21 Април, 2018
0.0667

Интервју со Милан Шмигиќ: Преку успешно управување со проекти, до поголема пазарна вредност на компанијата

Објавено во: Економија 16 Април, 2018

Основач и CEO на Центар за управување со проекти CPM, водечка консултантска и тренинг компанија за проектен менаџмент на целиот Балкан. Г. Шмигиќ има над 20 годишно работно искуство во менаџмент - консултантство, како и тренинг во многу индустрии и институции, меѓу кои: Влада, ИТ компании, Финансиски институции, А/Е/С и енергетски институции. Неговото професионално искуство вклучува методологија и развој на проектен менаџмент портфолио, развој на PM методологија, како и имплементација на Enterprise Project Management Information Systems, Portfolio Project Management Offices и Contract Management процеси.

Поседувате импресивно искуство во работа со проекти, покривајќи широк спектар на области од проектниот менаџмент. Кои се најголемите и најчестите предизвици со кои сте се соочиле во текот на кариерата?

Шмигиќ: Економијата во регионот во изминативе 20 години немаше стабилен и постојан раст ниту во еден сегмент. Секоја година сме сведоци на зголемување на бројот на проекти во индустриите кои до вчера стагнирале или намалувале со нивните развојни и инвестициски активности. Дополнително, силната проектна гравитацијавлијае неповолно на капацитетот за реализација на проектот, бидејќи ни одзема квалитетни, образовани и искусни професионалци на поголемите и поразвиени пазари во Европа, Америка и Блискиот Исток. Затоа, беше многу ризично за нас да ја насочиме стратегијата за развој на консултантските услуги на CPM само на една специфична област (инвестиции, банкарство, телекомуникации итн.). Од друга страна, ако во времето на пораст на некоја економска гранка не сте доволно искусни и референтни за да им помогнете на нивните проектни менаџери, тимови и бизниси, тогаш е премногу доцна да се специјализирате, пазарот незапирливо ве исклучува од играта.

Водечките клиенти со кои моментално соработуваме во регионот (енергетика, производство, банки, ИТ) нѐ научија дека треба постојано да се подобруваме, да го следиме растот на водечките сегменти на економијата, да ги прилагодуваме и да ги зголемуваме нашите знаења и вештини така што во тековните растечки индустриски области ќе останеме релевантен соговорник, советник и ментор на највисокото раководство. Среќната околност што нѐ доведе до позицијата на лидери во регионот е токму постојаната промена во областите во кои се реализираат нашите проекти, бидејќи ни помогна да развиеме критериуми за правилен избор на стратешки партнери и клиенти и да ги забрзаме процесите на учење и препознавање на компании и тимови кои знаат што сакаат, а ние сме тука за да им помогнеме ефикасно да ги подобрат своите процеси, знаења и системи за управување со стратешки важни проекти.

Кои квалификации и знаења се потребни за еден проектен менаџер да биде успешен во својата работа? Која е најважната вештина која треба да ја поседува и зошто?

Шмигиќ: Покрај знаењето кое мора да го поседува во својата основна струка, важно е проектниот менаџер да поседува и добро познавање во стратешки и бизнис модели на работење на организацијата за која работи. Ако на тоа ги додадеме лидерските вештини и способност за работа со луѓе, го добиваме клучот на успехот. Наједноставна дефиниција за потребните лични вештини е следната: „Креативно размислување, лидерство и ефективна комуникација“. Оваа комбинација на вештини ги олеснува основните управувачки процеси на проектот, како што се откривањето на вистинските барања, насочување и развивање на соработка со учесниците, делегирање на проектни одговорности, внимателно следење и насочување на работата на ресурсите и целосна контрола на промените на проектот.  Исто така, тука е и тешката улога на “People Manager”. Навременото откривање на потенцијални конфликти и нивно решавање во корист на тимот и проектот заштедува време и енергија на тимот во процесот на избор на вистинските алтернативи. Потребна е и активна соработка со сите организациони целини кои обезбедуваат поддршка или ресурси за да можат да го преземат својот дел од работата, наместо да ги препуштат одговорноста и задолженијата назад на другите луѓе во тимот. Покрај наведеното погоре, тука е секако и развојот и управувањето со проектниот тим, водење на состаноци, известување за напредокот на проектот и подготовка на тимот за следниот проект. И на крајот, тука е и улогата на давателот на резултати на проектот. Тоа вклучува голем број на активности за контрола, верификација и валидација на сите аспекти на испорака, производ, функционалност на системот, квалитет, бидејќи кај секој проект многу брзо настапува и моментот на примопредавање кога ќе се види што навистина сте направиле и колку е тоа релевантно за нарачателот. 

На 25 април во Скопје ќе се одржи првата Национална конференција за проектен и ИТменаџмент каде ќе одржите предавање. Што е ново и интересно во оваа област, кои новитети ќе ги претставите на конференцијата?

Шмигиќ: Најважните новитети кои доаѓаат од развиените пазари, а за кои ќе разговараме на конференцијата се следни:

  Подобрување на перформансите на работење на компанијата со примена на портфолио на управување.

