Интервју со Ниновски од Брејнстер: Нашиот брз раст е доказ дека создаваме квалитетни кадри кои лесно се вработуваат
Објавено во: Економија 30 Октомври, 2020
Оваа година Брејнстер запиша рекордни над 1.000 студенти и има 150 едукатори. Пет години од основањето, оваа едукативна програма е една од најпрепознатливите во земјава. Во тоа време 4.000 студенти стекнаа вештини и знаења низ академиите, а дополнителни 5.000 низ кратките курсеви. Пет години подоцна за почетната идеја, за патот и за следната визија разговараме со Петар Ниновски.
Како успевате да направите разлика и да се издвоите во мноштвото студиски програми кои ги има во земјава? Како успевате да држите чекор во овие динамични услови кога технологијата драстично го менува секојдневието?
Почнавме скромно, со 60 студенти и 7 едукатори, но со големи идеи и силна амбиција. Оваа година имаме запишано рекордни над 1000 студенти и 150 едукатори – секој од нив експерт во својата област. Навистина сум горд на овој успех, горд сум и на мојот тим, постигнавме навистина многу за овие 5 години. Најмногу од сѐ затоа што верувавме и до ден денес веруваме дека сме дел од големи промени во образованието и дигитализацијата на домашниот пазар, кои мораат да ја следат промената која се случува секаде во светот. Нашите обуки ги подготвуваат студентите за најбараните и најпотребните струки на денешницата, како што се програмирање, тестирање на софтвер, data science, UX/UI, графички дизајн и дигитален маркетинг (https://brainster.co/). Брзиот раст на Брејнстер е доказ дека имаме понуда на квалитетни обуки, на кои студентите се стекнуваат со дигитални вештини кои се најбараните на пазарот на труд. Токму тоа е рецептот за успех, понуда на одлична обука за најбараните работни позиции на пазарот. Студентите на Бреинстер поминуваат низ еден навистина сеопфатен процес, од кариерно советување кое им недостасува на младите, до работа на реални проекти, во реални услови и конечно олеснување на транзицијата од учење кон работно место преку градење контакти и портфолио уште за време на учењето. Во оваа прилика сакам од сѐ срце да се заблагодарам на прекрасниот тим со кој неуморно работиме, на сите едукатори, соработници и секако на нашите студенти кои се наша инспирација да продолжиме да се развиваме, да ја прошириме нашата понуда и да растеме заедно со нив.
Како се роди идејата за Брејнстер, кој беше мотивот за создавање на овој единствен едукативен курикулум?Дали ги исполнувате потребите за едукација на вашите студенти? Кој ја одбира едукативната програма на Брејнстер, дали се најчесто млади во потрага по кариера или имате и други профили на студенти?
Во 2015 година напуштив висока и многу платена позиција во интернационална компанија бидејќи увидов можност да започнам бизнис кој освен финансиски за мене, моите партнери и вработените, ќе има голема општествена вредност. Проблемот кој го увидов тогаш и за кој беше јасно дека во иднина ќе станува поголем е големиот јаз помеѓу вештините кои се потребни на пазарот на труд и вештините кои младите ги поседуваат. Така се роди идејата да создадеме процес на учење фокусиран на студентот, кој ги задоволува образовните потреби на новите генерации, но и потребите на комапниите кои сѐ повеќе се во потрага по кадар квалификуван да работи во дигиталната индустрија. Така, во „Брејнстер“ имаме поинаков, современ пристап, во процесот на учење употребуваме нови и современи дигитални алатки. Се фокусираме на потребите на секој студент индивудуално и што е многу важно тие учат преку работа на реални проекти, под менторство на најдобрите од индустријата. Она што го забележавме изминатите години е дека на младите навистина им недостасува помош при изборот на кариера и поради тоа губат драгоцено време лутајќи, за подоцна да сфатат дека поминале месеци, години од својот живот учејќи работи што воопшто не сакаат да ги прават. Јас верувам дека секој од нас има своја мисија, вештина, професија која нѐ исполнува. И токму во тоа можеме да бидеме најдобри, бидејќи сме најмотивирани да се надградуваме, да учиме нови нешта и да ги поместуваме своите граници. За да им помогнеме на младите полесно да го најдат својот пат, ние нудиме низа бесплатни предавања преку кои можат да дознаат основни работи за програмите кои ги нудиме и начинот на кои се одвива учењето. На тој начин тие може да бидат сигурни дека го одбрале вистинскиот курс или насока за понатамошно образование. На ова поле продолжуваме и понатаму да работиме, градиме дополнителни алатки, кои сум сигурен дека ќе бидат од голема помош за средношколците и младите студенти.
На колку од младите кои посетувале обука во Брејнстер, образованието и искуствата стекнати тука им помогнале да ја најдат посакуваната работа или да ја унапредатсвојата кариера? Дали компаниите бараат од вас помош при избор на кандидати за вработување, дали им помагате и на компаниите да ги најдат соодветните вештини потребни за нивните вработени?
