20 Април, 2024
0.0443

Интервју со д-р Лазаров: Ние веќе сме во колапс на здравствениот систем, малку се работи на друга патологија освен КОВИД-19

Објавено во: Македонија, Интервјуа 30 Април, 2021

Добивај вести на Viber

Бројот на заболени од КОВИД-19 постепено се намалува, но бројот на починати пациенти за жал и натаму е висок и секојдневно имаме нови трагедии и црни рекорди. Здравствените власти речиси целиот изминат месец го поминаа со рестриктивни мерки кои ќе се олабават за време на празничниот продолжен викенд. Со д-р Ненад Лазаров разговаравме за битката која повеќе од една година ја водат лекарите од примарното здравство. Лазаров смета дека постојат повеќе проблеми и кризата не се менаџира најсоодветно, додека пак матичните лекари се пренатрупани пред се со административни обврски и немаат доволно сила да посветат внимание на пациенти со патологии кои не се предизвикани од КОВИД-19.

Фактор: Во ефект се повеќе рестриктивни мерки кои даваат резултат со намалување на бројот на заразени пациенти со КОВИД-19, но бројките на починати и натаму се високи. Дали се соочуваме со можен колапс на здравствениот систем ако продолжи ова темпо?

Лазаров: Видете не е прашањето ако, бидејќи ние веќе сме во колапс на здравствениот систем веќе подолго време. Суспендирани се сите третмани на пациенти освен ако не се со КОВИД-19, односно многу малку работиме на друга патологија, суспендрани се и скрининзите на малигни кардиолошки и невролошки. Навистина е тешко да се направи било каква друга дијагностика освен за КОВИД-19. Мислам дека ќе продолжиме во истите насоки, „лабаво“ се менаџираат состојбите, дозволивме премногу жртви, многу семејства се зацрнија, не гледам како нешто може драстично позитивно да се промени. Ова намалување на бројките на новодијагностицирани случаи апсолутно не е поврзано со рестриктивните мерки бидејќи самиот полициски час е нон-сенс. Единствено добро од овие мерки можам да кажам дека беше затворањето на угостителските објекти, меѓутоа ми е жал што дел од тие економски оператори ги почитуваа сите мерки и протоколи, имаше ред и поредок и немаше ризик по здравјето, но одредени угостители се полакомија и ги прекршија сите правила. Нелогично беше и што секаде мора да се носи маска, а штом влезеш во локал и седнеш на маса со повеќе луѓе може да ја тргнеш маската. Пренесување на вирусот на отворено при разминување е речиси невозможно. А, во локалите без оглед што се на отворено, самата квадратура на просторот, збиеноста и присуството на повеќе луѓе е ризично. Така и се зголемуваа бројките од последниот бран, предизвикан пред се од движењето на младите кои ги заразија нивните семејства.

Фактор: Тестирање на пациенти на државно за КОВИД-19 и натаму е практично неизводливо, се чека многу денови од појавата на симптоми, барем така се жалат голем број на граѓани. Што велат вашите искуства со пациентите?

Лазаров: Страшен проблем е неможноста да тестираме пациенти. Во моментов нема шанси да добиеш термин за ПЦР тест на државно, особено не кога ни треба брза дијагностика за ден, два. Од друга страна за пациентите да добијат брзи антигенски тестови на товар на Фондот, главен услов е да имаат најмалку пет денови симптоми, па видете каква празнина е тоа од првичен сомнителен тест. Кој може да се тестира оди на приватно, а кој не може да плати воопшто не се тестира. Ние ја немаме вистинската слика на терен во цело ова време. Ако од 4.000 тестови на ден, половина се на приватно треба да земеме во предвид дека голем дел од нив се прават за различни потреби, на пример пред патување во странство. Па претпоставката е дека од старт повеќето од нив ќе бидат негативни

Фактор: Какво е досега исуството на матичните лекари. Вие истакнавте дека сте при крај со силите, воопшто има недостиг на медицински персонал. Што треба да се преземе според вас?

Лазаров: Една од првите идеи која ја споделивме е да се искористи потенцијалот на околу стотина нови колеги кои како дипломираат и завршат факултет, да им се наметне обврска од шест месеци да бидат поставени како стажанти на примарно ниво на здравствена заштита за да може да стекнат право на специјализација. Во еден период тоа затаи и тие не беа никаде ангажирани, да сега имам информации дека се ангажирани во вакцинални пунктови каде се вакцинираат предшколски деца. Потребно беше тие да бидат испратени во ординациите на матичните лекари бидејќи ќе ни се олеснеше нас работата, а ќе добијат специфична медицинска едукација. Во моментов ние сме колабирани како матични лекари. Амбуланти кои се со еден лекар и една медицинска сестра не може да стигнат да ја завршат целата административна обврска, а не па да прегледуваат пациенти. Плус ги имаме како обврска телефонските линии за контакти, вакцинацијата ни се накалеми, сите комисиски боледување и остварување на правата од Законот за здравствена заштита и осигурување. Ние не може на дневна база само да скенираме и испраќаме документи и мејлови колку што се потребни. Паралелно имаме голема популација на пациенти кои се со хронични заболување и истите мора да бидат видени и прегледани. Сѐ уште ни е забранети користење на слободни денови, ние сме без прекин од почетокот на кризата и никаква помош не добивме.

Фактор: Во текот на пандемијата ветивте дека цените на посети на пациенти со сите пропратни средства за интервенција нема да ги зголемите и ќе ги одржите на минимум иако доаѓате од приватното здравство. По период на критики за приватните болници министерот Филипче најави ново законско решение за намалување на цените. Сметате ли дека критиките беа оправдани?

