29 Март, 2024
0.0269

ИНТЕРВЈУ СО МАКСУД АЛИ: За МАПАС е важно граѓаните да се свесни за пензионерските денови и ние сме посветени на таа едукација

Објавено во: Економија 15 Септември, 2020

Добивај вести на Viber

Заклучно со крајот на август 2020 година, бројот на членови во  задолжителните пензиски фондови кои работат во рамките на вториот столб се зголеми за 2,9 проценти во однос на 2019 година и изнесува 522.096 членови, вели во интервју за Фактор, Максуд Али, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) МАПАС веќе неколку години го означува и промовира „Денот за пензиска свесност - 15 Септември. 

Али: Во континуитет од 2016 година, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) го одбележува “Денот за пензиска свесност - 15 септември”, како дел од активностите насочени кон остварување на мисијата на МАПАС. Во изминатите години МАПАС организираше конференции и информативно забавни настани по повод „Денот за пензиска свесност”, се со цел информирање на пошироката јавност за капитално финансираното пензиско осигурување како важна социјална и финансиска тема на секој граѓанин и воедно зголемување на пензиската свесност за правата и обврските кои произлегуваат од членувањето во втор и трет столб.

Оваа година, следејќи ги препораките за заштита и спречување на ширење на Covid 19 од Владата на Република Северна Македонија, одлучивме одбележувањето на овој ден и целата кампања на МАПАС да оди преку социјалните медиуми (Facebook, Instagram, Linkedin, YouTube, mapas.mk, penzija.mk).

Овде би потенцирал дека одбележување на овој ден, има за цел да ја подигне свеста на граѓаните за значењето на финансиската писменост и да ја зголеми нивната информираност околу капитално финансираното пензиско осигурување и прописите од оваа област.

Многу луѓе сметаат дека со финансиско планирање на иднината треба да почнат кога ќе се приближат до пензионирање и дека тоа е нешто за што треба да се информираат во доцните години. Но, треба да го промениме овој став.

Колку порано почнеме финансиски да ја планираме иднината, толку се поголеми шансите таа да биде навистина успешна. Но, за да може да си обезбедиме сигурна иднина, мора да располагаме со релевантни информации за пензискиот систем и неговото функционирање, како и постојано да сме во тек со тековната состојба на нашите индивидуални пензиски сметки.

Колку членови има во вториот столб заклучно август 2020 година, по петнаесет години негово оперативно функционирање? Каква е состојбата на членството во третиот столб? 

Али: Заклучно со крајот на август 2020 година, бројот на членови во  задолжителните пензиски фондови кои работат во рамките на вториот столб се зголеми за 2,9 проценти во однос на 2019 година и изнесува 522.096 членови. Во 2019 - тата година се зголеми и опфатот на населението во вториот столб, односно 87 отсто од вкупниот број на осигуреници во Фондот на ПИОСМ или 53 проценти од вкупното активно население се членови на вториот столб. Членовите во вториот столб се релативно млади лица кои имаат можност за долгорочно штедење на средства на нивните индивидуални сметки, за идна пензија. Просечната возраст на членовите во вториот столб е 35 години.

Што се однесува на бројот на членови во третиот столб исто така можеме да забележиме пораст во однос на 2019 година од 1,4 проценти, иако вкупниот број на членови е помал во однос на бројот на членови во втор столб и изнесува околу 25.520 членови. Иако бележеше раст во 2019 година, сепак учеството на населението во третиот столб е се уште скромно, односно само околу 2,6 отсто од вкупното активно население во Македонија се членови во доброволните пензиски фондови.

Членовите во третиот столб, во просек, се повозрасни во однос на членовите во вториот столб, односно просечната возраст на членовите во третиот столб е 45 години.

Колку средства вкупно се акумулирале на личните сметки на членовите во вториот и третиот столб, во текот на нивното работење?

Али: Постигнатите резултати во вториот и третиот столб во 2019 година го потврдуваат растечкиот тренд во капитално финансираното пензиско осигурување. Во однос на минатата година, вкупните средства на задолжителните пензиски фондови пораснаа за 17 проценти и достигнаа 75,6 милијарди денари, додека вкупните средства на доброволните пензиски фондови пораснаа за 28 проценти и достигнаа скоро 2 милијарди денари. Со тоа, вкупните средства на пензиските фондови во вториот и третиот столб надминаа 11 проценти од бруто-домашниот производ за 2019 година.

