28 Ноември, 2024
0.0463

ИНТЕРВЈУ Дарко Ангелов: Унгарија и Македонија имаат огромен потенцијал за соработка во енергетиката и туризмот!

Објавено во: Економија 11 Јуни, 2013

Добивај вести на Viber

Дарко Ангелов, амбасадор во Унгарија во интервју за Фактор, потеницира дека државата ги превземе сите мерки кои се во нејзина надлежност за македонските компании да бидат што повеќе застапени на унгарскиот пазар, но вели сепак впечатоткот е оти постои апатичност кај македонските компании за влез на унгарскиот пазар кој со своите скоро 10 милиони жители не смее да се потцени. Иста е ситуацијата и со интересот за влез на уште поголемиот пазар во Казахстан, каде Ангелов е нерезидентен амбасадор на Македонија. И покрај најаваите сепак Ангелов објаснува дека за сега не постои економска основа за воспоставување на директен лет на релација Скопје – Будимпешта поради премалиот број на патници кои ја имаат Унгарија како крајна дестинација. Но посочува дека веќе има разговори со мултинационални компании кои се заинтересирани за инвестирање во големи погони во Македонија во сферата на енергетиката, како и водечка унгарска компанија од хотелиерство која прави анализи за можна изградба на сместувачки капацитети во Македонија.

Фактор: Унгарија на крајот на минататa година ја призна Македонија под уставното име. Со оглед дека веќе неколку години сте амбасадор, каков беше Вашиот удел во овој потег на унгарската влада?

Ангелов: Дипломатската работа подразбира секојдневно, долгорочно градење на непосредни односи со дипломатите и политичките претставници на државата на прием. Така е и во случајот на мојата работа во Унгарија. Амбасадата и јас лично веќе подолго време работиме на градење на тие непосредни релации со клучните функционери во Унгарската влада со цел да обезбедиме подобро разбирање и поддршка за македонските ставови и интереси во надворешната политика.

Во Унгарската влада наидов на луѓе кои своите одлуки ги базираат на високо принципиелна основа и оттаму произлезе силната унгарска поддршка за Македонија во изминативе неколку години која кулминираше со минатогодишната одлука за формално признавање на уставното име. Ќе потсетам дека унгарската поддршка за Македонија го започна нагорниот тренд со меморандумот на премиерот Орбан од 1 јули 2011 год. упатен до сите негови колеги премиери од ЕУ и до самото раководство на Унијата во кој истакна дека Македонија неодложно треба да ги започне пристапните преговори со ЕУ и дека ниту еден грчки интерес со тоа нема да биде загрозен. Фактор: Унгарија е членка на ЕУ, постои ли некаков вид на соработка меѓу двете земји која ќе ни помогне во размена на искуства за искористување на средставата од ИПА Фондовите? Ангелов: Министерствата за надворешни работи на двете држави во 2012 год. потпишаа меморандум за соработка во ЕУ интеграциите и меѓу другото истиот подразбира зголемена соработка во подготвување на проекти кои би се финансирале од ИПА фондовите. Изминатиов период се комплетираше ЕУ проектот за подготовка на техничките служби на Собранието на РМ за нивната улога во пристапните преговори со ЕУ, во кој партнер беше Унгарскиот парламент и неговите технички служби. Со финансиска поддршка на ЕУ и средства на Унгарската влада, експерти од Унгарија се поставени на граничниот премин Табановце каде што разменуваат искуства со македонската гранична полиција за спроведувањето на ЕУ стандардите во граничното обезбедување. Во тек се преговори и за повеќе други проекти во делот на подготовка на земјоделскиот сектор и јавната администрација во РМ за пристапните преговори во ЕУ, каде партнери на проектот ќе бидат соодветните унгарски институции. Вредно е да се спомене е дека соработката помеѓу двете држави во делот на ЕУ интеграциите е присутна и во самата дипломатска служба, имено во моментов македонски дипломат е сместен во Унгарската амбасада во Даблин во својство на офицер за врска за ирското претседавање со ЕУ. Оваа соработка ќе продолжи и во иднина и се очекува да биде проширена со поопсежна соработка на дипломатските претставништва на двете држави, особено во неевропските држави каде што РМ нема свои амбасади. Фактор: Имаме ли стратегија за зголемување на трговската размена меѓу двете земји, со оглед дека вкупната размена меѓу Македонија и Унгарија е со релативно мал обем и во последниве години се движи меѓу околу 60 милиони американски долари со постојан дефицит на македонска страна?