Во изминатите 5 години над 4.000 студенти поминаа низ академиите на Брејнстер и дополнително над 5.000 луѓе на кратките курсеви и настни. Според нашите податоци, од студентите кои бараат нова работа над 70 отсто се вработиле, голем број од останатите добиле унапредување во компанијата кадешто работат, а тоа на кое сме особено горди е дека 8 студенти отвориле сопствен бизнис. Ваквиот податок дополнително ја истакнува потребата од советување при изборот на професија – услуга која треба да им е достапна на младите уште во средношколските денови, за да го напрват вистинскиот избор што порано.
Начинот на кој работиме значително им помага на нашите студенти да дојдат до квалитетно вработување. Брејнстер е партнер со над 200 компании, кои ние ги нарекуваме Learning partners и Hiring Partners. Меѓу нив се Неотел, pixile.ai, Devsy, Magix.ai, Beautif.ai, MK2025, Sign Up, Лице в Лице, ЕУРОЛИНК и интернационалните партнери: KING ICT,Social Innovation Academy - SINA, Renoon, Arena Ventures, Wise Guys, LOOKSIZE, i.ERP и многу други. Ова значи дека во текот на учењето студентите всушност работат на реални проекти доделени од нашите партнер компании. Добивката од ваквата организација е двојна – прво, сите учесници на нашите обуки завршуваат со веќе изградено портофлио и стекнато работно исксуство - подготвени веднаш да почнат да работат. Второ компаниите добиваат бесплатно иновативни решенија за нивните проекти и пристап до теленти, со што ние имаме можност дополнително да помогнеме на нашите студенти да се вработат.
Нова пракса се и таканаречените Demo days, во чии рамки проектите изработени од студените се презентираат пред регрутерски компании за нивно директно поврзување. Првите Demo Days ќе бидат организирани во ноември 2020, повеќе информации ќе откриеме наскоро. Ги покануваме сите компании да дојдат и да се запознаат со проектите што ги работат нашите студенти.
За што се заинтересирани вашите студенти, кои се курсеви најмногу сакаат да ги посетуваат?Што говорат вашите податоци, што им најпотребно на младите, што е она што не го добиваат од формалното образование, а го нуди Брејнстер? Дали има нови барања, нови потреби за едукација кај студентите, дали веќе ги вклучувате во вашата понуда?
На различни пазари побарувачката е различна. Секогаш тргнуваме од потребата од дигитални вештини на компаниите. На домашен пазар најбарано и од студентите и од компаниите се академиите за програмирање, дигитален маркетинг, тестирање на софтвер, UX/UI дизајн и Data Science, додека во Австрија најмногу се бараат Data Science и UX/UI.
Пред повеќе од една година ја отворивме првата академија за Data Science во регионот и интересот за неа беше навистина голем. Се пријавија 200 кандидати, од кои ги одбравме најдобрите 18 и кои станаа првата генерација студенти која успешно ја заврши Академијата со одбрана на завршните практични проекти од областа на машинско учење. Ова е дефинитивно најинтензивната и најкомплексната програма која ја нудиме. Трае 12 месеци, исполнети со многу работа, предавања, практични задачи и вежби. Темелноста на програмата им овозможува на нашите студенти уште во текот на Академијата да работат на компексни проекти од областа на машинско учење, како што се градење предикциони модели за финансиски компании, компјутерска визија и препознавање, Natural Language Processing.
Според податоците на Заводот за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јули 2020 година во секторот компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности изнесува 68.557 денари и е највисока во државата. Дали сметате дека ова е главна причина младите сѐ почесто да ја бираат оваа професија? Што очекуваат да добијат од образованието и дали можете да ги пресретнете овие потреби?
ИКТ индустријата навистина нуди највисоки плати во државата и бележи континуиран раст, според сите статистики. Ова веруваме дека е важен, но не и единствен фактор во одлуките кои ги носат младите. Дигиталниот свет нуди неoграничени можности. Почнувајќи од избор на кариера, до вработување и професионален развој. Учењето дигитални вештини и работата во ИКТ индустријата имаат една поинаква динамика која ги обликува новите генерации. Мислам дека сѐ повеќе од младите се насочуваат кон ИТ професии затоа што тука гледаат просперитет, континуран предизвик, повеќе слобода и можност да видат конкретни резултати од својата работа за релативно брз временски период, секако доколку се правилно насочени. Исто така ИКТ кариерата нуди мобилност, можност на работа нa светските пазари директно од својот дом, нешто што младите исклучително го ценат и бараат.
