ИНТЕРВЈУ СО КАНДИДАТКАТА ЗА РЕКТОР, ПРОФ. АНГЕЛОВА: „УКИМ ќе се трансформира во отворен Универзитет со европски вредности и видлив на меѓународниот научноистражувачки простор“
Објавено во: Интервјуа 11 Мај, 2023
Брзите процеси на технолошки развој, глобализацијата,
дигиталната трансформација и примената на вештачка интелигенција пред
современите универзитети наметнуваат низа предизвици кои бараат нивна
трансформација. Таквата трансформација се реализира со ориентација кон
истражување и развој, развојот на иновации и трансфер на технологии кои водат
до повисок технолошки развој и дигитална трансформација на Универзитетот, вели во денешното интервју проф. Билјана Ангелова, која е една од шестте
кандидати за ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Решението за спроведување
на ваквите промени се наоѓаат во сопствените капацитети, посочува таа, но и во вмрежувањето
со странски универзитети и приклучување кон универзитетски алијанси што ќе
отвори можност за интернационализација и повисок меѓународен рејтинг. Според неа „Универзитети без ѕидови“ е новата
визија за европскиот високо образовен простор – место кое му припаѓа и на УКИМ
Која е вашата визијата за Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за идниот тригодишен период за кој се кандидирате како ректор?
Проф. Ангелова: Мојата визија е јасно наведена во мојата Програма а тоа е УКИМ да се трансформира во отворен Универзитет со европски вредности и видлив на меѓународниот високо-образовен и научноистражувачки простор. Ќе се залагам за доследно и целоно спроведување на мисијата да обезбедиме врвно образование и исклучителни знаења на студентите, не само во поглед на нивниот интелектуален и професионален развој туку и од аспект на развој на нивните човечки квалитети и етички вредности и да ја поттикнеме нивната инклинација да станат лидери, поместувајќи ги границите на нивното знаење, Ќе се залагам УКИМ да претставува интелектуална средина во која се ценат и почитуваат вистинските вредности, средина во која се почитуваат и прифаќаат разликите меѓу луѓето, посветеноста на знаење, развој и човечки вредности. Ова се постигнува со посветеноста на наставата, истражувањата, отворен пристап до научно-истражувачката инфраструктура, пораст на истражувачката продуктивност што несомнено води до прогрес и просперитет. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје останува да биде лидер во високото образование во земјава кој и понатаму ќе ги поставува највисоките стандарди во високото образование. Универзитет кој го цени и поттикнува интелектуалниот и личниот развој и вложува значителен труд и напор за да му служи на општеството во целина.
Вашата Програма за идниот мандатен период е веќе поднесена. Што предвидувате во неа и кои се клучните реформи за развој на Универзитетот?
Проф. Ангелова: Клучните столбови на развојот и трансформацијата на Универзитетот се: наставата, науката, интернационализацијата и иновациите создадени во процесот на развој и трансфер на технологии, а со тоа и развој на универзитетското претприемништво.
Наставата ќе се унапредува преку воведување на иновативни форми на настава и учење и модернизација на наставните програми, односно креирање на програми кои се атрактивни и обезбедуваат поголема вработливост на студентите. Посебно ќе се вложам за поголема застапеност на практичната настава.
Науката е многу важен сегмент на високото образование, затоа зазема посебно место во мојата програма. Синергијата меѓу науката и наставата е клучна за подобрување на квалитетот на високото образование. Затоа ќе се залагам за поголемо инкорпорирање на резултатите од независните научни истражувања во наставата. Решението за надминување на проблемите кои произлегуваат од недостаток на средства за наука е да се обезбедат средства за пристап до Европската истражувачка мрежа што ќе доведе до поголема научна продуктивност и поголема видливост на Универзитетот.
Меѓународната соработка и интернационализацијата на Универзитетот во наредниот период ќе бидат рефлексија на поголемата динамика условена од трендот на европеизација и глобализација. Интернационализацијата нуди излез на европскиот високообразовен простор. Во современи услови и согласно европската стратегија за високо образование таа ќе се реализира преку вмрежување во меѓународните академски алијанси. За ефикасно вмрежување ќе мора да се зајакнат интерните капацитети во Одделението за меѓународна соработка со лица кои се докажани интернационални истражувачи од нашата академска заедница. Новиот столб на развој на УКИМ е универзитетското претприемништво. Сметам дека иновациите и технолошкиот трансфер на знаење кон бизнис секторот ќе бидат мост на поврзување и можност за развој на универзитетски startup компании и развој на универзитетско претприемништво
Во два мандата се проректор за финансии, инвестиции и развој на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како се справувате со предизвиците со кои се судира Универзитетот поврзани со финансиите, издвојувањата за високо образование и наука и колку Универзитетот инвестира во развојот на своите единици?