  Како да ја примените бизнис анализата за развој на портфолио и стратешка приоритизација на проектите.

  Како да ја зголемите пазарната вредност на компанијата преку успешно управување со проекти.

  Како да направите стратегијата на вашата компанија да биде проактивна, а не реактивна.

  Како да ја намалите неизвесноста и да создадете нова вредност на проектот преку развој на нови барања.

Зошто е ова потребно денес на современиот менаџер чија основна работна задача е управување со проекти?

Шмигиќ: Бидејќи реализацијата на проекти без директен придонес во остварување на стратегијата на организацијата, многу брзо престанува да биде приоритет во организацијата. Затоа проектниот менаџер мора да биде активен соговорник / партнер на менаџерите кои ја креираат стратегијата и целите на компанијата, бидејќи тоа е единствениот начин на кој може да очекува да добие авторитет, поддршка и компетенции неопходни за успехот на проектот.

Кое е вашето мислење за Македонија и општо за регионов, дали и колку се следат трендовите и промените во проектниот менаџмент, дали професионалците успешно се соочуваат со сите предизвици на модерното работење и го задржуваат чекорот со најдобрите светски практики?

Шмигиќ: Ние сме паметен народ, нашата способност да учиме и да прифаќаме трендови е наша голема предност во однос на многу други региони во светот. Од друга страна, мора да работиме на процедуралната дисциплина и комуникациски вештини со различни учесници кои доаѓаат од различни делови на организацијата и регионите ширум светот, бидејќи тоа побрзо ќе ни го отвори патот до срцето на сите клучни носители на одлуки во деловниот свет.

Кој е најчестиот проблем на компаниите при управување со проекти и кое е неопходно решение?

Шмигиќ: Во организацијата со која работиме, важно е навремено да забележиме како учесниците во проектот се однесуваат кон новите знаења, процесот на учење и процесот на примена на новите знаења во реалната средина на организацијата. Тимовите и организациите кои учат побрзо, побрзо го прифаќаат и применуваат наученото, побрзо иновираат и побрзо ја адаптираат својата работа и стратегија кон потребите на клиентите на пазарот. Доколку организацијата има проблеми со учењето, проектите ќе доцнат и нема да ги постигнат целите кои им се поставени. Таквите организации претставуваат товар (трошок), а не нова вредност за средината во која тие се развиваат.

Постојат многу алатки и методологии за управување со проекти. Кои ги препорачувате како најефективни и зошто?

Шмигиќ: Знаењето за управување со проекти благодарение на интернетот денес е насекаде достапно, од голем број различни извори. Моето професионално определување и мој совет до колегите е да учиме од водечките професионални здруженија кои својата репутација ја имаат стекнато децении наназад објавувајќи ја најдобрата практика. Кога станува збор за управувањето со проекти, првенствено постои PMI www.pmi.org. Во врска со бизнис анализата, тоа би било водечкото меѓународно здружение за бизнис анализа - IIBA.

После 20 години во овој бизнис, на што сте најмногу горди? Кој е вашиот најважен и највреден совет кој би го упатиле до сите проектни менаџери?

Шмигиќ: Го имате она на кое што се посветувате. 20 години постоење и развој на CPM тимот е наш огромен тимски успех. Времетраењето е мерка за успех во сѐ што ќе направите на пазарот. Ако сте подолго време во среќен однос или долг период постоите како компанија на пазарот, веројатно е дека многу од работите сте ги направиле како што треба. Бидете амбициозни, храбри и посветени во она што сакате да го правите. Ако вашата определба и инспирација се успешни проекти, успешни тимови и успешни организации, секако треба да се запознаеме – веројатно и Вие сте Проектен Менаџер!


Можеби ќе ве интересира

Зошто турското злато е повлечено од американските сефови?

Зошто турското злато е повлечено од американските сефови?

Во Тетово се бара јавен превоз

Во Тетово се бара јавен превоз

Судот ќе одлучува дали ќе има стечајна постапка за „БЕГ“

Судот ќе одлучува дали ќе има стечајна постапка за „БЕГ“

Teвдовски за Блумберг: Безусловната препорака ќе ја зголеми довербата на инвеститорите

Teвдовски за Блумберг: Безусловната препорака ќе ја зголеми довербата на инвеститорите

Познато кога Град Скопје ќе го објави повикот за субвенции за велосипеди

Познато кога Град Скопје ќе го објави повикот за субвенции за велосипеди

Управниот одбор на ЕВН има нов член

Управниот одбор на ЕВН има нов член

Нема исправни велосипеди за изнајмување

Нема исправни велосипеди за изнајмување

Дали идните пензионери ќе се задоволни со профитите на приватните фондови?

Дали идните пензионери ќе се задоволни со профитите на приватните фондови?

Македонците задолжени до гуша – Колку сме заглавени споредено со другите?

Македонците задолжени до гуша – Колку сме заглавени споредено со другите?