Со состојба август 2020 година средствата на задолжителните пензиски фондови и во услови на кризата предизвикана од Covid 19, пораснаа за 8,8 отсто во однос на 2019 година, додека пак средствата на доброволните пензиски фондови забележаа пораст од 6,5 проценти.

Инвестирањето на средствата на пензиските фондови е една од главните обврски на пензиските друштва. Како работат пензиските друштва во време на Covid 19 и дали ги почитуваат пропишаните инвестициски ограничувања и какви се резултатите за 2020 година?

Али: Една од главните карактеристики на капитално финансираното пензиско осигурување е тоа што средствата во него се приватно и конкурентно управувани, така што уплатените придонеси се инвестираат од страна на специјализирани лиценцирани пензиски друштва. Односно, овој начин на осигурување е заснован врз принцип на акумулирање на средства од придонеси на индивидуални сметки, кои понатаму се инвестираат и остварениот принос од инвестициите, намален за трошоците на работењето на системот, во целост се додава на средствата акумулирани на индивидуалните сметки, од кои ќе зависи идната пензија на осигурениците.

Токму затоа, пензиските друштва може да ги инвестираат средствата на пензиските фондови во строго регулирана средина, што значи дека во закон и во подзаконски акти се дефинирани инвестициските цели и принципи, видовите на инструменти во кои можат да се вложуваат средствата на пензиските фондови, условите што треба да ги исполнуваат регулираните секундарни пазари на капитал, каде што се тргува со средствата на пензиските фондови, квалитетот на инструментите во кои може да се вложува, држави или групи на држави во кои може да се инвестираат средствата на задолжителните пензиски фондови, инвестициските ограничувања во рамките на инструментите и издавачите, забранетите инвестиции, надминување на инвестициските ограничувања, итн.

МАПАС секојдневно врши супервизија на инвестициските активности на пензиските друштва, па така во текот на 2020 година може да забележиме дека и кај задолжителните пензиски фонда и кај доброволните пензиски фонда ги почитуваа максималните инвестициски ограничувања.

Инвестициското портфолио на задолжителните пензиски фондови, заклучно 31.08.2020 година, се состои од домашни инвестиции кои вклучуваат обврзници од домашни издавачи (58%), депозити (11%), акции (3%) и инвестициски фондови (1%), како и инвестиции во странство кои вклучуваат акции (5%) и удели на инвестициски фондови (21%).

Инвестициското портфолио на доброволните пензиски фондови, слично како инвестициското портфолио на задолжителните пензиски фондови, се состои од домашни инвестиции кои вклучуваат обврзници од домашни издавачи од вредност (49%), депозити (15%), акции (8%) и инвестициски фондови (1%), како и инвестиции во странство кои вклучуваат акции (6%) и удели на инвестициски фондови (21%).

На крајот на 2019 година, вредноста на сметководствените единици и на Сава пензиско друштво а.д. Скопје и на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје забележа значителен пораст во однос на претходната година од околу 11 проценти. Сметководствената единица на ТРИГЛАВ ПЕНЗИСКО ДРУШТВО АД Скопје, во првите девет месеци работа, исто така бележи раст од приближно 2 отсто, што е очекувано поскромен во однос на порастот на сметководствените единици на Сава пензиско друштво а.д. Скопје и КБ Прво пензиско друштво АД Скопје кои работат четиринаесет години.

Пензиските фондови, подлежат на циклични појави и движења, што подразбира пораст или пад на вредностите на нивните сметководствени единици, во зависност од инвестирањето на средствата и од движењето на вредноста на инструментите во кои се вложени средствата на пензиските фондови. Со оглед на тоа дека во последните месеци пандемијата има значајни ефекти врз цените на сите светски финансиски пазари, и македонските пензиски фондови не останаа имуни на актуелните глобални текови. Во текот на 2020 година вредноста на сметководствената единица забележа поголеми осцилации од вообичаените и заклучно со последните податоци во август 2020 година во однос на декември 2019 година сметководствената единица забележува минимален пораст во просек од 0,24% кај задолжителните пензиски фондови, односно минимален пад во просек од 0,03% кај доброволните пензиски фондови. Овие ефекти се краткорочни а пензиските фондови се долгорочни инвеститори па нивните перформанси се оценуваат на долг рок. Нашите пензиски фондови се сеуште во фаза на акумулација, па се очекуваа постепено стабилизирање и добри инвестициски резултати кои ќе ги надоместат резултатите од ваквите пазарни шокови.