Ангелов: При официјалната посета на Унгарскиот премиер Орбан на Македонија во 2011 година двете држави потпишаа договор за економска соработка. Од тој договор произлезе основањето на меѓувладина комисија за економска соработка помеѓу Македонија и Унгарија. Првата седница на таа комисија се одржа во Будимпешта во месец февруари оваа година на која преку 60 високи претставници на повеќе владини институции од двете држави ги утврдија приоритетите за економската соработка и тоа во делот на енергетиката, туризмот, минералните суровини и стручното образование.

Само три месеци подоцна, унгарскиот ко-претседавач на комисијата, Државниот секретар за надворешни економски односи Сијарто оствари посета на Скопје за продолжување на дијалогот со македонскиот ко-претседавач, Министерот за економија Сараќини. Притоа се одржа уште еден во серијата македонско-унгарски бизнис форуми. Државата, видено преку многуте активности на Македонската амбасада во Будимпешта (само во 2012 година беа организирани четири инвестициски и бизнис форуми во Унгарија, со учество на претставници на Македонската влада, меѓу кои и на Премиерот Груевски) го дава својот придонес кон подигање на свеста за зголемена и побалансирана економска соработка. Влијанието на државата завршува тука, односно сега на потег се компаниите. За жал, до сега мојот личен впечаток е за апатичност кај македонските компании за влез на унгарскиот пазар кој со своите скоро 10 милиони жители не смее да се потцени. Во изминатите три и повеќе години откако сум амбасадор во Будимпешта би можел да наведам само три до четири компании од Македонија кои ентузијастички одговорија на иницијативите на амбасадата за нивно поврзување со компании од Унгарија. Иста е ситуацијата и со интересот за влез на уште поголемиот пазар во Казахстан. Ова го велам бидејќи сум и нерезидентен амбасадор на Македонија за Казахстан каде што исто така правиме обиди за отворање на тој пазар за македонските компании. На нашите компании би им порачал да бидат многу поотворени кон странските пазари, флексибилно да пристапуваат кон укажаните можности и притоа како првичен чекор да се подготвени да вложат минимални средства за промоција и патни трошоци за посета на потенцијалните пазари. Фактор: Што конкретно се превзема за македонските производи да бидат повеќе застапени на унгарскиот пазар, бидејќи во структурата на вкупната размена на Македонија со светот, Унгарија учествува со околу 0,6 отсто. Само 0,2 отсто од вкупниот извоз на Македонија во светот се реализира со Унгарија, додека од Унгарија се увезуваат околу 0,8 отсто од вкупниот број на стоки? Ангелов: Како што веќе споменав, задачата на амбасадата е да поврзува и да иницира комуникација помеѓу компании. Тоа го правиме преку организирање на бизнис форуми и непосредно, преку поврзување на компании. Исто, постои можноста за учество на наши компании на многуте саемски манифестации во Унгарија, но и во Казахстан. За жал, и покрај нашите апели до македонските компании и обезбедени финансиски поволности за закуп на штандови, а понекогаш истите биле обезбедени без надомест, до сега ниту една компанија од РМ нема земено учество на саемска манифестација во Унгарија или Казахстан. Значи, ќе повторам, залудни се обидите на државата и поконкретно на амбасадата, за иницирање на зголемена економска соработка доколку и компаниите не го споделуваат истиот ентузијазам кој на крајот би резултирал во зголемени приходи на тие компании. Фактор: Кои производи, сега се застапени на унгарскиот пазар, и за кои има потенцијал да се најдат таму ? Ангелов: Постои стихиен извоз на одредени македонски земјоделски производи, како домати, лубеници, дињи и трпезно грозје. Но, го истакнувам зборот стихиен. Повторно, неопходна е проактивност на македонските стопански субјекти за остварување на комуникација со потенцијалните унгарски партнери за што амбасадата е подготвена да помогне. Фактор: Што Ви покажува унгарското искуство, што е она што им недостига на македонските компании за да можат да бидат поагресивни во освојување на тој пазар?

