27 Октомври, 2021
0.0296

ИНТЕРВЈУ СО УНГАРСКИОТ МИНИСТЕР ЗА НАДВОРЕШНИ, СИЈАРТО: Унгарските фирми се задоволни од условите кои ги нудат зоните и ниските даноци

Објавено во: Економија, Интервјуа 29 Јуни, 2021

Унгарските компании имаат голем интерес за влез во македонската економија, а особено привлечен за нив е енергетскиот сектор. Сакаат да инвестираат во македонските централи со цел тие да се преструктуираат и да работат на гас, но и да вложуваат во централи за сончева енергија. За поддршка на унгарските фирми што веќе работат или планираат да стартуваат бизнис во земјава отсега па натаму ќе има силна логистика – се отвори Kонзулат на Унгарија во Штип. Токму унгарскиот министер за надворешна политика и трговија, Петер Сијарто, дојде лично да ја пресече лентата. Во ексклузивно интервју за Фактор, тој вели дека државата мора да им помогне на фирмите да најдат деловни партнери и да ги добијат потребните бизнис информации, а потоа на нив останува да работат и да соработуваат. Сијарто открива дека енергетскиот сектор е најатрактивен за големиот број бизнисмени кои го придружуваа при неговата посета на земјава, но и дека унгарската ЕКСИМ банка одобрила 115 милиони евра само за поддршка на соработката на унгарскиот бизнис со македонскиот...Вели дека унгарските фирми што работат во земјава се задоволни од пристапот на нашата Влада кон нив, но и од ниските даноци... Во интервјуто разговаравме и за второто бугарско вето за земјава. Министерот Сијарто не крие колку неговата држава е разочарана од ваквиот развој на настаните, и смета дека Бугарија требаше да дозволи старт на преговорите, а паралелно да се разговара за билатералните прашања. Стравува дека ако вака продолжи, ЕУ ризикува целосно да го изгуби Западен Балкан...

Господине Сијарто, во Штип се отвори Kозулат на Република Унгарија, а претседателката на ССК, Данела Арсовска, е именувана за почесен конзул. Што очекувате, каква новина и квалитет ќе донесе овој конзулат во македонско-унгарските односи, и дали и како ќе помогне во унапредување на економската соработка?

Сијарто: Отворањето на Конзулатот тука во Штип е исклучително од економски причини. Унгарската економија е една многу отворена економија, а резултатите во нашата економија во голема мерка зависат од тоа како унгарските фирми успеваат да работат и да постигнуваат резултати во странство. Тоа не може да се оствари без поддршка од државата, и затоа беше многу важно овде во земјава да воспоставиме, на некој начин, лично присуство. Овој Конзулат во Штип има првостепена задача да го поддржува делувањето на унгарските фирми тука, во источниот дел на државата, со цел тие да најдат деловни партнери, да им се обезбеди соодветно место каде што тие ќе седнат и ќе преговараат, како и да ги добијат сите потребни информации за можностите за економски развој.  

Во посета на земјава дојдовте заедно со Делегација од 20-тина унгарски бизнисмени кои се заинтересирани за соработка со македонски компании. Од кои економски сектори се деловните луѓе и какви се очекувањата од билатералните средби со нивните македонски колеги?

Сијарто: Најголем број од бизнисмените се од енергетскиот сектор. Унгарија е една од дваесетте држави во светот кои успеаја да остварат висок економски раст на начин преку кој истовремено се намали и загадувањето на животната средина. И тоа се постигна благодарение на тоа што ние многу инвестиравме во енергетскиот сектор и постојано го зголемуваме учеството на обновливите извори на енергија.

Колку сега изнесува тој процент?

Сијарто:  Можам да кажам дека кога ќе се заврши изградбата на нашата нуклеарна централа, тогаш нуклеарната енергија и енергијата од сончеви извори фактички ќе покрива 90 проценти од потрошувачката на енергија во нашата држава. И токму нашите фирми кои дојдоа тука на бизнис форумот со големо задоволство би учествувале во модернизацијата на енергетскиот систем на Македонија. Исто така, имаме фирми од фармацевтската индустрија, како и од информатичката индустрија. Тие се тука со цел преку овие воспоставени врски да го зголемат нивното присуство тука на територијата на Северна Македонија.

