19 Април, 2024
0.0281

Интервју со Царовска: Креиравме социјална реформа за држава без сиромашни деца

Објавено во: Македонија, Интервјуа 28 Мај, 2019

Добивај вести на Viber

Социјалната реформа која оваа Влада ја смета за една од клучните кои ги спровела, конечно ќе почне да се применува. Во јавноста предизвика доста внимание додатокот за трето дете за кој впрочем и запна усвојувањето, ама делумно причините беа и политички. Министерката за труд и социјална политика во разговор за Фактор вели дека и покрај тоа што имало мислење тој да биде укинат решението е надоместокот да остане, но само за граѓаните кои имаат до 12.000 денари приход. За сиот пакет реформи самата тврди дека ќе приднесе да се искорени сиромаштијата. Како тоа ќе го поднесат социјалните центри кои кубурат со стручни кадри, има ли подготвеност за имплементацијата.

Царовска: Реформата започнува веднаш по објавата на Законот за социјална заштита и Законот за детска заштита во Службен весник. Инаку, во подготовката за нејзина реализација беа вклучени сите засегнати страни и со задоволство можам да кажам дека сме целосно подготвени за се што следува. Социјалните центри се клучни за спроведување на социјалната реформа, бидејќи преку нив се реализираат предвидените услуги. Тие се целосно запознаени и подготвени за спроведување за новите исплати и услуги. Во изминатиот период работевме на јакнење на нивните капацитети и знаења и ова е многу важно за подигнување на квалитетот на услугите кои ги нудиме. За жал, социјалните работници беа со години запоставени од државата кога станува збор за нивна доквалификација и обуки и со години не се организирале никакви обуки за нив. Јас многу добро ја разбирам клучната улога која оваа професија ја има за секое хумано и праведно општество. Ние, како министерство ќе продолжиме да вложуваме во нив, за тие да можат подобро да им помагаат на нашите граѓани.

Самите центрите за социјална работа се целосно на располагање на граѓаните. Ги повикувам сите заинтересирани да се пријават се и да се информираат за социјалната реформа во нивниот локален центар за социјална работа. Таму ќе ги дознаат сите информации за новите услуги и исплати за кои треба да аплицираат.  Контакти на сите социјални центри можат да се преземат од веб страната на министерството.

Тврдите дека со социјалната реформа ќе се намалува сиромаштијата и дека сиоцијалната помош се зголемува 300 проценти. Како овие мерки го гарантираат тоа?

Царовска: Социјалната реформа значи дека конечно имаме систем преку кој од една страна вложуваме значителни средства кон најранливите категории граѓани, но не за да ги задржиме во системот, туку со цел да им помогнеме да станат независни, да се вработат и со тоа да се грижат самостојно за себе. Само на овој начин можеме трајно да ги извлечеме од сиромаштија и да овозможиме поквалитетен живот за секој од нив.

Со новиот закон за социјална заштита поддржуваме 30.000 домаќинства да излезат од сиромаштија. За првпат воведуваме минимален гарантиран приход и ја зголемуваме социјалната помош за 300 отсто. Всушност, воведуваме семеен пакет кој содржи право на „Гарантиран минимален приход“, детски и образовен додаток и енергетски додаток, а висината ќе се пресметува поединечно според социјалниот ризик во кој што се наоѓа домаќинството. Ова значи дека, на пример, четиричлено семејство со две деца од коишто едното е во основно а другото во средно образование ќе добијат месечен приход од 10.600 денари. Претходно истото семејство добивало социјална помош од само околу 3.000 денари. Меѓутоа, она што е многу важно е што истовремено овозможуваме поддршка за доквалификација и вработување, за примателите на социјална помош да може да излезат од сиромаштија.

Она што мене ми е особено драго е што конечно го отворивме системот за социјална заштита и за домаќинствата со минимални примања. Ова значи дека тие ќе имаат право на користење на детскиот, образовниот и енергетскиот додаток со што нивните месечни приходи од 12.000 денари ќе се зголемат на над 15.000 денари, а детски и образовен додаток ќе земаат над 70.000 деца, односно за 20 пати повеќе од претходно. На овој начин ќе ја намалиме детската сиромаштија, бидејќи секое дете заслужува еднакви шанси во животот.

Уверени сте ваква реформа ќе има ефект. Кога ќе се почувствува?