Лазаров: Сметам дека термините како профитерски во здравството се погрешни. Не треба да се прави притисок врз една приватна институција во која е вложен многу капитал, каде навистина имаат многу повисоки трошоци, медикаментите кои ги користат се многу поскапи бидејќи се посовремени од тие кои ги користиме во јавното здравство, а и платите на медицинскиот персонал не се исти како на пример на Инфективна клиника. Јас повеќе замерувам за цените на тестовите, отколку на сумите за болнички третман. Можеби некои цени се навистина високи како и барањата за однапред да се платат десетина илјади евра за сместување на пациент, но треба да се земе во предвид дека тоа е на крајот и лична одлука на секој, дали ќе се лекува на приватно или државно, бидејќи во државните клиники имаше место за болните. Никој не сака да работи бизнис кој ќе му носи загуби. Комплексно е прашањето и тешко е да се игнорираат сите информации.

Ние инаку, наплаќаме со апсурдна сума од 1.000 денари за посета на пациенти во која влегуваат сите трошоци, па така веќе трет месец работиме навистина под секоја економска логика. Овој принцип значи дека практично, половина плаќаат пациентите, а половина ние, но потребата од посети навистина е огромна бидејќи имаме пациенти со хронични заболувања на кои им е потребно внимание, како и многу пациенти кои по прегледот беа испратени на болничко лекување што е важно да се утврди, за да не останат дома и да чекаат посериозни последици.

Фактор: Бевте дел од иницијативата за 3Д принт на медицинска заштитна опрема, а сега ја покренавте и акцијата за донирање на витамини и суплементи. Како досега се спроведуваат овие акции и имате ли доволно поддршка?

Лазаров: Во однос на првата акција за 3Д принт на медицинска опрема таа се уште функционира, имаме залихи на визири кои континуирано ги дисперзираме до медицинскиот персонал бидејќи тоа е потрошен материјал и не е траен. За таа акција имавме широка поддршка од граѓаните, пациентите, имавме донации и од компании, па успеавме да реализираме околу 45 илјади парчиња што е навистина огромна бројка на заштитна опрема. Стигнавме да донираме визири и во регионот како Хрватска и БиХ. Крајната идеја е тие човечки ресурси сфативме дека ги имаме на луѓе медицинари и технички подготвени кадри кои се бават со 3Д принт технологија, да се конститурира посебен Институт за 3Д мецински принт со што би биле едни од ретките на светско ниво. Акцијата за донирање на витамини и суплементи веќе доби поддршка од повеќе граѓани и компании, бројките се движат од над 400 поединечни доделени пакети. Функционира на принцип на донирање на портфолио на препратите, а ние правиме потоа прераспределба со пакети со се што е потребно на пациентите.  Дел од нив доаѓаат и си подигнуваат пакетите, а тие кои не можат им ги испраќаме пратките до дома преку бесплатна достава која ни ја овозможи Плати на врата низ цела Македонија. Искрено се надевам дека акцијава ќе стане поголема, бидејќи навистина има многу луѓе кои не можат да си дозволат вакви средства за третман на КОВИД-19 како дел од терапијата која не ја покрива Фондот. Во едно семејство двајца да се разболат ќе треба да потрошат околу 150 евра месечно само за суплементи што е навистина огромен товар за многумина. На еден да успееме да му помогнеме јас ќе бидам среќен, а се надевам дека ќе помогнеме на многумина. 

Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

КРАДЕЊЕ НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ ЗА ПОДИГАЊЕ НА БРЗИ КРЕДИТИ: Koлку пријави има годинава во полиција?

КРАДЕЊЕ НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ ЗА ПОДИГАЊЕ НА БРЗИ КРЕДИТИ: Koлку пријави има годинава во полиција?

НАЈЧЕВСКА: Почнаа наддавањата на големите партии кој колку ќе им ги покачи пензиите на пензионерите

НАЈЧЕВСКА: Почнаа наддавањата на големите партии кој колку ќе им ги покачи пензиите на пензионерите

СТУДЕНО УТРО ВО МАКЕДОНИЈА: Каде се измерени температури под нулата?

СТУДЕНО УТРО ВО МАКЕДОНИЈА: Каде се измерени температури под нулата?

НАПРАВИЛЕ ШТЕТА НА БУЏЕТОТ НА БОГДАНЦИ: Поднесена е кривична пријава против градоначалникот и вработена во урбанизам

НАПРАВИЛЕ ШТЕТА НА БУЏЕТОТ НА БОГДАНЦИ: Поднесена е кривична пријава против градоначалникот и вработена во урбанизам

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Мицкоски повика на обединување, Апасиев е контра

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Мицкоски повика на обединување, Апасиев е контра

ДКСК го усвои приговорот на Силјановска Давкова за прекршувањето на изборниот законик од страна на Академијата за судии и обвинители

ДКСК го усвои приговорот на Силјановска Давкова за прекршувањето на изборниот законик од страна на Академијата за судии и обвинители

БОШЊАЦИТЕ МУ ПОДНЕСОА КРИВИЧНА НА СТОИЉКОВИЌ: Велат го исмевал и негирал геноцидот во Сребреница

БОШЊАЦИТЕ МУ ПОДНЕСОА КРИВИЧНА НА СТОИЉКОВИЌ: Велат го исмевал и негирал геноцидот во Сребреница

ОСМАНИ ОСТАНУВА НА СВОЈОТ СТАВ: Владата ќе одлучи за иднината на Отворен Балкан

ОСМАНИ ОСТАНУВА НА СВОЈОТ СТАВ: Владата ќе одлучи за иднината на Отворен Балкан

ГРЕШКА СО ЗНАМИЊАТА: Македонската армија се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд

ГРЕШКА СО ЗНАМИЊАТА: Македонската армија се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд