29 Март, 2024
0.0285

Интервју со Јолеска Поповска: Фирмите да инвестираат, ПроКредит ќе ги кредитира

Објавено во: Интервјуа 12 Октомври, 2018

Добивај вести на Viber

Само годинава ПроКредит Банка поддржа над 1.400 проекти со кредити во износ од 122милиони евра, вели во интервју за Фактор, Јованка Јолеска Поповска, главен извршен директор на банката. Најавува и понатамошен раст. Во услови на зголемување на политичката неизвесност Јолеска Поповска вели дека банкарскиот сектор ќе остане стабилен и ќе продолжи да функционира како и досега. Во првото полугодие годинава, ПроКредит Банка ја зголеми добивката, оствари значителен раст на кредитното портфолио и ја зајакна позицијата во конкуренција со останатите средни банки во Македонија. Јолеска Поповска вели дека позитивните трендови продолжиле и во третиот квартал.

Во третиот квартал од 2018, ПроКредит Банка бележи континуиран раст на кредитното портфолио и добивката на банката. Заклучно со септември, во текот на 2018 година ПроКредит исплати вкупно 129 милиони евра кредити за правни и физички лица, од кои 94 проценти се пласирани во кредити за поддршка на развојот на македонските претпријатија. Квалитетот на кредитното портфолио на ПроКредит Банка е на исклучително високо ниво од само 1.28% што го одразува нашиот принцип на одговороно кредитирање.

Какви се очекувањата за следната година и од што најмногу ќе зависи растот во следниот период?

Како специјализирана банка за поддршка на малите и средните претпријатија, растот на ПроКредит Банка останува во директна корелација со исплатата на кредити кои ги пласираме за поддршка на македонските компании. Тие се еден од најклучните двигатели на економијата, тие се иновативните претприемачи кои имаат јасна визија за развојот на бизнисот и преку континуирано вложување во истиот ја зголемуваат продуктивноста и конкурентноста за настап и на странски пазари. Очекуваме дека овој тренд ќе продолжи и понатаму. Овој тренд не само што е позитивен за економската клима во Македонија и зголемување на вработеноста и конкурентноста, туку и придонесува за остварување на нашиот раст на кредитно портфолио и во иднина.

Вие сте банка која е ориентирана кон бизнисот, кон компаниите. Во услови на слаба економска активност и годинава, какви се показателите во овој сегмент?

Овие претпрјатија постојано инвестираат во нови технологии, автоматизација или унапредување на интерните процеси и континуирано може да се забележи инвестициска активност. Нивните економски инвестиции се одразуваат преку резултатите од работењето на самата компанија, зголемен обем на продажба, обрт на сметка и профитабилност, а исто така се преточени и во нашите резултати преку растот на бизнис кредитно портфолио во 2018, кое заклучно со септември изнесува 9%.

Се тврди постојано дека банките тешко одобруваат кредити на фирмите, а тие се жалат дека немаат доволна поддршка. Од што зависи и ќе биде детерминиран растот на ова портфолио? Ке има ли доволно пари за домашните компании?

Како банка специјализирана за работа со бизниси, ПроКредит знае да препознае добра инвестиција, да даде поддршка и да биде банка партнер на бизнисот. Секој проект го анализираме одделно и заедно со клиентите се договораме за начинот на кој би можеле финансиски да го поддржиме. Во текот на 2018 година ПроКредит Банка има финансиски поддржано преку 1.400 проекти со кредити во износ од 122  милиони евра и очекуваме дека до крајот на годината овој износ да продолжи да расте. Дополнително, како дел од интернационална групација на банки, ПроКредит во соработка со ЕИФ и ЕИБ овозможува олеснет пристап до кредити за малите и средни претпријатија преку гарантните шеми InnovFin и Western Balkan.


Каква е активноста на домашните компании, колку инвестираат, како се развиваат?