Царовска: Како што веќе посочив, ние сме целосно подготвени за реализација на реформата, што значи првите исплати ќе бидат уште во јуни. Првичните ефекти ќе се почуствуваат веднаш штом овие средства ќе ги добијат оние на кои им се најпотребни. Овозможуваме достоинствен живот за нив, но и пристап до услуги за да напредуваат и да почнат самостојно да функционираат.

Со социјалната реформа вложуваме значителни средства, а истовремено и темелно го менуваме системот. Ова е почеток на крупни општествени промени.  Што значи дека понатаму очекуваме намалување на сиромаштијата, особено на детската сиромаштија. Следува подобар живот за лицата со попреченост и поквалитетно предучилишно образование. Оваа реформа всушност претставува влог во идните генерации, најголемите промени ќе ги почуствуваат токму тие. Со искоренување на детската сиромаштија, инвестирање во нови градинки и ран детски развој создаваме силна младина, квалитетен кадар и стабилна држава.

На што се должи закоченоста на социјалната реформа во Собранието повеќе од половина година во Собранието. Имаше ли некаков политички комромис со ДУИ во врска со родителскиот додаток за трето дете?

Царовска: За да креирате и успешно да спроведете темелни системски и општествени реформи потребна е поддршка од сите засегнати страни. Токму затоа во процесот на изработка на социјалната реформа беа вклучени сите засегнати страни, тоа значи граѓаните, граѓанските здруженија и сите политички партии. Ги земавме предвид потребите и забелешките во однос на новите законски решени за да излеземе пресрет на што повеќе луѓе. Само на овој начин можеме сите заедно да напредуваме. Меѓутоа, тука воопшто не станува збор за политички компромиси, политички договори никогаш немало. Преговорите се однесуваа на задржување на додатокот за трето дете, но само за најранливите категории граѓани односно семејствата кои имаат до 12.000 денари приходи. Ние тоа го прифативме бидејќи е во духот на самата реформа, а тоа е да се поддржат токму овие граѓани. Претходното решение, со кое сите кои имаат трето добиваа по 8000 денари не беше ниту социјална мерка, ниту парите се насочуваа кон оние кои им се потребни. Со жалење констатираме дека милиони евра биле исплатени кон највисоките социјални слоеви граѓани и оние кои немаат никаква потреба од дополнителна финансиска поддршка. Ова сега веќе нема да биде случај.


Што е со лицата со попречености. Кои се новините? Што добиваат со новиот закон?

Царовска: Со социјалната реформа ги унапредуваме правата не само на лицата со попречености, туку и на семејствата коишто се грижат за нив. За разлика од досегашната пракса, со која само се трансферираа финансиски средства до крајните корисници без притоа да добијат соодветна услуга, ставаме акцент на развојот на услугите кои ќе ја подобрат поддршката и негата, но и ќе ја зголемат независноста на лицата со попрченост и нивната вклученост во општеството. Практично, со сетот на нови мерки им го олеснуваме животот на семејствата каде живеат лица со попреченост и финансиски ги зајакнуваме.

Новина во законот е тоа што правото за попреченост се проширува и за лицата со интелектуална попреченост, додека додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител кој чува дете со попреченост се зголемува до 50% од просечна нето плата. Се воведуваат две целосно нови услуги за лицата со попреченост - Лична асистенција и Домашна нега, со што им овозможуваме поддршка во секојдневните активности, односно поголема независност и поквалитетно секојдневие.

Како поддршка на биолошките семејства кои имаат деца со попреченост,  веќе е зголемен износот на утврдената висина на правото на посебен додаток за 15%. Воедно се воведува и таканаречениот траен надоместок за родител, кој се грижел за детето со попреченост до неговата 26 годишна возраст без да го смести во институција. Право на овој надоместок ќе имаат родителите коишто се невработени  и не користат право на пензија. Надоместокот ќе може да го користат, по наполнување на 62 години за жена, односно 64 години за маж. Исто така, се развива и услугата за одмена на семејна грижа која ќе обезбедува краткотрајно згрижување на зависни членови од семејството заради одмор, лични и професионални потреби на членови на семејството кои се грижат за нив, што е исто така дел од новиот Закон за социјална заштита. 

Се воведува социјална пензија. Кој се ќе има право да ја користи?