Влијанието на ваквите финансиски кризи за членовите во пензиски фондови со дефинирани придонеси зависи и од возраста на членот, зошто инвестицискиот ризик го презема самиот член индивидуално. Но, со оглед на тоа дека просечната возраст на членовите на задолжителните пензиски фондови е 35 години и над 95% од членовите во задолжителните пензиски фондови се помлади од 50 години возраст, се очекува овие краткорочни неповолни влијанија на средствата на пензиските фондови да бидат неутрализирани во годините кои ги имаат до пензионирање.

Секој член на пензиски фонд има право да премине во друг пензиски фонд, ако не е задоволен од пензиски фонд каде што членува, т.е. од друштвото што управува со него. Дали членовите во вториот и третиот столб го користат правото на премин од еден во друг пензиски фонд?

Али: Значајно право во еден систем на капитално финансирано пензиско осигурување, како што е нашиот, е преносливоста на средствата. Имено, сите членови, на задолжителен или на доброволен  пензиски фонд, имаат право на избор и право на промена на избраниот пензиски фонд, по сопствена желба, во секое време. При промената на пензискиот фонд се пренесуваат и заштедените средства на членовите. Исто така и во случај на учество во професионална пензиска шема, лицето има право, при премин кај друг осигурител, да ги пренесе заштедените средства или во друга професионална пензиска шема или на доброволна индивидуална сметка.

Новиот задолжителен пензиски фонд направи скромно придвижување во премините на членови од еден во друг задолжителен пензиски фонд во 2019 година. Иако процентуалното учество на членовите кои направиле промена на задолжителниот пензиски фонд во вкупниот број на членови е минимално сепак во 2019 година, бројот на членови кои направиле промена на задолжителниот пензиски фонд изнесува 750 и е значително поголем во споредба со минатите години.

Кои активности ги презема МАПАС за развивање на свеста на јавноста за значењето на капитално финансираното пензиско осигурување?

Али: Капитално финансираното пензиско осигурување обезбедува висок степен на транспарентност, што претставува една од неговите најважни карактеристики. Токму затоа, една од целите на МАПАС е да придонесува за развивање сигурен и транспарентен пензиски систем кој ја има поддршката на членството и јавноста.

Сите овие години, од формирањето на тристолбниот систем во Македонија активно и во континуитет МАПАС работи на развивање на свеста на јавноста за целите и принципите на капитално финансираното пензиско осигурување.

МАПАС во изминатите години учествува активно во неколку проекти за подигнување на јавната свест за пензиското штедење. Би ги издвоиле следните активности: Учество во едукативната кампања за пензиско штедење под мотото ” Моето друштво е мој избор, а штедењето моја иднина... “, што опфаќаше посети и презентации во средни училишта и факултети низ повеќе градови во нашата држава; Учество во проектот “ДЕН ЗА ВАС”, кој беа реализирани со отворени штандови низ повеќе градови во нашата држава, овозможувајќи им на граѓаните надминување на сите отворени прашања од областа на пензиското и инвалидското осигурување; Иницирање на маркетинг кампањата на двете пензиски друштва, под мотото “Информирај се паметно!”, во 2019 година и прв квартал од 2020 година, чија цел е да се допре до младата генерација и да се зголеми нивната информираност на еден поинаков начин; Активности за време на “Глобалната недела на парите 2019”; Учество во “Денови за финансиска писменост 29-31мај 2019”; Јавен повик до сите граѓани да ги посетат просториите на Агенцијата и пензиските друштва, каде стручните лица ги информираа граѓаните за измените во Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување; Подготовка на едукативни флаери на македонски и албански јазик; итн.

МАПАС има законска обврска еднаш годишно да изготви и да објави извештај за состојбите во капитално финансираното пензиско осигурување во РСМ. Извештајот за состојбите во капитално финансираното пензиско осигурување за 2019 година е веќе изготвен и објавен на веб страницата на МАПАС.

Исто така, МАПАС редовно изготвува електронски информатор - Е-МАПАС (http://mapas.mk/?p=631), во кој на приемчив и сликовит начин на читателите им се приближуваат релевантните теми од капитално финансираното пензиско осигурување. Е-МАПАС се објавува на интернет (http://mapas.mk/)  и Facebook (www.facebook.com/MAPAS.MK) страницата на МАПАС и истовремено се доставува на сите членови по електронска пошта.

Врз основа на секојдневните контакти со членови и потенцијални членови во вториот и третиот столб, а со цел на едноставен и брз начин секој заинтересиран граѓанин да може да се запознае и информира со карактеристиките на вториот и третиот столб, МАПАС изработи БРОШУРА со 50 НАЈЧЕСТО ПОСТАВУВАНИ ПРАШАЊА. Информативната брошура содржи прашања и одговори и може да се користи како едукативен материјал за младите со цел нивно запознавање со основните и најзначајни прашања  од  областа на капитално финансирано пензиско осигурување.