Дали има заинтересираност на унгарски компании за гринфилд инвестиции, и каде конкретно во енергетскиот сектор во земјава би се реализирале тие инвестиции?

Сијарто: Јас гледам две такви области. Како прво, вашите реактори да се преструктуираат, односно тие да почнат да работат на база на употреба на гас, и токму на таа тема имавме разговори со вашиот министер за економија Крешник Бектеши. А, втората област е модернизација на мрежата на електроснабдувањето. Исто така, гледаме смисла да се зајакнува информатичката поддршка на претпријатијата, и мислам дека унгарските фирми што се занимаваат со информатика можат да ви понудат решенија кои можете успешно да ги искористите.

На кои конкретно области од делот на енергетиката мислевте дека би инвестирале унгарските компании?

Сијарто: Има неколку такви централи во Северна Македонија кај кои е на дневен ред прашањето за преструктуирање на нивната работа и префрлање на користење на гас. А другата работа за која сме заинтересирани е да се инвестира во централи за користење на сончева енергија.

Според податоците на нашиот Завод за статистика, размената меѓу двете земји во минатата година изнесувала 351 милиони евра, слично како и во 2019 година, и со тоа Унгарија е деветти партнер на земјава според обемот на размената. Притоа, извозот и увозот се речиси на исто ниво, односно нашиот извоз во Вашата држава бил околу 172 милиони евра, а увозот оттаму е околу 180 милиони евра. Дали сметате дека има потенцијал овие бројки да се зголемат и како тоа би успеале да го постигнеме?

Сијарто: Се зависи од фирмите. Бидејќи, политичките раководства на двете држави ги направија основните услови за успешна соработка на ниво на стопанството. Исто така, унгарската ЕКСИМ банка издвои 115 милиони евра исклучиво само за поддршка на соработката на унгарските фирми со македонските фирми. И јас мислам, бидејќи Северна Македонија има обврска да направи голем број на реформи за успешно да се интегрира во Европската унија, и затоа стопанството мора да се модернизира, а тоа во основа е технолошко прашање, и затоа очекуваме технолошките претпријатија од Унгарија да добијат што поголемо присуство овде.

Како ја оценувате бизнис климата во Македонија, дали е таа поволна и што ни недостига за да бидеме уште попривлечна дестинација за бизнис и за директни инвестиции? На што се жалат најмногу унгарските компании кои работат во земјава?

Сијарто: Во основа јас добив позитивни извештаи од нашите стопанственици. Унгарските фирми се многу задоволни од можностите што им ги пружаат развојните зони во вашата држава. Задоволни се и од пристапот на Владата кон ова прашање, а задоволни се и со ниското ниво на даноци во споредба со даноците од земјите од Европската унија.

Сметате дека е добро да не се зголемуваат даноците?

Сијарто: Ние веруваме во ниските даноци. На ниво на Европската унија, во Унгарија се најниски даноците за фирмите. Корпоративниот данок има стапка од 9 проценти, што е далеку најниско ниво во ЕУ. Додека, пак, персоналниот данок изнесува 15 проценти. И со така ниски даноци ние успеавме да постигнеме рекордни нивоа на инвестиции во нашата држава во изминатите пет години. Колку се пониски даноците, тоа е подобро. Но, сметам дека одредување на даноците, е исклучителна надлежност на секоја држава пооделно.

Корона кризата силно ја погоди светската, но и поединечните економии. Како Унгарија се справи со економските последици, дали настрадаа многу фирми и работни места? Какви мерки донесе Вашата Влада и дали тие се покажаа како успешни? Каков е интересот за вакцинација во Вашата држава и дали сметате дека вакцинацијата е таа што ќе придонесе да се надмине здравствената криза, за конечно да не биде пречка за економијата?

