.
Годинава на БИМАС архитектите дебатираа за тоа дали и колку живеењето во паралелни светови доведе до маргинализација на архитектите во општеството и на самиот процес на создавање на архитектурата.
Свои предавања, дискусии и презентации за улогата на архитектурата во општесвото, имаа домашни и светски архитекти, градежни фирми како и студентите од Архитектонскиот факултет во Скопје.
Оваа година Стручната комисија донесе заклучок никому да не му ја додели наградата Гран при на БИМАС 2014, бидејќи, како што беше образложено, сите изложени дела поседувале големи индивидуални квалитети, но ниту едно не било на нивото потребно за највисокото признание.
Не беа доделени ниту наградите за реализиран индустриски дизајн и за урбанистички план или проект. Во делот на останатите награди, за реализирана внатрешна архитектура – ентериер наградата им беше доделена на авторите Максим Наумовски и Оливер Илиевски за проектот Ентериерна реконструкција на управна зграда на ГД „Гранит“ фаза 1. Наградата за проект од областа на дизајнот им се додели на авторите Бранислава Ѓорѓевиќ, Елена Пазарџиевска, Марија Димитриевска и соработникот Стефан Тодоровски за проектот „City box“. Наградата од областа на архитектурата ја добија авторите Љиљана Митровиќ и Горана Митровиќ, консултантите Миодраг Митровиќ и Невена Ѓеорѓиевска заедно со соработниците Иво Антониевиќ, Срѓан Митровиќ и Филип Недевски за проектот Клиничка болница во Штип. Авторите Минас Бакалчев, Митко Хаџи Пуља, Саша Тасиќ, Никола Стрезовски и Виолета Бакалчев, за реализираниот проект за православниот храм црква Св.Илија во с. Говрлево, Скопско, ја добија специјалната награда. Оваа година специјалната награда на БИМАС им се додели на авторите Дејан Ивановски и Филип Јовановски со соработниците Димитра Јовановска и Ивана Васева, за објектот Монтажна галерија „Центар за современи уметности“ (CAC).
Претседателката на на Асоцијацијата на архитекти, Сања Раѓеновиќ Јовановиќ во интервју за Фактор вели дека комисијата за наградите била внимателно составувана.
Фактор: Зошто на годинешниот БИМАС не бесе доделена гран-при наградата и уште две други награди?
Раѓеновиќ Јовановиќ: Управниот одбор многу внимателно ја составуваше комисијата за БИМАС. Неопходно е членовите да не се учесници на БИМАС, да има претставници од архитектонските факултети, да нема членови во комисија чии членови на семејството учествуваат на БИМАС, да не се повторуваат членови од минатите години, да има разноликост во возраста, да се архитекти кои се занимавале со проектирање, бидејќи тоа е сржта на архитектурата. Само вистински проектант може да препознае вистински квалитет. Се покажа дека тоа е потешка работа од што изгледа на прв поглед. Кругот е многу мал. Jас како Претседтел на ААМ немам право да влијаам на работата на комисијата.
Фактор: Дали за прв пат годинава Биеналето за архитектура завршува без престижната гран-при награда?
Раѓеновиќ Јовановиќ: Прв пат се случува на БИМАС да не се додели гран при. На БИМАС беше презентирано само дел од архитектонското творештво во изминативе две години. Сигурна сум дека сите ќе се сложиме дека гран при на БИМАС е престижна награда. Можеме бесконечно да дебатираме што е добра архитектура и никогаш да не дојдеме до апсолутната вистина, но мораме да се сложиме дека архитектурата е сложен производ кој опфаќа многу компоненти за да настане објектот и многу задачи кои треба да ги исполни. Јас оваа храбра одлука ја поздравувам. Сигурна сум дека има коментари дека не смее да се случи недоделување на главната награда.
Фактор: Кои се клучните криетериуми за добивање на ваквата престижна награда, што треба да исполнуваат проектите?
Раѓеновиќ Јовановиќ: Секој објект треба да има функција, тоа е првиот предуслов и од тоа да произлезе форма, композиција. Кога успешно ќе се спојат сите овие елементи се добива квалитетен објект. Ова е единствениот критериум за добивање гран при на БИМАС. На овој БИМАС не се случи таков објект, а комисијата имаше доблест тоа да го препознае. На некои БИМАС-и се доделувале гран при награди кои можеби не ги исполнувале наведените критеруими, се доделувале награди и на нешто што не е објект, на типски објекти унифицирани за разни градови, ова може да значи дека и овојпат можела наградата да се додели, бидејќи по тој критериум и оваа година имаше објекти во ранг на некои од предходните добитници. Но мислам дека е крајно време да се соочиме со вистината, да не си фрламе веќе песок во очи и еднаш засекогаш чесно и стручно како ААМ дефинираме вистински вредносен критерум. Само така ќе се извлечеме од она што не случајно ни се случува. Како и да е, сигурно дека е гран при голема сатисфакција и престиж, но сепак некои наградени објекти потонале во заборав, оние квалитетните остануваат засекогаш.