Членовите во вториот и третиот столб редовно, еднаш во годината добиваат и „зелен плик”. Какви информации има во него? 

Али: Пензиските друштва имаат законска обврска, најмалку еднаш годишно, да ги информираат, во писмена форма, членовите и пензионираните членови на пензискиот фонд, за состојбата на средствата на нивните индивидуални сметки. Со цел да ги доближиме на повпечатлив и по разбирлив начин овие информации до членовите МАПАС го формираше концептот  „зелен плик”.

Во зелениот плик има два вида извештаи: Првиот извештај претставува информација за состојбата на средствата на индивидуалната сметка за пензиска заштеда, а  вториот извештај содржи информации каде се инвестирани средствата на сите членови, детални податоци за наплатените надоместоците и остварениот принос на пензискиот фонд.

Пензиските друштва до членовите и пензионираните членови на пензиските фондови со кои управуваат, годишните известувања за 2019 година ги доставија до 31.03.2020 година.


Можеби ќе ве интересира

ПОЗНАТИОТ ГОТВАЧ ЏЕЈМИ ОЛИВЕР ОТВОРИ РЕСТОРАН ВО НАШЕТО СОСЕДСТВО - еве каде точно се наоѓа и какви се цените

ПОЗНАТИОТ ГОТВАЧ ЏЕЈМИ ОЛИВЕР ОТВОРИ РЕСТОРАН ВО НАШЕТО СОСЕДСТВО - еве каде точно се наоѓа и какви се цените

ПЛАТЕНИ СЕ 45 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА 27 АКЦИИ НА „РЕПЛЕК“ - кој е инвеститорот во фармацевтската компанија

ПЛАТЕНИ СЕ 45 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА 27 АКЦИИ НА „РЕПЛЕК“ - кој е инвеститорот во фармацевтската компанија

Од 1 април зголемена минимална плата во Грција

Од 1 април зголемена минимална плата во Грција

ДУИ со експанзија во угостителството

ДУИ со експанзија во угостителството

ПРОДАЖБАТА НА ВИНО ДОНЕСЕ ПРИХОДИ ОД 950 ИЛЈАДИ ЕВРА, НО ОВА НЕ БЕА ЛЕСНИ ДЕНОВИ ЗА „ПОПОВА КУЛА“ - скапа струја и шишиња, недостиг од работници...

ПРОДАЖБАТА НА ВИНО ДОНЕСЕ ПРИХОДИ ОД 950 ИЛЈАДИ ЕВРА, НО ОВА НЕ БЕА ЛЕСНИ ДЕНОВИ ЗА „ПОПОВА КУЛА“ - скапа струја и шишиња, недостиг од работници...

КИНЕЗИТЕ ДОБИВААТ УШТЕ ДВЕ ГОДИНИ РОК ЗА ИЗГРАДБА НА АВТОПАТОТ КОН ОХРИД: измените на законот пред пратениците, кој ќе го гласа?

КИНЕЗИТЕ ДОБИВААТ УШТЕ ДВЕ ГОДИНИ РОК ЗА ИЗГРАДБА НА АВТОПАТОТ КОН ОХРИД: измените на законот пред пратениците, кој ќе го гласа?

Во што „Стопанска банка Скопје“ вложи 40 милиони евра? Се спрема кредитна офанзива!

Во што „Стопанска банка Скопје“ вложи 40 милиони евра? Се спрема кредитна офанзива!

БРИТАНЦИТЕ ПЛАТИЛЕ ОДЛИЧНО ЗА НИВНИТЕ СВЕЧЕНИ ОДЕЖДИ, АМА „ЕДИНСТВО“ СЕПАК ОТИДЕ ВО МИНУС - еве што е маката на струмичкото претпријатие

БРИТАНЦИТЕ ПЛАТИЛЕ ОДЛИЧНО ЗА НИВНИТЕ СВЕЧЕНИ ОДЕЖДИ, АМА „ЕДИНСТВО“ СЕПАК ОТИДЕ ВО МИНУС - еве што е маката на струмичкото претпријатие

Фокус во Кина: Европските претпријатија гледаат на можностите за инвестирање во кинескиот Хубеи

Фокус во Кина: Европските претпријатија гледаат на можностите за инвестирање во кинескиот Хубеи