Од тековните барања за кредити може да забележиме дека бизнис секторот планира и е подготвен за долгорочни инвестиции, што претставува позитивен показател за трендот на македоснката економија. Претприемачите започнуваат да реализираат дел од своите планирани активности и инвестираат во проширување на производствени капацитети, автоматизација како и диферзификација на бизнисот.

Во услови на политичка неизвесност, која по референдумот дополнително се зголеми, очекувате ли некои поместувања и во банкарскиот сектор?

Очекуваме дека банкарскиот сектор ќе продолжи да функционира во иста насока како и до сега. ПроКредит Банка останува и понатаму фокусирана за поддршка на претпријатијата и економската активност во Македонија.

Народната банка интервенираше неколкупати со намалување на основната каматна стапка. Очекувате ли дополнителен пад на каматите?

Намалувањето на основната камата поттикнато од страна на Народна Банка е показател дека македонската економија има простор за нови инвестиции. Претприемачите кои досега заработувале пасивна камата од своите заштеди, сега имаат простор да ги насочат своите средства во нови инвестиции кои ќе им донесат поголема заработувачка. Овој тренд е позитивен и за банките, бидејќи во услови на зголемени инвестиции, банките имаат простор за поддршка на пазарот со кредити за тие инвестиции. Очекувањата за движењата на каматните стапки во иднина зависат од поголем број на фактори како нивото на ризик на инвестициите, цена на изворите на финансирање, цена на штедни влогови и слично, и не би можело  да очекуваме дека интервенциите од НБРМ би влијаеле директно на каматните стапки на кредитите.

Што всушност вие им нудите на домашните компании? Какви продукти?

Фокусирани сме на одлична услуга за правни лица кои соработува со ПроКредит, правиме комплетна финансиска анализа на активноста на претпријатијата и целиме кон едноставна и транспарентна соработка со клиентите.Секој клиент кој соработува со нас добива финансиски лимит и во соработка со бизнис советник за клиенти ги дефинираат најсоодветните кредитни производи за претпријатието. На клиентите им нудиме комплетна флексибилност и достапност на сите наши услуги 24/7. Располагаме со Зони 24/7 кои работат постојано, дури и за неработни денови, и овозможуваат уплати/исплати на готовина во денари и евра, принтање на изводи и процесирање на налози за плаќање во секое време. Дополнително електронското банкарство на ПроКредит Банка им овозможува на клиентите банкарско работење директно од нивната канцеларија за секаков тип плаќања во земјата и странство, како и за електронско потпишување на договори.

И покрај слабите навики кај клиентите, дел од македонските банки меѓу кои најмногу и Прокредит понудија иновативни решенија кога се во прашање банкарските услуги. Кои се вашите планови?

Како банка лидер во иновативното банкарство, ПроКредит Банка продолжува и понатаму да инвестира во подобрување на квалитетот и услугата за клиентитe и да имплементира нови дигитални решенија за користење на нашите производи и услуги. Очекуваме дека до крајот на оваа година ќе ја пуштиме во употреба новата мобилна апликација со можност за плаќање, контрола на лимитете за уплата и исплата на дебитните картички и со можност за ажурирање на личните податоци на клиентите. Со овие иновации клиентите добиваат 24/7 банка во својот мобилен уред и можност за комплетна контрола на сите услуги и производи директно од својот дом.

Прокредит е прва DIRECT банка во Македонија, која преку посебна платформа обезбедува директен 24 часовен пристап до сите банкарски услуги. Што се им се нуди на клиентите електронски?

Основна цел на нашата ProCredit Direct платформа е пласман на едноставна и ефикасна банкарска услуга, која клиентите ќе може да ја користат во секое време. За разлика од традиционалното банкарство, нашата дигитална услуга во фокус ги става потребите на клиентот и овозможува отворање на сметка, апликација за картичка, кредит, отворање на орочен депозит, промена на лозина на е-банкарство и сето тоа директно од дома, без потреба за посета во филијала. Една од најголемите предности која им ја нудиме на клиентите е флексибилноста за контрола на своите сметки од било каде 24/7, како и дискрецијата при процесирање на сите трансфери.

Александра Томиќ