Царовска: Прво да појаснам дека тука не станува збор за пензија, туку за социјален надоместок со кој ги обезбедуваме лицата над 65 години кои немаат други извори на егзистенција. Овој месечен надоместок изнесува 6.000 денари очекуваме да го користат околу 6.000 лица.  Со него им овозможуваме социјална сигурност и достоинствен живот на лицата кои го граделе нашето општество, но за жал не упеале да се стекнат со право на пензија.

Корисниците на овој надоместок треба да се државјани на Република Северна Македонија најмалку 15 години, вклучувајќи ги и лицата без ден стаж и да немаат право на старосна пензија. Бидејќи станува збор за право од социјалната заштита и не е поврзано со пензискиот систем, во домаќинствата каде што и мажот и жената ги исполнуваат условите за користење на социјална сигурност, надоместокот ќе може да го користи само еден член.

Скопје ќе се согласите има проблем со питачите и тоа се провлекува со години. Ќе има ли конечно некаква акција, која е вашата стратегија?

Царовска: Тимови од Министерството и труд и социјална политика секојдневно се на улица. Целта на овие тимови е да работат одблизу со децата на улица, бидејќи ова е единствен начин да ги детектираме и да почнеме да ги решаваме проблемите со кои тие се соочуваат, односно да им овозможиме континуирана помош и поддршка. Тие исто така им помагаат на полнолетните да најдат работа и ги насочуваат да се вклучат во мерките за доквалификација и прекфалификација кои ги нудиме. Со интензивирање на работа на мобилните тимови на Центарот за социјални работи досега идентификувавме 167 деца на улица, меѓу кои 18 бебиња, на неколку пофрекфентни крстосници во Скопје. Најчестите активности во кои децата се вклучение улична работа, вклучително и продавање на мали предмети, чистење на стакла, и питачење. Поголемиот дел од нив се без документи и не се вклучени во образовниот процес.

Очекуваме социјалната реформа значително да помогне и за решавање на овој проблем. Од една страна, новите права предвидуваат многу повисока финансиска помош за ранливите категории, но истовремено и механизми за вработување на работоспособните и задржување на децата во образовниот систем. Ова значи дека, на пример, ако семејството прима образовен додаток, детето ќе мора да оди во училиште. Со тоа ги тргаме децата од улица, ги вклучуваме во општеството и им даваме вистинска шанса за развој и напредок.

А.Т.


Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Почна кампањата за парламентарните избори, ветувања за подобар живот за граѓаните

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Почна кампањата за парламентарните избори, ветувања за подобар живот за граѓаните

ВАНКОВСКА: Ќе се заложам за намалување на воениот буџет

ВАНКОВСКА: Ќе се заложам за намалување на воениот буџет

СТО НАЈВЛИЈАТЕЛНИ ЛИЧНОСТИ ВО СВЕТОТ СПОРЕД „ТАЈМ“: На листата се најде Македонката Светлана Мојсов

СТО НАЈВЛИЈАТЕЛНИ ЛИЧНОСТИ ВО СВЕТОТ СПОРЕД „ТАЈМ“: На листата се најде Македонката Светлана Мојсов

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО ДО СПЕЦИЈАЛИЗАНТИТЕ: Решение ќе има после изборите

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО ДО СПЕЦИЈАЛИЗАНТИТЕ: Решение ќе има после изборите

КОВАЧЕВСКИ ЗА ИЗЈАВАТА НА ОСМАНИ ЗА ОТВОРЕН БАЛКАН: Политичарите како во избори, даваат изјави што треба, што не треба

КОВАЧЕВСКИ ЗА ИЗЈАВАТА НА ОСМАНИ ЗА ОТВОРЕН БАЛКАН: Политичарите како во избори, даваат изјави што треба, што не треба

Доживотен затвор за убиената жена во Кочани со 40 убоди со нож

Доживотен затвор за убиената жена во Кочани со 40 убоди со нож

ДУИ на симулирана седница ги избра Бујар и Села за претседатели и направи уставни измени

ДУИ на симулирана седница ги избра Бујар и Села за претседатели и направи уставни измени

СОНК: Иако е период на избори, најверојатно ќе почне генерален штрајк во установите од културата

СОНК: Иако е период на избори, најверојатно ќе почне генерален штрајк во установите од културата

ГЕСТ ЗА ПРИМЕР И ПОЧИТ! Која фирма за свои сограѓани од Свети Николе ќе даде над 250.000 евра?

ГЕСТ ЗА ПРИМЕР И ПОЧИТ! Која фирма за свои сограѓани од Свети Николе ќе даде над 250.000 евра?