Новата, дигитална ера бара од сите нас да создадеме услови за едно поинакво образование, насочено кон практични дигитални вештини. Да понудиме место кадешто студентите ќе можат да ги тестираат своите способности во реални услови, но во безбедна средина. Образование кое ќе ги подготви новите генерации веднаш да почнат да работат и да успешно да одговорат на идните предизвици. Токму тоа се стремиме да го обезбедиме за секој студент тука во Брејнстер.
Секако дека во јавноста остана забележана и апликацијата komunicira.me на Брејнстер за која добивте и признание за општествена одговорност оваа година. Кажете ни нешто повеќе за оваа аплкација која ја изработија токму студенти на Брејнстер. Дали имате други производи изработени од студентите кои би ги истакнале?
Апликацијата Komunicira.me целосно ја развија студентите од Академијата за програмирање на Брејнстер, во соработка со средното училиште за ученици со оштетен слух „Партенија Зографски“ и Националниот сојуз на глуви на Македонија. Се работи за апликација која му овозможува на секој да го научи македонскиот знаковен јазик и да комуницира со лицата со оштетен слух. Горди сме на нашите студенти, бидејќи покажаа на дело како технологијата може да се користи за општествено добро, за да се рушат бариери и да се помогне на оние на кои им е навистина потребна помош. Студентите од академиите работеа и на дигитализацијата на списанието Лице в Лице, кое благодарение на нив успеа да ја пренасочи својата продажба онлајн во овие вонредни времиња. Беа вклучени во промоција на платформата за психолошко советување Разговор.мк –онлајн платформа која овозможува брз, едноставен и анонимен пристап до професионални терапевти и советувачи. Секако, тука мора да ја спомнеме и нашата „Виртуелна училница“ на која ја држевме наставата изминатиот период. Преку неа студентите на располагање имаат голем број технолошки алатки за успешно следење на наставниот процес, од кои дел беа креирани исто така од студенти на академиајта за програмирање на Брејнстер.
Најавивте амбициозен проект за отворање на академија во Виена – кога започнува со работа, што ќе се случува таму и кои се предавачи на академијата? Дали ова е прв чекор кон понатамошна експанзија на други пазари?
Виена е само почетна точка за интернационалниот развојот на Брејнстер. Во моментот се завршуваат подготовките за проширувањето во уште два европски градови. Инаку, првите групи во Виена се веќе пополнети а првите предавања се одржаа минатата недела. На старт се одлучивме во Виена да нудиме обуки за двете моментално најбарани и најплатени области на пазарот на IT и дигитални вештини а тоа се Data Science и UX/UI дизајн. Повторно се фокусираме на практичните вештини, а нашите студенти ќе учат под менторство на веќе докажани звучни имиња од академската фела и дигиталната индустрија во Австрија. Имиња како професор за машинско учење од Унверзитетот во Виена Френк Бенда кој ќе е едукатор за Data science. Потоа тука е и Дамјан Обал врвен професионалец кој ќе предава на UX/UI програмата, а Лена Ходл од Female Founders Accelerator, добро позната на старт ап сцената во Австрија, се вбројува меѓу нашите Learning partners.
Заокружувањето на еден циклус од 5 години повлекува нови планови за иднината. Што е следнозавас? Каде го гледате Берјнстер во наредните пет години?
Продолжуваме да растеме. Брејнстер е многу повеќе од центар за едукација, ние сме активни учесници во два многу важни процеси кои неизбежно мора да се случат во државата, а тоа се редефинирање на образованието и трансформација на ИКТ индустријата.
КОВИД пандемијата дополнително ја нагласи потребата за дигитализација во сите области, како и потребата за образование кое е различно, фокусирано на произведување квалитетни кадри неопходни за развој на ИКТ индустријата. Според анализа на МАСИТ дури 75 отсто од ИКТ компаниите често имаат проблем со квалификувана работна сила, а токму овој предизвик се вбројува меѓу главните во работењето, што претставува и бариера за извоз на услуги и производи. Истовремено, ИКТ индустријата континуирано расте. Помеѓу 2016 и 2019 година се забележува 51 отсто раст на економски активни компании, 37 проценти раст на бројот на вработени, 74 проценти раст на профитот и 40 отсто раст на извозот, додека 88 отсто од компаниите сметаат дека постои и дополнителен потенцијал за извоз. Оттука станува јасно дека нашата работа има поширок општествен контекст, што ни дава дополнителна сила и мотивација да продолжиме да се развивиме. Обучуваме високо квалитетни дигитални кадри да работат во индустрија на која и се навистина неопходни. Со тоа креираме образовен процес прилагоден за потребите на денешното динамично време, помагаме да се намали невработеноста и придонесуваме за развој на дигиталната економија. Мисијата ни е едноставна: во наредните 10 години да им помогнеме на 1 милион млади луѓе да станат лидери во Tech индустријата. Создаваме образование за дигиталната ера, образование за иднината.
Р.Ф.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.