Ангелов: Одговорот на ова прашање веќе е очигледен од претходно кажаното. Недостига отвореност кон странските пазари, подготвеност да се остварува непосредна комуникација со бизнис партнери, да се инвестира во можноста за освојување на нови пазари, а кога велам инвестирање мислам на основни трошоци како тие за пат, котизации за учество на саеми, рекламни материјали и сл. Без мало вложување на средства, но и време и внимание, не може да се очекува успешен пласман на производи на нов пазар.

Фактор: Се најавуваше директни авионска линија меѓу Скопје и Будимпешта? Ангелов: Со пропаѓањето на унгарската државна авио-компанија Малев во Унгарија не се појави нова компанија од тој калибар. Унгарската приватна авио компанија Wizzair е компанија со поинаков пристап во работењето, односно таа е од редот на т.н. ниско-буџетни компании кои не функционираат на база на транзитни летови. Имено, во времето на оперирањето на Малев на летот Скопје-Будимпешта, преку 90% од патниците ја немаа Будимпешта како крајна дестинација, односно транзитираа кон други одредишта кон кои леташе Малев. Компанијата Wizzair не оперира систем за транзит на патници и багаж низ аеродромот во Будимпешта и оттаму за сега не постои економска основа за воспоставување на директен лет на релација Скопје – Будимпешта поради премалиот број на патници кои ја имаат Унгарија како крајна дестинација. Фактор: Неодамна беше потпишан Меморандум за разбирање помеѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија и Унгарска агенција за инвестиции и трговија. Каква е соработката меѓу двете агенции? Ангелов: Потпишувањето на меморандум за соработка е првиот чекор во насока на координиран настап на планот на привлекување инвестиции. Основата за соработката на двете агенции се гледа во фактот дека државите од регионот на Централна и Југоисточна Европа се мали за на долг рок индивидуално да можат да го одржат интересот на големите мултинационални компании за инвестирање во нивните држави, без притоа да не се гледа на поширокиот регион како целина. Зголемената конкуренција од неевропски држави за привлекување на инвестиции налага во иднина да имаме координиран настап и доколку е можно во конкретни ситуации и заеднички настап пред потенцијалните инвеститори. Како дел од иницираната соработка на двете агенции, од неодамна во амбасадата во Будимпешта за прв пат е упатен и економски промотор. Фактор: Од аспект на инвестициите, имате ли податок колкави се вкупните инвестиции од Унгарија во Македонија? Ангелов: До неодамна Унгарија го заземаше високото второ место по основ на обем на инвестиции во Македонија и тоа се должеше исклучиво на преземањето на мнозинскиот пакет на акции од Унгарската телекомуникациска компанија Маѓар Телеком во Македонски Телеком. Но, поради големата светска економска криза, но и специфичната длабока економска криза во Унгарија, која започна и пред глобалната криза, капацитетот на унгарските компании за инвестирање во странство во изминатиот период е драстично намален. Во изминативе неколку години во Македонија е влезен капитал од околу 20 милиони Евра и тоа во изградба на мали погони од индустријата за прехранбени производи и градежни материјали. Фактор: Има ли најави за некакви конкретни инвестиции, бидејќи беа споменувани повеќе проекти во делот на гасифиакцијата, туризмот и слично? Ангелов: Во моментов сме во разговори со мултинационални компании кои се присутни на унгарскиот пазар, а кои се заинтересирани за инвестирање во големи погони во Македонија во сферата на енергетиката, но за сега не би ги споделувал деталите додека разговорите се во тек. Исто така водечка унгарска компанија од хотелиерство прави анализи за можно инвестирање во изградба на сместувачки капацитети во Македонија. Фактор: Имаше најава за збратимување на Скопје со Будимпешта, (и на некои други градови меѓу двете земји) што се случи со оваа најава. Можно ли е наскоро познатата Рибарска тврдина од Будимпешта да биде идеја за македонските архитекти за Скопското Кале? Ангелов: Процедурата за збратимување е во тек и во таа насока неодамна заменик градоначалникот на Будимпешта оствари посета на Скопје, по што ќе следи и прва воопшто посета на Градоначалникот на Скопје на унгарската престолнина. Унгарска компанија и Унгарската Ексим банка се заинтересирани за поддршка на проекти во делот на урбанистичкото и сообраќајно планирање и управување во Скопје. Слично е и со повеќе други градови од Македонија, за кои збратимувањето со унгарски општини беше одложено поради локалните избори во Македонија. Потенцијалот за меѓуопштинска соработка е голем, особено ако се земат во предвид и расположливите ЕУ фондови за таа намена. Најдобар пример за тоа е Општина Кочани која е збратимена со унгарската општина Сигетсентмиклош, со која веќе остварува интензивна соработка со поддршка на Европските фондови. Фактор: На што се потпира Унгарската економија? Ангелов: Најголем дел од унгарскиот БДП отпаѓа на индустриското производство и тоа на високо-софистицирани производи со висока додадена вредност. Автоиндустријата го има централниот дел, како по обем на остварен извоз, така и по број на вработени. Во текот на 1990те години Унгарија беше водечка држава во делот на привлекувањето на странски инвестиции. Меѓу првите инвеститори во Унгарија, што за многумина беше клучен момент за претворање на државата во атрактивна дестинација за странските инвеститори беше инвестицијата на германската автомобилска компанија Ауди. Се работи за изградбата на погонот кој кон средината на 1990те најпрвин требаше да биде лоциран во Македонија, но поради непознати причини потоа беше изграден во Унгарија. До сега во овој погон на Ауди се инвестирани преку 1,5 милијарди Евра, во самата фабрика вработени се околу 10.000 лица, а дополнителни 20.000 лица индиректно остваруваат приход од оваа голема странска инвестиција. Како резултат на успешниот влез на Ауди, следните години во Унгарија се изградија и дополнителни големи фабрики од автоиндустријата и тоа погони на Мерцедес, Опел, Сузуки и Волво. Со почетокот на големата светска криза во 2008 година обемот на инвестиции драстично опадна, при што единствено се реализираа оние проекти кои беа претходно договорени и чија реализација веќе беше во тек, како изградбата на погонот на Мерцедес. Фактор: Дали се почувствува економската криза во Унгарија и како земјата се справува со тоа?