Проф. Ангелова: Иако во целиот изминат период се бориме со ограничената финансиска автономија сепак со посветен пристап кој менаџирање на финансиските планови, обврските и потребните финансиски средства, успеваме секоја година да ги задоволиме потребите на нашите единици кои произлегуваат од нивното секојдневно работење, работата на меѓународните проекти и инвестициите.Во изминатиот период реализирани се голем број капитални инвестиции во подобрувања на објектите и опремата на единиците и подобрување на условите за студирање и работа. Најголем дел од средствата се обезбедени од основниот буџет на Министерството за образование и наука и делумно од фондовите за извршување на интегративните функции или обезбедени донации. За седум години во мојот мандат направивме инвестиции во износ од над осум мил. Евра. од кои над шест милиони евра инвестиции во објектите и набавена опрема за лабораториите, нагледни средства и софтвери со кои се унапредени условите за студентите и вработените на Универзитетот.
Со средства од Светска банка обезбедени се пристапи за инвалидизирани лица на 6 единици на Универзитетот а обновено е и платото во општествено-хуманистичкиот кампус. Потребите на единиците за капитални инвестиции се сеуште големи. Како проректор за финансии, инвестиции и развој ги познавам нивните потреби и во иднина ќе продолжам уште повеќе да се залагам за реализација на инвестиционите потреби на Универзитетот.
Што ќе направите студентите да добијат поквалитетно високо образование?
Проф. Ангелова: За таа цел која е во основа на нашата мисија, потребно е воспоставување на рамнотежата меѓу академското занење, практичното know-how и меките вештини (soft skills) кои мора да бидат специфично поставени за секоја образовна програма зависно од: научното подрачје, таргетираните компетенции, таргетираните работни места, социо-економското окружување, и.т.н. Токму и ориентацијата кон вработливост, може да претставува и еден од клучните фактори за диференцијација на нашиот универзитетот во однос на останатите универзитети во земјава. Во насока на исполнување на основните барања за остварување на квалитетот на високото образование и „вработливоста„ на нашите студенти како еден од основните индикатори за квалитет и академскиот развој на студентите, конкретно, ќе треба да се делува на неколку сегменти. Подобрување на квалитетот на наставата, еден од клучните приоритети за да можеме да ја оствариме својата мисија да создаваме активни, креативни, компетентни, конкурентни и одговорни стручњаци кои ќе можат значајно да придонесат за развој на економијата и на општеството во целина. Силно ќе се заложам за обезбедување на инвестиции подобрување на материјални услови за учење и работа на факултетите. Потоа, за нивно вклучување во истражувачки, културни, спортски, и други активности како и поддршка на сите активности за олеснување и поттикнување на нивниот кариерен развој.
Дали во вашата програма планирате соработка со бизнис секторот и како планирате да го имплементирате тројниот хеликс модел за соработка меѓу универзитетот, бизнисот и државата?
Проф. Ангелова: Сеуште не сме на ниво кое обезбедува доволно квалитетна соработка со бизнис секторот во земјава. Оваа соработка ќе се базира на комбинирање на капацитетите на двете страни со цел да се создава успешен трансфер на нови технологии и истражувања во праксата што е од полза на секој поединец на општествената заедница. Очекуваме дека третиот партнер во тројниот хеликс а тоа е државата ќе ја оствари својата улога на клучен партнер кој креира клима на соработка и институционална поддршка за реализација на овој триаголник на соработка.
Живееме во ера на брз технолошки и општествен развој, во ера на дигитализација, одтаму планирате ли дигитална трансформација на процесите и активностите на Универзитетот?
Проф. Ангелова: Дигитализацијата е длабоко навлезена во сите пори на општеството и стана значаен двигател на развојот. Дигиталната трансформација на УКИМ ќе претставува транзиција на сите активности и процеси во дигитален домен со цел да се зголеми ефикасноста на системот а консеквентно на тоа и на достапноста и квалитетот на услугите кои ги нудиме. Во таа насока Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како носител на сите позитивни промени во општеството мора да се развива во склад со ваквите промени, со цел да обезбеди повисок квалитет и поголема достапност на своите услуги. И покрај тоа што дигиталната трансформација навлезе во многу сегменти на општеството, сепак Универзитетот сеуште функционира по застарени, хартиени и неефикасни модели на работа. На Универзитетот му недостасува Стратегија за дигитална трансформација во која ќе се предвиди како ќе се користат заедничките ресурси на Универзитетот за унапредување на системот на е – учење (е-learning). При изведувањето на наставата, сеуште не се во доволна мера искористени предностите кои ги нуди современата технологија, а дигитализацијата на наставниот процес од нужност, во текот на COVID пандемијата покажа дека стихијниот и недоволно добро планираниот пристап не може да даде задоволителни резултати. Освен тоа, пријавувањето на испитите, уписите на студентите, плаќањата, издавања на разни уверенија и сл. сè уште се одвиваат во бирократски процедури и на застарен начин. Дигиталната трансформација на Универзитетот треба да опфати неколку сегменти а тоа се: воведување на ефикасни дигитални алатки во наставниот процес и генерално подобрување на процесот на е-учење, дигитализација на процесите и активностите на Универзитетот и подигнување на квалитетот и дигитална достапност на сервисите за студентите со помош на дигиталните алатки.
Анита Буховски