Сијарто: Нашата стратешка одлука беше да купуваме вакцини и од Русија и од Кина. И досега веќе постигнавме стапката на вакцинација да изнесува 65 проценти кај возрасното население. Тоа ниво на вакцинација никогаш немаше да можеме да го достигнеме доколку не купувавме вакцини и од источните држави. И на тој начин многу брзо можевме да вакцинираме. Инаку, расположението на граѓаните да се вакцинираат на почетокот беше многу многу поголемо отколку што е сега во овој момент. И благодарение на вакцинацијата многу брзо успеавме повторно да ја отвориме економијата, и практично бевме прва држава во Европа која успеа да ги укине ограничувањата. А што се однесува до економските мерки, ние средствата не ги делевме на социјална основа, туку ги поддржувавме вложувањата во фирмите, и нив им посочивме дека за нивните вложувања ќе добијат државна субвенција, но само под услов да не отпуштат ниту еден од вработените. Така, наместо да финансираме последици од невработеност, ние вложувавме средства во превенција на невработеноста.

Македонија деновив го доби второто вето од Бугарија, што ќе рече дека никако не може да ги стартува преговорите со Европската унија, а досега влогот на земјава беше голем во остварување на таа цел. Со оглед на сите барања од Бугарија, дали сте Вие оптимист дека овој проблем може воопшто да се надмине и дали не постои начин тие историски прашања да се тргнат од процесот и да се решаваат билатерално меѓу двете земји?

Сијарто: Ние сме многу разочарани од ветото, бидејќи сметаме дека Европската унија требаше да почне преговори со Северна Македонија уште пред многу години. Сметам дека процесот на проширување на ЕУ оди многу бавно. Ние сметаме дека Бугарија би требало да дозволи да почнат преговорите за зачленување, а паралелно со тоа да продолжат преговорите за историските прашања. Инаку, и гледано од областа на националната безбедност и од областа на националната економија, интересот на Унгарија е вие што побргу се зачлените во Европската унија. Бидејќи ние живееме во непосредно соседство на Западен Балкан, и многу добро знаеме каква е тука ситуацијата, точно знаеме дека процесот на европска интеграција би му помогнал на овој регион да се обезбеди мир и стабилност.

Дали на овој начин Европската унија веќе не ризикува да го изгуби Западен Балкан, со постојаните разочарувања кога условите се исполнети, но постојано има пречки кои стојат на патот на стартот на преговорите?

Сијарто: Јас се плашам од тоа дека Европската унија во овој регион го губи кредибилитетот. Обично се вели дека во геополитиката не постои вакум, а тоа значи дека ако ние како ЕУ не сме доволно ефикасни и брзи, тогаш некој друг ќе го пополни тоа место. А тогаш ќе биде доцна да се жали за тоа. Британија излезе  од ЕУ, и сега стравуваме дека слично како Британците, ќе се загуби и Западниот Балкан, што може да биде голем проблем.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

Историски ден за македонскиот стартап екосистем, eве зошто

Историски ден за македонскиот стартап екосистем, eве зошто

Заев објасни дали ќе имаме зголемена инфлација и енергетски ценовен шок

Заев објасни дали ќе имаме зголемена инфлација и енергетски ценовен шок

Мицкоски: Ќе се вратиме 40-50 години наназад кога домаќинствата се соочуваа со недостаток на електрична енергија

Мицкоски: Ќе се вратиме 40-50 години наназад кога домаќинствата се соочуваа со недостаток на електрична енергија

Растат платите во Србија, просечната се искачи на 550 евра

Растат платите во Србија, просечната се искачи на 550 евра

Заев вели дека и во време на пандемија се зголемуваат платите, а тоа е реткост во Европа

Заев вели дека и во време на пандемија се зголемуваат платите, а тоа е реткост во Европа

НАЈЧЕВСКА ПРАШУВА: Зошто во земјава не се стимулира ставање панели на секоја куќа и кому му одговара да останеме енергетски зависни

НАЈЧЕВСКА ПРАШУВА: Зошто во земјава не се стимулира ставање панели на секоја куќа и кому му одговара да останеме енергетски зависни

БЕКТЕШИ: Убеден сум дека ниту по први јануари нема да има големи ценовни шокови кај електричната енергија

БЕКТЕШИ: Убеден сум дека ниту по први јануари нема да има големи ценовни шокови кај електричната енергија

На Балканот и натаму се градат нуклеарни централи, Македонија нема стратешка резерва

На Балканот и натаму се градат нуклеарни централи, Македонија нема стратешка резерва

Скопска фирма со еден вработен направи пола милион евра профит!

Скопска фирма со еден вработен направи пола милион евра профит!