Ангелов: Во 2008 и 2009 година Унгарија беше една од најтешко погодените држави во ЕУ од тогаш новата економска криза. За многумина, во тој период Унгарија се наоѓаше и во покритична состојба од Грција. Потегот кој спречи колапс на унгарската економија беше обезбедениот аранжман со ММФ во 2009-та години во износ од 25 милијарди долари, како и целосно преструктуираниот даночен систем на државата во наредните години. Оваа година Унгарија конечно се очекува да успее да го намали буџетскиот дефицит на околу 3% и да го намали долгот на околу 80% од претходните преку 90%. Ова се постигна преку значително зголемување на даноците и воведување на вонредни, т.н. солидарни даноци, кратења во трошењата во повеќе сектори, па дури и во образованието, со драстично намалување на бројот на стипендии обезбедени од страна на владата, затворање на универзитети и останати институции финансирани од државниот буџет.

Фактор: Освен економските и политичките врски, како ја промовирате македонската култура во Унгарија?

Ангелов: Изминативе години амбасадата од сопствени средства и поддршка од мал број на компании од Унгарија и Македонија организираше редица на културни настани и дипломатски приеми. Во оваа прилика ќе ги споменам најновите активности на амбасадата, а тоа беше неодамнешното објавување на поширока репортажа на водечкиот унгарски магазин за туризам и патувања “Експлорер” посветен на Македонија, што претставуваше активност иницирана од амбасадата а поддржана од Македонската агенција за промоција на туризмот. Овој месец организираме одржување на Македонска винска вечер во еден од најелитните хотели во Будимпешта, хотелот Меридиен, со присуство на 50- тина водечки унгарски политички и бизнис претставници на која ќе бидат претставени вината од винаријата Попова Кула, а ќе биде изведена традиционална македонска музика од страна на унгарски изведувачи.

Фактор: Што според Вас е најголемиот успех што сте го постигнале додека сте амбасадор во Унгарија?