Фактор: Дали на годинешното архитектонско Биенале имаше проекти од Скопје 2014?
Раѓеновиќ Јовановиќ: Капиталното творештво кај нас се објектите од Скопје 2014. Ставот на ААМ е одамна познат. Тие не се ни пријавија на БИМАС. Другото што се гради се воглавно комерцијални станбени објекти и по некој трговски центар, магацин и слично.
Фактор: Освен гран-при наградата, на годинешниот БИМАС исто така не се доделија уште две награди, што е причината?
Раѓеновиќ Јовановиќ: Не се додели награда за реализиран индустриски дизајн поради отсуство на вакви творби. Не се додели и награда за урбанистички план и проект бидејќи немаше учесници со вакви проекти, што е жално, а и опасно. Урбанистички планови кај нас нема, сè се сведува на урбанизам правен по имотна парцела без креативност или по директива на нарачателот, во најголем број случаи на државата. Комисијата додели две специјални награди и има легитимно право да одлучи за тоа. Едната е за црквата Св. Илија во Говрлево со која според комисијата се апострофира преплетување на желбите и можностите на инвеститорот со кретивноста и стручноста на архитектите. Но, во суштина тој процес не е ништо необично, се случува со секој објект, во овој случај на интервенција на веќе постоечки објект и тоа црква со што односот на граѓаните е многу повеќе врзување со духовното отколку со архитектурата и со самото тоа навлегува во сферата на филозофијата. Пред се БИМАС е манифестацијата на архитектурата и е нејзиното вреднување. Другата специјална награда е објектот Монтажна галерија “Центар за современи уметности“ САС која можеби најмногу е во контекст и со насловот на БИМАС “Паралелни светови“ како едно прибежиште во деликатен момент на потценување на слободно творештво и изразување, прибежиште лесно преносливо и како подарок од небо, достапно за сите. Како што вели комисијата “Објектот de facto е скок во „друга, паралелна димензија“, но таа е тука и е присутна и доследно ја пренесува пораката дека само идејата може да е голема или мала, а не и физичките објекти.“ или како што вели авторот “Галеријата има неколку аспекти кои треба да се напоменат, иако истите се лесно воочливи. Подигната е на невидливи столбови кои не само што овозможуваат истата да лебди, имам чувство кога ја набљудуваш, очекуваш во секој момент да се помести сама од себе. Нели, мобилна е!“ Награда за проект од областа на архитектурата за Клиничката болница во Штип ја покажува целата сложеност на архитектурата. Обемната и комплексна проектна задача бара многу стручност, умеење и знаење за да се оформи функционална и естетска целина со современ израз. Овој проект во права смисла покажува што значи вештина во архитектонското проектирање и во кој правец треба да се движи архитектурата. Ми дава надеж дека не е се готово.
Фактор: Како генерално помина годинешниот БИМАС?
Раѓеновиќ Јовановиќ: Овогодинешниот БИМАС се однесуваше на “Паралелни светови“ кои се одигруваат мимо архитектите, а се тесно поврзани со нас. Тука не се мисли само на СК2014, се мисли и на почитување стручност, воспоставување дијалог меѓу архитекти, дијалог со Комората, утврдување минимална цена за проктирање, состојбата со авторските права. За жал посетеноста не беше на очекувано ниво, со што само ја потврдивме капитулацијата како професија што поодамна ни се случи. Дебатите го третираа актуелниот момент и проблемите со кои архитектите секојдневно се среќаваат и никој не може наместо нас да ги реши, БИМАС се одржа во деликатни услови, особено финансиски, над можностите на ААМ. Гостите од странство одржаа предавања и изложби. Сите се реномирани професори (Србија, Словенија, Чиле) и успешни во тоа со што се занимаваат. Нивното учество на нашиот БИМАС најмногу се должи на личните контакти со некои од членовите на ААМ, нивната заинтересираност за проблемите што ги имаме, од кои дел се и заеднички во регионот и желбата за помагање е голема. Но нашиот проблем, зеднички е заклучокот, Скопје 2014 е најголем.
Фактор: Колку ваквите настани каде што се присутни странски врвни архитекти се важни за младите архитекти?
Раѓеновиќ Јовановиќ: Присуствувањето на случувањата на БИМАС е бесплатно, жално е што најмалку имаше млади архитекти. Ретка е можноста да се слушнат предавања на архитект од Чиле, кој ја поминал половина планета за да учествува на нашиот БИМАС. Сметам дека е важно што дијалогот почна и проблемите конкретно се лоцираа. Архитектот и ААМ одамна го изгубија своето место. Во времете што го живееме стручноста не се бара и цени. Постои само лична сила, лично уверување. Должни сме да бидеме свесни за она што ни се случува, да си ја повратиме самодовербата. Имаме право да сонуваме и да се избориме за квалитетна архитектура пред се тоа ни е работа и тоа и го должиме на заедницата. Мислам дека на БИМАС почнаа да се придвижуваат работите, но потребно е многу време и трпение. Јас можам само да ветам дека ААМ ќе остане доследна на архитектурата.
Ј.С.