Ангелов: Драстично интензивираната динамика на размена на посети на највисоко ниво, обезбеденото залагање и поддршка на Унгарија за Македонија во оние организации каде што ние се уште не сме членки, политичката соработка која е издигната на стратешко ниво, се нештата кои ми претставуваат најголемо задоволство од мојата досегашна работа. Свој удел во нашето претставување во Унгарија го има и мојата сопруга која веќе втора година е претседател на Здружението на сопруги на дипломатите во Унгарија во која членуваат претставници на преку 80 амбасади, а хуманитарните активности на здружението се во соработка со сопругите на претседателот и премиерот на Унгарија. Тука се разбира е и улогата на колегите од нашата мала, но ефикасна амбасада во Будимпешта.

Фактор: Што се случува со аферата со Маџар телеком и инволвираноста на македонските лица во неа?

Ангелов: Амбасадата во ниту еден аспект не е дел од односите помеѓу разните акционери во Македонски телеком, за што има внатрешни процедури и комуникација во самата компанија, во што немам увид и не е дел од моите ингеренции.

Н.С.

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

Азески и Туркменоглу: Поддршката за конкурентноста на приватниот сектор – дел од стратегијата на ЕБОР

Азески и Туркменоглу: Поддршката за конкурентноста на приватниот сектор – дел од стратегијата на ЕБОР

КОШНИЦАТА СЕ КРЧКА, АМА ЗА МИНИМАЛЕЦОТ УШТЕ ЌЕ ПОЧЕКАМЕ – граѓаните скептични

КОШНИЦАТА СЕ КРЧКА, АМА ЗА МИНИМАЛЕЦОТ УШТЕ ЌЕ ПОЧЕКАМЕ – граѓаните скептични

Нови средства за зелени проекти - Европската банка за обнова и развој инвестира во македонската енергетика

Нови средства за зелени проекти - Европската банка за обнова и развој инвестира во македонската енергетика

ХАОС НА ПОВИДОК: Има сѐ помалку гориво

ХАОС НА ПОВИДОК: Има сѐ помалку гориво

КРАЈ ЗА АМБИЦИТЕ НА РУСКИОТ ГИГАНТ - судот на ЕУ ја одби жалбата за правилата за гасоводот „Северен тек 2“

КРАЈ ЗА АМБИЦИТЕ НА РУСКИОТ ГИГАНТ - судот на ЕУ ја одби жалбата за правилата за гасоводот „Северен тек 2“

СОБРАНИЕТО ВРАБОТУВА, СЕ БАРААТ ДУРИ 27 ЛИЦА, А ЌЕ ИМА И ПЛАТИ НАД 64 ИЛЈАДИ ДЕНАРИ - етничка припадност веќе не се наведува, но еве што се бара

СОБРАНИЕТО ВРАБОТУВА, СЕ БАРААТ ДУРИ 27 ЛИЦА, А ЌЕ ИМА И ПЛАТИ НАД 64 ИЛЈАДИ ДЕНАРИ - етничка припадност веќе не се наведува, но еве што се бара

Во која тетовска компанија директорот го зголеми бројот на негови акции за 85 отсто?

Во која тетовска компанија директорот го зголеми бројот на негови акции за 85 отсто?

КОНЕЧНО СЕ ЗНАЕ ЗОШТО СЕ РУШИ ХОТЕЛ ЈУГОСЛАВИЈА: На негово место ќе никне реномираниот Риц-Карлтон

КОНЕЧНО СЕ ЗНАЕ ЗОШТО СЕ РУШИ ХОТЕЛ ЈУГОСЛАВИЈА: На негово место ќе никне реномираниот Риц-Карлтон

ДОПРВА ЌЕ ИМА МНОГУ РАБОТА, ЕВЕ КАДЕ ЌЕ СЕ РАБОТИ НА АВТОПАТОТ КИЧЕВО- ОХРИД: Николоски со детали

ДОПРВА ЌЕ ИМА МНОГУ РАБОТА, ЕВЕ КАДЕ ЌЕ СЕ РАБОТИ НА АВТОПАТОТ КИЧЕВО- ОХРИД: Николоски со детали